Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — вежбајте ја својата моќ на согледување!

Млади — вежбајте ја својата моќ на согледување!

Млади — вежбајте ја својата моќ на согледување!

„Но, тврдата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние кои преку употреба ја извежбале својата моќ на согледување, да распознаваат исправно од погрешно“ (ЕВРЕИТЕ 5:14NW).

1, 2. а) Како нашата денешна ситуација е слична на ситуацијата на древните христијани во Ефес? б) Кои способности можат да те заштитат од опасност, и како можеш да ги развиеш?

 „СТРОГО пазете како одите, не како немудри, туку како мудри лица, откупувајќи си го поволното време, затоа што деновите се зли“ (Ефесјаните 5:15, 16NW). Од времето кога апостол Павле ги напишал овие зборови, пред две илјади години, ‚лошите луѓе и лажливците напредувале во злото‘. Живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (NW), или како што тоа го кажува еден друг превод, времињата се „полни со опасност“ (2. Тимотеј 3:1—5, 13; Phillips).

2 Меѓутоа, ти можеш да избегнеш да ти наштетат опасностите кои можеби демнат на твојот пат ако развиваш „остроумност . . . спознание и способност за размислување“ (Изреки 1:4NW). Во Изреки 2:10—12 се вели: „Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето [способноста за размислување, NW] ќе те брани, разумот [проникливоста, NW] ќе те чува, за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага“. Но, како можеш да ги развиеш тие способности? Евреите 5:14 (NW) вели: „Тврдата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние кои преку употреба ја извежбале својата моќ на согледување, да распознаваат исправно од погрешно“. Како и секоја друга вештина, совладувањето на употребата на моќта на согледување бара вежбање. Грчкиот збор кој го употребил Павле, дословно значи ‚да се биде извежбан како еден гимнастичар‘. Како почнуваш со таквото вежбање?

Вежбај ја својата моќ на согледување

3. Како можеш да ја користиш својата моќ на согледување кога си повикан да донесеш некоја одлука?

3 Забележи дека твојата моќ на согледување — твојата способност да проникнеш што е исправно а што погрешно — се вежба „преку употреба“. Кога мораш да донесеш некоја одлука, тогаш претпоставката, импулсивното постапување или едноставно следењето на мноштвото, ретко ќе резултираат со мудар избор. За да донесуваш мудри одлуки, мораш да ја користиш својата моќ на согледување. Како? Пред сѐ, со темелно испитување на ситуацијата и собирање на сите факти. Поставувај си прашања ако е потребно. Утврди кои се твоите опции. Изреки 13:17 вели: „Секој благоразумен работи со знаење“. Потоа, обиди се да утврдиш кои библиски закони или начела се однесуваат на таа тема (Изреки 3:5). Секако, за да го сториш тоа, мора да имаш спознание од Библијата. Затоа Павле нѐ охрабрува да примаме „тврда храна“ — да научиме „што е ширина и должина, што е длабочина и височина“ на вистината (Ефесјаните 3:18).

4. Зошто е неопходно спознание за Божјите начела?

4 Тоа е неопходно бидејќи сме несовршени, склони да грешиме (1. Мојсеева 8:21; Римјаните 5:12). „Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано“, се вели во Јеремија 17:9. Ако не нѐ водат побожните начела, тогаш можеме да се измамиме и да помислиме дека нешто лошо е добро — едноставно бидејќи нашето тело копнее по тоа. (Спореди Исаија 5:20.) Псалмистот напишал: „Како младичот ќе го запази во чистота патот свој? — Ако ги пази зборовите Твои. Преку Твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој [лажен, NW] пат на неправда“ (Псалм 118:9, 104).

5. а) Зошто некои млади следат лажни патишта? б) Како една младинка ја направила вистината нејзина своина?

5 Зошто некои млади кои биле одгледани во христијански домаќинства почнале да следат лажни патишта? Дали таквите поединци можеби никогаш не ‚познале [утврдиле, NW], која е добрата, угодна и совршена волја Божја‘? (Римјаните 12:2). Некои можеби одат со родителите на состаноци и можат да кажат напамет некои од основните учења на Библијата. Но, кога ќе бидат замолени да дадат доказ за своите верувања или да објаснат некои подлабоки работи од Божјата реч, тогаш нивното спознание честопати се покажува плитко — што е за разочарување. Тие млади можат лесно да бидат заведени (Ефесјаните 4:14). Доколку тоа е случај и со тебе, зошто не решиш да направиш промени? Една млада сестра се присетува: „Истражував. Се прашував: ‚Од каде знам дека ова е вистинската религија? Од каде знам дека постои Бог по име Јехова?‘“ a Внимателното испитување на Писмото ја уверило дека тоа што го учела од родителите е навистина така! (Спореди Дела 17:11.)

