Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да ги одржуваш своите ветувања?

Зошто да ги одржуваш своите ветувања?

Зошто да ги одржуваш своите ветувања?

„ГЛАСАЈТЕ за човекот кој ветува најмалку; тој најмалку ќе ве разочара“, рекол последниот претседателски советник Бернард Барух. Во денешниов свет се чини дека ветувањата се даваат само за да бидат прекршени. Тоа може да бидат брачни завети, деловни договори или давање збор дека ќе се поминува повеќе време со децата. Нашироко се игнорира она што се подразбира под традиционалното начело: „Човекот вреди колку и неговиот збор“.

Секако, многу луѓе никогаш немаат намера да ги одржат своите ветувања. Други, пак, набрзина даваат ветувања кои не можат да ги исполнат или го прекршуваат својот збор едноставно бидејќи им е најлесно да го следат таквиот правец.

Мора да се признае, доколку настанат непредвидени околности може да биде тешко да се одржи едно ветување. Но, дали едно прекршено ветување навистина нанесува голема штета? Дали треба сериозно да ги сфатиш своите ветувања? Еден краток преглед на примерот на Јехова Бог ќе ни помогне да видиме зошто треба сериозно да размислиме за оваа работа.

Јехова ги исполнува своите ветувања

Ние обожаваме Бог чие име е тесно поврзано со исполнувањето на неговите ветувања. Во библиски времиња, името честопати го опишувало лицето. Тоа е случај и со името Јехова кое значи „Тој предизвикува да стане“ (2. Мојсеева 3:14NW). Според тоа, божественото име ја содржи мислата дека Бог ќе ги исполни своите ветувања и ќе ги оствари своите намери.

Верно на своето име, Јехова ги одржал сите ветувања кои ѝ ги дал на древната нација Израел. Во врска со тие ветувања, цар Соломон признал: „Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израилот, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови, што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеја“ (3. Царства 8:56).

Јехова е толку достоен за доверба што апостол Павле можел да расудува: „Бог, кога му ветуваше на Авраама, бидејќи немаше ништо поголемо, во што би се заколнал, се заколна во Себеси“ (Евреите 6:13). Да, самото Јеховино име и личност претставуваат гаранција дека тој нема да ги повлече своите ветувања, макар да го чинат многу (Римјаните 8:32). Фактот дека Јехова ги исполнува своите ветувања ни дава надеж која е ленгер за нашата душа, т. е. живот (Евреите 6:19).

Јеховините ветувања и нашата иднина

Нашата надеж, нашата вера и самиот наш живот зависат од исполнувањето на Јеховините ветувања. Каква надеж негуваме ние? „Но ние, според Неговото [Божјето] ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). Писмото ни дава и основа за вера дека „ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Можеме да бидеме сигурни дека има нешто повеќе од сегашниов живот. Секако, она што апостол Јован го нарекува ‚ветување‘ е ‚вечниот живот‘ (1. Јованово 2:25). Но, Јеховините ветувања кои се наоѓаат во неговата Реч не се ограничени само на иднината. Тие му даваат смисла на нашиот секојдневен живот уште сега.

Псалмистот пеел: „Близу е Господ до сите, кои го признаваат . . . ги услишува молитвите нивни [нивниот повик за помош, NW]“ (Псалм 144:18, 19). Исто така, Бог нѐ уверува дека „Он му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот“ (Исаија 40:29). И колкава само утеха е што знаеме дека ‚Бог нема да позволи да бидеме искушувани повеќе од силата наша, а заедно со искушението ќе ни даде и излез‘! (1. Коринтјаните 10:13). Доколку лично сме го доживеале исполнувањето на кое и да е од овие ветувања, тогаш знаеме дека можеме да имаме апсолутна доверба во Јехова. Со оглед на користите кои ги извлекуваме од многуте ветувања кои ги дава и одржува Бог, како треба да гледаме на своите ветувања кон него?

Да ги одржуваме своите ветувања кон Бог

Нашето предание на Бог несомнено е најважното ветување кое можеме да го дадеме. Преземајќи го овој чекор, ние покажуваме дека сакаме да му служиме на Јехова засекогаш. Иако Божјите заповеди не се тешки, можеби не ни е секогаш лесно да ја вршиме неговата волја затоа што живееме во овој злобен систем на ствари (2. Тимотеј 3:12; 1. Јованово 5:3). Но, штом сме ‚ја ставиле раката своја на ралото‘ и сме станале предадени Јеховини слуги и ученици на неговиот син, Исус Христос, не би требало никогаш да се свртуваме кон работите од светот кои сме го оставиле зад себе (Лука 9:62).

