Јехова го подготвува патот
Јехова го подготвува патот
„И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството“ (МАТЕЈ 24:14).
1. Што е постигнато со делото на проповедање како во првиот така и во 20 век?
БИДЕЈЌИ Јехова е Бог на љубовта, негова волја е „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, NW). Ова изискувало една меѓународна кампања на проповедање и поучување. Во првиот век, ова проповедање го направило христијанското собрание „столб и тврдина на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). После тоа настапил еден долг период на отпадништво во кој светлото на вистината било заматено. Во поново доба, во текот на „времето на крајот“, „вистинското спознание“ повторно станало изобилно, донесувајќи им ја на милиони луѓе библиски темелената надеж за вечно спасение (Даниил 12:4, NW).
2. Што сторил Јехова во врска со проповедничката активност?
2 И покрај непопустливите напори на Сатана да ја осуети Божјата намера, проповедничката активност и во првиот и во 20 век наишла на зачудувачки успех. Тоа потсетува на пророштвото на Исаија. Во врска со враќањето на еврејските изгнаници во Јуда во шестиот век пр. н. е., Исаија напишал: „Секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети“ (Исаија 40:4). Исто така, Јехова го подготвил и го израмнил патот за големите проповеднички кампањи и во првиот и во 20 век.
3. На кои начини Јехова може да ги оствари своите намери?
3 Ова не значи дека Јехова директно влијаел врз секој тек на Земјата за да го унапредува проповедањето на добрата вест; ниту, пак, значи дека Јехова го применил своето предвидување за да дознае во прецизни детали што сѐ ќе се случи. Секако, тој може да ги предвиди и да ги обликува идните настани (Исаија 46:9—11). Но, тој може и да реагира на тековите додека тие се одвиваат. Слично на еден искусен пастир кој знае како да го насочи и како да го заштити своето стадо, така и Јехова го води својот народ. Тој го води кон спасение, штитејќи ја неговата духовност и поттикнувајќи го да ги искористи ситуациите и тековите кои го унапредуваат успешното проповедање на добрата вест ширум светот (Псалм 22:1—4).
Тешка задача
4, 5. Зошто проповедањето на добрата вест е една предизвикувачка задача?
4 Како што било градењето на арката во времето на Ное, и делото на проповедање на Царството е еден огромен проект — како во првиот век така и во денешно време. Задачата да се достигнат сите луѓе со каква и да е порака е доста тешка, но оваа задача била особено предизвикувачка. Во првиот век, учениците биле релативно малку на број. Нивниот Водач, Исус, бил погубен како наводен бунтовник. Еврејската религија била добро утврдена. Во Ерусалим стоел еден величествен храм. Нееврејските религии во подрачјето на Медитеранот биле исто така добро утврдени, со храмови и свештенства. На сличен начин, кога почнало „времето на крајот“ (NW) во 1914, помазаните христијани биле малку на број, а имало многу приврзаници на другите религии кои тврделе дека му служат на Бог (Даниил 12:9).
5 Исус ги предупредил своите следбеници дека ќе бидат прогонувани. Тој рекол: „Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“ (Матеј 24:9). Освен тие проблеми, особено во „последните денови“, христијаните ќе се најдат среде „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1, NW). Големината на делото, сигурното прогонство и тешкотијата на времињата го прават делото на проповедање предизвикувачко и тешко. Потребна е голема вера.
6. Каква гаранција за успех му дал Јехова на својот народ?
6 Иако Јехова знаел дека ќе има тешкотии, тој знаел и дека ништо нема да го запре делото. Успехот бил претскажан во едно добро познато пророштво кое имало значително исполнување и во првиот и во 20 век: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24:14).
7. Колку била опсежна проповедничката активност во првиот век?
