Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Колку сериозно треба да гледаат христијаните на свршувачката?

Свршувачката е причина за среќа, но и сериозна работа. Ниеден зрел христијанин не треба

да ја сфаќа површно, мислејќи дека ако му е ќеф во кое било време може да ја прекине. Периодот на свршувачката е и време во кое парот може подобро да се запознае пред бракот.

Додека дискутираме на оваа тема, треба да сфатиме дека општествените обичаи кои се однесуваат на бракот, и чекорите што водат до него, многу се разликуваат во различни места и во различно време. Библијата го илустрира тоа.

Лотовите две ќерки кои ‚никогаш немале сексуален однос со маж‘ (NW), на некој начин биле свршени за двајца мештани. Лотовите ‚зетови требало да ги земат неговите ќерки‘ (NW), но сепак Библијата не ни кажува зошто или како дошло до тие свршувачки. Дали ќерките биле возрасни? Дали тие имале главна улога при изборот за кого ќе се мажат? Дали се свршиле на тој начин што презеле некаков јавен чекор? Не знаеме (1. Мојсеева 19:8—14). Но, знаеме дека Јаков самиот се договорил со таткото на Рахил да се ожени со неа откако седум години ќе работи за него. Иако Јаков зборувал за Рахил како за ‚мојата сопруга‘ (NW), тие немале сексуални односи во текот на тие години (1. Мојсеева 29:18—21). Како друг пример, пред да може да се ожени со ќерката на Саул, Давид морал да освои победа над Филистејците. Откако го исполнил барањето на Саул, Давид можел да се ожени со ќерката на Саул, Мелхола (1. Царства 18:20—28). Овие „свршувачки“ се разликувале една од друга, како и од она што е вообичаено денес во многу земји.

Мозаитскиот закон содржел одредби за бракот и за свршувачката. На пример, еден човек можел да има повеќе од една сопруга; можел да добие развод на различна основа, додека изгледа дека сопругата не можела (2. Мојсеева 22:16, 17; 5. Мојсеева 24:1—4). Еден човек кој ќе заведел девица која не била свршена, морал да се ожени со неа доколку нејзиниот татко се сложел, и никогаш не смеел да се разведе од неа (5. Мојсеева 22:28, 29). И други закони се применувале на бракот како, на пример, кога треба да се избегнуваат сексуални односи (3. Мојсеева 12:2, 5; 15:24; 18:19). Но, кои одредби се однесувале на свршувачката?

Една свршена Израелка имала поинаков легален статус од една жена која не била свршена; во некои аспекти таа била сметана за мажена (5. Мојсеева 22:23—29; Матеј 1:18, 19). Израелците не можеле да се свршат или да се венчаат со некои роднини. Обично тоа биле крвни роднини, но некои свршувачки и бракови биле забранети и поради правата на наследство (3. Мојсеева 18:6—20; види го српското издание на Стражарска кула од 1 септември 1978, страници 24—27). Очигледно е дека Божјите слуги не требало лекомислено да ја сфаќаат свршувачката.

Израелците биле под сите тие одредби на Законот, но христијаните не се под Законот, вклучувајќи ги и неговите одредби за свршувачката или бракот (Римјаните 7:4, 6; Ефесјаните 2:15; Евреите 8:6, 13). Всушност, Исус поучувал дека христијанската норма за бракот се разликува од онаа во Законот (Матеј 19:3—9). Сепак, тој не ја минимизирал сериозноста на бракот, ниту на свршувачката. Но, како е со темата која ја разгледуваме, свршувачката меѓу христијани?

Во многу земји поединците сами си избираат што се однесува до тоа со кого ќе стапат во брак. Штом еден маж и една жена си ветат дека ќе се венчаат, тие се сметаат за свршени. Обично, не е потребен никаков додатен формален чекор за да се воведе свршувачката. Секако, на некои места вообичаено е мажот да ѝ даде на идната сопруга прстен со што ќе ја означат својата свршувачка. Или, пак, обичај е да им се објави свршувачката на роднините и пријателите како, на пример, на еден семеен оброк или на некој друг мал собир. Тоа е личен избор, а не библиско барање. Она што ја прави свршувачката е договорот меѓу двајцата. a

Христијанинот не треба да брза со додворување, свршувачка или брак. Ние издаваме материјал темелен на Библијата кој може да им помогне на самците да одлучат дали е мудро да започнат со додворување или да преземат чекори кон свршувачка или брак. b Клучен елемент на тој совет е дека христијанскиот брак е траен (1. Мојсеева 2:24; Марко 10:6—9).

