Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Грчката филозофија — дали го збогатила христијанството?

Грчката филозофија — дали го збогатила христијанството?

Грчката филозофија — дали го збогатила христијанството?

„Христијанството, иако било непријателски настроено кон паганската грчка и римска култура, всушност впило многу од класичната филозофија“ — (The Encyclopedia Americana).

МЕЃУ оние кои имале пресудно влијание врз „христијанската“ мисла, неоспорна положба зазема „свети“ Августин. Според The New Encyclopædia Britannica, Августиновиот „ум предизвикал една ситуација која била пресвртница, придонесувајќи религијата на Новиот завет најпотполно да се спои со платонската традиција на грчката филозофија; а тој ум бил и средството со кое производот на ова спојување бил пренесен во христијанскиот свет на средновековниот римокатолицизам и на ренесансниот протестантизам“.

Наследството од Августин е навистина трајно. Зборувајќи за степенот до кој грчката филозофија влијаела врз христијанскиот свет, Даглас Т. Халден рекол: „Христијанската теологија толку се споила со грчката филозофија што воспитала поединци кои се мешавина од девет делови на грчката мисла со еден дел на христијанската мисла“.

Некои изучувачи се цврсто уверени дека таквото филозофско влијание го подобрило христијанството уште во неговиот зародиш, дека го збогатило неговото учење и го направило поубедливо. Дали било така? Како и кога вршела влијание грчката филозофија? Дали таа, всушност, го збогатила или го загадила христијанството?

Просветлувачки е да се проследат неколку текови во периодот од третиот век пр. н. е. до петтиот век н. е. со испитување на четири необични термини: 1) „хеленизиран јудаизам“; 2) „христијанизиран хеленизам“, 3) „хеленизирано христијанство“ и 4) „христијанска филозофија“.

„Хеленизиран јудаизам“

Првиот, ‚хеленизираниот јудаизам‘, е навистина една противречност. Првобитната религија на Евреите, која ја воспоставил вистинскиот Бог, Јехова, не требало да биде загадена со идеи од лажната религија (5. Мојсеева 12:32; Изреки 30:5, 6). Меѓутоа, уште во почетокот, чистотата на обожавањето се нашла под закана од расипување од лажните религиозни практики и од размислувањето кое ја опкружувало — како на пример, влијанието од египетски, ханански и вавилонски извори. За жал, Израел дозволил неговото вистинско обожавање во голема мера да се расипе (Судии 2:11—13).

Со векови подоцна, кога древна Палестина станала дел од Грчката Империја под Александар Велики, во четвртиот век пр. н. е., оваа расипаност достигнала нов врв и оставила зад себе едно трајно и нагризувачко наследство. Александар ги регрутирал Евреите во својата војска. Контактите меѓу Евреите и нивниот нов освојувач извршиле длабоко влијание врз нивното религиозно размислување. Во јудаистичкото образование продрела хеленистичката мисла. Се претпоставува дека првосвештеникот Јасон основал грчка академија во Ерусалим во 175 пр. н. е. за да го унапредува проучувањето на Хомер.

Интересно е тоа што еден Самарјанин, кој пишувал во втората половина на вториот век пр. н. е., сакал да ја презентира библиската историја како хеленизирана историографија. Апокрифните еврејски книги, како што се Јудита и Товит, всушност алудирале на грчките еротски легенди. Се појавиле извесен број еврејски филозофи кои се обидувале да ја доведат во склад грчката мисла со еврејската религија и со Библијата.

Најзаслужна личност во тој поглед е Фило, Евреин од првиот век н. е. Тој ги присвоил доктрините на Платон (четврти век пр. н. е.), на Питагоровците и на стоиците. Евреите се нашле под длабоко влијание на гледиштата на Фило. Резимирајќи го ова интелектуално навлегување на грчката мисла во еврејската култура, еврејскиот автор Макс Димонт вели: „Збогатени со платонската мисла, Аристотеловата логика и Еуклидовата наука, еврејските изучувачи ѝ пристапиле на Тората со нови алатки . . . Започнале да му придодаваат грчки разум на еврејското откровение“.

