Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители, на што учи вашиот пример?

Родители, на што учи вашиот пример?

Родители, на што учи вашиот пример?

„Угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте [одете и понатаму, NW] во љубов“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 5:1, 2).

1. Какви упатства му дал Јехова на првиот човечки пар?

 ЈЕХОВА е Основачот на семејното уредување. Секое семејство своето постоење му го должи нему бидејќи тој го основал првото семејство и на првиот човечки пар му дал способност за размножување (Ефесјаните 3:14, 15NW). Тој им дал на Адам и Ева основни поуки што се однесува до нивните одговорности и им дал многу прилики да преземат лична иницијатива во нивното спроведување (1. Мојсеева 1:28—30; 2:6, 15—22). После гревот на Адам и Ева, ситуациите со кои морале да се справуваат семејствата станувале сѐ покомплицирани. Сепак, Јехова со љубов обезбедил упатства кои ќе им помогнат на неговите слуги да се справат со таквите ситуации.

2. а) На кој начин Јехова го зајакнал пишаниот совет со усните поуки? б) Кое прашање треба да си го постават родителите?

2 Како наш Голем Поучувач, Јехова сторил многу повеќе отколку само да даде пишани упатства во однос на тоа што треба да правиме, а што да избегнуваме. Во старо време, тој ги споил пишаните со усните поуки преку свештениците, пророците и преку семејните поглавари. Кого го користи тој за да обезбеди такво усно поучување во наше време? Христијанските старешини и родители. Ако си родител, дали го правиш својот дел за да го поучиш семејството за Јеховините патишта? (Изреки 6:20—23).

3. Што можат да научат семејните поглавари од Јехова во врска со делотворното поучување?

3 Како треба да се даде ваквата поука во кругот на семејството? Јехова го поставува образецот. Тој јасно наведува што е добро а што зло, и во голема мера користи повторување (2. Мојсеева 20:4, 5; 5. Мојсеева 4:23, 24; 5:8, 9; 6:14, 15; Исус Навин 24:19, 20). Тој користи прашања кои поттикнуваат на размислување (Јов 38:4, 8, 31). Преку илустрации и вистински примери ги побудува нашите емоции и го обликува нашето срце (1. Мојсеева 15:5; Даниил 3:1—23, 91—96). Родители, дали кога ги поучувате своите деца, се обидувате да го имитирате тој образец?

4. Што учиме од Јехова во врска со спроведувањето стега, и зошто стегата е важна?

4 Јехова е цврст за она што е исправно, но ги разбира и последиците од несовршеноста. Затоа, пред да изврши казна, тој поучува и секогаш одново им дава предупредувања и потсетници на несовршените луѓе (1. Мојсеева 19:15, 16; Јеремија 7:23—26). Кога дава стега, тоа го прави во исправна мера, а не претерано (Псалм 102:10, 11; Исаија 28:26—29). Ако постапуваме со нашите деца на ваков начин, тоа дава доказ дека го познаваме Јехова, а исто така и ним ќе им биде полесно да го запознаат (Јеремија 22:16; 1. Јованово 4:8).

5. Што можат родителите да научат од Јехова во врска со слушањето?

5 Извонредно е тоа што Јехова слуша како небесен Татко кој е полн со љубов. Тој не издава само наредби. Нѐ охрабрува да му го излееме срцето (Псалм 62:8NW). И доколку чувствата кои ги изразуваме не се баш вистинските, тој не згрмува од небото со укор. Стрпливо нѐ поучува. Затоа, колку само е пригоден советот на апостол Павле: „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени“! (Ефесјаните 4:31—5:1). Колку само убав пример им дава Јехова на родителите додека настојуваат да ги поучуваат своите деца! Тоа е пример кој ги допира нашите срца и нѐ наведува да сакаме да одиме по неговиот пат на живот.

Влијание кое се врши со пример

6. Како ставот и примерот на родителите влијае врз нивните деца?

6 Освен вербалната поука, и примерот има длабоко влијание врз младите. Без разлика дали родителите сакаат или не, нивните деца ќе ги имитираат. На родителите може да им биде пријатно — а понекогаш може и да ги шокира — кога слушаат како нивните деца кажуваат работи што самите тие ги рекле. Кога и однесувањето и ставот на родителите одразуваат длабоко ценење за духовните работи, тоа има позитивно влијание врз децата (Изреки 20:7).