6. Како можеш ‚да се увериш што му е прифатливо на Господ‘, Јехова?

6 Наоружан со спознание за Јеховините начела, полесно ќе ‚се увериш што му е прифатливо на Господ‘ (Ефесјаните 5:10NW). Но, што ако не си сигурен кој е мудриот правец што треба да го заземеш во извесна ситуација? Моли му се на Јехова за водство (Псалм 118:144). Обиди се да разговараш за тоа со родителите или со некој зрел христијанин (Изреки 15:22; 27:17). Корисно водство можеш да најдеш и ако истражуваш во Библијата и во публикациите на Watch Tower (Изреки 2:3—5). Колку повеќе ја користиш својата моќ на согледување, толку таа ќе стане поостра.

Покажувај проникливост во рекреацијата

7, 8. а) Како можеш да ја користиш својата моќ на согледување кога одлучуваш дали да одиш на некој собир или не? б) Какво е библиското гледиште за рекреацијата?

7 Сега да видиме како би можел да ја користиш својата моќ на согледување во некои конкретни ситуации. Замисли си, на пример, дека си поканет на некој собир. Можеби дури си добил и писмена покана со која се најавува седенката. Кажано ти е дека таму ќе има голем број млади Сведоци. Но, покривањето на трошоците ќе биде наплатено. Дали треба да одиш?

8 Па, употреби ја моќта на согледување. Прво, собери ги фактите. Колкав ќе биде тој собир? Кој сѐ ќе биде таму? Кога ќе започне? Кога ќе заврши? Какви активности се планирани? На кој начин ќе се надгледува? Потоа, истражувај малку, барајќи во Watch Tower Publications Index (Индексот на публикации на Стражарска кула) под насловот „Друштвени собири“ и „Забава“. b Што може да открие твоето истражување? Како прво, дека Јехова не го осудува заедничкото собирање заради забава. Всушност, Проповедник 8:15 вели дека заедно со напорното работење, „нема подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели“. Па и самиот Исус Христос бил присутен на некои посебни оброци и најмалку на една свадба (Лука 5:27—29; Јован 2:1—10). Ако е урамнотежено, дружењето може да биде корисно.

9, 10. а) Какви опасности можат да наметнат некои собири? б) Кои прашања би можел да си ги поставиш пред да одлучиш дали да одиш на некој собир или не?

9 Сепак, лошо организираните собири може да значат неволја. Во 1. Коринтјаните 10:8 читаме за тоа како немудрото друштво довело до блуд и погубување на ‚дваесет и три илјади [неверни Израелци] во еден ден‘. Едно друго отрезнувачко предупредување се наоѓа во Римјаните 13:13: „Да одиме чесно како дење — не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист“. (Спореди 1. Петрово 4:3.) Точно, не може да се даде конкретен број за тоа колку лица можат да дојдат на некој собир. Но, искуството покажува дека колку еден собир е поголем толку е потешко да се надгледува. Помала е веројатноста дека помалите, добро надгледувани собири ќе се претворат во „диви забави“ (Галатјаните 5:21, Byington).

10 Твоето истражување несомнено ќе подбуди и понатамошни прашања, како на пример: ‚Дали на собирот ќе има и некои зрели возрасни христијани? Всушност, кој го организира? Дали целта на собирот е да се унапредува здраво дружење или некој да заработи? Постојат ли некакви ограничувања во однос на тоа кој може да дојде? Доколку собирот биде за време на викендот, дали ќе заврши во разумно време за да можат оние кои се дојдени следниот ден да учествуваат во христијанската служба? Доколку има музика и танцување, дали тоа ќе биде доследно со христијанските мерила?‘ (2. Коринтјаните 6:3). Поставувањето вакви прашања можеби не е лесно. Но Изреки 22:3 предупредува: „Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“. Да, можеш да избегнеш ризични ситуации ако ја користиш својата моќ на согледување.

Проникливост во планирањето на твоето образование

11. Како можат младите да ја користат моќта на согледување кога ја планираат својата иднина?

