Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Редовно проучувајте ја Божјата реч како семејство

Редовно проучувајте ја Божјата реч како семејство

Редовно проучувајте ја Божјата реч како семејство

„Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (МАТЕЈ 4:4).

1. Што вели Библијата за одговорноста на семејните поглавари да ги поучуваат своите деца за Јеховините патишта?

 ЈЕХОВА БОГ честопати ги потсетувал семејните поглавари на одговорноста да ги поучуваат своите деца. Таквата поука ќе ги подготви децата за сегашниот живот, а исто така би можела да им помогне да се подготват за животот што доаѓа. Еден ангел, кој бил претставник на Бог, му ја подвлекол на Авраам одговорноста да го поучува своето домаќинство за да „одат по патот Господен“ (1. Мојсеева 18:19). На израелските родители им било кажано да им објаснуваат на своите деца како Бог го избавил Израел од Египет и како им го дал својот Закон на гората Синај, на Хорив (2. Мојсеева 13:8, 9; 5. Мојсеева 4:9, 10; 11:18—21). Поглаварите на христијанските семејства се советувани да ги воспитуваат своите деца „во дисциплина и во Јеховино насочување на мислите“ (Ефесјаните 6:4NW). Дури и ако само едниот родител му служи на Јехова, тој треба да настојува да ги поучува децата за Јеховините патишта (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).

2. Дали е потребна семејна студија ако во домот нема деца? Објасни.

2 Тоа не значи дека семејната студија на Божјата реч е само за домаќинствата кои имаат деца. Кога сопругот и сопругата имаат семејна студија, дури и ако дома немаат деца, тоа покажува убаво ценење за духовните работи (Ефесјаните 5:25, 26).

3. Зошто е важна редовноста на семејната студија?

3 За да се постигне најдоброто, поуката треба да се дава редовно, во склад со лекцијата која Јехова му ја дал на Израел во пустината: „Човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа“ (5. Мојсеева 8:3). Зависно од околностите во семејството, некои домаќинства можеби имаат организирано седмична студија; други можеби имаат пократки периоди на проучување секој ден. Каква и да е подготовката што ќе ја изберете, не ја препуштајте студијата на случајноста. ‚Откупете си време‘ (NW) за неа. Плаќањето на цената која е потребна за таквото време е здрава инвестиција. На коцка е животот на членовите на вашето семејство (Ефесјаните 5:15—17; Филипјаните 3:16NW).

Цели кои треба да се имаат на ум

4, 5. а) Која важна цел ја ставил Јехова преку Мојсеј пред родителите при поучувањето на децата? б) Што вклучува тоа денес?

4 Кога ја одржувате семејната студија, таа ќе го постигне најголемото добро ако јасно имате на ум одредени цели. Разгледај неколку можности.

5 На секоја студија, настојувајте да изградите љубов кон Јехова Бог. Кога Израелците се собрале во Моавските рамнини, пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј го сосредоточил нивното внимание на она што подоцна Исус Христос го идентификувал како ‚најголема заповед во Законот‘. Која била таа? „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22:36, 37; 5. Мојсеева 6:5). Мојсеј ги поттикнал Израелците да ја всадат во сопствените срца и да ги поучуваат своите деца за неа. Тоа би барало повторување, обрнување внимание кон причините зошто да се љуби Јехова, справување со ставовите и однесувањето кои би можеле да го спречат изразувањето на таквата љубов, како и покажување љубов кон Јехова во сопствениот живот. Дали на нашите деца им е потребен истиот вид поука? Да! А ним им треба и помош за да ‚го обрежат своето срце‘ т. е. да отстранат сѐ што би ја спречило нивната љубов кон Бог (5. Мојсеева 10:12, 16; Јеремија 4:4). Меѓу таквите пречки може да биде желбата за работите од светот и за приликите некој да се задлабочи во неговите активности (1. Јованово 2:15, 16). Љубовта кон Јехова мора да биде активна, да се изрази, да нѐ поттикнува да правиме работи кои му се угодни на нашиот небесен Татко (1. Јованово 5:3). За да има вашата семејна студија долгорочни користи, секоја дискусија треба да се води на начин кој ќе ја зајакнува оваа љубов.

