Укажувај им чест на другите
Укажувај им чест на другите
„Преземајте водство во укажувањето чест еден на друг“ (РИМЈАНИТЕ 12:10, NW).
1, 2. а) Што мораме да практикуваме за да покажеме скромност на умот? б) Како Библијата честопати го користи зборот „чест“ и кому му е полесно да укажува чест?
НАШАТА претходна статија го нагласи следниов совет од Божјата реч: „Опашете се со скромност на умот еден спрема друг зашто Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5, NW). Еден начин да се опашеме со скромност на умот е да практикуваме укажување чест на другите.
2 Зборот „чест“ во Библијата честопати се користи за да ги покаже почитта, длабокото ценење и обѕирот кои треба да им ги укажуваме на другите. Ние им оддаваме чест на другите на тој начин што сме љубезни со нив, го почитуваме нивното достоинство, го сослушуваме нивното гледиште и сме спремни да ги задоволиме разумните барања што ни ги поставуваат. На оние кои се скромни во умот обично ова нема да им биде тешко. Меѓутоа, на оние кои се горди во срцето може да им биде тешко да укажуваат вистинска чест и може, наместо тоа, да се обидуваат да добијат услуги и користи со неискрено ласкање.
Јехова им оддава чест на луѓето
3, 4. Како Јехова му укажал чест на Авраам, и зошто?
3 Самиот Јехова дава пример во укажувањето чест. Тој ги создал луѓето со слободна волја и не ги третира само како роботи (1. Петрово 2:16). На пример, кога му рекол на Авраам дека Содом ќе биде уништен поради огромната злоба во него, Авраам прашал: „Сакаш ли да го уништиш и праведниот со неправедниот и ќе биде ли праведниот како неправедниот? Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе ги погубиш и нив, а да не му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него?“ Јехова одговорил дека ќе го поштеди градот ако има 50 праведници. Потоа, Авраам продолжил понизно да моли. Што ако таму има само 45? 40? 30? 20? 10? Јехова го уверил Авраам дека ако се најдат само десет праведници, нема да го уништи Содом (1. Мојсеева 18:20—33).
4 Јехова знаел дека во Содом немало ниту десет праведници, но сепак му оддал чест на Авраам така што го сослушал неговото гледиште и постапил кон него со почитување. Зошто? Бидејќи Авраам ‚положил вера во Јехова; и тоа му се вброило како праведност‘. Авраам бил наречен „Јеховин пријател“ (1. Мојсеева 15:6; Јаков 2:23, обата NW). Освен тоа, Јехова видел дека Авраам им оддава чест на другите. Кога меѓу неговите овчари и овчарите на неговиот внук Лот избил спор во врска со подрачјето, Авраам му оддал чест на Лот така што му рекол прв да избере кое место го сака. Лот ја избрал онаа земја која ја сметал за најквалитетна, а Авраам се преселил на друго место (1. Мојсеева 13:5—11).
5. Како Јехова му оддал чест на Лот?
5 На сличен начин, Јехова му оддал чест на праведниот Лот. Пред да биде уништен Содом, тој му рекол на Лот да бега во едно планинско подрачје. Меѓутоа, Лот рекол дека не сака да оди таму; претпочитал да остане во близината на Сихор, иако тој град се наоѓал во подрачјето кое требало да биде уништено. Јехова му рекол на Лот: „Еве, ќе те послушам [ќе покажам обѕир кон тебе и до овој степен, NW] и затоа нема да го уништам градот, за кој рече“. Јехова му укажал чест на верниот Лот на тој начин што го направил она за кое замолил тој (1. Мојсеева 19:15—22; 2. Петрово 2:6—9).
6. Како Јехова му оддал чест на Мојсеј?
6 Кога Јехова го вратил Мојсеј во Египет за да го изведе Својот народ од ропство и да разговара со фараонот да го пушти Неговиот народ да си оди, Мојсеј одговорил: „Извини Јехова, но јас не зборувам течно“ (NW). Јехова го уверил Мојсеј: „Ќе покажам дека јас сум со твојата уста и ќе те научам што треба да кажеш“ (NW). Но, Мојсеј сѐ уште се колебал. Тогаш, Јехова го уверил Мојсеј и организирал да го испрати со него брат му Арон како говорник (2. Мојсеева 4:10—16).
7. Зошто Јехова бил спремен да им оддаде чест на другите?