7. Каков пример како родител ѝ дал Јефтај на својата ќерка, и со каков исход?

7 Ефектот од родителскиот пример е добро илустриран во Библијата. Јефтај, кого Јехова го употребил да го предводи Израел во победа над Амонците, бил и татко. Записот за неговиот одговор на царот на Амон покажува дека Јефтај сигурно често ја читал историјата на Јеховините постапки со Израел. Можел слободно да ја цитира таа историја, а покажал и силна вера во Јехова. Несомнено, со својот пример ѝ помогнал на својата ќерка да развие вера и дух на самопожртвуваност кои ги покажала кога презела доживотна служба како самица оддадена на Јехова (Судии 11:14—27, 34—40; спореди Исус Навин 1:8).

8. а) Каков убав став покажале родителите на Самуил? б) На кој начин Самуил извлекол корист?

8 Самуил бил примерен како дете и верен на Бог како пророк низ целиот живот. Дали би сакал и твоите деца да бидат такви? Анализирај го примерот кој го дале Самуиловите родители Елкана и Ана. Иако ситуацијата во нивното домаќинство не била совршена, тие редовно оделе во Силом заради обожавање — во местото каде што бил сместен светиот табернакул (1. Царства 1:3—8, 21). Забележи ја длабочината на чувствата со кои се молела Ана (1. Царства 1:9—13). Забележи што чувствувале обајцата за важноста на исполнувањето на секое ветување што му го дале на Бог (1. Царства 1:22—28). Несомнено, нивниот убав пример му помогнал на Самуил да ги развие особините кои му овозможиле да се стреми во исправен правец — дури и кога луѓето околу него, кои наводно му служеле на Јехова, не покажувале никакво почитување кон Божјите патишта. Со текот на времето, Јехова му доверил на Самуил одговорност како Негов пророк (1. Царства 2:11, 12; 3:1—21).

9. а) Кои домашни влијанија имале добар ефект врз Тимотеј? б) Каква личност станал Тимотеј?

9 Дали би сакал твојот син да стане како Тимотеј кој уште како млад му станал придружник на апостол Павле? Таткото на Тимотеј не бил верник, но неговата мајка и баба дале добар пример во ценењето на духовните работи. Ова несомнено помогнало да се постави добар темел во животот на Тимотеј како христијанин. Се вели дека неговата мајка Евника и баба му Лоида имале „нелицемерна вера“. Нивниот живот како христијанки не бил глума; тие навистина живееле во склад со она во кое исповедувале вера и го поучиле младиот Тимотеј да го прави истото. Тимотеј покажал дека е доверлив и дека вистински се грижи за благосостојбата на другите (2. Тимотеј 1:5; Филипјаните 2:20—22).

10. а) Кои примери надвор од домот можат да влијаат врз нашите деца? б) Како треба да реагираме кога овие влијанија ќе се видат во говорот или ставот на нашите деца?

10 Сите примери кои влијаат врз нашите деца не се во домот. Тука се и децата со кои тие одат на училиште, наставниците чија работа е да ги обликуваат умовите на младите, луѓето кои се силно уверени дека секој треба да се повини на длабоко утврдените племенски или општествени обичаи, спортските ѕвезди чии достигнувања се нашироко величани и државните службеници чие однесување се прикажува на вестите. Милиони деца се изложени и на бруталноста на војната. Дали треба да се изненадиме ако овие влијанија се видат во говорот или во ставот на нашите деца? Како реагираме кога тоа е случај? Дали еден остар укор или строго предавање го решава проблемот? Наместо брзо да реагираме со нашите деца, зарем нема да биде подобро да се запрашаме: ‚Дали во Јеховиниот начин на постапување со нас постои нешто што би можело да ни помогне во проникнувањето како да излеземе на крај со оваа ситуација?‘ (Спореди Римјаните 2:4.)

11. Како може да влијае врз ставот на децата тоа што и родителите прават грешки?

11 Секако, несовршените родители нема секогаш да се справуваат со ситуациите на најдобар начин. Ќе прават грешки. Дали кога децата ќе го увидат тоа, ќе се нагризе нивното почитување кон родителите? Можеби, особено ако родителите се обидуваат да ги ублажат сопствените грешки на тој начин што строго ќе инсистираат на својот авторитет. Но, исходот може да биде многу поинаков доколку родителите се понизни и отворено ги признаат своите грешки. Со тоа можат да им дадат скапоцен пример на своите деца кои треба да научат да го прават истото (Јаков 4:6).

