Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Му го дадов на Јехова она што го заслужува

Му го дадов на Јехова она што го заслужува

Му го дадов на Јехова она што го заслужува

РАСКАЖАЛ ТИМОЛЕОН ВАСИЛИУ

Бев уапсен бидејќи поучував за Библијата во селото Ајдонохори. Полицајците ми ги собуја чевлите и почнаа да ме удираат по табаните. Како што тепањето продолжуваше, стапалата ми се вкочанија и повеќе не можев да осетам болка. Пред да објаснам што доведе до ваквото малтретирање, кое во тоа време во Грција не беше невообичаено, дозволете ми да раскажам како станав библиски учител.

НАБРЗО по моето раѓање во 1921, нашето семејство се преселило во градот Родоливос, северна Грција. Во младоста водев бунтовен живот. Кога имав 11 години почнав да пушам. Подоцна станав тежок пијаница и коцкар, и одев на бурни забави речиси секоја ноќ. Имав осет за музика, па затоа му се придружив на еден локален оркестар. За скоро една година, можев да свирам на повеќето инструменти во оркестарот. Сепак, истовремено бев студиозен и ја сакав правдата.

Во почетокот на 1940, додека беснееше II светска војна, нашиот оркестар беше поканет да свири на погребот на едно девојче. На гробиштата, роднините и пријателите го оплакуваа со необуздан жал. Нивната потполна безнадежност остави длабок впечаток врз мене. Почнав да се прашувам: ‚Зошто умираме? Постои ли нешто повеќе во животот отколку нашето кратко постоење? Каде можам да ги најдам одговорите?‘

Неколку дена после тоа, на една полица дома забележав примерок од Новиот завет. Го зедов и почнав да го читам. Кога ги прочитав Исусовите зборови во Матеј 24:7 дека дел од знакот за неговата присутност ќе биде војната во огромни размери, ми светна дека неговите зборови мора да важат за нашево време. Во следните седмици неколкупати го прочитав овој примерок од Христијанските грчки списи.

Потоа, во декември 1940, посетив едно семејство во близината — вдовица со пет деца. На нивниот таван, во цел куп брошури најдов една со наслов A Desirable Government (Пожелна влада), издадена од Watch Tower Bible and Tract Society. Останав на таванот и ја прочитав целата брошура. Од она што го прочитав целосно се уверив дека навистина живееме во она што Библијата го нарекува „последните денови“ и дека наскоро Јехова Бог ќе го оконча овој систем на ствари и ќе го замени со еден праведен нов свет (2. Тимотеј 3:1—5; 2. Петрово 3:13).

Посебно ме импресионира библискиот доказ дека верните ќе живеат засекогаш во еден земен рај и дека во тој нов свет под владата на Божјето Царство веќе нема да има страдања и смрт (Псалм 36:9—11, 29; Откровение 21:3, 4). Додека читав, во молитва му благодарев на Бог за тие работи и го молев да ми покаже кои се неговите барања. Ми стана јасно дека Јехова Бог заслужува да му се предадам со сета душа (Матеј 22:37).

Постапувам според она што го учам

Оттогаш престанав да пушам, да се опивам и да се коцкам. Ги собрав петте деца на вдовицата и моите помали две сестри и еден брат и им објаснив што научив од брошурата. Набрзо сите почнавме да го шириме она малку што го знаевме. Во средината станавме познати како Јеховини сведоци, иако никогаш немавме сретнато Сведоци. Уште во почетокот, поминував по повеќе од сто часа месечно кажувајќи им на другите за прекрасните работи кои ги учев.

Еден од локалните грчки православни свештеници отиде кај градоначалникот за да се жали од нас. Но, неколку дена пред тоа, без наше знаење, некој млад Сведок нашол изгубен коњ и им го вратил на сопствениците. Поради таа чесност, градоначалникот ги почитуваше Сведоците и одби да го послуша свештеникот.

Еден ден, отприлика во октомври 1941, додека сведочев на еден пазар, некој зборуваше за еден Сведок на Јехова кој живеел во еден град недалеку. Тој бил еден бивш полицаец по име Христос Триантафилоу. Отидов кај него и дознав дека е Сведок од 1932 година. Колку само бев среќен кога ми даде повеќе постари публикации на Watch Tower! Тие навистина ми помогнаа духовно да напредувам.

