Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да живееме во склад со верата во Божјите ветувања

Да живееме во склад со верата во Божјите ветувања

Да живееме во склад со верата во Божјите ветувања

„Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало“ (ИСАИЈА 46:9, 10).

1, 2. Кои се некои различни гледишта за Божјата вклученост во работите на Земјата?

 ВО КОЛКАВА мера Бог е вклучен во работите на Земјата? Има различни мислења за тоа. Едно гледиште е дека тој воопшто не е вклучен. Откако со создавањето ги ставил работите во движење, тој или не сака или не е способен да дејствува во наша корист. Според ова гледиште, Бог е како некој татко кој го качува синот на нов велосипед, го прицврстува и го турнува за да тргне по патот. После тоа, таткото си заминува. Момчето е само; можеби ќе падне, а можеби и не. Како и да е, работата е надвор од контролата на таткото.

2 Друго гледиште е дека Бог активно управува со секој аспект на нашиот живот и дека тој е директно вклучен во секое збиднување на неговото творештво. Меѓутоа, доколку ова е точно, тогаш некои би заклучиле дека Бог ги предизвикува не само добрите работи што се случуваат, туку и криминалот и трагедиите кои го мачат човештвото. Сознанието за вистината во врска со Божјите постапки ќе ни помогне да знаеме што да очекуваме од него. Исто така, тоа ќе ја зајакне нашата вера во сигурното исполнување на неговите ветувања (Евреите 11:1).

3. а) Од каде знаеме дека Јехова е Бог со намера? б) Зошто за Јехова се вели дека ја ‚создава‘ и ја ‚обликува‘ својата намера?

3 Централно место во прашањето за Божјата вклученост во човековите работи зазема фактот што Јехова е Бог со намера. Тоа се подразбира и од самото негово име. „Јехова“ значи „Тој предизвикува да стане“. Со прогресивна акција, Јехова предизвикува самиот да стане Исполнител на сите свои ветувања. Затоа, за Јехова е речено дека ја ‚создава‘, или ја обликува својата намера во врска со идните настани или постапки (4. Царства 19:25; Исаија 46:11, обата NW). Овие термини се изведени од хебрејскиот збор јатсар кој е сроден на зборот кој значи ‚грнчар‘ (Јеремија 18:4). Исто како што еден вешт грнчар може да обликува грутка глина во една прекрасна вазна така и Јехова може да ги обликува работите, односно да маневрира со нив, за да ја изврши својата волја (Ефесјаните 1:11).

4. Како Бог ја подготвил Земјата за живеење на луѓето?

4 На пример, Бог имал намера Земјата да биде место на извонредна убавина населено со совршени, послушни луѓе (Исаија 45:18). Долго пред да ги создаде првиот маж и првата жена, Јехова направил за нив една подготовка полна со љубов. Уводните поглавја од книгата 1. Мојсеева опишуваат како Јехова воспоставил ден и ноќ, како создал копно и море. Потоа ги создал растенијата и животинскиот свет. Оваа подготовка на Земјата за живеење на човекот траела многу илјадници години. Тој проект бил успешно завршен. Првиот маж и првата жена го започнале својот живот во Едем, прекрасен рај кој бил целосно опремен за да можат да уживаат во животот (1. Мојсеева 1:31). На тој начин Јехова бил директно вклучен во работите на Земјата, прогресивно обликувајќи ги своите дела кон својата возвишена намера. Дали проширувањето на човечкото семејство ја променило неговата вклученост?

Јехова ги ограничува своите постапки со луѓето

5, 6. Зошто Бог ја ограничува својата работа со луѓето?

5 Иако има моќ да го стори тоа, Јехова не го управува и контролира секој детаљ од човечката активност. Постојат причини за тоа. Една е тоа што луѓето се создадени според Божји лик, поседувајќи слободна волја и слобода самите да одлучуваат за себе. Јехова не нѐ присилува да ја вршиме неговата заповед; ниту, пак, сме марионетки (5. Мојсеева 30:19, 20; Исус Навин 24:15). Иако нѐ смета одговорни за нашите постапки, Бог со љубов ни дозволува да имаме прилична слобода за да одлучиме како ќе се раководиме во животот (Римјаните 14:12; Евреите 4:13).