Двајца христијани треба доста добро да се познаваат пред да почнат да размислуваат за свршувачка. Секој може да праша: ‚Дали сум навистина сигурен во духовноста на другиот и во неговата оддаденост на Бог? Можам ли да се замислам дека му служам на Бог заедно со него цел живот? Дали сум во адекватна мера изложени на карактерните црти на другиот? Дали сум убеден дека трајно ќе бидеме складни? Дали сме доволно запознати со меѓусебните минати постапки и со сегашните околности?‘

Штом двајца христијани се свршат, во ред е и тие и другите да очекуваат дека после тоа ќе следи венчавка. Исус опоменал: „Зборот ваш да биде: да, да, — не, не“ (Матеј 5:37). Христијаните кои се свршени треба сериозно да го мислат тоа. Меѓутоа, во редок случај, еден христијанин кој е свршен можеби ќе дознае дека некоја сериозна работа не била спомната или била скриена пред свршувачката. Тоа би можело да биде некој важен факт за минатото, па дури и за некое злосторство или неморални дела на другиот. Христијанинот кој го дознава тоа мора да одлучи што ќе прави. Можеби двајцата детално ќе подискутираат за таа работа и ќе се сложат да останат свршени. Или, пак, можеби взаемно ќе решат да ја прекинат свршувачката. Иако тоа може да биде приватна работа — а не нешто во кое треба да се наметнуваат другите, да се обидуваат да го критикуваат откако ќе биде донесена одлуката или, пак, да го осудуваат — тоа е една многу тешка одлука. Од друга страна, пак, оној кој дознава за сериозното спорно прашање можеби лично ќе се чувствува наведен да ја прекине свршувачката, дури и ако другото лице сака таа да продолжи. (Види „Прашања од читателите“ од англиското издание на Стражарска кула од 15 јуни 1975.)

Постои добра причина таквите спорни прашања да се решат пред да се стапи во брак. Исус рекол дека единствена библиска основа за развод која дава слобода за повторно стапување во брак е порнеиа, тежок сексуален неморал од страна на другиот брачен партнер (Матеј 5:32; 19:9). Тој не рекол дека законскиот брак може да се оконча со развод ако некој дознае за сериозен проблем или злодело кое претходело на свадбата.

На пример, во времето на Исус постоела голема можност од заразување со лепра. Доколку некој сопруг Евреин дознаел дека неговата партнерка (знаејќи или незнаејќи) била лепрозна кога се омажила за него, дали имал основа за развод? Евреинот под Законот можел да се разведе на тој начин, но Исус не рекол дека тоа би било пригодно за неговите следбеници. Размисли за некои современи ситуации. Еден маж кој е заразен со сифилис, генитален херпес, ХИВ или со некое друго сериозно преносливо заболување, би можел да се ожени без да го обелодени тој факт. Можеби неговата инфекција била пренесена преку сексуален неморал пред или за време на свршувачката. Тоа што сопругата подоцна ќе дознае за неговата болест или за неморалот извршен во минатото (па дури и за стерилитет или импотенција) не го менува фактот дека тие сега се во брак. Непристојното минато пред свадбата не е библиски темел за окончување на бракот, како ни фактот дека таа се заразила со некоја болест или дури ако скрила дека е бремена од некој друг човек пред да се венчаат. Сега се во брак и се обврзани еден кон друг.

Секако, таквите жалосни ситуации се ретки, но овие примери треба уште повеќе да ја нагласат основната поента: свршувачката не треба да се сфаќа лекомислено. Пред и за време на свршувачката, христијаните треба да настојуваат добро да се запознаат. Тие треба да бидат чесни во однос на она што сака да го дознае другиот партнер или кое има право да го знае. (Во некои земји од паровите законски се бара да направат медицински преглед пред бракот. Други, пак, можеби бараат таков преглед заради лична информација.) На тој начин, радоста и сериозноста на свршувачката ќе служат за чесна цел додека обајцата одат напред кон уште порадосната и посериозната состојба — бракот (Изреки 5:18, 19; Ефесјаните 5:33).

[Фусноти]

a Во некои заедници родителите сѐ уште организираат свршувачка за своите деца. Тоа може да се направи прилично доста време пред тие двајцата да бидат во состојба да стапат во брак. Во меѓувреме, тие се признати како свршени, или ветени еден на друг, но сѐ уште не се венчани.

b Види Младите прашуваат — делотворни одговори, поглавја 28—32, и Тајната на семејната среќа, поглавје 2, издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.