Во 1943 го симболизирав моето предание на Бог со крштавање во вода. Дотогаш водев библиски студии во три соседни села — Дравискос, Палеокоми и Мавролофос. Како помагало за проучување на Библијата ја користев книгата The Harp of God (Харфа Божја). На крај имав предност да видам како во ова подрачје беа формирани четири собранија на Јеховините сведоци.

Проповедање и покрај препреки

Во 1944 Грција беше ослободена од германска окупација и, после некое време, беше воспоставена комуникација со канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Атина. Канцеларијата на подружницата ме замоли да учествувам во проповедањето на едно подрачје каде што скоро никој немаше чуено за пораката за Царството. Откако се преселив таму, три месеци работев на една фарма, а остатокот од годината го минував во служба.

Таа година бев благословен да го видам крштавањето на мајка ми, како и на вдовицата и нејзините деца, освен нејзината најмлада ќерка Маријанти која беше крстена 1943 и ми стана драга сопруга. После триесет години, во 1974, и татко ми стана крстен Сведок.

Во почетокот на 1945 го добивме првиот шапирографски примерок на Стражарска кула од канцеларијата на подружницата. Нејзината главна статија имаше наслов „Одете, поучете ги сите нации“ (Матеј 28:19, The Emphatic Diaglott). Маријанти и јас веднаш го напуштивме нашиот дом за да работиме на оддалечени подрачја источно од реката Струма. Подоцна ни се придружија и други Сведоци.

Честопати пешачевме боси за да стигнеме до некое село, минувајќи километри низ клисурите и планините. Тоа го правевме за да си ги сочуваме чевлите, бидејќи, кога ќе се излижеа, немавме други за да ги замениме. Од 1946 до 1949 во Грција беснееше граѓанска војна и беше многу опасно да се патува. Не беше необично крај патот да се видат лешеви.

Тешкотиите не нѐ обесхрабрија. Напротив, продолживме ревносно да служиме. Многупати се чувствував како псалмистот кој напишал: „Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псалм 22:4). Во тој период честопати бевме отсутни од дома со седмици, а јас понекогаш поминував и по 250 часа месечно во службата.

Нашата служба во Ајдонохори

Едно од селата кои ги посетивме во 1946 беше Ајдонохори, сместено високо на една планина. Таму запознавме еден човек кој ни рече дека во селото има двајца мажи кои сакаат да ја слушнат библиската порака. Меѓутоа, поради страв од соседите, човекот не беше спремен да нѐ упати кај нив. Сепак, ги пронајдовме нивните домови и бевме гостољубиво дочекани. Всушност, после неколку минути, дневната соба беше полна со луѓе! Тоа беа роднини или блиски пријатели. Бев апсолутно збунет кога видов со колкава внимателност седеа и нѐ слушаа. Наскоро дознавме дека тие желно очекувале да дојдат во контакт со Јеховините сведоци, но дека за време на германската окупација во тоа место немало ниеден Сведок. Што го подбудило нивниот интерес?

Двата семејни поглавари се истакнувале во локалната комунистичка партија и ги запознале луѓето со комунистичките идеи. Но, тогаш случајно наишле на еден примерок од книгата Government (Влада) издадена од Watch Tower Society. Откако ја прочитале, се увериле дека единствена надеж за совршена, праведна влада е Божјето Царство.

Останавме да разговараме со овие луѓе и со нивните пријатели сѐ до полноќ. Тие беа сосема задоволни од библиски темелените одговори на нивните прашања. Меѓутоа, набрзо после тоа, комунистите во селото сковаа завера да ме убијат бидејќи сметаа дека јас сум одговорен за преобраќањето на нивните бивши водачи. Патем речено, меѓу присутните првата ноќ беше и човекот кој ми кажа за заинтересираните луѓе во селото. На крај, тој напредуваше во библиското спознание, се крсти и подоцна стана христијански старешина.