11 Библијата вели дека е мудро да се планира за иднината (Изреки 21:5NW). Дали ти и твоите родители сте дискутирале за твојата иднина? Можеби планираш да стапиш во полновремена служба како пионер. Навистина, ниедна кариера што ќе ја избереш не би можела да ти донесе поголемо задоволство. Доколку негуваш добри навики на проучување и развиваш вештини во службата, ти всушност се подготвуваш за оваа возбудлива кариера. Дали си размислувал како ќе се издржуваш во службата? Доколку во иднина решиш да подигаш семејство, дали ќе можеш да се грижиш за таа додатна одговорност? Донесувањето урамнотежени, реалистични одлуки во врска со овие работи бара да ја користиш својата моќ на согледување.

12. а) Како некои семејства избрале да се приспособат кон променливата економска ситуација? б) Дали мора да значи дека добивањето некакво дополнително образование не е во согласност со целта да се биде пионер? Објасни.

12 На некои места сѐ уште може да се добие обука за некоја корисна вештина или професија на работното место. Некои млади го учат семејниот бизнис или, пак, добиваат обука од возрасните пријатели кои имаат свој бизнис. Други посетуваат курсеви на училиште кои подоцна ќе им бидат од корист во заработувањето за живеачка. Онаму каде што нема на располагање такви можности, родителите можат, после грижливо размислување, да уредат нивните деца да добијат некое дополнително образование после средното училиште. Ваквото планирање однапред за да се исполнат одговорностите како возрасен, а особено за можноста да се учествува во пионерската служба на долгорочна основа, е во склад со ставањето на Божјето Царство на прво место (Матеј 6:33). Дополнителното образование не го исклучува пионерењето. На пример, една девојка Сведок сакала да пионери на подолго време. Откако го завршила средното училиште, нејзините родители — и самите општи пионери — организирале таа да добие извесно дополнително образование. Можела да пионери додека се школувала, и сега има квалификација со која самата се издржува додека продолжува со пионерењето.

13. Како треба семејствата да го пресметаат трошокот на дополнителното образование?

13 Во врска со дополнителното образование, секое семејство има право и одговорност да донесе сопствена одлука. Ако таквото образование е добро избрано, може да биде корисно. Но, тоа може да биде и замка. Доколку размислуваш за такво образование, која е твојата цел? Дали да се подготвиш на еден чесен начин да излезеш на крај со одговорностите кога ќе бидеш возрасен? Или, пак, „за себе сакаш нешто големо“? (Јеремија 45:5; 2. Солунјаните 3:10; 1. Тимотеј 5:8; 6:9). Што е со тежнеењето по дополнително образование надвор од домот, можеби живеење во студентски дом? Дали тоа би било мудро со оглед на Павловото предупредување дека „лошите зборови [друштва, NW] ги расипуваат добрите обичаи“? (1. Коринтјаните 15:33; 2. Тимотеј 2:22). Запомни го и тоа дека „времето натаму е кратко“ (1. Коринтјаните 7:29). Колку време ќе посветиш на тоа образование? Дали тоа ќе го одземе грото од твоите младешки години? Ако да, како ќе го примениш библиското охрабрување да ‚си спомнуваш за твојот Творец во дните на младоста своја‘? (Проповедник 12:1). Освен тоа, дали курсевите кои ги посетуваш дозволуваат време за животоважните христијански активности како што се присуствувањето на состаноците, службата на теренот и личната студија? (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25). Доколку имаш остра моќ на согледување, нема никогаш да ги изгубиш од вид духовните цели додека ти и родителите ја планирате твојата иднина.

Додворувањето да остане чесно

14. а) Кои начела треба да ги водат паровите кои се додворуваат додека покажуваат наклоност еден кон друг? б) Како некои парови покажале слабо просудување во тој поглед?

14 Едно друго подрачје на кое ти е потребна моќ на согледување е додворувањето. Сосема е природно да сакаш да покажеш наклоност кон некој во кого си вљубен. Изгледа дека двајцата чесни млади од Песната над песните разменувале некакви изрази на наклоност пред да се венчаат (Песна над песните 1:2; 2:6; 8:5). Денес, некои парови кои се додворуваат можеби исто така мислат дека држењето за рака, бакнувањето и прегрнувањето се во ред, особено кога се чини дека венчавањето е близу. Но, сети се: „Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен“ (Изреки 28:26). Трагично е тоа што извесен број парови покажале лошо просудување така што се изложиле на компромитирачки околности. Изразите на наклоност станале силни и неконтролирани; од тоа произлегле нечисти постапки кои прераснале дури во сексуален неморал.