6 Другата причина зошто Бог не управува со сѐ што се случува е поврзана со спорното прашање кое го покренал Сатана во Едем. Сатана го предизвикал Божјиот суверенитет. Ѝ го понудил на Ева она што изгледало како прилика за независност — понуда која таа, а подоцна и нејзиниот сопруг, ја прифатиле (1. Мојсеева 3:1—6). Како одговор на тоа, Бог им дозволил на луѓето сами да владеат извесен период за да докаже дали предизвикот на Сатана бил оправдан. Од таа причина, за погрешните работи кои ги прават луѓето денес, не може да се обвини Бог. За бунтовните луѓе Мојсеј напишал: „Тие станаа и [сами, NW] згрешија пред Него, тоа не се Негови [Божји] деца поради пороците свои [грешката е нивна, NW] (5. Мојсеева 32:5).

7. Каква е Јеховината намера со Земјата и со човештвото?

7 Меѓутоа, иако дозволил слободен избор и експерименти на независно владеење, Јехова не усвоил политика на немешање во врска со работите на Земјата, која би нѐ оставила без најмала надеж дека тој ќе ги исполни своите ветувања. Иако Адам и Ева се побуниле против Божјиот суверенитет, Јехова не ја изменил својата намера полна со љубов за Земјата и за човештвото. Тој без промашување ќе ја преобрази Земјата во рај населен со совршени, послушни и среќни луѓе (Лука 23:42, 43). Библискиот запис од 1. Мојсеева до Откровение опишува како Јехова прогресивно работи на остварувањето на таа цел.

Бог дејствува за да ја оствари својата волја

8. Што било вклучено во доведувањето на Израелците во Ветената земја?

8 Во своите постапки со нацијата Израел Бог покажал дека ќе ја оствари својата намера. На пример, Јехова го уверил Мојсеј дека Тој ќе ги избави Израелците од Египет и дека ќе ги доведе во Ветената земја, земја во која тече мед и млеко (2. Мојсеева 3:8). Ова била значајна и успокојувачка објава. Тоа би вклучувало избавување на тие Израелци — кои заедно со своите придружници броеле околу три милиони — од една моќна нација која силно се противела на нивното заминување (2. Мојсеева 3:19). Земјата во која требало да бидат одведени била населена со моќни нации кои силно се спротивставиле на нивното пристигнување (5. Мојсеева 7:1). Насреде имало пустина каде што на Израелците ќе им биле потребни храна и вода. Јехова дозволил таква ситуација за да ја покаже својата врховна моќ и Господство (3. Мојсеева 25:38).

9, 10. а) Зошто Исус Навин можел да посведочи дека Божјите ветувања се веродостојни? б) Колку е важно да имаме доверба во Божјата способност да ги награди своите верни?

9 Бог ги извел Израелците од Египет со низа моќни дела. Прво, врз нацијата Египет нанел десет опустошувачки неволји. Потоа, го разделил Црвеното Море овозможувајќи им на Израелците да избегаат додека, пак, египетската војска која ги следела, изгинала (Псалм 77:12, 13, 43—51). После тоа, се грижел за Израелците во текот на 40-те години поминати во пустината, хранејќи ги со мана, обезбедувајќи им вода, па дури и грижејќи се да не им изветви облеката и да не им отечат стапалата (5. Мојсеева 8:3, 4). Откако Израелците влегле во Ветената земја, Јехова ги водел во победа над нивните непријатели. Исус Навин, кој покажал силна вера во Јеховините ветувања, бил очевидец на сите овие работи. Затоа, на постарите мажи од негово време тој можел со сигурност да им каже: „А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас“ (Исус Навин 23:14).

10 Исто како Исус Навин од старо време, христијаните денес се целосно уверени дека Бог сака и може да дејствува во корист на оние кои му служат. Ова уверување е битен дел од нашата вера. Апостол Павле напишал: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат . . . дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6).

Бог ја предвидува иднината

11. Кои фактори му овозможуваат на Бог да ги исполни своите ветувања?