6. а) Што се бара за да се пренесе точно спознание? б) Како Писмото ја нагласува важноста на точното спознание?

6 Пренеси точно спознание за Божјите барања. Што опфаќа тоа? Повеќе отколку само да може да се прочита одговорот од списанието или од книгата. Обично тоа бара дискусија за да се осигураме дека клучните зборови и главните идеи се јасно разбрани. Точното спознание е животоважен фактор за да се облече новата личност, за да се задржат во фокусот оние работи кои се навистина важни кога се справуваме со проблемите во животот, и на тој начин, да се врши она што му е навистина угодно на Бог (Филипјаните 1:9—11; Колосјаните 1:9, 10; 3:10, сите NW).

7. а) Кои прашања можат да се употребат за да му се помогне на семејството практично да го примени студискиот материјал? б) Како Писмото ја нагласува вредноста на една таква цел?

7 Помогнете им практично да го применуваат она што го учат. Имајќи ја предвид оваа цел, во текот на секоја семејна студија прашувајте: ‚Како треба овој материјал да влијае врз нашиот живот? Дали е потребна некаква промена во однос на она што го правиме сега? Зошто треба да сакаме да правиме преиначувања?‘ (Изреки 2:10—15; 9:10; Исаија 48:17, 18). Обрнувањето доволно внимание на практичната примена на работите што се учат, може да биде важен фактор за духовниот раст на членовите на семејството.

Мудро користете ги алатките за проучување

8. Кои алатки за проучување на Библијата ги обезбедила класата на робот?

8 „Верниот и разборит роб“ (NW) обезбедил изобилство алатки кои можат да се користат за проучување. Списанието Стражарска кула, кое се користи со Библијата, е достапно на 131 јазик. Постојат книги за проучување на Библијата на 153 јазици, брошури на 284, аудиокасети на 61 јазик, видеокасети на 41, па дури и компјутерска програма за истражување на Библијата на 9 јазици! (Матеј 24:45—47).

9. Како би можеле да го примениме советот од стиховите кои се наведени во овој пасус кога имаме семејна студија на Стражарска кула?

9 Многу домаќинства го користат периодот на семејна студија за да се подготват за собраниската Студија на Стражарска кула. Од колкава само помош може да биде тоа! Стражарска кула ја содржи главната духовна храна која се обезбедува за да се изгради Јеховиниот народ ширум светот. Кога ја проучувате Стражарска кула како семејство, правете повеќе отколку само да ги прочитате пасусите и да одговорите на отпечатените прашања. Сериозно барајте разбирање. Одвојте време да ги побарате стиховите кои се наведени но не се цитирани. Замолете ги членовите на семејството да коментираат за тоа како тие стихови се поврзани со она што е кажано во пасусот кој се разгледува. Вклучете го срцето (Изреки 4:7, 23; Дела 17:11).

10. Што може да се стори за да се вклучат децата во студијата и таа да претставува уживање за нив?

10 Доколку во вашето домаќинство има деца, што можете да сторите за студијата да не ви биде само една механичка семејна навика, туку еден изградувачки, интересен и среќен период? Настојувајте секој да биде вклучен на пригоден начин така што вниманието ќе остане сосредоточено на материјалот кој се проучува. Онаму каде што е можно, погрижете се секое дете да си има своја Библија и свое списание за проучување. Имитирајќи ја срдечноста која ја покажал Исус, родителот може да го седне малото дете многу близу до себе, па можеби и да го гушне малечкото. (Спореди Марко 10:13—16.) Можеби семејниот поглавар ќе побара еден младинец да ја објасни сликата која се појавува во студискиот материјал. На некое мало детенце може однапред да му се додели да прочита некој стих. На постарото може да му се додели да истакне во кои прилики може практично да се примени студискиот материјал.

11. Кои други алатки за поучување се обезбедени, и онаму каде што тие се достапни, како би можеле делотворно да ги користиме во врска со семејната студија?

