Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ти можеш да истраеш до крајот

Ти можеш да истраеш до крајот

Ти можеш да истраеш до крајот

„Со истрајност да трчаме во трката што е поставена пред нас“ (ЕВРЕИТЕ 12:1NW).

1, 2. Што значи да се истрае?

 ‚ПОТРЕБНА ви е истрајност‘, им напишал апостол Павле на еврејските христијани од првиот век (Евреите 10:36NW). Нагласувајќи ја важноста на оваа особина, и апостол Петар ги поттикнал христијаните: „Дополнете ја својата вера со . . . истрајност“ (2. Петрово 1:5, 6NW). Но, што всушност е истрајност?

2 Грчкиот глагол за „истрае“ еден грчко–англиски лексикон го дефинира како „да се остане, а не да се бега . . . да се остане при своето, да се издржи“. Во врска со грчката именка за „истрајност“, еден прирачник вели: „Тоа е духот кој може да ги издржи работите, не само со тоа што ќе се помири, туку со огнена надеж . . . Тоа е особина која го држи човекот на нозе со лицето свртено наспроти ветрот. Тоа е доблест која и најтешкиот испит може да го претвори во слава бидејќи зад болката ја гледа целта“. Значи, истрајноста овозможува да се остане цврст и покрај препреките и тешкотиите и да не се изгуби надеж. Кому особено му е потребна оваа особина?

3, 4. а) Кој има потреба од истрајност? б) Зошто мораме да истраеме до крајот?

3 Сите христијани во фигуративна смисла учествуваат во една трка која изискува истрајност. Околу 65 година н. е., апостол Павле му ги напишал на својот соработник и верен придружник во патувањата, Тимотеј, следниве успокојувачки зборови: „Добро се борев, патот го завршив [трката ја довршив до крајот, NW], верата ја запазив“ (2. Тимотеј 4:7). Со изразот „трката ја довршив до крајот“ Павле го споредил својот живот на христијанин со трка со одреден правец и цел. Во тоа време, Павле веќе триумфално се приближувал кон крајот на трката, и со доверба и со нетрпение очекувал да ја добие наградата. „Понатаму“, продолжил тој, „ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија“ (2. Тимотеј 4:8). Павле бил сигурен дека ќе ја добие наградата бидејќи истрајал до крајот. А како е со нас останатите?

4 За да ги охрабри оние кои започнале со трката, Павле напишал: „Со истрајност да трчаме во трката што е поставена пред нас“ (Евреите 12:1NW). Ние како христијани влегуваме во оваа трка на истрајноста тогаш кога му се предаваме на Јехова Бог преку Исус Христос. Добриот старт на патеката на учеништвото е важен, но она што на крајот вреди е да ја завршиме патеката. Исус изјавил: „Кој претрпи [истрае, NW] до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Наградата која ги очекува оние кои успешно ќе ја завршат трката е вечен живот! Според тоа, имајќи цел на ум, мораме да истраеме до крајот. Што ќе ни помогне да ја постигнеме таа цел?

Исправна исхрана — барање

5, 6. а) На што мораме да обрнеме внимание за да истраеме во трката за живот? б) Кои духовни подготовки мораме да ги искористиме, и зошто?

5 Во близина на градот Коринт (Грција) се наоѓало местото каде што во старо време се одржувале прочуените Истамски игри. Несомнено Павле бил свесен дека коринтските браќа биле запознати со атлетските борби и со другите натпревари кои се одржувале таму. Искористувајќи го нивното спознание, тој ги потсетил на трката за живот во која учествувале тие: „Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете“. Павле ја нагласил важноста да се остане во трката и да се продолжи сѐ до финишот. Но што би им помогнало во тоа? „Секој што се бори, од сѐ се воздржува“, додал тој. Да, за да победат натпреварувачите во древните игри се подложувале на строг тренинг, многу совесно воделе сметка што јадат и што пијат и ја контролирале секоја своја активност (1. Коринтјаните 9:24, 25).

6 А што е со трката која ја почнале христијаните? „Ако сакаш да истраеш во трката за живот, мораш да обрнеш внимание на својата духовна исхрана“, вели старешина од едно собрание на Јеховините сведоци. Размисли само каква духовна храна ни обезбедил Јехова, „Богот кој дава истрајност“ (Римјаните 15:5NW). Наш главен извор на духовна исхрана е неговата Реч, Библијата. Зарем не треба да задржиме еден добар распоред за читање на Библијата? Преку ‚верниот и разборит роб‘ (NW) Јехова ни ги обезбедува и навремените списанија Стражарска кула и Разбудете се! и други публикации кои се темелат на Библијата (Матеј 24:45). Ако марливо ги проучуваме, тоа ќе нѐ зајакне духовно. Да, мораме да одвоиме време — ‚да си го откупуваме поволното време‘ — за лична студија (Ефесјаните 5:16NW).