Кога му се молиме на Јехова, можеби се чувствуваме поттикнати да му ветиме дека ќе се бориме за да надминеме некоја слабост, дека ќе негуваме некоја христијанска особина или дека ќе зголемиме некој аспект од нашата теократска активност. Што ќе ни помогне да ги проследиме до крај овие ветувања? (Спореди Проповедник 5:2—5NW.)

Искрените ветувања потекнуваат и од срцето и од умот. Затоа, да ги поткрепиме своите ветувања дадени на Јехова така што ќе му го отвориме своето срце во молитва, искрено изнесувајќи ги своите стравови, желби и слабости. Ако се молиме за некое ветување тоа ќе ја зајакне нашата решеност да го одржиме. Своите ветувања кон Бог би можеле да ги сметаме како долгови. Кога долговите се големи, исплатата мора да се врши постепено. Исто така, за исполнувањето на многу ветувања кои му ги даваме на Јехова потребно е време. Но, ако редовно му го даваме она што можеме, покажуваме дека сериозно го мислиме она што го велиме, и тој ќе нѐ благослови во склад со тоа.

Можеме да покажеме дека сериозно ги сфаќаме своите ветувања ако често се молиме за нив, можеби и секој ден. Тоа ќе му покаже на нашиот небесен Татко дека сме искрени. Исто така, тоа ќе ни служи како редовен потсетник. Давид ни оставил добар пример во тој поглед. Тој во песна сесрдно го молел Јехова: „Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја . . . со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети од ден во ден“ (Псалм 60:1, 8).

Одржувањето на нашите ветувања гради доверба

Како што ветувањата кон Бог не треба да ги земаме лекомислено, истото може да се рече и за ветувањата кои им ги даваме на сохристијаните. Не треба со Јехова да постапуваме на еден начин, а со нашите браќа на друг. (Спореди 1. Јованово 4:20.) Во својата Проповед на гората Исус рекол: „Зборот ваш да биде: да, да, — не, не“ (Матеј 5:37). Водењето сметка нашиот збор секогаш да биде веродостоен е еден начин на кој „им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10). Секое одржано ветување гради доверба.

Штетата која произлегува од прекршувањето на некое ветување честопати е поголема кога се работи за пари. Без разлика на тоа дали враќа заем, дали врши некоја услуга или исполнува некој комерцијален договор, христијанинот треба да си стои на зборот. Ова му е угодно на Бог и ја зацврстува взаемната доверба која е толку неопходна за да можат браќата да „живеат во единство“ (Псалм 133:1NW).

Меѓутоа, пропустот да се држиме за договорите, може да му наштети како на собранието така и на поединците кои се директно вклучени. Еден патувачки надгледник забележува: „Деловните спорови — кои секогаш се предизвикани од договори за кои барем едната странка смета дека не се почитувани — честопати стануваат јавно познати. Како последица на тоа, браќата заземаат страни и атмосферата во Салата на Царството станува напната“. Колку само е важно внимателно да размислиме за кој и да е договор што го правиме, и да го изнесеме на писмено! a

Треба да се покаже претпазливост и кога се продаваат скапи производи или кога се препорачуваат некои инвестиции, особено ако ние лично профитираме од таа трансакција. Исто така, постои потреба да се биде многу внимателен да не се претерува со истакнувањето на користите од извесни статии или здравствени производи или, пак, да се ветува нереалистична добивка од инвестициите. Љубовта треба да ги поттикне христијаните во потполност да ги објаснат сите ризици што притоа се вклучени (Римјаните 12:10). Со оглед на тоа што повеќето браќа имаат ограничено искуство со бизнисот, тие можеби имаат доверба во нашиот совет едноставно бидејќи сме поврзани со нив во верата. Колку само би било трагично ако се поткопа оваа доверба!

Ние како христијани, не можеме да усвоиме деловни практики кои се нечесни или кои ги игнорираат законитите интереси на другите (Ефесјаните 2:2, 3; Евреите 13:18). За да ја добиеме Јеховината наклоност како ‚гости во неговиот шатор‘, мораме да бидеме достојни за доверба. ‚Дури и ако сме се заколнале во нешто што е лошо за нас, не се менуваме‘ (Псалм 15:1, 4NW).

Израелскиот судија Ефтај се заветувал дека, доколку Бог му даде победа над Амонците, тој ќе му го даде на Јехова како пален принос првото што ќе го сретне по враќањето од битката. Испаднало тоа прво да биде единственото дете на Јефтај, но сепак, тој не го порекнал својот збор. Со искрена согласност на неговата ќерка, тој ја дал за трајна служба во Божјето светилиште — жртва која несомнено била болна и скапа во различни погледи (Судии 11:30—40).

