Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Уживај во „вистинскиот живот“

Уживај во „вистинскиот живот“

Уживај во „вистинскиот живот“

ЈЕХОВА БОГ му дал на човекот свесност за вечноста (Проповедник 3:11NW). Ова прави луѓето да се чувствуваат немоќни наспроти смртта, но, истовремено, покренува во нив непопустлива желба за живот.

Светото писмо, Божјата инспирирана Реч, ни дава голема надеж (2. Тимотеј 3:16). Не е можно Јехова, кој е самата суштина на љубовта, да го создал човекот со способност да го сфати концептот за вечност и потоа да го осудил да живее само неколку години. Да нѐ создал за да се мачиме со нашата судбина е едноставно спротивно на Божјата личност. Ние не сме создадени како „неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат“ (2. Петрово 2:12).

Создавајќи ги Адам и Ева со вродено чувство за вечност, Јехова Бог направил нешто „многу добро“; ги создал со потенцијал да живеат засекогаш (1. Мојсеева 1:31). Но, за жал, првата двојка ја злоупотребила својата слободна волја така што не била послушна на јасната забрана од Творецот и го изгубила првобитното совршенство. Како последица на тоа, умреле, пренесувајќи им на своите потомци несовршеност и смрт (1. Мојсеева 2:17; 3:1—24; Римјаните 5:12).

Библијата не остава простор за мистерија околу смислата на животот и околу тоа што значи смртта. Таа вели дека при смртта „нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ и дека мртвите „ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, 10). Со други зборови, мртвите се мртви. Доктрината за бесмртна душа не е библиска, а тоа значи дека во врска со состојбата на мртвите не постои некоја длабока мистерија која треба да се реши (1. Мојсеева 3:19; Псалм 145:4; Проповедник 3:19, 20; Језекиил 18:4). a

Бог имал некаква намера; тој не ја создал Земјата „едноставно залудно“ (NW). Ја обликувал „за живеење“ на совршени луѓе во рајски услови, и не ја сменил својата намера (Исаија 45:18; Малахија 3:6). Со цел да ја оствари, го испратил својот Син на Земјата. Со тоа што останал верен до смрт, Исус Христос го обезбедил средството за откупување на човештвото од гревот и смртта. Всушност, Исус рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16).

Многу одамна, Бог ветил дека ќе создаде „ново небо и нова земја“ (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13). Тоа би вклучувало да избере една ограничена група верни христијани за живот на небото. Заедно со Исус Христос, тие го формираат јадрото на владата. Библијата укажува на него како на „царството небесно“ или „царството Божјо“ кое ќе управува со ‚сѐ земно‘ (Матеј 4:17; 12:28; Ефесјаните 1:10: Откровение 5:9, 10; 14:1, 3). Откако ќе ја уништи целокупната безбожност од нашата Земјина топка и ќе ја исчисти, Бог ќе воведе ново човечко општество, или „нова земја“. Тоа ќе ги вклучува луѓето кои Бог ќе ги сочува во претстојното уништување на овој злобен систем на ствари (Матеј 24:3, 7—14, 21; Откровение 7:9, 13, 14). Ним ќе им се придружат оние кои ќе бидат вратени во живот со ветеното воскресение (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

Тогаш ‚вистински живот‘

Како потврда на возбудливиот опис на животот на идната рајска Земја, Бог вели: „Ете, сѐ ново создавам“ (Откровение 21:5). Невозможно е човечкиот ум во потполност да ги сфати извонредните работи кои Бог ќе ги направи за човештвото. Бог ќе создаде еден светски рај, по примерот на Едем (Лука 23:43). Како и во Едем, ќе изобилуваат убавина и пријатност на бои, звуци и вкусови. Повеќе нема да има сиромаштија и недостиг на храна, зашто во врска со тоа време Библијата вели: „Поранешното помина“ (Откровение 21:4; Псалм 72:16NW). Повеќе никој нема да каже: „болен сум“, бидејќи болестите засекогаш ќе бидат отстранети (Исаија 33:24). Да, сите причини за болка ќе исчезнат, вклучувајќи го и долготрајниот непријател на човештвото — смртта (1. Коринтјаните 15:26NW). Во една зачудувачка визија за ‚новата земја‘, новото човечко општество под Христовото владеење, апостол Јован чул како еден глас вели: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“. Што би можело да донесе поголема утеха и радост отколку исполнувањето на ова божествено ветување?

Опишувајќи го идниот живот, Библијата особено ги нагласува околностите кои ќе ги задоволат моралните и духовните стремежи на човекот. Сите праведни идеали за кои човештвото попусто се борело сѐ до ден-денес, во целост ќе бидат остварени (Матеј 6:10). Меѓу нив е и желбата за правда која останала незадоволена поради тоа што човекот честопати бил измачуван под суровите угнетувачи кои доминирале над слабите (Проповедник 8:9). Псалмистот пророчки запишал какви ќе бидат околностите под владеењето на Христос: „Во неговите денови чесноста ќе цвета, а мир ќе има во изобилство“ (Псалм 72:7, The New Jerusalem Bible).