7. а) Зошто не треба да бидеме задоволни само со тоа да ги знаеме основните христијански науки? б) Како можеме да „се стремиме кон зрелост“?

7 За да останеме на патеката на христијанското учеништво, треба да ја преминеме основната ‚почетна наука‘ и да „се стремиме кон зрелост“ (Евреите 6:1NW). Затоа, мораме да развиваме интерес за ‚ширината и должината и длабочината и височината‘ на вистината и да црпиме од „тврдата храна [која] им припаѓа на зрелите луѓе“ (Ефесјаните 3:18; Евреите 5:12—14NW). Земи ги како пример четирите веродостојни извештаи за Исусовиот живот на Земјата — евангелијата по Матеј, Марко, Лука и Јован. Со внимателно проучување на овие евангелски записи, не само што ќе се запознаеме со делата што ги правел Исус и со тоа каква личност бил тој, туку и ќе проникнеме во образецот на размислување кој ги мотивирал неговите постапки. Тогаш ќе можеме да „имаме ум Христов“ (1. Коринтјаните 2:16).

8. Како христијанските состаноци ни помагаат да истраеме во трката за живот?

8 Павле ги опоменал соверниците: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Каков само извор на охрабрување се христијанските состаноци! И колку само е освежувачки да се биде со браќата и сестрите полни со љубов кои се заинтересирани за нас и кои сакаат да ни помогнат да истраеме до крајот! Не смееме да си дозволиме да ја земаме површно оваа Јеховина подготовка полна со љубов. Нека преку нашата марлива лична студија и редовно присуство на состаноците ‚бидеме потполно возрасни во моќта на разбирањето‘ (1. Коринтјаните 14:20NW).

Гледачи кои те поттикнуваат

9, 10. а) На кој начин можат гледачите да бидат извор на охрабрување во трката за истрајност? б) Што е ‚големиот облак од сведоци кои се околу нас‘ спомнат во Евреите 12:1 (NW)?

9 Меѓутоа, без оглед на тоа колку тркачот е добро подготвен, по патот може да се случат работи кои можат да предизвикаат тој да се сопне. „Вие трчавте добро: кој ви попречи, та да не се покорувате на вистината?“ — прашал Павле (Галатјаните 5:7). Изгледа некои од галатиските христијани западнале во лошо друштво и, како резултат на тоа, биле одвратени од трката за живот. Од друга страна, пак, поддршката и охрабрувањето од другите можат да ја олеснат трката за да се истрае. Ова потсетува на ефектот што врз учесниците можат да го имаат гледачите на еден натпревар. Кога возбудувањето на одушевените мноштва расте, тоа ги држи натпреварувачите мотивирани од почеток до крај. Извиците на одобрување од страна на набљудувачите, честопати комбинирани со гласна музика и аплаудирање, можат да им го дадат на учесниците додатниот поттик кој им е потребен додека влегуваат во финишот. Навистина, сочувствителните гледачи можат да извршат позитивно влијание врз оние кои се тркаат.

10 Кои се гледачите во трката за живот која ја почнале христијаните? Откако ги набројал претхристијанските сведоци на Јехова, за кои е забележано во Евреите поглавје 11, Павле напишал: „Па, бидејќи имаме околу себе толку голем облак од сведоци . . . со истрајност да трчаме во трката што е поставена пред нас“ (Евреите 12:1NW). Користејќи го облакот како метафора, Павле не го употребил грчкиот збор кој опишува еден остро скициран облак со јасна големина и облик. Наместо тоа, употребил еден збор кој, според лексикографот В. Е. Вајн, „означува една облачна, безлична маса која го покрива небото“. Јасно, Павле имал на ум едно големо мноштво сведоци — толку многу што биле како маса од облак.

11, 12. а) Како можат верните претхристијански сведоци да навиваат за нас, така да се каже, да трчаме во трката со истрајност? б) Како можеме да извлечеме уште поцелосна корист од ‚големиот облак сведоци‘?

