Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сведоците во Франција излегуваат во јавноста

Сведоците во Франција излегуваат во јавноста

Објавителите на Царството известуваат

Сведоците во Франција излегуваат во јавноста

ПОЧНУВАЈЌИ од раните часови в петок, на 29 јануари 1999, и продолжувајќи за време на викендот, Јеховините сведоци во Франција, на улиците, а подоцна и од куќа до куќа, одушевено поделија 12 милиони примероци од еден трактат со наслов Народе на Франција, те мамат! Зошто една таква кампања?

Причината за кампањата беше изнесена на конференцијата за печат во Париз тоа петочно утро. Сведокот, кој беше претставник за печатот, објасни: „Она што денес сакаме да го сториме, е да се претставиме какви сме и да ги замолчиме клеветничките изјави кои се шират за нас. Спремни сме да прифатиме критика, но повеќе нема да ги слушаме лагите и коментарите кои ѝ нанесуваат штета на нашата репутација“.

Иако Јеховините сведоци се трета по ред најголема христијанска религија во Франција, многу деца Сведоци се навредувани и шиканирани на училиште. Некои возрасни ги изгубиле своите работни места и добиле закани поради својата религија. Неверојатно, дури и на верските прилози што ги добиваат, проценет им е данок од 60 проценти. Како кампањата излезе на крај со оваа дискриминација?

Трактатот изјавува: „250.000-те Јеховини сведоци и нивните придружници кои живеат во Франција ПРОТЕСТИРААТ против нечесниот начин на кој од 1995 година па наваму нивната христијанска религија, која во Франција постои од 1900 година, се става во ист кош со опасните секти . . . ПРОТЕСТИРААТ против постојаното шиканирање на кое се подложени“. Беа јавно разоткриени клеветничките обвиненија кои се упатени против Сведоците во Франција и лукавите начини на кои клеветниците настојуваат да создадат негативен публицитет. Трактатот завршува со зборовите: „Денес во Европа живеат повеќе од два милиона Јеховини сведоци и нивни придружници. Тие ги почитуваат законите на државите чии граѓани се, така што ги поддржуваат принципите на Евангелието. Народе на Франција, ова се факти. Наша должност е да ви ги изнесеме онакви какви што се!“

Брза, позитивна реакција

Првиот ден беа разделени милиони трактати. Само во Париз, над 7.000 Сведоци до пладнето им врачија на луѓето повеќе од 1,3 милиони трактати. Луѓето сигурно за првпат видоа толку многу Сведоци да делат трактати на улиците. Медиумите, вклучувајќи ги и националните и локалните весници и телевизии, поволно реагираа на оваа кампања за јавно информирање. Весникот Le Progrès de Lyon забележа: „Со оваа иницијатива . . . се изнесува на виделина едно недоразбирање околу еден збор. Во последниве десет години, зборот ‚секта‘ . . . поприми една изопачена, опасна и штетна конотација . . . Јеховините сведоци немаат опасна природа која би го дестабилизирала општеството“.

Оние кои ги познаваат Јеховините сведоци ја ценат нивната мирољубива природа и нивната длабока почит кон воспоставениот општествен поредок. Затоа, многу луѓе на улиците го изразија своето ценење и поддршка на десетиците илјади Сведоци кои зедоа учество во кампањата. Речиси веднаш беа добиени телефонски повици, факсови и писма од луѓе кои ја изразија својата благодарност за трактатот. Пред сѐ, на искрените им беше дадена прилика да ги слушнат фактите за Сведоците кои се спротивни на измислените и бесмислени забелешки, а на оние чии верувања беа оцрнети, им се даде можност да ги покажат своите чувства за она што им е многу драго.