7 Исполнети со вера и свет дух, Божјите слуги во првиот век продолжиле напред со извршувањето на својот налог. Бидејќи Јехова докажал дека е со нив, тие постигнале многу поголем успех од оној што можеби го очекувале. До времето кога им пишал на колосјаните, околу 27 години после смртта на Исус, Павле можел да каже дека добрата вест била ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). На сличен начин, на крајот од 20 век добрата вест се проповеда во 233 земји.
8. Под какви околности многумина ја прифатиле добрата вест? Наведи некои примери.
8 Во изминативе децении, милиони луѓе ја прифатиле добрата вест. Многумина го сториле тоа под неповолни околности — во периоди на војна, забрана и силно прогонство. Тоа било случај и во првиот век. Во една прилика Павле и Сила биле брутално истепани со стапови и фрлени в затвор. Каква само навидум безнадежна ситуација за правење ученици! Сепак, Јехова ја искористил таа ситуација за да го стори токму тоа. Павле и Сила биле ослободени, а чуварот и неговото семејство станале верници (Дела 16:9—33). Таквите искуства покажуваат дека добрата вест не може да биде замолкната од оние кои ѝ се противат (Исаија 54:17). Сепак, историјата на христијанството не била историја на непопустлива неволја и прогонство. Да се сосредоточиме сега на некои поволни текови кои помогнале да се израмни патот за успешно проповедање на добрата вест како во првиот така и во 20 век.
Религиозен амбиент
9, 10. На кој начин Јехова предизвикал исчекување за проповедањето на добрата вест во првиот и во 20 век?
9 Разгледај го темпирањето на глобалните проповеднички кампањи. Што се однесува до сцената во првиот век, пророштвото за 70-те годишни седмици кое се наоѓа во Даниил 9:24—27 точно ја одредило годината кога требало да се појави Месијата — 29 н. е. Иако Евреите од првиот век не го разбирале точното темпирање на работите, сепак, биле во исчекување на Месијата (Лука 3:15). Францускиот Manuel Biblique наведува: „Луѓето знаеле дека седумдесетте годишни седмици кои ги одредил Даниел привршувале; никој не бил изненаден кога чул како Јован Крстител објавува дека се приближило царството Божје“.
10 А што е со сцената во нашево време? Па, еден величествен настан бил Исусовото востоличување на небото, со што бил одбележан почетокот на неговата присутност во моќта на Царството. Библиските пророштва покажуваат дека тоа се случило во 1914 година (Даниил 4:10—14). Исчекувањето на овој настан навело и некои религиозни луѓе во нашево време да бидат исполнети со очекување. Очекувањето било видливо и кај искрените Библиски студенти кои во 1879 почнале да го издаваат ова списание како Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence (Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност). На тој начин, и во првиот век и во нашево време, религиозните очекувања го подготвиле амбиентот за проповедање на добрата вест. a
11. Какви религиозни темели биле положени со проповедањето на добрата вест?
11 Друг фактор кој помогнал во делото на христијаните во обете ери било тоа што многу луѓе биле запознати со Светото писмо. Во првиот век, еврејските заедници биле распрснати низ околните нееврејски нации. Тие заедници имале синагоги каде што луѓето редовно се состанувале за да слушат додека се чита Писмото и се дискутира за него. На тој начин, раните христијани можеле да градат врз религиозното спознание кое луѓето веќе го имале (Дела 8:28—36; 17:1, 2). Во почетокот на нашата ера, Јеховиниот народ се радувал на сличен амбиент во многу земји. Библијата била нашироко достапна во подрачјето на христијанскиот свет, особено во протестантските земји. Таа се читала во многу цркви; милиони поседувале свој примерок. Библијата веќе била во рацете на луѓето, но им била потребна помош да го разберат она што го поседувале.
Користи од законот
12. Како римскиот закон обично претставувал заштита во првиот век?
