Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Семејства, фалете го Бог како дел од неговото собрание

Семејства, фалете го Бог како дел од неговото собрание

Семејства, фалете го Бог како дел од неговото собрание

„Во собранијата ќе Те благословувам, Господи“ (ПСАЛМ 25:12).

1. Што уште е важен дел од вистинското обожавање освен проучувањето и молитвата дома?

 ОБОЖАВАЊЕТО на Јехова опфаќа не само молитва и проучување на Библијата дома, туку и активност како дел од Божјето собрание. На древниот Израел му било заповедано да ‚го собере народот, мажите, жените и децата‘ да го научат Божјиот закон за да одат по неговиот пат (5. Мојсеева 31:12; Исус Навин 8:35). И постарите и ‚момчињата и девојките‘ биле охрабрени да учествуваат во фалењето на Јеховиното име (Псалм 148:12, 13). Слични подготовки важат и за христијанското собрание. Во Салите на Царството ширум Земјата, мажи, жени и деца слободно учествуваат во точки во кои се вклучени присутните, и многумина наоѓаат големо задоволство во своето учество на нив (Евреите 10:23—25).

2. а) Зошто подготовката е клучен фактор во помагањето на младите да уживаат во состаноците? б) Чиј пример е важен?

2 Точно, помагањето на младите да почнат со здрава рутина на собраниската активност може да биде предизвик. Ако се гледа дека некои деца кои доаѓаат со родителите не уживаат на состаноците, во што може да биде проблемот? Секако, повеќето деца имаат мал временски распон на внимание и лесно може да им се здосади. Во справувањето со овој проблем може да помогне подготовката. Без подготовка, децата не можат да имаат смисловно учество на состаноците (Изреки 15:23NW). Без подготовка, ќе биде тешко да постигнат духовен напредок кој ќе им донесе задоволство (1. Тимотеј 4:12, 13). Што може да се стори? Прво, родителите треба да се прашаат дали самите тие се подготвуваат за состаноците. Нивниот пример има силно влијание (Лука 6:40). Исто така, важен фактор може да биде грижливото планирање на семејната студија.

Да се изгради срцето

3. Зошто треба да се вложи посебен напор во текот на семејната студија за да се изградат срцата, и што бара тоа?

3 Семејната студија треба да биде време не само за да се наполнат главите со знаење, туку и за да се изградат срцата. Ова бара свесност за проблемите со кои се соочуваат членовите на семејството, како и меѓусебна грижа полна со љубов. Јехова е тој кој го ‚испитува срцето‘ (1. Летописи 29:17).

4. а) Што значи да ‚недостига срце‘? б) Што е вклучено во ‚стекнувањето срце‘?

4 Што наоѓа Јехова кога ги испитува срцата на нашите деца? Повеќето од нив би рекле дека го љубат Јехова, и тоа е пофално. Сепак, оној кој е млад или кој почнува да учи за Јехова, има ограничено искуство на Јеховините патишта. Бидејќи е неискусен, може да му „недостига срце“, како што тоа го изразува Библијата. Можеби не се лоши сите негови мотиви, но потребно е време за да се доведе срцето во состојба која му е вистински угодна на Бог. Тоа вклучува да се доведат мислите, желбите, склоностите, емоциите и животните цели во склад со она што го одобрува Бог, до мера која е возможна за несовршените луѓе. Кога некој врши такво обликување на внатрешната личност на еден побожен начин, тој „стекнува срце“ (Изреки 9:4; 19:8, обата NW).

5, 6. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘?

5 Можат ли родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘? Точно, ниеден човек не може да стави добра состојба во срцето на некој друг. Секој од нас е надарен со слободна волја, и многу зависи од тоа за што самите ние дозволуваме да размислуваме. Меѓутоа, со проникливост, родителите честопати можат да му помогнат на детето да се изјасни, дознавајќи што има во неговото срце и каде е потребна помош. Користете прашања како што се: ‚Што мислиш за ова?‘ и ‚Што всушност би сакал ти да сториш?‘ Потоа стрпливо слушајте. Немојте да реагирате претерано (Изреки 20:5). Ако сакате да го достигнете срцето, важна е атмосфера на љубезност, разбирање и љубов.