15, 16. Кои разумни мерки на претпазливост можат да ги преземат паровите за да се осигураат дека нивното додворување ќе остане чесно?

15 Доколку одржуваш романтична врска, ќе биде мудро да избегнуваш да бидеш сам со твојот иден партнер под непригодни околности. Значи, можеби ќе биде најдобро да уживате во меѓусебното дружење во група или на јавни места. Некои парови организирале да имаат придружник. Исто така, размисли и за зборовите од Осија 4:11 (NW): „Виното и слаткото вино се она што го одзема добриот мотив“. Алкохолот може да го ослабне доброто просудување и да го наведе парот да постапува на начин за кој подоцна ќе зажали.

16 Изреки 13:10 вели: „Од гордоста произлегува раздор, а мудроста е со оние, кои се советуваат“. Да, ‚советувајте се‘ и дискутирајте за тоа како ќе се однесувате. Поставете си граници во изразувањето наклоност, и нека секој ги почитува чувствата и совеста на другиот (1. Коринтјаните 13:5; 1. Солунјаните 4:3—7; 1. Петрово 3:16). Разговарањето за оваа осетлива тема можеби во почетокот ќе биде тешко, но тоа може да спречи создавање на понатамошни сериозни проблеми.

Да се биде поучен ‚од младоста‘

17. Како Давид го направил Јехова ‚своја сигурност од младоста своја‘, и каква поука можат да извлечат од тоа денешните млади?

17 Избегнувањето на сатанските замки ќе бара постојана будност од твоја страна — а понекогаш и голема храброст. Па, понекогаш можеби ќе се разидуваш, не само со своите врсници туку и со целиот свет. Псалмистот Давид молел: „Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја. Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, а јас сѐ досега ги објавував чудесата Твои“ (Псалм 70:5, 17). c Давид е познат по храброста. Но, кога ја развил? Додека бил младинец! Уште пред своето прочуено соочување со Голијат, Давид покажал необична храброст кога ги заштитил стадата на својот татко — така што убил лав и мечка (1. Царства 17:34—37). Меѓутоа, за сета покажана смелост Давид му оддал целосно признание на Јехова, нарекувајќи го „моја сигурност од младоста моја“. Способноста на Давид да се ослонува на Јехова го направила дораснат на сите испити со кои се соочил. И ти ќе откриеш дека доколку се ослонуваш на Јехова, тој ќе ти даде храброст и сила за да го ‚победиш светот‘ (1. Јованово 5:4).

18. Каков поттик им се дава на побожните млади денес?

18 Илјадници младинци како тебе зазеле храбар став и сега служат како крстени објавители на добрата вест. Му благодариме на Бог за верата и храброста што ја имате вие млади! Останете одлучни да бегате од расипаноста на светот (2. Петрово 1:4). Користете ја и понатаму својата библиски школувана моќ на согледување. Таа ќе ве заштити од катастрофа уште сега, а на крај ќе го осигура вашето спасение. Навистина, како што ќе покаже и нашата последна статија, ќе го направите животот успешен.

[Фусноти]

a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Како можам да ја направам вистината моја своина?“ од изданието на Разбудете се! од 8 февруари 1999.

b Статијата „Радувај се на користите и избегнувај ги замките на заедничката разонода“ која излезе во изданието на Стражарска кула од 15 август 1992 содржи изобилство информации на оваа тема.

c Изгледа дека Псалм 70 [71, NW] е продолжение на Псалм 69 [70, NW] кој во натписот во преводот The New World Translation е идентификуван како псалм Давидов.

Прашања за повторување

◻ Како еден младинец ја вежба својата моќ на согледување?

◻ Како може еден младинец да ја користи својата моќ на согледување кога станува збор за одење на христијански собири?

◻ Кои фактори можат да се разгледаат при планирањето на образование?

◻ Како можат паровите кои се додворуваат да ја избегнат замката на сексуалниот неморал?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Ако научиш да истражуваш, тоа ќе ти помогне да ја извежбаш својата моќ на согледување

[Слика на страница 16]

Помалите собири полесно се надгледуваат и помала е веројатноста дека ќе се претворат во неконтролирано лумпување

[Слика на страница 16]

Родителите треба да им помогнат на своите деца во планирањето на образованието

[Слика на страница 17]

Романтичната врска во група е заштита