Со текот на времето, Римјаните ја презеле Грчката Империја, а на тој начин и Ерусалим. Тоа го отворило патот за уште позначајни промени. До третиот век н. е., филозофските и религиозните доктрини на мислителите, кои настојувале да ги развијат и синтетизираат идеите на Платон, го добиле својот конечен облик кој денес со еден збор е познат како неоплатонизам. Оваа школа на мислење сигурно имала длабоко влијание врз отпадничкото христијанство.

„Христијанизиран хеленизам“

Во текот на првите пет векови од нашата ера, некои интелектуалци сакале да покажат дека постои врска меѓу грчката филозофија и откриената библиска вистина. Книгата A History of Christianity (Историја на христијанството) вели: „Христијанските метафизичари ги прикажувале Грците во децениите пред Христос како смело, но слепо, се борат кон спознание за Бог, обидувајќи се, така да се каже, од ништо да го измислат Исус, да смислат христијанство во своите кутри пагански глави“.

Плотин (205—270 н. е.), претходник на тие мислители, развил еден систем кој се темелел главно на Платоновата теорија на идеи. Плотин го вовел концептот за душа одвоена од телото. Професор Е. В. Хопкинс за Плотин рекол: „Неговата теологија . . . имала значително влијание врз предводниците на христијанското мислење“.

„Хеленизирано христијанство“ и „христијанска филозофија“

Почнувајќи од вториот век н. е., „христијанските“ мислители вложиле решителен напор да ги достигнат паганските интелектуалци. И покрај јасното предупредување на апостол Павле против „празните говори кои го прекршуваат она што е свето“ и „противречностите на лажно нареченото ‚спознание‘“, таквите учители вметнале во своите учења филозофски елементи од околната хеленистичка култура (1. Тимотеј 6:20NW). Се чини дека примерот на Фило укажувал дека било возможно да се усогласи Библијата со платонските идеи. (Спореди 2. Петрово 1:16.)

Се разбира, вистинската жртва била библиската вистина. „Христијанските“ учители се обиделе да покажат дека христијанството било во склад со грчко-римскиот хуманизам. Клемент од Александрија и Ориген (вториот и третиот век н. е.) го направиле неоплатонизмот темел на она што станало „христијанска филозофија“. Амброз (339—397 н. е.), бискуп од Милано, „го усвоил најсовременото грчко учење, како христијанското така и паганското — особено делата . . . на паганскиот неоплатонист Плотин“. Тој се обидел на образованите Латини да им обезбеди класична верзија на христијанство. Августин го следел неговиот пример.

После еден век, Дионисиј Ареопагит (наречен и псевдо-Дионисиј), веројатно сириски калуѓер, се обидел да ја обедини неоплатонската филозофија со „христијанската“ теологија. Според една енциклопедија, неговите „записи вовеле еден јасен неоплатонистички тренд во голем дел од средновековната христијанска доктрина и духовност . . . кој донел различни аспекти на нејзиниот религиозен и побожен карактер сѐ до ден-денес“. Каков само очигледен презир на предупредувањето што го дал апостол Павле за ‚философијата и празната измама според човечкото предание‘ (Колосјаните 2:8).

Расипувачки загадувачи

Забележано е дека „христијанските платонисти му давале првенство на откровението и ја сметале платонистичката филозофија за најдостапен инструмент за разбирање и одбрана на учењата на Писмото и црковната традиција“.

Самиот Платон бил уверен дека постои бесмртна душа. Значајно е тоа што едно од најистакнатите лажни учења кои се вовлекле во „христијанската“ теологија е учењето за бесмртност на душата. Прифаќањето на ова учење не може никако да се оправда врз основата дека тоа го направило христијанството попривлечно за масите. Кога проповедал во Атина, во самото срце на грчката култура, апостол Павле не поучувал за платонската доктрина за душата. Наместо тоа, ја проповедал христијанската доктрина за воскресение, иако на многу од неговите грчки слушатели им било тешко да го прифатат она што им го кажувал (Дела 17:22—32).

