Притисок од врсниците — може ли да ти користи?
Притисок од врсниците — може ли да ти користи?
Сите ние сме родени со основна желба да бидеме прифатени од врсниците. Никому не му е драго да не биде сакан, да биде отфрлен. Значи, до различен степен, врсниците имаат влијание врз нас.
ВРСНИК се дефинира како „некој кој има еднаква положба со друг . . . некој кој припаѓа на иста општествена група, ос[обено] на темел на возраста, класот или статусот“. Од своја страна, пак, притисокот од врсниците е сила која ја применуваат врз нас нашите врсници така што, свесно или несвесно, ние се повинуваме на нивниот начин на размислување или постапување. Обично на притисокот од врсниците се гледа во негативна светлина. Сепак, како што ќе видиме, можеме да го свртиме во наша корист.
Влијание врз сите старосни групи
Притисокот од врсниците не е ограничен само на младите; се однесува на сите старосни групи. Неговото влијание се гледа кога ќе се фатиме како си поставуваме прашања, како што се: „Другите го прават тоа, зошто не можам и јас?“, „Зошто секогаш мора да се разликувам?“, „Што ќе мислат или што ќе речат другите?“, „Сите мои пријатели имаат романтични врски и стапуваат во брак, а јас не. Зарем нешто не е в ред со мене?“
Иако притисокот за повинување влијае врз сите старосни групи во текот на адолесценцијата, тој има тенденција да се засили. The World Book Encyclopedia вели дека „повеќето адолесценти стануваат длабоко вовлечени во својата група врсници — т. е. во својот круг на пријатели и познаници. Овие тинејџери настојуваат да бидат одобрени од својата врсничка група, а не од родителите, и можат да го променат своето однесување за да го стекнат нивното одобрување“. Тинејџерите, додава таа, „претпоставуваат дека се развиваат нормално доколку се прифатени и сакани од своите врсници“. За таа цел, „се преокупираат со работи за кои мислат дека ќе влијаат врз нивната популарност како, на пример, стилот на облекување, способноста на предводење и успехот во романтичните врски“.
Брачните двојки можеби ќе увидат дека се под влијание на притисокот од врсниците во врска со одлуките за тоа каква куќа да купат или да изнајмат, каква кола да возат, дали да имаат деца или не, и за многу други работи — она што е прифатливо во нивната средина, меѓу нивните другари или етничка група. Некои семејства дури запаѓаат во длабоки долгови само за во материјален поглед да бидат на иста нога со соседите и врсниците. Да, нашите цели, размислувањето и нашите одлуки честопати се предаваат на едвај забележливата моќ на притисокот од врсниците. Со оглед на неговата моќ, дали можеме да се справиме со него на еден корисен начин, да ни помогне во правецот во кој сакаме да одиме? Навистина, можеме!
Искористи го здравото влијание од врсниците
Лекарите и другите здравствени стручњаци знаат колку е вредно нивните пациенти да бидат опкружени со позитивни луѓе и со други здрави влијанија. Таквата околина може да биде стимул за опоравување. На пример, на луѓето кои имаат изгубено рака или нога, честопати им се помага преку еден долг процес на физикална рехабилитација и емоционално опоравување со добриот пример и охрабрувањето од другите кои доживеале нешто слично. Јасно, внесувањето во здрава околина во која има оптимистични, позитивни примери за имитирање е еден начин како да се искористи исправниот вид притисок од врсниците.