11 Иако можеби ја користите Стражарска кула како темел за вашата дискусија, не заборавајте ги ни другите алатки за проучување кои се достапни на многу јазици. Ако се потребни информации кои се однесуваат на заднината или објаснување на некој библиски израз, тоа може да го даде Insight on the Scriptures (Увид во Писмото). На некои други прашања може да се одговори ако се провери во Watch Tower Publications Index (Индекс на публикации на Watch Tower) или ако се користи компјутерската програма за истражување која ја обезбедува Заедницата. Учењето да се користат овие алатки, доколку ги има на располагање на важиот јазик, е драгоцен дел од семејната студија. Со цел да го стимулирате интересот кај младите, може да одвоите дел од вашиот период за проучување и да погледате инсерт од некоја поучна видеокасета на Заедницата или да послушате извадок од некоја драма на аудиокасета, а потоа да дискутирате за тоа. Доброто користење на овие алатки за проучување може да ви помогне да ја направите вашата семејна студија интересна и корисна за целото семејство.

Приспособете се кон потребите на своето семејство

12. Каква улога може да игра семејната студија во справувањето со итните потреби на семејството?

12 Можеби вашето семејство обично го проучува градивото од Стражарска кула за текуштата седмица. Но, секогаш бидете во тек со сѐ што се случува во семејството. Ако мајката не мора да оди на световна работа, можеби ќе може да поминува време со децата секој ден кога ќе си дојдат од училиште. Со некои ситуации може да се излезе на крај уште тогаш; за други можеби ќе треба понатамошно внимание. Кога семејството има итни потреби, немојте да ги игнорирате (Изреки 27:12). Тие може да опфаќаат не само проблеми на училиште, туку и други ситуации. Изберете пригоден материјал и однапред известете го семејството за тоа што ќе се проучува.

13. Зошто би можела да биде корисна семејна дискусија за тоа како да се излезе на крај со сиромаштијата?

13 Како пример, голем дел од Земјата е во стисокот на сиромаштијата; затоа на многу места можеби е потребно да се дискутира за тоа како да се излезе на крај со неа. Дали една семејна студија која се врти околу вистински животни ситуации и библиски начела ќе биде корисна за вашето домаќинство? (Изреки 21:5NW; Проповедник 9:11NW; Евреите 13:5, 6, 18).

14. Во кои ситуации може да биде навремена семејна дискусија за Јеховиното гледиште за насилството, војната и христијанската неутралност?

14 Друга тема за која е потребна дискусија е насилството. На сите нас Јеховиното гледиште треба да ни биде цврсто всадено во умот и срцето (1. Мојсеева 6:13; Псалм 11:5, обата NW). Семејната студија на оваа тема може да обезбеди место за дискусија како да се постапи со силеџиите на училиште, дали да се тренираат боречки вештини и како да се избере пригодна забава. Насилничките судири станале вообичаени; речиси секоја земја се измачува било со граѓанска војна, било со политички или етнички борби, било со војни меѓу банди. Поради тоа, можеби на вашето семејство му е потребна дискусија за да задржи христијанско однесување додека е опколено со воени фракции (Исаија 2:2—4; Јован 17:16).

15. Како треба на децата да им се дава поука за сексот и бракот?

15 Како што децата растат, ќе им биде потребна поука во врска со сексот и бракот, соодветно на нивната возраст. Во некои култури, повеќето родители никогаш не дискутираат со своите деца за сексот. Неинформираните деца можат да усвојат искривени гледишта од други млади, а резултатите од тоа можат да бидат катастрофални. Зарем не би било подобро да го имитираме Јехова кој во Библијата ни дава отворен, но тактичен совет на таа тема? Побожниот совет ќе им помогне на нашите деца да задржат самопочит и да постапуваат со достоинство со лицата од спротивниот пол (Изреки 5:18—20; Колосјаните 3:5; 1. Солунјаните 4:3—8). Дури и ако веќе сте дискутирале за тие работи, не се колебајте повторно да го сторите тоа. Со појавата на нови ситуации, повторувањето е животоважно.

16. а) Кога се одржува семејната студија во различни домаќинства? б) Како сте се справиле со препреки за да имате редовна семејна студија?

