Во потрага по веродостојни предвидувања
Во потрага по веродостојни предвидувања
НАБРЗО откако македонскиот цар, кој станал познат како Александар Велики, дошол на престолот во 336 пр. н. е., го посетил Делфиското пророчиште во централна Грција. Неговите амбициозни планови за иднината не биле ништо друго освен победа над голем дел од тогашниот свет. Но, тој сакал божествена гаранција дека неговиот огромен потфат ќе успее. Според легендата, на денот кога го посетил Делфи, не било дозволено да се консултира со оракулот (мудрец, пророк). Не сакајќи да си замине без одговор, Александар инсистирал и ја принудил свештеничката да му даде едно предвидување. Таа исфрустрирано извикала: „О, младичу, ти си непобедлив!“ Младиот цар го сфатил тоа како поволен предзнак — предзнак кој му ветил победоносен воен поход.
Меѓутоа, Александар многу подобро ќе се информирал за исходот на својот поход доколку ги испитал пророштвата кои се наоѓаат во библиската книга Даниил. Тие со извонредна точност ги претскажале неговите брзи победи. Традицијата вели дека на крај Александар добил прилика да види што имал напишано Даниил за него. Според еврејскиот историчар Јосиф, кога македонскиот цар влегол во Ерусалим, му било покажано Данииловото пророштво — веројатно 8. поглавје од таа книга (Даниил 8:5—8, 20, 21). Според кажувањата, поради тоа градот бил поштеден од уништувачките војски на Александар.
Вродена човекова потреба
Било да е цар или обичен човек, било во старо време или сега — човекот е свесен за потребата од веродостојни предвидувања во врска со иднината. Како интелигентни суштества, ние луѓето го проучуваме минатото, свесни сме за сегашноста, а особено сме заинтересирани за иднината. Една кинеска изрека погодно вели: „Оној кој би можел да ги предвиди работите три дена однапред, би бил богат илјадници години“.
Низ вековите, милиони луѓе се обидувале да ѕирнат во иднината на тој начин што се обраќале кај она кое го сметале за божествено. Да ги земеме за пример древните Грци. Тие имале голем број свети пророчишта, како што се оние во Делфи, Делос и Додона, каде што оделе да ги прашуваат своите богови во врска со политичкиот или воениот развој, како и за приватни работи како што е патувањето, бракот и децата. Не само цареви и воени лидери, туку цели племиња и градови-држави барале водство од духовното подрачје преку овие пораки од оракулите.
Според еден професор, сега постои „ненадеен пораст на бројот на организации посветени на проучувањето на иднината“. Сепак, многумина претпочитаат да го игнорираат единствениот точен извор на пророштва — Библијата. Тие остро отфрлаат секаква можност дека библиските пророштва ги содржат токму тие информации што ги бараат. Некои изучувачи одат дотаму што библиските пророштва ги изедначуваат со предвидувањата кои ги дале древните оракули. А современите скептици обично имаат предрасуди во однос на библиските пророштва.
Те покануваме самиот да го провериш записот. Што открива внимателната споредба на библиските предвидувања и на човечките пораки од оракулите? Можеш ли да имаш поголема доверба во библиските пророштва отколку во древните пораки од оракулите? И дали можеш со доверба да го градиш својот живот околу библиските пророштва?
[Слика на страница 3]
Библијата ги претскажала брзите победи на Александар
[Извор на слика]
Cortesía del Museo del Prado, Мадрид, Шпанија
[Слика на страница 4]
Александар Велики
[Извор на слика]
Музеј Capitolini, Рим
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Генерал Тит и Александар Велики: Музеј Capitolini, Рим