11 Досега видовме дека иако дозволува слободна волја и независно човечко владетелство, Бог има моќ, а и волја, да дејствува за да ја оствари својата намера. Сепак, постои и друг фактор кој придонесува за сигурното исполнување на Божјите ветувања. Јехова може да ја предвиди иднината (Исаија 42:9). Преку својот пророк, Бог рекол: „Спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ‚Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам‘“ (Исаија 46:9, 10). Еден искусен земјоделец знае кога и каде да го посее семето, но сепак постои извесна несигурност околу тоа како ќе се развиваат работите. „Царот на вековите“ има точно спознание за прецизно да предвиди кога и каде треба да дејствува за да ја спроведе својата намера (1. Тимотеј 1:17).

12. На кој начин Јехова покажал предзнаење во деновите на Ное?

12 Размисли за тоа како Бог покажал предзнаење во деновите на Ное. Поради раширената злоба која ја исполнила Земјата, Бог одлучил да стави крај на непослушното човештво. Одредил време кога да го стори тоа — после 120 години во иднината (1. Мојсеева 6:3). Одредувајќи го тој специфичен период, Јехова имал предвид повеќе отколку само уништувањето на злобните, нешто што тој можел да го стори во кое и да било време. Со својот временски распоред Јехова се погрижил и за сочувување на праведниците. (Спореди 1. Мојсеева 5:29.) Во својата мудрост Бог однапред знаел кога да го додели делото кое би водело до тој крај. Тој му дал доволно детални информации на Ное. Ное требало да изгради арка „за да го спаси својот дом“, а злобните требало да бидат уништени со глобален потоп (Евреите 11:7; 1. Мојсеева 6:13, 14, 18, 19).

Колосален градежен проект

13, 14. Зошто градењето на арката било предизвикувачка задача?

13 Размисли за оваа задача од гледна точка на Ное. Бидејќи бил Божји човек, Ное знаел дека Јехова може да ги уништи безбожните. Меѓутоа, пред да се случи тоа, требало да се заврши една работа — работа која барала вера. Изградбата на арката би била еден колосален проект. Бог точно ги одредил нејзините димензии. Требало да биде подолга од некои денешни спортски игралишта и висока колку една петкатница (1. Мојсеева 6:15). Градителите би биле неискусни и малку на број. Не би имале софистицирани алати и опрема каква што денес има на располагање. Освен тоа, со оглед на тоа што ја немал Јеховината способност однапред да ја знае иднината, не постоел начин Ное да дознае какви ситуации би се развиле во текот на годините кои можеле или да помогнат или да го спречат градежниот проект. Веројатно Ное размислувал за многу прашања. Како ќе се собира градежниот материјал? Како ќе ги собере животните? Каква храна ќе биде потребна и во колкава количина? Кога точно ќе се случи претскажаниот потоп?

14 Потоа, тука биле и општествените услови. Злобата изобилувала. Моќните нефилими — хибридно потомство на злобните ангели и жените — ја исполниле Земјата со насилство (1. Мојсеева 6:1—4, 13NW). Освен тоа, градењето на арката не било проект кој би се изведувал тајно. Луѓето би се прашувале што прави Ное, и тој требало да им каже (2. Петрово 2:5). Дали можело да се очекува тие да го одобрат тоа? Тешко! Со години пред тоа, верниот Енох го објавил уништувањето на злобните. Неговата порака била толку непопуларна што Бог ‚го зел‘, односно му го скратил животот, очигледно за да спречи да биде погубен од страна на Божјите непријатели (1. Мојсеева 5:24; Евреите 11:5; Јуда 14, 15). Ное не само што требало да објавува слична непопуларна порака туку требало и да гради арка. Како што таа арка би се градела, би служела како моќен потсетник на верноста на Ное наспроти злобните современици!

15. Зошто Ное имал доверба дека може да ја изврши својата задача?

15 Ное знаел дека проектот ги имал поддршката и благословот од Семоќниот Бог. Па, зарем тоа дело не му го доделил самиот Јехова? Јехова го уверил Ное дека тој и неговото семејство ќе влезат во готова арка и дека ќе бидат сочувани во живот во глобалниот потоп. Бог дури му ја подвлекол сигурноста на тој факт со еден свечен договор (1. Мојсеева 6:18, 19). Веројатно Ное признал дека Јехова имал предвидено и проценето сѐ што било вклучено уште пред да му ја даде таа задача. Освен тоа, Ное знаел дека Јехова има моќ да интервенира за да му помогне кога ќе биде потребно. Значи, верата го поттикнала Ное на акција. Како и својот потомок Авраам, Ное бил „наполно уверен дека Он [Бог] е силен и да го изврши она, што го ветил“ (Римјаните 4:21).

