Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радо прифаќање на Јеховиното насочување

Радо прифаќање на Јеховиното насочување

Радо прифаќање на Јеховиното насочување

Раскажал Јулизис В. Глас

Беше тоа една извонредна прилика. Во класот кој дипломираше имаше само 127 студенти, но во публиката имаше 126.387 одушевени присутни кои беа од многу нации. Тоа беше промоцијата на 21 клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower што се одржа на 19 јули 1953 на Јенки стадионот во Њујорк Сити. Зошто тој настан ми беше толку значаен во животот? Да кажам неколку збора за заднината.

РОДЕН сум на 17 февруари 1912 во Винсенз (Индијана, САД), отприлика две години пред да се роди Месијанското царство кое е опишано во Откровение 12:1—5. Претходната година моите родители почнале да ја проучуваат Библијата, како и томовите од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Секоја недела наутро татко ми му читаше на семејството од една од тие книги, а потоа разговаравме за тоа.

Мајка ми го користеше она што го учеше како помош во обликувањето на размислувањето на нас децата. Таа беше многу мила личност — толку љубезна, толку спремна да помогне. Бевме четири деца, но љубовта на мајка ми се протегаше и на другите деца од соседството. Таа минуваше време со нас. Уживаше да ни кажува библиски приказни и да пее со нас.

Исто така, во нашиот дом покануваше различни луѓе кои беа во полновремена служба. Тие престојуваа кај нас само на ден или два, честопати држејќи состаноци и изнесувајќи говори во нашиот дом. Особено ги сакавме оние кои користеа илустрации и ни кажуваа приказни. Во една прилика, во 1919, речиси година дена откако заврши Првата светска војна, еден гостувачки брат ги упати своите коментари особено до нас децата. Тој дискутираше за посветување — она на кое ние сега поточно се осврнуваме како на предание — и ни помогна да разбереме како тоа влијае врз нашиот живот. Истата вечер подоцна, кога си легнав, му се помолив на мојот небесен Татко и му реков дека сакам да му служам засекогаш.

Меѓутоа, после 1922, други животни грижи почнаа да ја туркаат во заднина таа решеност. Се селевме од едно место на друго и немавме друштво со некое собрание на Јеховиниот народ. Татко ми беше отсутен поради тоа што работеше на железница. Нашето проучување на Библијата беше нередовно. Избрав некои школски курсеви со цел да станам рекламер во трговски маркетинг и правев планови да отидам на некој прочуен универзитет.

Го преиначувам средиштето во животот

Во средината на 1930-тите, светот повторно почна да се движи кон глобална војна. Живеевме во Кливленд (Охајо) кога на нашата врата дојде еден Јеховин сведок. Почнавме посериозно да размислуваме за она што го имавме учено како деца. Особено сериозно настроен беше мојот постар брат Расел и тој се крсти прв. Јас бев повеќе како некој залутан коњ, но на 3 февруари 1936, и јас се крстив. Моето ценење за тоа што вклучува преданието на Јехова растеше, и учев да го прифаќам Јеховиното насочување. Истата година се крстија и моите две сестри Кетрин и Гертруд. Сите стапивме во полновремена служба како пионери.

Меѓутоа, тоа не значеше дека никогаш не мислевме на нешто друго. Ги начулив ушите кога снаа ми ми кажа за една многу убава девојка по име Ен која „едноставно летала“ откако чула за вистината и која требаше да доаѓа на состаноците кои се одржуваа кај нас дома. Тоа време Ен работеше како секретарка во една правна канцеларија и во рок од една година се крсти. Не планирав да се женам, но беше очигледно дека Ен е 100 проценти за вистината. Сакаше целосно да се вклучи во Јеховината служба. Таа никогаш не беше личност која ќе речеше „Дали можам да го сторам тоа?“ Наместо тоа прашуваше: „Кој е најдобриот начин да почнам да го работам тоа?“ И беше одлучна да го сработи. Тоа позитивно гледиште ме привлече. Освен тоа, беше многу убава, каква што и сѐ уште е. Ми стана сопруга, а наскоро и партнер во пионерската служба.

Скапоцена обука како пионери

Додека бевме пионери ја научивме тајната како да бидеме задоволни и кога немаме резерви и кога имаме изобилство (Филипјаните 4:11—13). При крајот на еден ден, немавме ништо за јадење. Имавме само пет центи. Отидовме во една месарница, и прашав: „Можете ли да ни дадете салама за пет центи?“ Човекот нѐ погледна и потоа ни пресече четири резанки. Сигурен сум дека вредеа повеќе од пет центи, и тоа малку нѐ поткрепи.