На што може да учи нашиот пример

12, 13. а) Што треба децата да научат за љубовта, и како може тоа најделотворно да се научи? б) Зошто е важно децата да научат за љубовта?

12 Постојат многу драгоцени лекции кои можат најделотворно да се дадат кога усната поука ќе се спои со добриот пример. Разгледај неколку.

13 Изразување несебична љубов: Една од најважните лекции кои треба да се зајакнат со пример е значењето на љубовта. „Ние Го сакаме, бидејќи [Бог] порано нѐ засака“ (1. Јованово 4:19). Тој е Изворот и највисокиот пример на љубов. Оваа начелна љубов, ага́пе, се спомнува во Библијата повеќе од 100 пати. Тоа е особина која ги идентификува вистинските христијани (Јован 13:35). Таква љубов треба да покажеме кон Бог и кон Исус Христос, но треба да ја покажуваме и еден кон друг — дури и кон оние луѓе кон кои можеби не чувствуваме наклоност (Матеј 5:44, 45; 1. Јованово 5:3). Оваа љубов мора да ни биде во срцето и да биде очигледна во нашиот живот пред да можеме делотоворно да ги поучуваме своите деца за неа. Постапките зборуваат погласно од зборовите. Во семејството, децата треба да ја видат и да ја доживеат љубовта и нејзините сродни особини, како што е наклоноста. Без овие работи, може да се спречи развојот на детето во физички, умствен и во емоционален поглед. Исто така, децата треба да видат како на исправен начин се покажуваат љубов и наклоност кон сохристијаните надвор од семејството (Римјаните 12:10; 1. Петрово 3:8).

14. а) Како може децата да бидат поучени добро да работат на начин кој ќе им донесе задоволство? б) Како можете да го правите тоа во вашата семејна ситуација?

14 Учење како да се работи: Работата е основен аспект на животот. За да има чувство на самопочит, едно лице треба да научи како добро да работи (Проповедник 2:24; 2. Солунјаните 3:10). Доколку на едно дете му даваме задачи за кои е сосема малку поучено, а потоа го караме ако не ги изврши добро, постои веројатност дека тоа нема да научи како добро да работи. Но, кога децата учат на тој начин што всушност работат покрај своите родители и им се дава умесна пофалба за тоа, постои поголема веројатност дека ќе научат да работат на начин кој ќе им донесе задоволство. Доколку примерот на родителите се спои со објаснување, можеби децата ќе научат не само како да извршат една работа, туку и како да ги совладуваат проблемите, како да истраат во работата сѐ додека не ја завршат и како да расудуваат и да донесуваат одлуки. Во тој поглед може да им се помогне да сфатат дека и Јехова работи, дека тој добро работи и дека Исус го имитира својот Татко (1. Мојсеева 1:31; Изреки 8:27—31, Јован 5:17). Ако едно семејство има фарма или има свој бизнис, некои членови на семејството може да работат заедно. Или можеби мајката може да го научи својот син или ќерка да готви и да средува после оброкот. Таткото, чие вработување е надвор од домот, може да планира да работи на некои домашни проекти заедно со своите деца. Колку е само корисно кога родителите имаат на ум не само да си ги завршат тековните работи, туку и да ги опремат децата за живот!

15. На кои начини може да се дадат лекции за верата? Илустрирај.

15 Задржување вера наспроти неволји: Верата е исто така животоважен аспект на нашиот живот. Кога на една семејна студија се дискутира за верата, децата можат да научат како да одредат што е таа. Исто така, може да ги увидат доказите кои предизвикуваат верата да почне да расте во нивното срце. Но, кога гледаат како нивните родители покажуваат непоколеблива вера наспроти жестоки испити, ефектот може да трае цел живот. Сопругот на една библиска студентка од Панама ѝ се заканувал дека ќе ја истера од дома ако не престане да му служи на Јехова. Сепак, со своите четири дечиња редовно пешачела по 16 километри, а потоа се качувала на автобус плус 30 километри за да стигне до најблиската Сала на Царството. Охрабрени од тој пример, околу 20 членови на нејзиното семејство го прифатиле патот на вистината.