6 За да се зајакнат здравите склоности, дискутирајте често за плодовите на духот — за секој нивни аспект — и работете заедно како семејство за да ги негувате (Галатјаните 5:22, 23). Градете љубов кон Јехова и кон Исус Христос, не само така што ќе зборувате дека треба да ги љубиме, туку и со тоа што ќе дискутирате за причините зошто ги љубиме и како можеме да ја изразиме таа љубов (2. Коринтјаните 5:14, 15). Зајакнете ја желбата да се прави она што е исправно така што ќе расудувате за користите што ќе произлезат од тоа. Градете ја желбата да ги одбегнуваат погрешните мисли, говор и однесување, така што ќе дискутирате за лошите последици од тие работи (Амос 5:15; 3. Јованово 11). Покажете дека мислите, говорот и однесувањето — било да се добри или лоши — можат да влијаат врз односот со Јехова.

7. Што може да се стори за да им се помогне на децата да се справат со проблемите и да донесуваат одлуки на начин кој ќе ги држи близу до Јехова?

7 Кога детето има проблем или треба да донесе некоја важна одлука, би можеле да го прашаме: ‚Според твое мислење, како Јехова гледа на ова? Што знаеш за Јехова, па велиш така? Дали си му се молел за тоа?‘ Започнувајќи колку што е можно порано, помогнете им на децата да изградат еден образец на живот во кој секогаш искрено ќе настојуваат да установат која е Божјата волја и потоа да ја вршат. Како што ќе стекнуваат близок, личен однос со Јехова, ќе најдат задоволство во одењето по неговите патишта (Псалм 118:34, 35). Тоа ќе изгради кај нив ценење за предноста што се поврзани со собранието на вистинскиот Бог.

Подготовка за собраниските состаноци

8. а) Што може да ни помогне на нашата семејна студија да ги опфатиме сите работи кои заслужуваат внимание? б) Колку е важна оваа студија?

8 Постојат многу работи на кои треба да им се обрне внимание во периодите на семејната студија. Како можеш да ги вклопиш сите нив? Невозможно е истовремено да се постигне сѐ. Но, може да биде од корист ако си направите листа (Изреки 21:5NW). Одвреме навреме, прегледајте ја и размислете што заслужува посебно внимание. Покажете сериозен интерес за напредокот на секој член на семејството. Оваа подготовка за семејна студија е важен дел од христијанското образование која нѐ опремува за живот сега, и нѐ подготвува за вечниот живот кој ќе дојде (1. Тимотеј 4:8).

9. На кои цели во врска со подготовката за состаноци би можеле постепено да работиме во текот на нашите семејни студии?

9 Дали вашата семејна студија опфаќа подготовка за собраниските состаноци? Има доста проекти на кои би можеле постепено да работите додека проучувате заедно. За да остварите некои од нив, можеби ќе бидат потребни седмици, месеци, па дури и години. Размислете за овие цели: 1) секој од семејството да биде спремен да коментира на собраниските состаноци; 2) секој да работи на тоа да коментира со сопствени зборови; 3) во коментарите да се вклучуваат стихови и 4) да се анализира материјалот со цел лично да се примени. Сево ова може да му помогне на поединецот да ја направи вистината своја сопственост (Псалм 24:4, 5).

10. а) Како би можеле да му обрнеме внимание на секој од нашите собраниски состаноци? б) Зошто тоа се исплати?

10 Дури и ако вашата семејна студија обично се темели на градивото од Стражарска кула за таа седмица, не ја превидувајте важноста на поединечната или семејната подготовка за Собраниска студија на книга, за Теократската школа за служба и за Состанокот за служба. И тие се важни делови од програмата за наше поучување за да одиме по Јеховиниот пат. Можеби ќе можете периодично да се подготвувате за состаноците. Преку вашата заедничка подготовка, ќе ги подобрите вештините на поучување. Како резултат на тоа, ќе извлечете поголема корист од самите состаноци. Меѓу другото, дискутирајте за користите од редовната подготовка за овие состаноци и за важноста да се има одвоено одредено време за тоа (Ефесјаните 5:15—17).

