Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали ‚означувањето‘ во 2. Солунјаните 3:14 е формален собраниски процес, или е нешто што христијаните го прават како поединци за да ги избегнуваат оние кои се бунтовни?

Она што им го напишал апостол Павле на солуњаните покажува дека собраниските старешини имаат специфична улога во таквото ‚означување‘. Меѓутоа, потоа христијаните како поединци треба да го следат тоа, имајќи ги на ум духовните цели. Ова ќе можеме да го сфатиме најдобро ако го разгледаме советот на Павле во неговиот оригинален контекст.

Павле помогнал да се основа солунското собрание помагајќи им на мажи и жени да станат верници (Дела 17:1—4). Подоцна им напишал од Коринт за да ги пофали и да ги охрабри. Павле им дал и потребен совет. Ги поттикнал ‚да си ја гледаат работата и да работат со сопствените свои раце‘. Некои не постапувале така, па затоа Павле додал: „Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите“. Очигледно, меѓу нив имало ‚неуредни‘ a на кои им бил потребен совет (1. Солунјаните 1:2—10; 4:11; 5:14).

По неколку месеци, Павле го напишал своето второ писмо до солуњаните, со додатни коментари за Исусовата идна присутност. Исто така, Павле дал понатамошно водство за тоа како да постапуваат со неуредните кои ‚не работеле, туку се плеткале во работи кои не се однесуваат на нив‘ (NW). Нивните постапки биле спротивни на примерот на Павле како човек кој напорно работел, и на неговата јасна заповед во врска со работењето за сопствена издршка (2. Солунјаните 3:7—12). Павле дал упатство да се преземат извесни чекори. Овие чекори дошле после она што веќе го имале сторено старешините — опоменувањето или советувањето на неуредните. Павле напишал:

„Ви заповедам браќа . . . да се двоите од секој брат, кој живее неуредно, а не според преданието, што го добија од нас! А вие, браќа, не паѓајте со духот, кога вршите добро. Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, означете го и не дружете се со него, за да се посрами; но не сметајте го за непријател, туку поучувајте го како брат“ (2. Солунјаните 3:6, 13—15).

Значи, понатамошните чекори вклучувале двоење од неуредните, нивно означување, прекин на дружењето со нив, а сепак нивно опоменување како браќа. Што би ги навело членовите на собранието да ги преземат тие чекори? Како помош за да го расчистиме ова, да идентификуваме три ситуации на кои Павле овде не се сосредоточил.

1. Знаеме дека христијаните се несовршени и имаат недостатоци. Сепак, љубовта е знак на вистинското христијанство и нѐ повикува да имаме разбирање и да им ги простуваме грешките на другите. На пример, еден христијанин би можел да има невообичаен излив на гнев, како оној до кој дошло меѓу Варнава и Павле (Дела 15:36—40). Или, пак, некој поради умор може да каже груби и зајадливи зборови. Во такви случаи, ако покажеме љубов и го примениме библискиот совет, можеме да ја покриеме грешката, да продолжиме да живееме, да се дружиме и да работиме со нашиот сохристијанин (Матеј 5:23—25; 6:14; 7:1—5; 1. Петрово 4:8). Јасно, ваквите пропусти не биле оние со кои се занимавал Павле во 2. Солунјаните.

2. Павле не укажувал на ситуација кога некој христијанин лично избира да го ограничи дружењето со друг чии патишта или ставови не се добри — на пример, со некој кој изгледа дека е претерано сосредоточен на рекреација или на материјални работи. Или, пак, можеби некој родител го ограничува дружењето на своето дете со младинци кои го занемаруваат авторитетот на родителите, играат на груб или опасен начин или, пак, не го сфаќаат сериозно христијанството. Тоа се едноставно лични одлуки во склад со она што го читаме во Изреки 13:21: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“. (Спореди 1. Коринтјаните 15:33.)

3. Со еден доста поинаков степен на сериозност, Павле им напишал на коринтјаните за некој кој практикува тежок грев и не се кае. Таквите непокајнички грешници морало да бидат истерани од собранието. „Злобниот“ (NW) човек морало да биде предаден на Сатаната, така да се каже. После тоа, лојалните христијани не требало да се мешаат со тие злобни поединци; апостол Јован ги поттикнал христијаните дури и да не ги поздравуваат (1. Коринтјаните 5:1—13; 2. Јованово 9—11). Меѓутоа, ниту ова не одговара на советот од 2. Солунјаните 3:14.

Ситуацијата која ги вклучува „неуредните“ на начинот на кој е дискутирано во 2. Солунјаните се разликува од трите кои се наведени погоре. Павле напишал дека тие сѐ уште биле ‚браќа‘, дека требало да бидат советувани и третирани како такви. Значи, проблемот со „неуредните“ браќа не бил ниту на ниво на чисто лична работа меѓу христијаните ниту, пак, толку сериозен што би морале да интервенираат собраниските старешини со постапка на исклучување, како што тоа го сторил Павле во врска со ситуацијата на неморал во Коринт. „Неуредните“ не биле виновни за тежок грев, како што бил исклучениот човек од Коринт.

