Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Филип — ревносен евангелизатор

Филип — ревносен евангелизатор

Филип — ревносен евангелизатор

ПИСМОТО содржи многу извештаи за мажи и жени кои имале вера вредна за имитирање. Размисли за Филип, христијански мисионер од првиот век. Тој не бил апостол, но сепак на моќен начин бил користен во ширењето на пораката за Царството. Всушност, станал познат како „евангелизатор“ (Дела 21:8NW). Зошто Филип го добил тој назив? И што можеме да научиме од него?

Филип се појавува во библискиот запис набрзо после Педесетница 33 н. е. Во тоа време Евреите кои зборувале грчки почнале да мрморат против Евреите кои зборувале хебрејски, тврдејќи дека нивните вдовици се превидуваат при секојдневното делење храна. За да се реши таа работа, апостолите наименувале „седуммина потврдени мажи“ (NW). Меѓу избраните бил и Филип (Дела 6:1—6).

Тие седум мажи биле „потврдени“. Преводот на Џејмс Мофат вели дека имале „добра репутација“. Да, во времето на нивното наименување, тие веќе биле познати како духовни мажи со способност за практично размислување. Слично е и со оние кои служат како христијански надгледници денес. Тие мажи не се наименувани набрзина (1. Тимотеј 5:22). Мора да имаат „добро сведоштво од надворешните“ и сохристијаните треба да знаат дека тие се разумни и со здрави мисли (1. Тимотеј 3:2, 3, 7: Филипјаните 4:5NW).

Изгледа дека Филип добро се грижел за својата доделба во Ерусалим. Меѓутоа, набрзо избил бран на жестоко прогонство поради што Христовите следбеници се распрснале. Како и останатите и Филип го напуштил градот, но со тоа неговата служба не завршила. Набргу се зафатил со проповедање на едно ново подрачје — Самарија (Дела 8:1—5).

Отворање нови подрачја

Исус претскажал дека неговите ученици ќе проповедаат „во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Проповедајќи во Самарија, Филип учествувал во исполнувањето на тие зборови. Евреите, општо земено, имале мало почитување кон Самарјаните. Но, Филип не донел однапред суд за тие луѓе, и неговата непристрасност била благословена. Секако, многу Самарјани се крстиле, вклучувајќи и еден човек по име Симон кој порано правел магии (Дела 8:6—13).

Со текот на времето, еден Јеховин ангел го упатил Филип да појде кон пустинскиот пат што водел од Ерусалим кон Газа. Таму Филип уочил една двоколка на која се возел етиопски службеник кој на глас го читал пророштвото на Исаија. Филип дошол до двоколката и започнал разговор. Иако Етиопјанинот бил прозелит со извесно спознание за Бог и за Писмото, тој понизно признал дека му е потребна помош за да го разбере она што го чита. Затоа го поканил Филип да се качи на двоколката и да седне до него. Откако било дадено сведоштво, дошле до една вода. „Што ми пречи да се крстам?“ — прашал Етиопјанинот. Филип веднаш го крстил, и Етиопјанинот си заминал радосен. Веројатно овој нов ученик ја ширел добрата вест во својата татковина (Дела 8:26—39).

Што можеме да научиме од службата на Филип која ги вклучувала Самарјаните и етиопскиот службеник? Никогаш не треба да претпоставуваме дека поединци од некоја националност, раса или општествен статус нема да се интересираат за добрата вест. Напротив, треба да ја објавуваме пораката за Царството до „сите видови луѓе“ (1. Коринтјаните 9:19—23NW). Доколку се ставиме на располагање на тој начин што им проповедаме на сите, Јехова може да нѐ употреби во делото на ‚правење ученици од луѓето од сите народи‘ (NW) пред да дојде крајот на овој зол систем (Матеј 28:19, 20).

Додатни предности на Филип

Откако му проповедал на етиопскиот службеник, Филип сведочел во Асидот ‚и тргнал, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигнал во Ќесарија‘ (Дела 8:40). Во првиот век, овие два града имале приличен број нееврејско население. Додека патувал кон север во Ќесарија, Филип веројатно проповедал во угледните еврејски центри, како што биле Лида и Јопа. Можеби затоа подоцна во овие подрачја можеле да се најдат ученици (Дела 9:32—43).

Последен пат Филип е спомнат 20 години после тоа. На крајот од своето трето мисионерско патување, Павле слегол од брод во Птолемаида. „На вториот ден“, вели Павловиот патувачки придружник Лука, „излеговме и дојдовме во Ќесарија и . . . влеговме во куќата на Филипа благовесникот [евангелизаторот, NW]“. Дотогаш Филип имал ‚четири ќерки девојки, кои пророкувале‘ (Дела 21:8, 9).

Изгледа Филип се населил во Ќесарија. Но, не го изгубил својот мисионерски дух, бидејќи Лука го нарекол „евангелизатор“. Овој израз честопати укажува на некој кој го напушта својот дом за да ја проповеда добрата вест во необработени региони. Фактот што Филип имал четири ќерки кои пророкувале, укажува дека тие ги следеле чекорите на својот ревносен татко.

Денешните христијански родители треба да запомнат дека најважни ученици им се нивните деца. Дури и ако таквите родители мораат да се откажат од некои теократски предности поради семејните одговорности, сепак можат, како Филип, да останат Божји слуги со цело срце и примерни родители (Ефесјаните 6:4).

Посетата од Павле и од неговите придружници му дала на семејството на Филип убава прилика да покаже гостољубивост. Замисли си ја размената на охрабрување! Можеби во таа прилика Лука ги собрал деталите за активностите на Филип кои подоцна ги вклучил во Дела, поглавја 6 и 8.

Јехова Бог во голема мера го користел Филип за унапредување на интересите на Царството. Ревноста му овозможила на Филип да ја шири добрата вест на нови подрачја и да унапредува здрава духовна атмосфера во својот дом. Дали би сакал да уживаш слични предности и благослови? Тогаш, би било добро да ги имитираш особините кои ги покажал евангелизаторот Филип.