Особено собраниските надгледници имаат одговорност да се држат за своите договори. Според 1. Тимотеј 3:2 надгледникот треба да биде „непорочен“. Тоа е превод на еден грчки термин што значи „да не можеш да му замериш за нешто, беспрекорно, без маана“. Тоа „подразбира не само дека тој човек е на добар глас, туку и дека го заслужува тоа“ (A Linguistic Key to the Greek New Testament). Со оглед на тоа што еден надгледник мора да биде беспрекорен, неговите ветувања треба секогаш да бидат веродостојни.

Други начини да ги одржиме своите ветувања

Како треба да гледаме на ветувањата кои им ги даваме на оние кои не се сохристијани? „Треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16). Ако докажеме дека си стоиме на зборот, тоа може да ги привлече другите кон нашата христијанска порака. И покрај светскиот пад на мерилата за чесност, повеќето луѓе сѐ уште го ценат интегритетот. Одржувањето на нашите ветувања е еден начин да покажеме љубов кон Бог и кон ближниот и да ги привлечеме љубителите на праведноста (Матеј 22:36—39; Римјаните 15:2).

Во текот на 1998 службена година, Јеховините сведоци поминаа над една милијарда часови во јавното објавување на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Дел од ова проповедање можеби не наишло на одѕив доколку не сме го одржале својот збор во деловните односи или во други работи. Бидејќи ние го претставуваме Богот на вистината, луѓето со право очекуваат да постапуваме чесно. Со тоа што сме достојни за доверба и чесни, ‚науката на нашиот Спасител, Бога, ја украсуваме во сѐ‘ (Тит 2:10).

Во службата имаме прилики да го одржиме својот збор кога навраќаме да ги посетиме оние кои покажуваат интерес за пораката за Царството. Доколку им кажеме дека ќе навратиме, треба и да го сториме тоа. Навраќањето, како што сме ветиле, е еден начин ‚да не откажуваме да му направиме добро на оној, кој има потреба‘ (Изреки 3:27). Една сестра го објаснила тоа на следниов начин: „Во неколку прилики сум сретнала заинтересирани лица кои рекле дека некој Сведок им ветил дека ќе наврати, но не го сторил тоа. Секако, знам дека станарите можеби не биле дома или дека можеби поради околностите не било можно да навратат. Но, јас не би сакала некој да го рече тоа за мене, па затоа давам сѐ од себе повторно да го најдам тоа лице дома. Верувам дека ако некого разочарам, тогаш тоа лошо ќе се одрази на Јехова и на моите браќа во целина“.

Во некои случаи, можеби не сме расположени да навратиме бидејќи заклучуваме дека лицето не е вистински заинтересирано. Истата сестра објаснува: „Не се обидувам да судам колкав е интересот. Искуството ме научи дека првите впечатоци честопати се погрешни. Затоа, се обидувам да бидам позитивна и на секое лице да гледам како на потенцијален брат или сестра“.

Во христијанската служба и на многу други подрачја, треба да покажеме дека може да се има доверба во нашиот збор. Точно, некои работи е полесно да се кажат отколку да се направат. Мудриот човек забележал: „Мнозина го фалат човекот за милосрдноста негова, но кој наоѓа вистински [верен, NW] човек?“ (Изреки 20:6). Со одлучност, и ние можеме да бидеме верни и лојални на својот збор.

Богати благослови од Бог

Намерното давање празно ветување е нечесно и може да се спореди со пишување чек без да се има во банка пари како покритие. Но, колкави само награди и благослови добиваме ако ги одржуваме своите ветувања! Еден благослов за тоа што сме достојни за доверба е чистата совест. (Спореди Дела 24:16.) Наместо да нѐ измачуваат чувства на каење, се чувствуваме задоволни и спокојни. Освен тоа, ако го одржуваме својот збор, придонесуваме кон единството во собранието кое зависи од взаемната доверба. Нашиот „вистинит говор“ нѐ препорачува и како министри на Богот на вистината (2. Коринтјаните 6:3, 4, 7).

Јехова е верен на својот збор и тој мрази „јазик лажлив“ (Изреки 6:16, 17). Имитирајќи го својот небесен Татко, ние всушност му се приближуваме. Значи, секако дека имаме добра причина да ги одржуваме своите ветувања.

[Фуснота]

a Види ја статијата „Изнеси го тоа на писмено!“ од англиското издание на Разбудете се! од 8 февруари 1983, страници 13—15.

[Слики на страница 10]

Ефтај го одржал своето ветување, иако тоа било многу болно

[Слики на страница 11]

Ако си ветил дека ќе навратиш, тогаш добро подготви се за да го сториш тоа