16 Кога може да се одржува семејната студија? Имитирајќи ги бетелските фамилии ширум Земјата, многу домаќинства ја планираат својата семејна студија за понеделник навечер. Кај други е поинаку. Едно 11-члено семејство од Аргентина во кое има 9 деца, редовно станувало во пет часот секое утро за да ја одржува својата семејна студија. Поради различниот распоред на работа, тоа не било возможно во ниедно друго време. Не им било лесно, но во умот и срцето на децата тоа ја всадило важноста на семејната студија. Еден старешина од Филипините имал редовна семејна студија со својата сопруга и со трите деца додека тие растеле. Во текот на седмицата родителите одржувале и лична студија со секое дете, така што секое од нив ја направило вистината своја сопственост. Една сестра од Соединетите Држави, чиј сопруг не е Сведок, секое утро оди со своите деца до школскиот автобус. Додека го чекаат автобусот, поминуваат по десет минути заеднички читајќи и дискутирајќи за пригоден материјал за проучување на Писмото, и потоа, пред децата да се качат во автобусот, мајката изговара кратка молитва. Една жена од Демократска Република Конго, чиј сопруг кој не е соверник го напуштил семејството, мора напорно да работи на студијата поради своето ограничено образование. Нејзиниот возрасен син ѝ помага така што секоја седмица го посетува семејството за да преземе водство во студијата во која се вклучени мајка му и неговите помали браќа. Мајката дава убав пример преку својата марлива подготовка. Дали постои некоја ситуација која ја отежнува редовната семејна студија во вашето семејство? Не се откажувајте. Сесрдно барајте Јеховин благослов над вашите напори да имате редовна библиска студија (Марко 11:23, 24).

Награди од истрајноста

17. а) Што е потребно за да се има редовна семејна студија? б) Кое искуство ја илустрира вредноста на редовната семејна поука за Јеховините патишта?

17 Потребно е планирање. Се бара истрајност. Но, користите кои доаѓаат од редовната семејна студија се исплатат (Изреки 22:6; 3. Јованово 4). Франц и Хилда од Германија, подигнале семејство со 11 деца. Со години подоцна, нивната ќерка Магдалена рекла: „Она што денес сметам дека се покажа од најголема важност е тоа што не поминуваше ни еден единствен ден без да добиеме некаква духовна поука“. Кога духот на национализам под Адолф Хитлер се засилил, таткото на Магдалена ја користел Библијата за да го подготви семејството за испитите кои увидел дека ќе дојдат. Со текот на времето, помладите членови биле одземени од семејството и одведени во поправен дом; други биле уапсени и држани по затвори и концентрациони логори. Некои биле погубени. Верата на сите нив останала цврста — и тоа не само за време на тоа свирепо прогонство туку, кај оние што преживеале, и во годините што следеле.

18. Како биле наградени напорите на самохраните родители?

18 Многу самохрани родители, како и оние чии брачни партнери не ја делат нивната вера, исто така им давале на своите деца редовна библиска поука. Една самохрана мајка, вдовица од Индија, напорно работела за да всади во своите две деца љубов кон Јехова. Меѓутоа, нејзиното срце било скршено кога синот престанал да се дружи со Јеховиниот народ. Таа го молела Јехова да ѝ прости за кои и да било пропусти што ги направила во воспитувањето на својот син. Но, всушност, синот не го заборавил она што го научил. После повеќе од една деценија се вратил, духовно добро напредувал и станал собраниски старешина. Сега тој и неговата сопруга служат како полновремени министри пионери. Колку само се благодарни оние родители кои го зеле при срце советот од Јехова и од неговата организација да даваат редовна библиска поука во семејниот круг! Дали вие го применувате тој совет во своето домаќинство?

Можеш ли да објасниш?

Зошто е важно да се има редовна семејна студија?

Кои цели треба да ги имаме во текот на секоја семејна студија?

Кои алатки за поучување ни се достапни?

Како може студијата да се приспособи кон семејните потреби?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Јасните цели ќе ја збогатат вашата семејна студија