Не беше необично да наидеме на жестоко противење додека ја извршувавме службата. Еднаш бевме во еден град во близината на Сиракуза (Њујорк), делејќи летоци на улица и носејќи плакати за да привлечеме внимание кон еден посебен состанок за јавност. Двајца крупни момци ме грабнаа и грубо постапуваа со мене. Едниот беше полициски службеник, но не носеше униформа, и го игнорираше моето барање да му ја видам значката. Токму тогаш наиде Грент Сјутер од бруклинскиот Бетел и ни рече да отидеме во полициската станица за да ја расчистиме работата. Потоа, се јави во канцеларијата на Заедницата во Бруклин, а Ен и јас добивме упатство уште еднаш истиот ден да излеземе со плакати и летоци за тоа да служи како пробна парница. Како што и се очекуваше, бевме уапсени. Меѓутоа, кога ѝ кажавме на полицијата дека ќе биде дадена на суд за неосновано лишување од слобода, нѐ пуштија.

Следниот ден, една банда сурови тинејџери го нападна местото каде што бевме собрани, на подбуцнување на еден свештеник, а полиција немаше никаде во близина. Разбојниците удираа со палки за бејзбол по дрвениот под, исфрлија неколку присутни од трибините и застанаа на подиумот каде што го држеа американското знаме и извикуваа: „Поздравете го! Поздравете го!“ Потоа, почнаа да ја пеат „Буре пиво полка“. Во целост го прекинаа состанокот. Тогаш од прва рака го доживеавме она на што мислел Исус кога рекол: „Бидејќи не сте [дел, NW] од светот, туку Јас ве избрав од светот — затоа светот и ве мрази“ (Јован 15:19).

Јавното предавање всушност беше снимка од едно предавање од Џ. Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society. Ен и јас останавме во тој град неколку дена и ги посетувавме луѓето за да им дадеме прилика да го чујат предавањето во своите домови. Неколкумина ја прифатија понудата.

Доброволно пријавување за служба во странство

Со текот на времето, се отворија нови гранки на службата. Брат ми Расел и неговата сопруга Дороти беа поканети како пар да присуствуваат на првиот клас на Гилеад школата во 1943, и потоа беа испратени како мисионери на Куба. Сестра ми Кетрин беше во четвртиот клас. И таа беше доделена на Куба. Подоцна доби нова доделба во Доминиканска Република а потоа во Порторико. А што стана со Ен и со мене?

Кога чувме за Гилеад школата и за тоа дека Заедницата сака да испрати мисионери во други земји, сакавме да се ставиме на располагање за служба во странство. Во почетокот, размислувавме да одиме на своја рака, можеби во Мексико. Но, потоа одлучивме дека веројатно ќе биде подобро да почекаме и да дозволиме Заедницата да нѐ додели откако ќе одиме на школата Гилеад. Сфативме дека тоа е една подготовка која ја користи Јехова.

Бевме поканети во четвртиот клас на Гилеад. Но, кратко пред да почне класот, Н. Х. Нор, кој во тоа време беше претседател на Watch Tower Society, подетално се запозна со ограничувањата што ги имаше Ен поради детската парализа од детството. Разговараше со мене за тоа и одлучи дека не би било мудро да нѐ испратат да служиме во друга земја.

Отприлика две години после тоа, кога работев околу подготовките за еден конгрес, повторно се видовме со брат Нор и тој ме праша дали сѐ уште сме заинтересирани да одиме на Гилеад. Ми рече дека нема да одиме на странска доделба; имаше на ум нешто друго. Затоа, кога беше запишуван деветтиот клас, на 26 февруари 1947, и ние бевме вклучени во студентското тело.

Тие денови поминати во Гилеад беа незаборавни. Курсевите беа духовно богати. Беа склопени доживотни пријателства. Но, мојата вклученост во школата продолжи и долго време после тоа.

Меѓу Вашингтон и Гилеад

Гилеад школата сѐ уште беше релативно нова. Владата на Соединетите Држави не беше доволно запозната со целите на школата, па затоа се покренаа многу прашања. Заедницата сакаше да има претставник во Вашингтон (Д. К.). Всушност, таму бевме испратени неколку месеци после дипломирањето на Гилеад. Јас требаше да помогнам околу обезбедувањето визи за оние кои беа поканети да дојдат на Гилеад од други земји и околу обезбедувањето законски документи за да можат дипломците да бидат испраќани во странство во мисионерското дело. Некои службеници беа многу справедливи и помагаа. Други имаа многу негативен став кон Сведоците. Неколкумина кои имаа остри политички гледишта тврдеа дека имаме врски со елементи кои ги сметаа за непожелни.