Ова начело се покажува точно и во христијанското собрание, зашто позитивното влијание од врсниците е една од причините зошто Јехова му дал упатство на својот народ редовно да се собира заедно. Бог нѐ поттикнува да ‚се подбудуваме на љубов и добри дела и да се храбриме еден со друг‘ (Евреите 10:24, 25, NW). Таквото охрабрување е непроценливо поради многуте негативни и штетни притисоци во денешниот свет. Како резултат на овие притисоци, христијаните мораат ‚силно да се напрегаат‘ (NW) за да останат духовно јаки (Лука 13:24). Затоа, нам ни е потребна и ја цениме љубезната поддршка од соверниците. Освен тоа, некои веројатно ќе мора да поднесуваат ‚трња во телото‘, можеби болест или некој инвалидитет (2. Коринтјаните 12:7). Други можеби се борат да ги совладаат лошите навики или депресијата или, пак, можеби им е тешко да држат чекор со барањата на животот. Затоа, ќе бидеме мудри ако работиме на тоа да сме опкружени со луѓе кои остануваат близу до Јехова Бог и кои уживаат во неговата служба. Таквите врсници нѐ поткреваат и ни помагаат ‚да претрпиме верно до крај‘ (Матеј 24:13).
Значи, ако ги избереме вистинските врсници, тогаш можеме да го контролираме влијанието кое го вршат врз нас. Освен тоа, убавата духовна храна и практичното водство кое го добиваме на христијанските состаноци го засилуваат личното охрабрување што го добиваме од врсниците.
Секако, не е секогаш лесно да се оди на христијанските состаноци. Некои можеби добиваат мала или не добиваат никаква поддршка од брачните партнери, други можеби треба да ги подготват децата, а за трети, пак, можеби проблем е превозот. Но, размисли: Ако не дозволиш овие препреки да те спречат, тогаш твојот пример може да ги инспирира другите кои можеби се борат со слични околности. Со други зборови, ти и другите како тебе не само што сте пример туку и здрав облик на влијание на врсниците — и тоа без некаква присила.
Всушност, апостол Павле кој и самиот морал да се бори со многу тешкотии и препреки, ги охрабрил христијаните да го имитираат неговиот убав пример и примерот на другите зрели христијани. Тој рекол: „Подражавајте ме, браќа, мене и гледајте ги оние, што постапуваат според образецот, каков имате во нас (Филипјаните 3:17; 4:9). Раните христијани во Солун гледале на убавиот пример на Павле. За нив тој напишал: „И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки со радост го примивте словото од Светиот Дух, така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја“ (1. Солунјаните 1:6, 7). Нашиот позитивен став и пример можат да имаат сличен ефект врз оние со кои се дружиме.
Избегнувај негативни влијанија
Доколку сакаме да избегнуваме нездрав притисок од врсниците, мораме да се спротивставуваме на влијанието на оние ‚кои живеат по телото‘ (Римјаните 8:4, 5; 1. Јованово 2:15—17). Во спротивно, штетниот притисок од врсниците ќе нѐ одврати од Јехова и од неговиот мудар совет. Во Изреки 13:21 се вели: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“. Можеш ли да се сетиш на некој кој поминал лошо поради нездравиот притисок од врсниците? На пример, некои христијани биле наведени на материјализам, неморал или злоупотреба на дрога и алкохол поради влијанието од нивните врсници.
Дури и во христијанското собрание можеме да се најдеме под влијание на нездрав притисок од врсниците доколку за другари избереме духовно слаби поединци (1. Коринтјаните 15:33; 2. Солунјаните 3:14). Таквите лица честопати не се склони да дискутираат за духовни работи; можеби дури и им се исмејуваат на оние кои уживаат во таквите дискусии. Доколку за блиски другари избереме такви лица, притисокот од врсниците може да нѐ набие во сличен калап, и можеби наскоро нашето размислување и нашиот став ќе го одразуваат нивниот. Можеби дури и ќе почнеме негативно да размислуваме за оние кои се вистински во нивната вера и кои се обидуваат духовно да напредуваат (1. Тимотеј 4:15).
Колку само е помудро да негуваме пријателство со оние кои настојуваат да му угодат на Јехова, кои наоѓаат задоволство во духовните работи! Таквите другари ќе ни помогнат да ја одразуваме „мудроста, што иде одозгора“. Таа „е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови . . . нелицемерна“ (Јаков 3:17). Ова не значи дека духовно настроените луѓе не се способни да разговараат за ништо друго освен за духовни работи. Напротив! Само помисли на различните интересни теми кои се обработени во некои публикации на Watch Tower како што е списанието Разбудете се! Корисните теми за дискусија навистина немаат крај и ако покажеме интерес за широкиот спектар на теми, всушност одразуваме љубов кон животот и кон Јеховината ракотворба.