16. Како била зајакната верата на Ное со напредувањето во изградбата на арката?

16 Како што годините минувале и арката добивала облик, Ноевата вера се зајакнувала. Градежните проблеми како и проблемите со потребните практични подготовки, биле решени. Испитите биле совладани. Никакво противење не можело да ја запре работата. Ноевото семејство ја доживеало Јеховината поддршка и заштита. Додека Ное продолжувал со работата, ‚испитувањето на неговата вера создавало трпеливост‘ (Јаков 1:2—4). На крај, арката била завршена, потопот дошол, а Ное и неговото семејство преживеале. Ное го доживеал исполнувањето на Божјите ветувања, како и Исус Навин подоцна. Верата на Ное била наградена.

Јехова го поддржува делото

17. На кои начини нашето време е слично на деновите на Ное?

17 Исус претскажал дека нашево време ќе биде слично на деновите на Ное. Бог повторно одлучил да ги уништи злобните и одредил време кога тоа ќе се случи (Матеј 24:36—39). Исто така, тој направил подготовки за сочувување на праведните. Ное требало да гради арка, а Божјите слуги денес треба да ги објавуваат Јеховините намери, да поучуваат за неговата Реч и да прават ученици (Матеј 28:19).

18, 19. Од каде знаеме дека проповедањето на добрата вест има Јеховина поддршка?

18 Доколку Јехова не бил со Ное за да го поддржува и поткрепува, арката немало да се изгради. (Спореди Псалм 126:1.) На сличен начин, без Јеховината поддршка, вистинското христијанство веројатно не би преживеало, а уште помалку би напредувало. Тоа го признал Гамалиил, почитуван фарисеј од првиот век и учител на Законот. Кога еврејскиот Синедрион сакал да ги истреби апостолите, тој го предупредил судот: „Оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!“ (Дела 5:38, 39).

19 Успехот на проповедничката активност, како во првиот век така и денес, докажал дека ова дело не е од луѓе туку од Бог. Следната статија ќе дискутира за некои возбудливи околности и текови кои помогнале ова дело да биде успешно во толку големи размери.

Никогаш не откажувај се!

20. Кој нѐ поддржува додека ја проповедаме добрата вест?

20 Иако живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (NW), можеме да бидеме сигурни дека Јехова во целост има контрола над сѐ. Тој го поддржува и поткрепува својот народ додека работи на тоа да го доврши проповедањето на добрата вест пред да дојде Божјето одредено време за окончување на овој злобен систем на ствари (2. Тимотеј 3:1; Матеј 24:14). Јехова нѐ поканува да му бидеме „соработници“ (1. Коринтјаните 3:9). Ние сме уверени и во тоа дека Христос Исус е со нас во ова дело и дека можеме да се ослониме на поддршката и водството од ангелите (Матеј 28:20; Откровение 14:6).

21. Од кое уверување не треба никогаш да се откажеме?

21 Бидејќи практикувале вера во Јеховините ветувања, Ное и неговото семејство биле спасени од водите на потопот. Оние кои денес практикуваат слична вера ќе бидат спасени од претстојната „голема неволја“ (Откровение 7:14NW). Живееме во навистина возбудливи времиња. Пред нас лежат значајни настани! Наскоро Бог ќе дејствува за да ги воведе славните нови небеса и нова Земја во кои ќе живее праведноста (2. Петрово 3:13). Никогаш, никогаш не откажувај се од своето уверување дека што и да каже Бог, тој е способен и да го направи тоа (Римјаните 4:21).

Точки за сеќавање

◻ Зошто Јехова не ги контролира сите детали од човечката активност?

◻ Како Јеховината способност да ја исполни својата намера се гледа од неговите постапки со Израел?

◻ Како Јеховината способност да ја гледа иднината се покажала во времето на Ное?

◻ Каква доверба можеме да имаме во Божјите ветувања?

[Прашања]