Спротивно на грчката филозофија, Писмото јасно покажува дека душата не е она што личноста го има туку она што таа е (1. Мојсеева 2:7). При смртта, душата престанува да постои (Језекиил 18:4). Проповедник 9:5 ни вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот“. Библијата не учи за доктрина за бесмртност на душата.

Едно друго измамничко учење се однесува на положбата на претчовечкиот Исус, идејата дека тој бил еднаков на својот Татко. Книгата The Church of the First Three Centuries (Црквата во првите три века) објаснува: „Доктрината за тројство . . . потекнува од еден извор кој им бил сосема туѓ на еврејските и христијанските списи“. Кој бил тој извор? Доктрината „се развила и била накалемена на христијанството од рацете на платонизирачките отци“.

Навистина, со текот на времето и со доаѓањето на црковните отци под сѐ поголемо влијание на неоплатонизмот, тринитаријанците добиле повеќе следбеници. Се чини дека неоплатонската филозофија од третиот век им овозможила да го усогласат она што било неспоиво — да направат еден трикратен Бог да изгледа како еден Бог. Преку филозофско расудување тврделе дека три лица би можеле да бидат еден Бог и истовремено да ја задржат својата индивидуалност!

Меѓутоа, библиската вистина јасно покажува дека само Јехова е Семоќен Бог, дека Исус Христос е Негов понизок, создаден Син и дека светиот дух е Неговата активна сила (5. Мојсеева 6:4; Исаија 45:5; Дела 2:4; Колосјаните 1:15; Откровение 3:14). Доктрината за тројство го обесчестува единствениот вистински Бог и ги збунува луѓето, одвраќајќи ги од Бог кого не можат да го сфатат.

Уште една жртва на неоплатонското влијание врз христијанското размислување била милениумската надеж темелена на Писмото (Откровение 20:4—6). Ориген бил познат по својата осуда на милениалистите. Зошто толку се противел на оваа добро утврдена библиска доктрина за Христовото илјадагодишно владеење? The Catholic Encyclopedia одговара: „Со оглед на неоплатонизмот врз кој се темелеле неговите доктрини . . . [Ориген] не можел да застане на страната на миленаристите“.

Вистината

Ниту еден од претходно спомнатите текови нема никаква врска со вистината. Оваа вистина е целото тело од христијански учења кои се наоѓаат во Библијата (2. Коринтјаните 4:2; Тит 1:1, 14; 2. Јованово 1—4). Библијата е еден и единствен извор на вистината (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16).

Меѓутоа, непријателот на Јехова, на вистината, на човештвото и на вечниот живот — Сатана Ѓаволот, ‚човекоубиецот‘ и ‚таткото на лагата‘ — користел различни заобиколни патишта за да ја извалка таа вистина (Јован 8:44; спореди 2. Коринтјаните 11:3). Меѓу најмоќните алатки што ги користел се учењата на грчките пагански филозофи — кои се всушност одраз на неговото лично размислување — со цел да ја измени содржината и природата на христијанските учења.

Ова неприродно спојување на христијанското учење со грчката филозофија е обид да се разводни библиската вистина, да се ослаби нејзината сила и привлечност за трагачите по вистината кои се кротки, искрени и кои можат да се поучат (1. Коринтјаните 3:1, 2, 19, 20). Исто така, таа е склона да ја извалка чистотата на кристално јасната библиска доктрина, замаглувајќи ја цртата меѓу вистината и лагата.

Денес, под водство на Главата на собранието, Исус Христос, вистинското христијанско учење е обновено. Исто така, искрените трагачи по вистината можат многу лесно да го идентификуваат вистинското христијанско собрание преку неговите плодови (Матеј 7:16, 20). Јеховините сведоци се спремни и желни да им помогнат на таквите да ги пронајдат чистите води на вистината и да им помогнат цврсто да го зграпчат наследството — вечен живот кој го нуди нашиот Татко, Јехова (Јован 4:14; 1. Тимотеј 6:19).

[Слика на страница 11]

Августин

[Извори на слики на страница 10]

Грчки текст: Од книгата Ancient Greek Writers: Plato’s Phaedo, 1957, Ioannis N. Zacharopoulos, Атина; Платон: Musei Capitolini, Рим