12 Христијанското проповедање честопати имало корист од владиниот закон. Римската Империја доминирала со светот од првиот век; а нејзините пишани закони имале длабоко влијание врз секојдневниот живот. Овие закони претставувале заштита, и раните христијани имале корист од нив. На пример, тоа што Павле апелирал на римскиот закон водело до негово ослободување од затвор и го спасило од бичување (Дела 16:37—39; 22:25, 29). Алудирањето на подготовката на римскиот законодавен систем помогнало да се смири една разбеснета толпа во Ефес (Дела 19:35—40). Еднаш Павле се спасил од насилство во Ерусалим бидејќи бил римски граѓанин (Дела 23:27). Подоцна, римскиот закон му дозволил законски да ја брани својата вера пред цезарот (Дела 25:11). Иако неколкумина цезари владееле како тирани, сепак, законите во првиот век обично дозволувале ‚бранење и законско утврдување на добрата вест‘ (Филипјаните 1:7, NW).
13. На кој начин делото на проповедање во нашево време честопати имало корист од законот?
13 Истото е случај и во многу земји денес. Иако има луѓе кои ‚измислуваат неволја преку законот‘, сепак, во пишаните закони повеќето земји слободата на религија ја сметаат за основно право (Псалм 94:20, NW). Признавајќи дека Јеховините сведоци не претставуваат закана за општествениот поредок, многу влади ни дадоа законско признание. Во Соединетите Држави, каде што се врши голем дел од печатењето на Сведоците, постоечките закони овозможуваат списанието Стражарска кула континуирано да се печати веќе 120 години и да се чита низ целиот свет.
Периоди на мир и толеранција
14, 15. Како релативната стабилност на општеството била од корист за проповедничката активност во првиот век?
14 Проповедничката активност имала корист и од периодите на релативен мир. Иако Исус точно претскажал дека во времињата за кои станува збор „ќе се дигне народ против народ“, сепак, имало и интервали на стабилност кои овозможиле засилено проповедање на Царството (Матеј 24:7). Христијаните од првиот век живееле под Пакс Романа, односно Римски мир. Еден историчар напишал: „Рим ги имал толку целосно подјармено народите од медитеранскиот свет што со тоа за нив завршиле долгите години на речиси постојана војна“. Оваа стабилност го отворила патот раните христијани да патуваат низ римскиот свет во релативна сигурност.
15 Римската Империја настојувала да ги обедини луѓето под својата силна рака. Оваа политика ги унапредувала не само патувањата, толеранцијата и размената на идеи, туку и концептот за меѓународно братство. Книгата On the Road to Civilization (На патот кон цивилизацијата) вели: „Единството на [Римската] Империја го направила теренот [за христијанско проповедање] поволен. Националните бариери биле скршени. Римскиот граѓанин бил граѓанин на светот . . . Освен тоа, во држава каде била развиена идејата за универзално граѓанство можела да се разбере една религија која поучувала за човечкото братство“. (Спореди Дела 10:34, 35; 1. Петрово 2:17.)
16, 17. Што ги мотивирало напорите да се унапредува мир во наше време, и до кој заклучок дошле многу луѓе?
16 А како е во нашево време? Овој 20 век ги доживеал најразорните војни во историјата, а во некои земји продолжуваат да беснеат регионалните војни (Откровение 6:4). Сепак, имало и периоди на релативен мир. Големите светски сили не се бореле меѓу себе во сеопшта војна повеќе од 50 години. Оваа ситуација многу помогнала во проповедањето на добрата вест во тие земји.
17 Ужасите на војните од 20 век навеле многу луѓе да ја увидат потребата од една светска влада. Стравот од светска војна водел до формирање на Лигата на народите и на Обединетите нации (Откровение 13:14). Обете организации објавувале дека нивна цел е унапредување на меѓународна соработка и мир. Луѓето кои чувствуваат таква потреба честопати поволно реагираат на добрата вест за светска влада која ќе донесе вистински и траен мир — Божјето Царство.
18. Кој став кон религијата помогнал во делото на проповедање?