„Неуредните“ од Солун биле виновни за значително застранување од христијанството. Тие одбивале да работат, било поради тоа што мислеле дека Христовото враќање е многу близу било поради тоа што биле мрзливи. Освен тоа, предизвикувале прилична вознемиреност со тоа што ‚се плеткале во работи кои не се однесувале на нив‘. Веројатно собраниските старешини честопати ги имале советувано, во склад со советот од Павле во неговото прво писмо и со другите божествени совети (Изреки 6:6—11; 10:4, 5; 12:11, 24; 24:30—34). Сепак, истрајувале во еден правец кој лошо се одразувал на собранието и кој можел да се прошири на другите христијани. Затоа, христијанскиот старешина Павле, без да именува поединци, јавно го свртел вниманието кон нивната неуредност, разоткривајќи го нивниот погрешен правец.

Исто така, му дал до знаење на собранието дека ќе биде пригодно ако тие, како поединечни христијани, ги ‚означат‘ неуредните. Тоа подразбирало дека поединците треба да ги забележат оние чии постапки одговарале на правецот за кој собранието било јавно предупредено. Павле ги советувал да се ‚двојат од секој брат кој живее неуредно‘. Сигурно дека тоа не можело да значи целосно одбегнување на таквото лице, зашто требало ‚и понатаму да го поучуваат како брат‘. Требало и понатаму да имаат христијански контакти на состаноците и можеби во службата. Можеле да се надеваат дека нивниот брат ќе реагира на опомената и ќе ги напушти вознемирувачките патишта.

Во која смисла тие би се ‚двоеле‘ од него? Очигледно, ова било во друштвен контекст. (Спореди Галатјаните 2:12.) Тоа што ќе прекинат да имаат работа со него на друштвен план и во поглед на рекреацијата, би можело да му покаже дека на принципиелните луѓе не им се допаѓаат неговите патишта. Дури и ако тој не се засрамел и променел, барем постоела помала веројатност дека другите ќе ги научат неговите патишта и ќе станат како него. Истовремено, овие поединечни христијани требало да се сосредоточат на позитивни работи. Павле ги советувал: „Што се однесува до вас, браќа, не престанувајте да го правите она што е исправно“ (2. Солунјаните 3:13NW).

Јасно, овој апостолски совет не претставува основа да ги презираме или да ги судиме нашите браќа кои ќе направат некој ситен пропуст или некоја грешка. Напротив, неговата цел е да му се помогне на оној кој презема вознемирувачки правец кој значително се судира со христијанството.

Павле не вовел детални правила како да се обидувал да создаде некоја сложена процедура. Но, јасно е дека старешините треба најпрвин да дадат совет и да се обидат да му помогнат на неуредниот. Доколку не успеат во тоа и лицето истрае на некој пат кој вознемирува и кој има можност да се прошири, можеби ќе дојдат до заклучок дека собранието треба да биде на штрек. Можат да организираат да се одржи еден говор за тоа зошто треба да се избегнува неуредноста. Нема да спомнуваат имиња, туку нивниот предупредувачки говор ќе помогне да се заштити собранието бидејќи оние кои брзо реагираат ќе преземат дополнителна грижа за да ги ограничат друштвените активности со секој кој очигледно покажува таква неуредност.

Се надеваме дека со текот на времето, неуредниот ќе се засрами од своите патишта и ќе биде поттикнат да се промени. Како што старешините и другите во собранието ќе ја гледаат таа промена, тие ќе можат поединечно да одлучат да го прекинат ограничувањето што лично го примениле во дружењето со него.

Значи, да резимираме: Собраниските старешини преземаат водство во давањето помош и совет ако некој оди неуредно. Ако тој не увиди дека неговиот пат е погрешен и продолжи да врши нездраво влијание, тогаш старешините можат да го предупредат собранието преку еден говор кој јасно ќе го изнесе на видело библиското гледиште — било да е тоа за додворување со неверници било за каков и да е друг неисправен правец (1. Коринтјаните 7:39; 2. Коринтјаните 6:14). Христијаните во собранието кои се предупредени на овој начин, можат поединечно да одлучат да го ограничат дружењето со таквите кои јасно се стремат по неуреден правец, но кои сѐ уште се браќа.

[Фуснота]

a Тој грчки збор се користел за војниците кои не се држеле во стројот или не ја следеле дисциплината, како и за ученици кои бегале од часови, кои ги пропуштале школските часови.

[Слики на страница 31]

Христијанските старешини ги опоменуваат неуредните и сѐ уште ги сметаат за соверници