Зауздување на чумата на нееднаквост
Зауздување на чумата на нееднаквост
Наскоро Творецот ќе ја донесе еднаквоста по која копнеат луѓето. Сѐ дотогаш, можеме барем да преземеме чекори да ја зауздаме чумата на нееднаквост која нѐ погодува нас и нашите семејства. Нелсон Мандела, поранешен претседател на Јужна Африка, забележал: „Она што го одвојува еден човек од друг не е она што ни е дадено, туку она што го правиме со тоа што го имаме“.
ИСТОРИЈАТА ги потврдува неговите зборови. Има многу мажи и жени на кои со раѓањето им било дадено малку, но кои, користејќи го тоа што го имале, постигнале успеси со кои се издвоиле од нивните можеби понадарени врсници. И обратно, други поединци кои биле богато благословени со предности при раѓањето, го потрошиле она што го имале и пропуштиле да го искористат целиот свој потенцијал.
Искористи го најдобро она што го имаш!
Јеховините сведоци се длабоко заинтересирани да им помогнат на луѓето да стекнат спознание за Божјите намери со проучување на Библијата. Меѓутоа, тие увидуваат дека за да извлечат целосна корист од библиските информации, луѓето мораат да бидат писмени. Од таа причина, Јеховините сведоци научиле десетици илјади луѓе да читаат и да пишуваат, меѓу кои 23.000 лица (почнувајќи од средината на 1990-тите) само во една држава во Западна Африка. Осврнувајќи се на извонредната социјална служба која ја вршат Јеховините сведоци, во San Francisco Examiner било забележано: „Можете да сметате на нив како на примерни граѓани. Марливо ги плаќаат даноците, ги негуваат болните, се борат со неписменоста“.
Освен тоа, преку еден прогресивен курс за јавно говорење, Јеховините сведоци обучиле стотици илјади луѓе да станат квалификувани говорници, способни течно да се изразуваат во јавноста. Меѓу тие илјадници има и некои кои некогаш имале сериозни говорни проблеми. Земи го за пример човекот од Јужна Африка кој пишува: „Толку многу пелтечев што се повлеков во себе, обично потпирајќи се на другите да зборуваат место мене . . . Кога се запишав во Теократската школа за служба и морав да читам од Библијата пред една мала публика . . . толку многу пелтечев што не можев да ја завршам задачата во доделеното време. После состанокот, [советникот] љубезно ми даде практичен совет. Ми предложи да вежбам читање на глас. Тоа и го правев, поминувајќи ден по ден во читање на глас од мојата Библија и од списанието Стражарска кула“. Овој човек толку добро напредувал што денес држи јавни предавања пред публика која брои стотици, па дури и илјадници луѓе.
Уживање еднаквост меѓу браќата
Што се однесува до образованието, здравствената нега, како и економскиот и општествениот статус, околностите меѓу Јеховините сведоци многу се разликуваат. Овие разлики се само одраз на несовршените световни околности во кои живеат. Но, за разлика од другите религиозни групи, расните, општествените и економските предрасуди практично се искоренети од нивните редови.
Ова го постигнале на тој начин што направиле сѐ што можеле во практикувањето на она што го научиле од Библијата. Со цело срце ги прифатиле библиските начела како што се: „Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Царства 16:7). „Бог не гледа на лице [не е пристрасен, NW]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). „Никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17, 18; види и 1. Тимотеј 6:17—19; Јаков 2:5, 9).
Придржувајќи се тесно за овие библиски начела кои унапредуваат единство, Јеховините сведоци одбиваат во своите редови да толерираат какво и да е покажување нееднаквост темелена на расни, општествени или економски разлики. Овие фактори не играат улога, на пример, при одлучувањето кому ќе му бидат дадени предности на службата во христијанското собрание. Положбите на одговорност, како што се поучувањето и надгледувањето, се даваат единствено на темел на духовните квалификации (1. Тимотеј 3:1—13; Тит 1:5—9).
За поединците кои страдале од нееднаквоста на пристрасниов свет, колку само е освежувачки кога другите постапуваат со нив како со браќа и сестри кои имаат еднаква положба пред својот Творец! Мартина може да го потврди тоа. Откако татко ѝ го напуштил семејството, била одгледана во сиромашен дом со еден родител. Честопати била третирана како социјален изгнаник, имала мала самодоверба и ѝ било тешко да се сложи со другите. Развила став „за ништо не ми е гајле“. Меѓутоа, работите се промениле откако почнала да ја проучува Библијата и станала Јеховин сведок. Таа вели: „Сѐ уште морам да се борам со негативното размислување, но сега можам подобро да излезам на крај со тој проблем. Имам поголема самопочит и разговарам со другите со поголема доверба. Вистината ми даде чувство на одговорност. Сега знам дека Јехова ме сака и дека вреди да се живее“.
Како меѓународна група христијани, Јеховините сведоци во над 230 земји уживаат степен на еднаквост кој е навистина единствен во денешниов свет. Дали некоја друга религиозна организација може да тврди нешто слично и да го поддржи тоа со факти?
Секако, Јеховините сведоци се реалистични. Тие спремно признаваат дека, бидејќи се производ на една несовршена околина, не можат да ја избришат човечката нееднаквост повеќе од кои и да било други поединци кои низ вековите се обидувале да го сторат тоа — но пропуштиле. Сепак, се радуваат што во своите редови сториле многу за да ја зауздаат оваа смртоносна чума. И имајќи силна вера во Божјето ветување, со нетрпение го очекуваат новиот свет на праведност каде што нееднаквоста засекогаш ќе биде дел од минатото.
Да, наскоро на сите послушни луѓе ќе им биде вратена еднаквоста „во поглед на достоинството и правата“ што и било пред сѐ намерата на Творецот за нив. Колку прекрасна мисла! А овојпат, таа ќе стане реалност!
[Слика на страница 7]
Јеховините сведоци се борат со неписменоста така што учат десетици илјади луѓе да читаат и да пишуваат
[Слика на страница 8]
Библиската вистина помага да се искоренат расните, општествените и економските предрасуди