Нееднаквост — дали тоа било Божја намера?
Нееднаквост — дали тоа било Божја намера?
Одговорот со еден збор е не. Да видиме зошто.
БОГ имал намера сите луѓе да имаат еднакви можности да уживаат во живот и среќа. За создавањето на човекот читаме: „Потоа рече Бог: ‚Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите — над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!‘“ Откако завршил со земното творештво ‚видел Бог дека е многу добро сѐ она што го создал‘ (1. Мојсеева 1:26, 31).
Дали Бог може да ја прогласи денешната жалосна состојба на нееднаквост за нешто „многу добро“? Тешко, зашто „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). За него се вели дека „не гледа на лице [со никого не постапува пристрасно, NW]“ и дека „[совршена е неговата активност зашто, NW], сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит“ (5. Мојсеева 10:17; 32:4; спореди Јов 34:19). А апостол Петар заклучил: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице [не е пристрасен, NW]; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35).
Со оглед на тоа што Бог е полн со љубов, непристрасен, правичен, чесен и праведен, како можел да ги создаде луѓето со вродена нееднаквост што се однесува до нивното право да уживаат во среќа? Да дозволи дискриминација меѓу луѓето и да ги стави во еден систем на нееднаквост би било во директна спротивност со неговата личност. Тој имал намера сите да бидат „родени слободни и еднакви во поглед на достоинството и правата“. Сепак, денес работите очигледно не се такви. Зошто?
Коренот на нееднаквоста
Фактот што Бог ги создал луѓето да бидат еднакви не значи дека тој имал намера сите да бидат еднакви во секој поглед. Можеле да се разликуваат во талентите, интересите и личноста. Исто така, можеле да се разликуваат во однос на положбата или степенот на авторитет. На пример, мажот и жената не се еднакви во секој поглед, туку Бог ја создал жената „како дополнување“ (NW) на мажот (1. Мојсеева 2:18). Родителите и децата очигледно се разликуваат во однос на авторитетот. Меѓутоа, и покрај овие разлики, сите — мажи, жени и деца — требало да имаат, како право добиено од Бог, еднакви можности да ги задоволат основните барања за среќа. Сите требало да уживаат еднакво достоинство и положба пред Бог.
Слично на тоа, на Божјите духовни синови, кои биле создадени пред луѓето, им биле дадени различни доделби и одговорности (1. Мојсеева 3:24; 16:7—11; Исаија 6:6; Јуда 9). Сепак, во границите на она што им било дадено, сите можеле да уживаат во божествените подготовки за живот и среќа во еднаква мера. Со тоа ја одразувале Божјата непристрасност на еден прекрасен начин.
Но, за жал, едно духовно суштество не било задоволно од Божјето непристрасно уредување. Сакало повеќе од она што му го дал Бог и копнеело по една повисока, повозвишена положба. Потхранувајќи ја оваа погрешна желба, се поставило во позиција на соперништво на Јехова кој како Творец со право зазема положба на севкупна превласт. Овој бунтовнички духовен Божји син подоцна ги поттикнал луѓето да бараат од Бог повеќе од она што Тој им го дал (1. Мојсеева 3:1—6; спореди Исаија 14:12—14). На тој начин, изгледа дека Јеховината подготовка луѓето да уживаат во живот и среќа излегла од рамнотежа. Овој духовен бунтовник, кој во Откровение 20:2 е идентификуван како „ѓаволот и сатаната“, станал зол подбуцнувач на нееднаквост меѓу луѓето.
Дали работите некогаш ќе се променат?
Одговорот со еден збор е да!
Но, кој може да ги донесе посакуваните промени? Човечките водачи, од кои некои без сомнение многу искрено, со векови се бореле да го сторат тоа. Нивниот успех бил ограничен, што навело многу луѓе да дојдат до заклучок дека не е реалистично да се очекува проблемот со човечката нееднаквост некогаш да се реши. Меѓутоа, Божјето гледиште е запишано во Исаија 55:10, 11: „Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб на оној, кој јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Му е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“.
Колку е само утешително да се знае дека Јехова Бог јавно објавил дека ќе ја исполни својата првобитна намера на сите луѓе да им даде еднакви можности за живот и среќа! Како Бог на вистината, тој се обврзал да го исполни она што го ветил. За среќа, тој има и волја и моќ да го стори. Како ќе го постигне тоа?
Одговорот лежи во Царството за кое Исус Христос ги поучил сите свои следбеници да се молат: „Оче наш, Кој си на небесата . . . да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Да, Божјето Царство е средството кое Јехова ќе го употреби за да ги „победи и разруши сите царства [кои постојат сега], а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
Под владата на небесното Царство ќе настане едно ново човечко општество. Во врска со него, во последната библиска книга Откровение, апостол Јован напишал: „Видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе“ (Откровение 21:1). Ќе исчезнат сите одвратни аспекти на нееднаквоста — сиромаштијата, болеста, незнаењето, дискриминацијата и другите човечки беди. a
Повеќе од еден век, Јеховините сведоци го свртуваат вниманието на луѓето кон тоа Царство (Матеј 24:14). Со печатената страница и со лична помош, тие се напрегаат да им помогнат на луѓето да стекнат спознание за Божјата намера запишана во Библијата. Меѓутоа, нивното светско образовно дело не само што им дава на луѓето надеж за живот во еднаквост и среќа во иднината туку донесува користи токму сега така што ја зауздува чумата на нееднаквост. Да видиме како.
[Фуснота]
a За подетална дискусија за тоа како Божјето Царство наскоро ќе им донесе еднаквост на сите, те молиме види ги поглавјата 10 и 11 од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 5]
Бог имал намера сите луѓе да имаат еднакви можности за живот и среќа