18 Иако христијаните понекогаш биле свирепо прогонувани, сепак, и во првиот и во 20 век доживеале периоди на религиозна толеранција (Јован 15:20; Дела 9:31). Римјаните слободно ги усвоиле боговите и божиците на луѓето кои ги победиле и се приспособиле кон нив. Професор Родни Старк напишал: „Во многу погледи Рим дал поголем степен на религиозна слобода од оној што повторно бил доживеан дури после американската револуција“. Во денешно време, луѓето од многу земји станаа поотворени за други гледишта, а резултатот од тоа е што се спремни да ја слушаат пораката која им ја носат Јеховините сведоци.
Улогата на технологијата
19. Како раните христијани го искористиле кодексот?
19 На крај, размисли за тоа како Јехова му овозможил на својот народ да има корист од технолошкиот напредок. Иако раните христијани не живееле во ера на рапиден технолошки напредок, еден развој што тие го искористиле бил кодексот, односно еден вид книга со страници. Кодексот го заменил свитокот кој бил тежок за ракување. Книгата The Birth of the Codex (Раѓањето на кодексот) вели: „За разлика од бавниот и постепен процес преку кој кодексот го отстранил свитокот од световната литература, се чини дека христијанското усвојување на кодексот било моментално и универзално“. Овој прирачник исто така вели: „Христијанската употреба на кодексот во вториот век е толку универзална што неговото воведување мора да датира доста време пред 100 А. Д.“ Кодексот бил полесен за користење отколку свитокот. Стиховите можеле побрзо да се пронајдат. Ова сигурно им помогнало на раните христијани кои, како и Павле, не само што го објаснувале Писмото, туку и ги ‚докажувале преку укажувања‘ (NW) работите за кои поучувале (Дела 17:2, 3).
20. Како Божјиот народ ја искористил современата технологија во глобалната проповедничка активност, и зошто?
20 Технолошкиот напредок во нашиов век е зачудувачки. Машините за брзо печатење помогнале да се овозможи симултано издавање на библиска литература на голем број јазици. Современата технологија го забрза преведувањето на Библијата. Камионите, возовите, бродовите и авионите овозможуваат брз превоз на библиска литература низ целата Земја. Телефоните и факсовите ја направиле моменталната комуникација реалност. Преку својот дух, Јехова ги поттикнал своите слуги практично да ја искористат таа технологија за да го унапредуваат ширењето на добрата вест ширум светот. Тие не ги користат ваквите текови од желба да го дознаат и да го искористат она што е најново во светот. Напротив, нивни интерес пред сѐ е она што ќе им помогне најделотворно да го спроведат својот налог да проповедаат.
21. Во што можеме да бидеме сигурни?
21 „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“, претскажал Исус (Матеј 24:14). Токму како што раните христијани доживеале исполнување на тоа пророштво, и ние денес го доживуваме во огромни размери. И покрај големината и тешкотијата на делото, во поволни и неповолни времиња, среде променливи закони и ставови, во војна и во мир, и среде секаков технолошки напредок, добрата вест се проповедала и се проповеда. Зарем ова не те исполнува со стравопочит кон Јеховината мудрост и збунувачка далековидност? Можеме да бидеме апсолутно сигурни дека делото на проповедање ќе заврши во склад со Јеховиниот временски распоред и дека неговата намера полна со љубов ќе биде остварена за благослов на праведните. Тие ќе ја наследат Земјата и ќе живеат на неа засекогаш (Псалм 36:29; Авакум 2:3). Доколку го ускладиме својот живот со Јеховината намера, ќе бидеме меѓу нив (1. Тимотеј 4:16).
[Фуснота]
a За подетално објаснување за овие две месијански пророштва, види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, на страници 36, 97 и 98—107, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Точки за повторување
◻ Зошто проповедањето на добрата вест е една предизвикувачка задача?
◻ На кои начини делото на христијаните имало корист од владините подготовки и од релативната стабилност на општеството?
◻ За кои идни текови ни даваат гаранција Јеховините благослови врз делото на проповедање?
[Прашања]