Давање пример преку секојдневното читање на Библијата

16. Зошто се препорачува секојдневно читање на Библијата како семејство?

16 Една од најдрагоцените навики што може да ја воведе секое семејство — навика од која ќе извлечат корист родителите и ќе биде пример кој ќе го имитираат децата — е редовното читање на Библијата. Доколку е воопшто можно, читајте ја Библијата секој ден. Она што е најважно не е квантитетот на прочитаното. Далеку позначајна е редовноста и начинот на кој се прави тоа. Кај децата, читањето на Библијата може да се дополни со слушање аудиокасети од Моја книга со библиски приказни ако ги има на располагање на вашиот јазик. Секојдневното читање на Божјата реч ни помага да ги држиме Божјите мисли во преден план. И ако така ја читаат Библијата не само поединци туку семејства, тоа може да помогне цели домаќинства да одат по Јеховините патишта. На оваа практика нѐ охрабри драмата Семејства — направете го секојдневното читање на Библијата свој начин на живот! на неодамнешните конгреси „Божјиот пат на живот“ (Псалм 1:1—3).

17. Како читањето на Библијата како семејство и помнењето на клучните стихови помагаат во примената на советот од Ефесјаните 6:4?

17 Читањето на Библијата како семејство е во склад со она што го напишал апостол Павле во своето инспирирано писмо до христијаните во Ефес, имено: ‚Татковци, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховино насочување на мислењето, NW]‘! (Ефесјаните 6:4). Што значи тоа? „Насочување на мислењето“ дословно значи „да се стави ум во“; што значи дека христијанските татковци се поттикнати да го стават умот на Јехова Бог во своите деца — да им помогнат на децата да ги запознаат Божјите мисли. Тоа може да се постигне ако се охрабрат децата да ги запомнат клучните стихови. Целта е Јеховините мисли да го водат размислувањето на децата така што нивните желби и однесување постепено ќе почнат да ги одразуваат побожните мерила без разлика дали родителите се со нив или, пак, не се. Библијата е темел за таквото размислување (5. Мојсеева 6:6, 7).

18. При читањето на Библијата, што може да биде потребно за да: а) ја разбереме јасно? б) извлечеме корист од советот што го содржи? в) се одѕвиеме на она што го открива за Јеховината намера? г) извлечеме корист од она што го вели за ставовите и постапките на луѓето?

18 Секако, за да влијае Библијата врз нашиот живот, треба да разбереме што вели таа. Тоа за многумина можеби ќе бара повеќепати да прочитаат некои делови од неа. За да сфатиме во потполност извесни изрази, можеби ќе треба да побараме некои зборови во речник или во Insight on the Scriptures (Увид во Писмото). Доколку стихот содржи совет или некоја заповед, одвојте време да разговарате за некои ситуации од нашево време во кои тој е соодветен. Потоа можете да прашате: ‚Како можеме да извлечеме корист од примената на овој совет?‘ (Исаија 48:17, 18). Доколку стихот зборува за некој аспект на Јеховината намера, прашајте: ‚Како ова се однесува на нашиот живот?‘ Можеби читате некој извештај кој зборува за ставовите и постапките на луѓето. Какви притисоци доживувале тие во животот? Како се справиле со нив? Како можеме да извлечеме корист од нивниот пример? Секогаш одвојувајте време да дискутирате за значењето на тој извештај во нашиот живот денес (Римјаните 15:4; 1. Коринтјаните 10:11).

19. Што ќе им дадеме на децата ако се угледаме на Бог?

19 Колку само убав начин да ги всадиме Божјите мисли во нашиот ум и срце! На тој начин вистински ќе ни се помогне да ‚се угледаме на Бог, како чеда возљубени‘ (Ефесјаните 5:1). А со тоа ќе дадеме пример кој навистина заслужува нашите деца да го имитираат.

Дали се сеќаваш?

◻ Како можат родителите да извлечат корист од Јеховиниот пример?

◻ Зошто мора усната поука на децата да се спои со добриот пример на родителите?

◻ Кои се некои лекции што најдобро се учат преку примерот на родителите?

◻ Како можеме во потполност да извлечеме корист од читањето на Библијата како семејство?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

Многумина уживаат во секојдневното читање на Библијата како семејство