7 Во сите овие примери, Јехова ја покажал својата спремност да им оддаде чест на другите, особено на оние кои му служеле. Иако она кое тие го барале можеби се разликувало од Јеховината првобитна намера, сепак тој ги разгледал нивните барања и ги земал предвид сѐ додека тие не биле во спротивност со неговата намера.
Исус им оддавал чест на другите
8. Како Исус ѝ оддал чест на една жена која била многу болна?
8 Исус го имитирал Јехова во оддавањето чест на другите. Еднаш во едно мноштво се наоѓала жена која 12 години страдала од течење крв. Лекарите не можеле да ја излечат. Според Мозаитскиот закон, таа била сметана за церемонијално нечиста и не требало да биде таму. Но, таа отишла зад Исус, ја допрела неговата облека и била излечена. Исус не инсистирал на техничките детали од Законот и не ја карал за она што го сторила. Наместо тоа, знаејќи ги околностите, ѝ оддал чест со зборовите: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“ (Марко 5:25—34; 3. Мојсеева 15:25—27).
9. Како Исус ѝ оддал чест на една не-Еврејка?
9 Во една друга прилика, една Феничанка му рекла на Исус: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес“. Свесен дека е испратен кај израелската нација а не кај не-Евреите, Исус рекол: „Не е добро да се земе лебот од децата [на Израел] и да се фрли на кучињата [кученцата, NW; не-Евреите]“. Жената одговорила: „Но и кучињата [кученцата, NW] јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари“. Тогаш Исус ѝ одговорил: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ Нејзината ќерка била излечена. Исус ѝ оддал чест на оваа не-Еврејка поради нејзината вера. Дури и неговата употреба на изразот „кученца“ наместо да укажува на диви кучиња, ја омекнала работата и го покажала неговото сожалување (Матеј 15:21—28).
10. Каква силна лекција им дал Исус на своите ученици, и зошто им била потребна?
10 Исус продолжил да ги поучува своите ученици за потребата да бидат скромни во умот и да им оддаваат чест на другите, бидејќи сѐ уште го имале проблемот „прво јас“. Еднаш, после една нивна расправија, Исус ги прашал: „,Што размислувавте [За што се расправавте, NW] меѓу себе?‘ Тие молчеа, зашто . . . се препираа помеѓу себе, кој е поголем“ (Марко 9:33, 34). Дури и ноќта пред Исус да умре, ‚се јавила меѓу нив препирка [вжештен спор, NW] кој од нив да се смета за поголем‘ (Лука 22:24). Затоа, за време на пасхалниот оброк, Исус ‚истурил вода во сад за миење и почнал да им ги мие нозете на учениците‘. Колку само силна лекција! Исус бил Син Божји, прв веднаш после Јехова во целиот универзум. Сепак, на тој начин што им ги измил нозете, им дал на учениците една лекција за оддавањето чест. Тој рекол: „Ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13:5—15).
Павле укажувал чест
11, 12. Што научил Павле откако станал христијанин, и како тој ја применил таа лекција во врска со Филимон?
11 Имитирајќи го Христос, апостол Павле им укажувал чест на другите (1. Коринтјаните 11:1). Тој рекол: „Ни човечка слава не баравме . . . но при сето тоа ние бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца“ (1. Солунјаните 2:6, 7). Доилката се грижи за своите малечки. Откако Павле станал христијанин, научил да биде скромен во умот и им укажувал чест на сохристијаните така што нежно постапувал со нив. Притоа, ја почитувал и нивната слободна волја, како што се гледа од еден настан што се случил додека бил затвореник во Рим.
12 Еден побегнат роб по име Онисим го слушнал Павловото поучување. Станал христијанин, како и пријател на Павле. Сопственик на тој роб бил Филимон, исто така христијанин кој живеел во Мала Азија. Во едно писмо до Филимон, Павле напишал од колкава полза му е Онисим, велејќи: „Јас сакав да го задржам при мене“. Сепак, Павле му го вратил Онисим на Филимон, зашто напишал: „Без твоја согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна“. Павле не го искористил фактот што бил апостол, туку му оддал чест на Филимон така што не барал да го задржи Онисим во Рим. Освен тоа, Павле го поттикнал Филимон да му оддаде чест на Онисим и да постапува со него како „повеќе од роб, како возљубен брат“ (Филимон 13—16).
Укажување чест во наше време
13. Што ни кажува да правиме Римјаните 12:10?
