Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мистеријата со слабото здравје

Мистеријата со слабото здравје

Мистеријата со слабото здравје

МАЛЕЧКАТА ОМАЏИ ИМА ДИЈАРЕА. Хава, нејзината мајка, е загрижена да не дехидрира; чула дека неодамна една нејзина братучетка во селото го изгубила бебето на таков начин. Бабата на Омаџи, свекрвата на Хава, сака да ја однесе Омаџи кај племенскиот врач. „Некој зол дух го разболел девојчето“, вели таа. „Ти одбиваше да ѝ дадеш да носи амајлија за да ја заштити, и еве, сега почнуваат проблемите!“

ОВАА сцена е вообичаена во многу делови на светот. Стотици милиони луѓе веруваат дека злите духови се скриена причина за болестите. Дали тоа е точно?

Создавање на мистеријата

Можеби ти лично не веруваш дека невидливите духови предизвикуваат болести. Всушност, можеби се прашуваш зошто некој би мислел така со оглед на тоа што научниците покажале дека повеќето болести се предизвикани од вируси и бактерии. Но, запомни дека човештвото не знаело отсекогаш за овие ситни патогени микроорганизми. Така било сѐ до 17 век кога Антон ван Левенхук го открил микроскопот и со тоа микроскопскиот свет станал видлив за човечкото око. Дури тогаш, благодарение на откритијата на Луј Пастер во 19 век, науката почнала да ја разбира врската меѓу патогените микроорганизми и болестите.

Бидејќи во поголемиот дел од човечката историја причините за болестите биле непознати, се развиле многу суеверни идеи, вклучувајќи ја и теоријата дека сите заболувања се предизвикани од зли духови. The New Encyclopædia Britannica предлага еден начин на кој можело да се случи тоа. Таа вели дека раните исцелители се обидувале да ги лечат болните со различни видови корења, ливчиња и со сѐ што имале на располагање. Понекогаш, некои од нив биле успешни. Потоа, на терапијата за лечење исцелителот додавал и многу суеверни обреди и практики кои служеле да го прикријат вистинскиот лек. Со тоа исцелителот си засигурувал луѓето да мораат и понатаму да ги користат неговите услуги. На тој начин, медицината била завиткана во мистерија, а луѓето биле охрабрени за помош да се ослонуваат на натприродното.

Овие традиционални методи на исцелување и понатаму се користат во некои земји. Многумина велат дека болестите се предизвикани од духовите на умрените предци. Други, пак, велат дека Бог нѐ разболува и дека болеста е казна за нашите гревови. Дури и тогаш кога информираните луѓе ја разбираат биолошката природа на болестите, можеби сѐ уште се плашат од натприродните влијанија.

Гатачите и традиционалните исцелители го користат овој страв за да ги искористуваат луѓето. Тогаш, во што треба да веруваме? Дали е од помош за здравствена грижа да се ослонуваме на духовите? Што вели Библијата?