Еднаш отидов во канцеларијата на еден човек кој многу нѐ искритикува бидејќи не го поздравуваме знамето и не одиме во војна. Откако некое време ми држеше говор за тоа, на крај му реков: „Сакам да знаете, а Вие го знаете тоа, дека Јеховините сведоци не се вплеткани во некаква војна со никого во светот. Ние не се мешаме во работите на светот. Не се мешаме во нивните војни и во нивната политика. Сосема сме неутрални. Ние веќе ги победивме проблемите со кои вие се соочувате; ние имаме единство во нашата организација . . . И сега, што сакате да правиме? Сакате пак да постапуваме како вас и да се откажеме од нашето?“ После тоа, не рече ништо.

Цели два дена во седмицата ми беа одвоени за работа со владините служби. Освен тоа, служевме како специјални пионери. Во тоа време, тоа значеше да се поминат 175 саати месечно во службата на теренот (подоцна тоа се смени на 140 саати), така што честопати бевме излезени во служба сѐ до доцна навечер. Ни беше убаво. Водевме многу добри студии со цели семејства кои добро напредуваа. Ен и јас одлучивме да немаме деца, но во духовен поглед, ние имаме не само деца, туку и внуци и правнуци. Колкава радост се тие за нашите срца!

Подоцна, во 1948, добив уште една доделба. Брат Нор ми објасни дека брат Шродер, регистраторот и еден од инструкторите на Гилеад школата, ќе биде зафатен со друга важна работа, па затоа ме замоли да држам настава на часовите во Гилеад кога ќе има потреба. Додека срцето ми беше во петици, на 18 декември со Ен пак стигнавме во Гилеад во Саут Ленсинг (Њујорк). Во почетокот, во Гилеад одевме само на неколку седмици, а потоа се враќавме во Вашингтон. Меѓутоа, на крај, поминував повеќе време во Гилеад отколку во Вашингтон.

Токму во тој период, како што спомнав во почетокот, на Јенки стадионот во Њујорк дипломираше 21 клас на Гилеад. Како еден од инструкторите, имав предност да учествувам во програмата на таа промоција.

Служба во светската централа

На 12 февруари 1955 за нас почна една друга доделба на службата. Станавме членови на бетелската фамилија во светската централа на Јеховината видлива организација. Но, што вклучуваше тоа? Во основа, да бидеме спремни да работиме сѐ што ќе ни биде доделено, да учествуваме во проекти кои бараа соработка со другите. Секако, тоа го правевме и порано, но сега требаше да бидеме дел од една многу поголема група — централата на бетелската фамилија. Радо ја прифативме оваа нова доделба која беше доказ за Јеховиното насочување.

Главниот дел од мојата работа опфаќаше дејности во врска со средствата за јавно информирање. Поради желбата за сензационални приказни и поради добивањето информации од извори кои имаа предрасуди, печатот пишуваше некои злобни работи за Јеховините сведоци. Ние настојувавме да ја подобриме таа ситуација.

Брат Нор сакаше да биде сигурен дека сите сме изобилно вработени, па затоа имавме и други задачи. За некои од нив беше потребна мојата обука како рекламер во трговскиот маркетинг. Во другите задачи спаѓаше и радио-станицата на Заедницата WBBR. Имаше работа и во врска со кино-филмовите на Заедницата. Секако, теократската историја беше дел од курсот во Гилеад, но сега се преземаа различни проекти за поголемиот дел од Јеховиниот народ да се запознае со деталите од таа историја на современата теократска организација и тоа да се направи достапно и за јавноста. Еден друг аспект на обуката во Гилеад вклучуваше и јавно говорење, па затоа беше потребна работа за да може основите за јавното говорење да се направат достапни за браќата во собранијата. Значи, бевме изобилно вработени.

Гилеад на редовна основа

Во 1961, кога на видик се појави обучувањето на патувачките надгледници и персоналот на подружниците, Гилеад школата беше преселена во Бруклин, каде што се наоѓаа главните канцеларии на Watch Tower Society. Повторно се најдов во училницата — овојпат не како заменик инструктор, туку како редовен член на наставничкиот кадар. Каква предност! Цврсто сум убеден дека Гилеад школата е дар од Јехова, дар од кој извлекува корист целата негова видлива организација.

За класовите на Гилеад во Бруклин се појавија прилики кои не им беа познати на претходните класови. Имаше повеќе гостувачки предавачи, постоеше блиско дружење со Водечкото тело и широко пријателство со бетелската фамилија во централата. Исто така, беше возможно студентите да добијат обука за канцелариските процедури, за функционирањето на бетелските домови и за различните аспекти на работата во фабриката.