Еднаквоста е еден друг стремеж за кој многумина правеле жртви. Во „повторното раѓање [создавање, NW]“ Бог ќе ја укине дискриминацијата (Матеј 19:28). Сите ќе уживаат исто достоинство. Тоа нема да биде еднаквост наметната од некој суров владин режим. Напротив, ќе бидат отстранети причините за дискриминација, вклучувајќи ги и алчноста и гордоста кои создаваат кај луѓето желба да доминираат над другите или да трупаат огромни количини материјални добра. Исаија прорекол: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг“ (Исаија 65:21, 22).

Колку само страдал човекот поради крвопролевањето како во личните така и во колективните војни! Од убиецот Авел тоа продолжило сѐ до војните во сегашно време. Колку само долго луѓето се надевале и чекале — изгледа попусто — да биде воспоставен мир! Во обновениот рај, сите луѓе ќе бидат мирољубиви и кротки; ќе „се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).

Исаија 11:9 вели: „Земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“. Поради наследената несовршеност, меѓу другото, денес не е возможно целосно да го разбереме обемот на овие зборови. Како совршеното спознание за Бог ќе нѐ обедини со него и како од тоа ќе произлезе потполна радост, допрва ќе научиме. Но, со оглед на тоа што Писмото нѐ информира дека Јехова е Бог кој е извонреден во моќта, мудроста, правдата и љубовта, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ги чуе сите молитви кои ќе ги упатуваат жителите на ‚новата земја‘.

„Вистинскиот живот“ е сигурен — дофати го!

За многумина, вечниот живот во еден подобар свет е само сон или илузија. Меѓутоа, за оние кои навистина имаат вера во библиските ветувања, оваа надеж е сигурна. Таа е како котва во нивниот живот (Евреите 6:19). Исто како што една котва цврсто го држи бродот и не дозволува да отплови, така и надежта за вечен живот им дава на луѓето стабилност и увереност и им овозможува да се соочат со сериозните тешкотии во животот, па и да ги совладаат.

Можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ги исполни своите ветувања. Тој дал и гаранција така што изрекол заклетва, неотповиклива обврска. Апостол Павле напишал: „Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние . . . да се прифатиме за надежта, што ни е дадена“ (Евреите 6:17, 18). ‚Двете неизменливи работи‘ кои Бог нема никогаш да ги укине се неговото ветување и неговата заклетва на кои ги темелиме нашите очекувања.

Верата во Божјите ветувања дава голема утеха и духовна сила. Таква вера имал Исус Навин, водач на израелскиот народ. Кога го одржал својот проштален говор пред Израелците, бил стар и знаел дека наскоро ќе умре. Сепак, покажал сила и нескршлива лојалност кои потекнувале од потполната доверба во Божјите ветувања. Откако рекол дека ќе ‚замине на пат каде што целиот свет заминува‘, патот кој го води целото човештво во смрт, Исус Навин рекол: „Вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет“. Да, Исус Навин трипати повторил дека Бог секогаш ги одржува сите свои ветувања (Исус Навин 23:14).

И ти можеш да ја имаш истата вера во Божјето ветување дека наскоро ќе биде воспоставен еден нов свет. Со сериозно проучување на Библијата ќе разбереш кој е Јехова и зошто заслужува да имаш потполна доверба во него (Откровение 4:11). Авраам, Сара, Исак, Јаков и други верни поединци од старо време имале непоколеблива вера која се темелела на нивното присно познавање на вистинскиот Бог, Јехова. Останале силни во надежта и покрај фактот што ‚не ги добиле ветувањата‘ додека биле живи. Сепак, ‚ги виделе оддалеку и ги поздравиле‘ (Евреите 11:13).

Разбирајќи ги библиските пророштва, сега го гледаме приближувањето на ‚големиот ден на Бога Седржителот‘ кога Земјата ќе биде исчистена од целокупната злоба (Откровение 16:14, 16). Како и верните мажи од старо време, мораме и понатаму со доверба да ги исчекуваме идните настани, мотивирани од верата како и од љубовта кон Бог и кон „вистинскиот живот“. Близината на новиот свет им дава силен поттик на оние кои практикуваат вера во Јехова и кои го љубат. За да се добие Божјата наклоност и заштита во текот на неговиот голем ден, кој е на прагот, треба да се негува таква вера и љубов (Софонија 2:3; 2. Солунјаните 1:3; Евреите 10:37—39).

Значи, дали го сакаш животот? И дали уште повеќе го посакуваш „вистинскиот живот“ — живот како признат Божји слуга, со изглед за среќна иднина, да, со изглед за вечен живот? Ако тоа е она што го бараш, тогаш внимавај на поттикот на апостол Павле кој напишал дека ‚не треба да се надеваме на непостојаното богатство, туку на Бог‘. Павле продолжил: „Нека богатеат со добри дела“ кои му оддаваат чест на Бог за да „постигнат [се држат цврсто за вистинскиот, NW] живот вечен“ (1. Тимотеј 6:17—19).

Прифаќајќи ја понудата за библиска студија со Јеховините сведоци, можеш да стекнеш спознание кое „значи вечен живот“ (Јован 17:3NW). Во Библијата со љубов е запишана следнава татковска покана до сите: „Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир“ (Изреки 3:1, 2).

[Фуснота]

a За подетално испитување на таа тема, види ја брошурата Што ни се случува кога ќе умреме? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.