13 Божјата реч советува: „Преземајте водство во укажувањето чест еден на друг“ (Римјаните 12:10, NW). Ова значи дека ние не треба да чекаме прво другите да ни укажат чест, туку треба да преземеме иницијатива. „Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот“ (1. Коринтјаните 10:24; 1. Петрово 3:8, 9). Значи, Јеховините слуги бараат прилики да им укажат чест на оние кои се во семејниот круг, на сохристијаните во собранието, па дури и на лица надвор од собранието.
14. Како си укажуваат чест сопругот и сопругата?
14 Библијата вели: „Глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот“ (1. Коринтјаните 11:3). Јехова го обврзува мажот да се однесува со сопругата како и Христос со собранието. Во 1. Петрово 3:7 (NW) на сопругот му е дадено упатство да ѝ оддаде на својата сопруга „чест како на послаб, женски сад“. Тоа може да го прави покажувајќи вистинска спремност да сослуша и земајќи ги предвид предлозите на својата сопруга (1. Мојсеева 21:12). Може да ѝ дозволи прва да избира кога не се работи за некое спорно прашање, исто така ѝ помага и љубезно постапува со неа. Од своја страна, пак, „жената треба да има длабоко почитување спрема својот маж“ (Ефесјаните 5:33, NW). Таа го слуша, не настојува секогаш да биде по нејзино, не го омаловажува ниту, пак, му приговара. Покажува скромност во умот така што не се обидува да доминира над својот сопруг, дури и кога на извесни подрачја има поголеми способности.
15. Како се покажува обѕир кон постарите, и како треба тие да реагираат?
15 Во рамките на собранието постојат лица кои особено заслужуваат чест, како што се постарите. „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец“ (3. Мојсеева 19:32). Ова е особено случај со оние кои верно му служат на Јехова многу години, бидејќи „староста е венец на славата, таа води по патот на правдата“ (Изреки 16:31). Надгледниците треба да дадат пример така што ќе им покажуваат должна почит на сохристијаните кои се постари од нив. Секако, и постарите треба да покажуваат став на почит кон помладите, особено кон оние кои ја имаат одговорноста на пастирење на стадото (1. Петрово 5:2, 3).
16. Како родителите и децата си оддаваат чест меѓу себе?
16 Младите треба да им оддаваат чест на своите родители: „Деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги татка си и мајка си!‘ — тоа е првата заповед со ветување, ‚за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата‘“. Родителите, пак, од своја страна, треба да им оддаваат чест на своите деца, зашто ним им е кажано да ‚не ги дразнат децата свои, туку да ги воспитуваат во науката и стравот Господов!‘ (Ефесјаните 6:1—4; 2. Мојсеева 20:12).
17. Кој е достоен за „двојна чест“?
17 Чест треба да им се укаже и на оние кои напорно работат додека му служат на собранието: „А презвитерите [постарите мажи, NW], што добро ја извршуваат својата претстојна служба, нека се удостојуваат со двојна почит [чест, NW]; а најмногу, пак, оние, кои се трудат во словото и во поуката“ (1. Тимотеј 5:17). Еден начин на кој можеме да им ја укажеме оваа чест е ако го правиме она што го пишува во Евреите 13:17 (NW): „Бидете им послушни на оние кои го преземаат водството меѓу вас и бидете подложни“.
18. Што треба да правиме во однос на оние кои се надвор од собранието?
18 Дали треба да им укажуваме чест на лица надвор од собранието? Да. На пример, поучени сме: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти“ (Римјаните 13:1). Тоа се световните владетели на кои Јехова им дозволува да спроведуваат власт сѐ додека не ги замени неговото Царство (Даниил 2:44). Значи, ние ‚даваме секому, што сме му должни: кому данок — данок; кому давачка — давачка; кому страв — страв; кому чест — чест‘ (Римјаните 13:7). Треба да ‚им оддаваме чест на сите видови мажи [или жени]‘ (1. Петрово 2:17, NW).
19. Како можеме да „им правиме добро“ и да им укажуваме чест на другите?
19 Иако е точно дека треба да им оддаваме чест дури и на лица надвор од собранието, забележи што нагласува Божјата реч: „Додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10). Секако, најдобриот начин на кој можеме „да им правиме добро“ на другите е да ги негуваме и задоволуваме нивните духовни потреби (Матеј 5:3, NW). Тоа можеме да го правиме ако внимаваме на потсетувањето на апостол Павле: „Дај сѐ од себе за да се претставиш како признат пред Бог, како работник кој нема од што да се срами и кој исправно управува со речта на вистината“. Кога тактично ја користиме секоја прилика за да дадеме сведоштво, ‚потполно извршувајќи ја својата служба‘, ние не само што правиме добро кон сите туку им укажуваме и чест (2. Тимотеј 2:15; 4:5, обата NW).