Брутално прогонство

Недолго после средбата со овие бивши комунисти, двајца полицајци упаднаа во една куќа каде што имавме состанок. Со вперено оружје уапсија четворица од нас и нѐ одведоа во полициската станица. Таму заменикот на командирот, кој имаше блиски врски со грчкото православно свештенство, остро нѐ прекори. На крај праша: „Па добро, што да правам со вас?“

„Ајде да им удриме еден добар ќотек!“ — извикаа едногласно другите полицајци кои стоеја зад нас.

Беше веќе доцна во ноќта. Полицајците нѐ заклучија во подрумот и отидоа во крчмата која беше веднаш до нив. Кога прилично се испијанија, се вратија и ме одведоа на горниот спрат.

Откако видов во каква состојба се, сфатив дека можат да ме убијат во секој момент. Затоа, му се помолив на Бог да ми даде сила да издржам сѐ што можеби ќе морам да претрпам. Земаа дрвени палки и, како што раскажав во почетокот, почнаа да ме удираат по табаните. После тоа, ме удираа по целото тело, и пак ме фрлија во подрумот. Потоа донесоа друга жртва и почнаа да ја тепаат.

Во меѓувреме, ја искористив приликата да ги подготвам другите двајца млади Сведоци да се соочат со испитот што им претстои. Но, наместо нив, полицајците решија пак мене да ме однесат горе. Ми ја соблекоа облеката, и петмина од нив ме тепаа околу еден час, газејќи ме по главата со војничките чизми. Потоа ме фрлија удолу по скалите, каде што сум лежел во несвест отприлика 12 часа.

Кога конечно нѐ пуштија, едно семејство од селото нѐ прибра ноќта и се грижеше за нас. Следниот ден си појдовме накај дома. Бевме толку истоштени и исцрпени од тепањето што за патот кој обично го поминувавме за два часа пешачење, ни беа потребни осум часа. Јас бев толку отечен од тепањето што Маријанти едвај ме препозна.

Пораст и покрај противењето

Во 1949, додека сѐ уште траеше граѓанската војна, се преселивме во Солун. Бев доделен да служам како помошник на собранискиот слуга во едно од четирите собранија во градот. После една година, собранието толку порасна што формиравме уште едно, а јас бев доделен како собраниски слуга, т. е. претседавачки надгледник. После една година новото собрание речиси се удвои и беше формирано уште едно собрание!

Противниците беа лути поради порастот на Јеховините сведоци во Солун. Еден ден, во 1952, кога си дојдов од работа, ја најдов куќата изгорена до темел. Маријанти едвај си го спасила животот. На состанокот истата вечер, моравме да објасниме зошто бевме во валкани алишта — сѐ друго изгубивме. Нашите христијански браќа беа многу сочувствителни и нѐ поддржаа.

Во 1961 бев доделен во патувачкото дело, посетувајќи различни собранија секоја седмица за духовно да ги зајакнувам браќата. Следните 27 години, Маријанти и јас ги посетувавме покраините и областите во Македонија (Грција), Тракија и Тесалија. Иако мојата драга Маријанти беше практично слепа уште од 1948, таа храбро служеше со мене, поднесувајќи многу испити на верата. И таа беше многупати апсена, осудувана и затворана. Потоа, нејзиното здравје почна да се влошува и, после една долга борба со ракот, умре во 1988 година.

Истата година бев наименуван да служам како специјален пионер во Солун. Сега, после повеќе од 56 години служба на Јехова, сѐ уште можам напорно да работам и да учествувам во сите гранки на службата. Понекогаш седмично водев и по 20 библиски студии со заинтересирани лица.

Сфатив дека навистина се наоѓаме на почетокот на една обемна програма на поучување која ќе продолжи во Јеховиниот нов свет и понатаму во текот на илјада години. Сепак, мислам дека сега не е време да успоруваме, да одолжуваме или да го поминуваме времето во задоволување на телесните желби. Му благодарам на Бог што ми помагаше да го одржам ветувањето што го дадов во самиот почеток, бидејќи Јехова навистина го заслужува нашето предание и нашата служба со сета душа.

[Слика на страница 24]

Како држам предавање додека нашето дело на проповедање е под забрана

[Слика на страница 25]

Со мојата сопруга Маријанти