11, 12. Како ќе извлечеме корист од подготовката за пеење во собранието, и на кој начин би можеле да го правиме тоа?

11 На конгресите „Божјиот пат на живот“ бевме охрабрени да се подготвуваме за едно друго обележје на нашите состаноци — пеењето. Дали го применувате тоа? Тоа може да ни помогне да ги врежеме библиските вистини во нашиот ум и срце и истовремено да го зголеми нашето уживање на собраниските состаноци.

12 Подготовката која опфаќа читање и дискутирање за значењето на зборовите во некои од предвидените песни, може да ни помогне да пееме од сѐ срце. Во древниот Израел, музичките инструменти заземале истакнато место во обожавањето (1. Летописи 25:1; Псалм 28:7NW). Дали некој од вашето семејство свири некој музички инструмент? Зошто да не го употребите тој инструмент за да вежбате една од песните за Царството за таа седмица, и потоа да ја пеете песната како семејство. Друга можност е да се користи снимка од песните. Во некои земји нашите браќа пеат прекрасно и без музичка придружба. Додека одат по пат или почнуваат со својата работа по полињата, честопати уживаат пеејќи ги песните кои се предвидени за собраниските состаноци за таа седмица (Ефесјаните 5:19).

Семејна подготовка за служба на теренот

13, 14. Зошто се драгоцени семејните дискусии кои ги подготвуваат нашите срца за службата на теренот?

13 Сведочењето на другите за Јехова и за неговата намера е важен дел од нашиот живот (Исаија 43:10—12; Матеј 24:14). Било да сме млади или стари, доколку сме подготвени, повеќе уживаме во оваа активност и постигнуваме подобри резултати. Како можеме да го правиме тоа во кругот на семејството?

14 Како и за сите други работи кои спаѓаат во нашето обожавање, важно е да ги подготвиме срцата. Треба да дискутираме не само за тоа што ќе правиме, туку и зошто ќе го правиме тоа. Во деновите на цар Јосафат, на луѓето им била дадена поука за божествениот закон, но Библијата ни кажува дека тие ‚сѐ уште го немале подготвено своето срце‘. Тоа ги направило ранливи на заведувањата што можеле да ги одвратат од вистинското обожавање (2. Летописи 20:33; 21:11). Наша цел е не само да можеме да ги известиме часовите кои сме ги поминале во службата на теренот ниту, пак, само да дадеме литература. Нашата служба треба да биде израз на нашата љубов кон Јехова и кон луѓето на кои им е потребна приликата да изберат живот (Евреите 13:15). Тоа е активност во која сме „соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:9). Колкава предност! Додека учествуваме во службата, го правиме тоа во соработка со светите ангели (Откровение 14:6, 7). Каква подобра прилика би можела да постои за да се изгради ценење за тоа отколку при семејните дискусии, било да е тоа на нашата седмична студија или кога дискутираме за некој соодветен стих од Секојдневно разгледување на Писмото!

15. Кога можеме да се подготвуваме за службата на теренот како семејство?

15 Дали понекогаш го користите времето на вашата семејна студија за да им помогнете на членовите на вашето домаќинство да се подготват за седмичната служба на теренот? Ова може да биде многу корисно (2. Тимотеј 2:15NW). Може да им помогне да ја направат својата служба смисловна и продуктивна. Повремено за таквата подготовка би можеле да го одвоите целиот период за проучување. Почесто, некои аспекти од службата на теренот би можеле да ги опфатите во пократки дискусии на крајот од семејната студија или во некое друго време во текот на седмицата.

16. Дискутирај за вредноста на секој од чекорите кои се набројани во пасусот.

16 Семејните дискусии би можеле да се сосредоточат на низа чекори, како што се следниве: 1) Подгответе добро извежбана презентација која вклучува читање на еден стих од Библијата, доколку приликата го дозволува тоа. 2) Погрижете се секој да има, доколку е можно, своја чанта за служба на теренот, Библија, бележник, пенкало или молив, трактати и друга литература која е во добра состојба. Чантата за служба не мора да биде скапа, туку уредна. 3) Дискутирајте каде и како неформално да се сведочи. Следете ја секоја етапа од оваа поука во периодите кога работите заедно во службата на теренот. Дајте корисни предлози, но немојте да давате совет за премногу работи.