Оддавање чест на Јехова
20. Што се случило со фараонот и со неговите војски, и зошто?
20 Јехова им оддава чест на своите творби. Тогаш разумно е дека и ние, од своја страна, треба да му оддадеме чест нему (Изреки 3:9, NW; Откровение 4:11). Исто така, Јеховината реч вели: „На оние кои ми оддаваат чест и јас ќе им оддавам, а оние кои ме презираат, малку ќе вредат“ (1. Царства 2:30, NW). Кога на египетскиот фараон му било речено да го пушти Божјиот народ, тој арогантно одговорил: „Кој е [Јехова, NW], за да Го послушам гласот Негов?“ (2. Мојсеева 5:2). Кога фараонот ги испратил своите војски да ги уништат Израелците, Јехова ги разделил водите на Црвеното Море заради Израелците. Но, кога Египќаните тргнале по нив, Јехова предизвикал водите да се вратат. „Колите Фараонови и војската негова [Јехова] ги фрли в море“ (2. Мојсеева 14:26—28; 15:4). Значи, фараоновото горделиво одбивање да му оддаде чест на Јехова водело до негов катастрофален крај (Псалм 135:15).
21. Зошто Јехова бил против Валтазар, и што произлегло од тоа?
21 Вавилонскиот цар Валтазар одбил да му оддаде чест на Јехова. За време на една веселба кога бил во пијана состојба, тој му се исмејувал на Јехова така што пиел вино од светите златни и сребрени садови кои биле земени од ерусалимскиот храм. И додека го правел тоа, ги фалел своите пагански богови. Но, Јеховиниот слуга Даниил му рекол: „А ти сине негов, Валтазаре, не го смири [понизи, NW] срцето свое . . . Туку се возгордеа“. Истата ноќ Валтазар бил убиен, а царството му било одземено (Даниил 5:22—31).
22. а) Зошто дошол Јеховиниот гнев врз израелските водачи и врз нивниот народ? б) Кон кого Јехова покажал наклоност, и со каков резултат?
22 Во првиот век н. е. цар Ирод имал едно обраќање до јавноста, и луѓето извикале: „Ова е глас Божји, а не човечки“. Суетниот цар не го порекнал тоа, туку сакал слава. Тогаш, ‚бил поразен од ангел Господов, зашто не Му оддал слава на Бога‘ (Дела 12:21—23). Ирод си оддал чест самиот себеси, а не на Јехова, и бил усмртен. Верските водачи од тоа време не му оддале чест на Бог, така што сковале завера да го убијат неговиот Син Исус. Некои владетели знаеле дека Исус поучува за вистината, но не го следеле ‚зашто им била помила човечката слава, отколку славата Божја‘ (Јован 11:47—53; 12:42, 43). Нацијата во целина не му оддала чест на Јехова, ниту на неговиот помазан Претставник Исус. Како резултат на тоа, Јехова престанал да им оддава чест, оставајќи ги нив и нивниот храм да бидат уништени. Но, ги сочувал во живот оние кои му оддавале чест нему и на неговиот Син (Матеј 23:38; Лука 21:20—22).
23. Што мора да правиме за да живееме во Божјиот нов свет? (Псалм 36:9—11; Матеј 5:5).
23 Сите кои сакаат да живеат во Божјиот нов свет, откако ќе биде уништен сегашниов систем, мора да му оддаваат чест на Бог и на неговиот Син, Христос Исус, и да му бидат послушни (Јован 5:22, 23; Филипјаните 2:9—11). Оние кои не оддаваат таква чест „ќе бидат истребени од земјата“. Од друга страна, пак, праведните кои им укажуваат чест и им се послушни на Бог и на Христос „ќе живеат на земјата“ (Изреки 2:21, 22).
Како повторување
◻ Што значи да им се оддава чест на другите, и како Јехова го правел тоа?
◻ Како Исус и Павле им оддавале чест на другите?
◻ Кој сѐ заслужува чест во наше време?
◻ Зошто мора да им оддаваме чест на Јехова и на Исус?
[Прашања]
[Слика на страница 17]
Јехова му оддал чест на Авраам така што ја зел предвид неговата молба
[Слика на страница 18]
Во успешните бракови, сопругот и сопругата си оддаваат меѓусебна чест