Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали го сакаш животот?

Дали го сакаш животот?

Дали го сакаш животот?

„ДОЗВОЛЕТЕ ми да ја видам светлината.“ Ова се зборовите кои италијанскиот поет Џакомо Леопарди наводно им ги упатил на оние кои се грижеле за него токму пред да умре. Тие зборови укажуваат на човековата очајна љубов кон животот кој е претставен со светлина.

Љубовта кон животот е еден скапоцен импулс кој наведува многу поединци да ги избегнуваат опасностите и да прават сѐ што можат за да останат во живот. Во тој поглед човекот не се разликува многу од животните кои имаат силен инстинкт за преживување.

Но, каков живот навистина вреди да се живее и да се сака? Тоа не е чисто физиолошко постоење — само дишење и движење. Ниту, пак, општото задоволство доаѓа со пристапот од типот „извлечи колку што можеш од животот“. Епикурејската филозофија „да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“, обично не им донесува задоволство на луѓето (1. Коринтјаните 15:32). Иако човекот сигурно има некои основни материјални потреби, тој има и културни и општествени интереси, а да не ги спомнуваме и духовните потреби кои се поврзани со верата во Врховно Битие. За жал, стотици милиони, ако не и милијарди луѓе, уживаат само малку повеќе од постоење, и тоа поради бедните општествени околности и факторите поврзани со природната средина во многу подрачја на Земјината топка. Сите оние кои се ограничуваат првенствено на задоволување на своите физички потреби — јадење, пиење, поседување материјални работи или задоволување на сексуалните желби — помалку или повеќе водат еден анимален живот од кој извлекуваат малку задоволство. Всушност, тие не ги користат позначајните извори кои ги нуди животот за задоволување на човечкиот интелект и емоции. Освен тоа, секој кој настојува да ги задоволи само своите егоистични желби, не само што пропушта да го извлече најдоброто од животот туку и му нанесува штета на општеството во кое живее, и не ги унапредува интересите на другите.

Потврдувајќи го ова, еден судија кој работи со малолетни престапници вели дека „кризата на моралните принципи, величањето на негативните примери за имитирање и успехот постигнат преку брзо и лесно збогатување“ имаат тенденција да „унапредуваат претерано натпреварувачки дух“. Ова води до однесување кое му нанесува штета на општеството и е деструктивно за младите, особено кога тие се свртуваат кон дрогата.

Знаеш дека животот нуди многу привлечни работи — одмори на фасцинантни места, интересен материјал за читање или истражување, пријатно друштво, убава музика. А има и други активности кои причинуваат големи и мали задоволства. Оние кои имаат длабока вера во Бог, а особено во библискиот Бог, Јехова, имаат уште повеќе причини да го сакаат животот. Вистинската вера е извор на сила и спокојство, а тоа може да им помогне на луѓето да се справат со тешките времиња. Оние кои веруваат во вистинскиот Бог можат со доверба да речат: „Господ [Јехова, NW] ми е помошник, и нема да се уплашам“ (Евреите 13:6). Луѓето кои се запознати со Божјата љубов се чувствуваат сакани од него. Тие се одѕиваат на неговата љубов, црпејќи длабока радост од неа (1. Јованово 4:7, 8, 16). Можат да водат активен и алтруистички живот кој е извор на задоволство. Тоа е токму како што рекол Исус Христос: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35).

За жал, денешниов живот има и една друга страна. Ширум светот има страдања, неправда, сиромаштија, болест и смрт — да спомнеме само некои од болните обележја кои честопати прават животот да биде едвај поднослив. На богатиот, моќен и мудар цар Соломон од древната нација Израел не му недостигал ниеден од изворите кои можат да ги направат луѓето среќни. Сепак, имало нешто што го вознемирувало — свесноста дека сѐ што си прибавил со ‚својот труд‘ кој го вложувал „мудро, со знаење и со успех“, кога ќе умре ќе мора да му го отстапи на некој друг (Проповедник 2:17—21).

Како и Соломон, повеќето луѓе се свесни дека животот е краток и дека на сите им поминува многу брзо. Писмото вели дека Бог ‚ставил вечност во нашите умови‘ (Проповедник 3:11, Byington). Ова чувство за вечност го тера човекот да размислува за краткотрајноста на животот. На крајот на краиштата, ако некој не најде уверливи одговори за смислата на животот и за смртта, може да стане преоптоварен со чувства на песимизам и безполезност. Тоа може да го направи животот тажен.

Постојат ли одговори на болните прашања на човекот? Дали некогаш ќе има услови кои ќе го направат животот попривлечен и траен?