‚Свештеник по чинот на Мелхиседека‘
‚Свештеник по чинот на Мелхиседека‘
Очигледно Јехова го наименувал Мелхиседек за свештеник. Неговиот свештенички статус не бил поврзан со свештенството во Израел, а како што истакнува Писмото, тој бил повисок од аронското свештенство. Еден фактор кој укажува на тоа е почитта што на Мелхиседек му била укажана од Авраам, прататкото на целата израелска нација, вклучувајќи го и свештеничкото племе на Левиј. Авраам, ‚Јеховиниот пријател‘ (NW) кој станал „татко на сите необрезани што веруваат“ (Јаков 2:23; Римјаните 4:11) му дал десетина, т. е. десеток на овој свештеник на Највишиот Бог. Павле покажува дека Левитите собирале десеток од своите браќа кои исто така излегле од бедрата на Авраам. Меѓутоа, тој истакнува дека Мелхиседек ‚кој не му припаѓал на нивниот род, зел десеток од Авраама‘ и ‚Левиј, кој примил десетоци, и сам дал десеток преку Авраама, бидејќи уште бил во бедрата на татка си, кога го сретнал Мелхиседек‘. Според тоа, иако левитските свештеници добивале десеток од Израелците, тие, како што било претставено со нивниот предок Авраам, му плаќале десеток на Мелхиседек. Освен тоа, супериорноста на свештенството на Мелхиседек се гледа по тоа што тој го благословил Авраам, на што Павле укажал дека „помалиот се благословува од поголемиот“. Тие фактори спаѓаат меѓу оние кои прават Мелхиседек да биде соодветен вид на големиот Првосвештеник Исус Христос (Евреите 7:4—10).
Павле јасно покажува дека совршенството било недостижно преку левитското свештенство, и на тој начин ја наложува појавата на свештеник „по чинот на Мелхиседека“. Тој истакнува дека Христос потекнал од Јуда, несвештеничко племе, но, тоа што ја навел Исусовата сличност со Мелхиседек, покажува дека тој станал свештеник „не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот“ (Евреите 7:11—17).