17, 18. а) Која подготовка како семејство може да ни помогне да ја направиме поплодна нашата служба на теренот? б) Кој аспект на оваа подготовка би можел да се спроведува секоја седмица?

17 Главен дел од делото кое им го доделил Исус Христос на своите следбеници е правењето ученици (Матеј 28:19, 20NW). Тоа вклучува повеќе отколку само проповедање. Тоа бара поучување. Како може вашата семејна студија да ви помогне да бидете делотворни во тој поглед?

18 Како семејство, дискутирајте кај кого би било добро да се направат повторни посети. Некои од нив можеби зеле литература; некои можеби едноставно слушале. Можеби сте ги сретнале во делото од куќа до куќа или при неформалното сведочење на пазар или на училиште. Дозволете да ве води Божјата реч (Псалм 24:9; Језекиил 9:4). Одлучете кај кого секој од вас сака да изврши посета таа седмица. За што да се разговара? Семејната дискусија може да му помогне на секој член да се подготви. Забележете ги посебните стихови кои ќе ги споделите со заинтересираните лица, како и соодветните точки од брошурата Што бара Бог од нас? или од книгата Спознание кое води до вечен живот. Не обидувајте се да опфатите премногу точки на една посета. Оставете му на станарот прашање на кое ќе одговорите при следната посета. Зошто не ви стане дел од седмичната семејна рутина да планирате кои повторни посети ќе ги изврши секој од вас, кога ќе ги врши и што се надева да постигне. Тоа може да помогне службата на теренот да биде поплодна за целото семејство.

Продолжете да ги поучувате за Јеховиниот пат

19. Што мора да доживеат членовите на семејството за да одат и понатаму по Јеховиниот пат, и што придонесува за тоа?

19 Да се биде семеен поглавар во овој злобен свет е предизвик. Сатана и неговите демони настојуваат да ја уништат духовноста на Јеховините слуги (1. Петрово 5:8). Освен тоа, денес постои голем притисок врз вас, родители, особено врз вас кои сте самохрани. Тешко е да најдете време да ги завршите сите работи кои би сакале. Но, тоа се исплати, дури и ако ги применувате предлозите еден по еден и постепено ја подобрувате вашата програма на семејна студија. Да се види како оние кои ти се многу блиски лојално одат по Јеховиниот пат е награда која го радува срцето. За да одат успешно по Јеховиниот пат, членовите на семејството треба да наоѓаат радост во присуството на собраниските состаноци и во учеството во службата на теренот. За да биде тоа случај, потребна е подготовка — подготовка која го изградува срцето и го опремува секого да има смисловно учество.

20. Што може да им помогне на повеќето родители да ја вкусат радоста што е изразена во 3. Јованово 4?

20 Во врска со оние на кои духовно им помогнал, апостол Јован напишал: „За мене нема поголема радост од тоа — да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јованово 4). Семејните студии кои се водат со јасни цели на ум, и семејните поглавари кои постапуваат на еден љубезен, корисен начин со поединечните потреби на членовите на семејството, можат да направат многу за да му овозможат на семејството да споделува таква радост. Негувајќи ценење за Божјиот пат на живот, родителите му помагаат на своето семејство да се радува на најдобриот пат на живот (Псалм 18:7—11).

Можеш ли да објасниш?

◻ Зошто подготовката за состаноци е толку важна за нашите деца?

◻ Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ‚стекнат срце‘?

◻ Како може нашата семејна студија да биде од помош во подготовката за сите состаноци?

◻ Како може подготовката за служба на теренот како семејство да ни помогне да бидеме поделотворни?

[Прашања]

[Слика на страница 20]

Вашата семејна студија може да опфаќа подготовка за собраниските состаноци

[Слика на страница 21]

Корисно е да се вежба за пеење на состаноците