Во текот на годините бројот на студентите варираше, а така беше и со бројот на инструкторите. Неколкупати се смени и локацијата на школата. Сега таа се наоѓа во една прекрасна околина во Патерсон (Њујорк).

Работа со студентите

Поучувањето на овие класови беше голема радост! Имате млади луѓе кои не се заинтересирани да работат за стариот систем. Го оставаат зад себе семејството, пријателите, својот дом и луѓето кои зборуваат на нивниот јазик. Климата, храната — сѐ ќе биде поинаку. Дури не знаат ни во која земја ќе заминат, но, нивна цел е да бидат мисионери. Таквите луѓе не мора да ги мотивирате.

Секогаш кога влегував во училницата, целта ми беше да ги опуштам студентите. Никој не може добро да учи кога е напнат и вознемирен. Точно, јас бев инструктор, но знаев како е да се биде студент. Некогаш и јас седев во тие клупи. Секако, тие напорно проучуваа и многу учеа во Гилеад, но сакав и да уживаат.

Знаев дека кога ќе заминат на своите доделби, ќе им бидат потребни некои работи за да успеат. Потребна им е силна вера. Потребна им е понизност — и тоа многу. Треба да научат да се сложуваат со другите луѓе, да прифаќаат некои ситуации, спремно да простуваат. Потребно им е и понатаму да ги негуваат плодовите на духот. Исто така, треба да ги сакаат луѓето и работата за која се испратени. Тоа се работи кои постојано се обидував да им ги подвлечам на студентите додека беа во Гилеад.

Навистина не знам колку студенти сум учел. Но, знам какви чувства имам кон нив. Откако ќе поминевме заедно пет месеци во училницата, не можев а да не се приврзам за нив. Потоа, кога на денот на промоцијата ги гледав како чекорат на бината и ги добиваат своите дипломи, знаев дека успешно го завршиле курсот и дека наскоро ќе си заминат. Тоа е како да заминуваше дел од моето семејство. Како можеш да не ги сакаш тие луѓе кои се спремни да се даваат себеси и да ја вршат работата која овој млад народ го очекува?

Со години подоцна, кога доаѓаат на посета, ги слушам како раскажуваат за своите радости во службата, и знам дека сѐ уште се на своите доделби, работејќи го она за што се обучени. Какви чувства ми предизвикува тоа? Ви велам, тоа е едно прекрасно чувство.

Поглед кон иднината

Сега очите веќе ми се слаби, и ги доживувам фрустрациите кои доаѓаат со тоа. Повеќе не можам да поучувам во училницата на Гилеад. Во почетокот, тоа за мене беше тешко преиначување, но низ животот научив да ги прифаќам ситуациите и да живеам со нив. Честопати размислувам за апостол Павле и за неговиот ‚трн во телото‘. Павле трипати се молел за ослободување од таа мака, но Господ му рекол: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста“ (2. Коринтјаните 12:7—10). Павле продолжил да живее со тоа. Ако можел тој, треба да се обидам и јас. Иако повеќе не држам часови во класовите, благодарен сум што сѐ уште можам да гледам како студентите доаѓаат и си одат секој ден. Понекогаш можам да разговарам со нив, а размислувањето за убавиот дух што го покажуваат ми донесува радост во срцето.

Прекрасно е да се размислува за она што го носи иднината. Сега се положува темелот. Гилеад има истакнат удел во тоа. После големата неволја, кога ќе се отворат ‚книгите‘ на кои се укажува во Откровение 20:12, ќе има илјада години понатамошно интензивно образование за Јеховините патишта (Исаија 11:9). Но, ни тоа нема да биде крај. Всушност, тоа ќе биде само почеток. Низ сета вечност, ќе има многу да учиме за Јехова и многу да работиме додека гледаме како се разоткриваат неговите намери. Сосема сум уверен дека Јехова ќе ги исполни сите величествени ветувања што ги дал, и сакам да бидам таму за да учествувам во прифаќањето на Јеховините упатства за нас во тоа време.

[Слика на страница 26]

Промоцијата на Гилеад на Јенки стадионот во Њујорк во 1953 година

[Слика на страница 26]

Гертруд, јас, Кетрин и Расел

[Слика на страница 26]

Како работам со Н. Х. Нор (сосема лево) и со М. Џ. Хеншел во конгресната организација

[Слика на страница 26]

Во студиото од каде што се емитуваше WBBR

[Слика на страница 29]

Во училницата на Гилеад

[Слика на страница 31]

Со Ен, неодамна