Исто како што добриот тенисер ќе ги подобрува своите вештини ако игра со други добри тенисери, така и вистинските другари нѐ издигнуваат умствено, емоционално и духовно. Од друга страна, пак, погрешните другари можат да нѐ одведат во еден правец на лицемерство така што ќе нѐ охрабрат да водиме двоен живот. Колку само е подобро да уживаме чиста совест и самопочит!
Некои извлекле корист
Повеќето луѓе увидуваат дека учењето на библиските доктрини и нејзините морални и духовни барања не е премногу тешко. Меѓутоа, она што може да биде тешко е применувањето на тие работи во пракса. Како што покажуваат следниве примери, здравото влијание од врсниците може да ни помогне да му служиме на Јехова со сета душа.
Еден Сведок, кој заедно со сопругата е во полновремена служба, рекол дека примерите на неговите врсници влијаеле врз неговите цели во животот. Додека растел, морал да трпи нездрави влијанија. Но, за свои пријатели ги избрал оние кои го храбреле да биде редовен во службата и на христијанските состаноци. Блискоста со тие другари му помогнала на патот до духовна зрелост.
Еден друг Сведок пишува: „Откако се земавме со сопругата, се преселивме во собрание каде што имаше еден пар, отприлика на наша возраст, кој беше во општа пионерска служба. Нивниот пример придонесе да стапиме во полновремена служба. Потоа, и ние работевме на тоа да изградиме
пионерски дух во собранието. Како резултат на тоа, многумина ни се придружија како пионери“.Дружењето со оние кои имаат теократски цели може да придонесе да ни биде полесно да му бидеме послушни на Јехова. Тоа е еден друг корисен ефект од здравото влијание на врсниците. Еден Сведок кој како младич започнал со полновремената служба и подоцна станал патувачки надгледник, сега служи во една од канцелариите на подружниците на Watch Tower Society. Тој пишува: „Некои од моите најрани и најдраги спомени од детството се поврзани со полновремените слуги кои доаѓаа во нашиот дом. На нашата трпезариска маса секогаш имаше место уште за еден стол. Кога имав десет години, еден покраински надгледник ми даде чанта за сведочење. До ден-денес длабоко ја ценам таа чанта“.
Размислувајќи за своите тинејџерски години, овој Сведок додава: „Многу младичи во собранието сакаа да се вклучат во собраниските активности, и нивниот пример нѐ подбуди нас останатите да го посакаме истото“. Примерните врсници му помогнале на овој младич да порасне во добар христијанин, како кога една фиданка израснува во добро дрво. Родители, дали ги каните во вашиот дом оние кои можат да имаат позитивно, изградувачко влијание врз вашите деца? (Малахија 3:16).
Секако, не можеме сите да учествуваме во полновремената служба како штотуку спомнатите поединци. Но, сите можеме да научиме да го љубиме Јехова ‚со сето свое срце, душа и разум‘ (Матеј 22:37). Нашиот избор на врсници игра главна улога во развивањето на таа љубов и, според тоа, на нашите изгледи за вечен живот.
Псалмистот дал едноставна, но делотворна формула за вистински успех во животот: „Блажен е оној човек, што не оди на совет безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници, па му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува; тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и во сѐ што прави, напредува“ (Псалм 1:1—3).
Каква прекрасна гаранција! Иако сме несовршени и правиме грешки, нашиот живот ќе биде успешен доколку дозволиме Јехова да нѐ води и доколку во потполност го искористиме тој резервоар кој го дал Бог, здравото влијание од врсниците — ‚нашите браќа по светот‘ (1. Петрово 5:9).
[Слика на страница 24]
Собранието нуди здрав облик на влијание од врсниците
[Слика на страница 25]
Родители, охрабрете ги своите деца да се мешаат со врсници кои ќе ги изградуваат