Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Посета која била богато наградена

Посета која била богато наградена

Тие ја извршувале Јеховината волја

Посета која била богато наградена

ПАТУВАЊЕТО од Саба до Ерусалим сигурно било исцрпувачко за царицата. Таа била навикната да живее во раскош. Сега, со темпото на камилите, полека се движела на едно патување од 2.400 километри, од кое голем дел било низ жешката пустина. Според една проценка, за нејзиното патување биле потребни околу 75 дена, и тоа само во еден правец! a

Зошто оваа богата царица заминала од својот удобен дом во Саба и презела такво напорно патување?

Извештај што побудува интерес

Царицата од Саба дошла во Ерусалим откако ‚чула за славата Соломонова и за [во поврзаност со, NW] името на Господа [Јехова, NW]‘ (3. Царства 10:1). Што точно чула царицата не е кажано. Меѓутоа, знаеме дека Јехова го благословил Соломон со извонредна мудрост, богатство и чест (2. Летописи 1:11, 12). Како царицата дознала за тоа? Со оглед на тоа што Саба била трговски центар, можеби за Соломоновата слава чула од трговците кои ја посетувале нејзината земја. Можеби некои од нив биле во Офир, земја со која Соломон имал големи деловни зделки (3. Царства 9:26—28).

Како и да е, царицата пристигнала во Ерусалим ‚со многу големо богатство [импресивна поворка, NW]: камилите биле натоварени со благопријатни мириси, со многу злато и скапоцени камења‘ (3. Царства 10:2а). Некои велат дека ‚импресивната поворка‘ вклучувала воена придружба. Тоа би било разбирливо ако се земе предвид дека царицата била моќен достоинственик и патувала со скапоцености кои вределе десетици милиони долари. b

Меѓутоа, забележи дека царицата чула за Соломоновата слава „во поврзаност со името на Јехова“ (NW). Значи, ова не било само деловно патување. Очигледно, царицата првенствено дошла за да ја чуе мудроста на Соломон — можеби дури и да чуе нешто за неговиот Бог, Јехова. Со оглед на тоа што веројатно потекнувала од Сим или Хам, кои биле обожаватели на Јехова, можеби била љубопитна за религијата на своите предци.

Збунувачки прашања, задоволителни одговори

Откако се сретнала со Соломон, царицата почнала да го испитува со „збунувачки прашања“ (3. Царства 10:1NW). Хебрејскиот збор кој е употребен овде може да се преведе со „гатанки“. Но, тоа не значи дека царицата се впуштила во безначајни игри со Соломон. Интересно е тоа што во Псалм 48:4 истиот хебрејски збор е употребен за да опише сериозни прашања во врска со гревот, смртта и искупувањето. Тогаш, царицата од Саба веројатно дискутирала со Соломон за длабоки теми со кои ја испитала длабочината на неговата мудрост. Библијата наведува дека таа ‚говорела со него за сѐ, што ѝ било на срцето‘. Соломон пак, од своја страна, ‚ѝ ги објаснил сите нејзини зборови, и немало ништо непознато за царот, што не ѝ објаснил‘ (3. Царства 10:2б, 3).

Царицата од Саба била толку импресионирана од мудроста на Соломон и од просперитетот на неговото царство што ‚повеќе не можела да се воздржи [немало дух во неа, NW]‘ (3. Царства 10:4, 5). Некои сметаат дека оваа фраза значи дека царицата останала „без здив“. Еден изучувач дури изнесува мислење дека таа се онесвестила! Како и да било, царицата била вчудовидена од она што го видела и чула. Ги прогласила слугите на Соломон за среќни бидејќи можеле да ја слушаат мудроста на овој цар и го благословила Јехова заради тоа што го поставил Соломон на престолот. Потоа му дала на царот скапи подароци, само златото се проценува на околу 40.000.000 долари според денешната вредност. Соломон исто така изнел подароци и ѝ дал на царицата ‚сѐ, што таа пожелала и што посакала‘ c (3. Царства 10:6—13).

Поука за нас

Исус ја употребил царицата од Саба како школски пример за книжниците и фарисеите. „Царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди“, им рекол, „зашто таа дојде од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломона; но, ете, тука е многу поголем од Соломона“ (Матеј 12:42). Да, царицата од Саба покажала големо ценење за мудроста добиена од Бог. Штом таа патувала 2.400 километри за да го слушне Соломон, сигурно книжниците и фарисеите требало внимателно да го слушаат Исус кој стоел токму пред нив.

Ние денес можеме да покажеме длабоко ценење за Поголемиот Соломон, Исус Христос. Како? Еден начин е со тоа што ќе го следиме неговиот налог да ‚правиме ученици од сите народи‘ (Матеј 28:19). Друг начин е грижливо да размислуваме за Исусовиот пример и за неговиот умствен став и потоа да го имитираме (Филипјаните 2:5NW; Евреите 12:2, 3).

Секако, следењето на примерот на Поголемиот Соломон ќе бара напор од наша страна. Сепак, ќе бидеме богато наградени. Навистина, Јехова му ветува на својот народ дека ако покажува самопожртвуван дух, тој ќе ‚му ги отвори отворите небески за да излие благослов на него, па да има и на претек‘ (Малахија 3:10).

[Фусноти]

a Многу изучувачи сметаат дека Саба била сместена во југозападна Арабија, каде што денес се наоѓа Република Јемен.

b Според древниот грчки географ Страбо, луѓето од Саба биле многу богати. Тој вели дека изобилно користеле злато за својот намештај, во приборот, па дури и на ѕидовите, вратите и покривите од своите куќи.

c Некои сметаат дека оваа фраза значи дека царицата имала сексуални односи со Соломон. Легендите велат дека дури имале и син. Меѓутоа, не постои доказ кој би го поддржал кое и да било од овие тврдења.