11 Дали можат верните претхристијански сведоци да бидат дословни гледачи денес? Тешко. Сите тие спијат во смрт и чекаат воскресение. Меѓутоа, додека биле живи, тие и самите биле успешни тркачи, а нивниот пример живее на страниците на Билијата. Додека го проучуваме Писмото, овие верни луѓе можат да оживеат во нашите мисли и, така да се каже, можат да навиваат за нас да ја истрчаме трката до финишот (Римјаните 15:4). a

12 На пример, кога нѐ искушуваат световните прилики, зарем разгледувањето на извештајот за тоа како Мојсеј ја отфрлил славата на Египет нема да нѐ мотивира да останеме на патеката? Доколку некој испит на кој наидуваме изгледа жесток, потсетувањето на тешкиот испит со кој се соочил Авраам кога било побарано да го даде својот син Исак сигурно ќе нѐ охрабри да не се откажеме од борбата за верата. До кој степен ќе нѐ поттикнува ‚големиот облак‘ од овие сведоци на овој начин, зависи од тоа колку јасно ги гледаме со нашите очи на разбирање.

13. На кој начин денешните Сведоци на Јехова нѐ поттикнуваат во трката за живот?

13 Исто така, опкружени сме и со многу Сведоци на Јехова во денешно време. Какви само величествени примери на верата дале помазаните христијани, како и мажите и жените од ‚големото мноштво‘! (Откровение 7:9NW). За нивните животни приказни можеме одвреме навреме да читаме во ова списание и во други публикации на Watch Tower. b Додека размислуваме за нивната вера, охрабрени сме да истраеме до крајот. И колку само е убаво што ја имаме поддршката од блиските пријатели и роднините кои и самите верно му служат на Јехова! Да, имаме многу луѓе кои нѐ поттикнуваат во трката за живот.

Мудро утврди го своето темпо

14, 15. а) Зошто е важно мудро да го утврдиме своето темпо? б) Зошто треба да бидеме разумни во поставувањето цели?

14 Кога трча една долга трка, како што е маратонот, тркачот мора мудро да го утврди своето темпо. „Пребрзото започнување може да предизвика неуспех“, вели списанието New York Runner. „Резултатот може да биде или долга борба во последните неколку километри или испаѓање.“ Еден маратонец се сеќава: „Говорникот на едно предавање, на кое присуствував за време на подготвката за трката, јасно предупреди: ‚Немојте да ги гоните побрзите тркачи. Трчајте со свое темпо. Инаку ќе се исцрпите и можеби ќе мора да испаднете‘. Внимавањето на овој совет ми помогна да ја завршам трката“.

15 Во трката за живот, Божјите слуги мораат силно да се напрегаат (Лука 13:24NW). Меѓутоа, ученикот Јаков напишал: „Мудроста одозгора е . . . разумна“ (Јаков 3:17NW). Иако добриот пример на другите може да нѐ охрабри да сториме повеќе, разумноста ќе ни помогне да си поставуваме реалистични цели во склад со своите способности и околности. Писмото нѐ потсетува: „Секој нека си ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг, оти секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:4, 5).

16. Како скромноста ќе ни помогне да го утврдиме своето темпо?

16 Во Михеј 6:8 поставено ни е следново прашање кое подбудува на размислување: „Што бара од тебе Господ [освен, NW] смирено [скромно, NW] да врвиш пред твојот Бог?“. Скромноста вклучува свесност за своите ограничувања. Дали слабото здравје или напредната старост ни поставиле некакви граници во она што можеме да го сториме во Божјата служба? Да не се обесхрабруваме. Јехова ги прифаќа нашите напори и жртви ‚по она што го имаме, а не по она што го немаме‘ (2. Коринтјаните 8:12; спореди Лука 21:1—4).

Држи ги очите вперени во наградата

17, 18. Што имал Исус пред очи, а му помогнало да истрае на маченичкиот столб?

17 Укажувајќи им на коринтските христијани на потребата да истраат во трката за живот, Павле спомнал еден друг аспект од Истманските игри кој го заслужувал нивното внимание. Во врска со натпреварувачите на тие игри, Павле напишал: „Оние — [трчаат] за да добијат распадлив венец, а ние — траен. Јас, пак, сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветер“ (1. Коринтјаните 9:25, 26). Наградата за победникот во тие древни игри била круна, т. е. венец, изработен од бор или други растенија, па дури и од исушен див целер — навистина „распадлив венец“. Но, што ги очекува христијаните кои ќе истраат до крајот?

18 Укажувајќи на нашиот Пример, Исус Христос, апостол Павле напишал: „Имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата — Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12:2). Исус истрајал до крајот на својот човечки живот така што гледал зад маченичкиот столб — на својата награда, која ја вклучува радоста што ја има поради својот придонес во посветувањето на Јеховиното име, во откупувањето на човечкото семејство од смрт и во владеењето како Цар и Првосвештеник додека ги обновува послушните луѓе за бескраен живот на рајска Земја (Матеј 6:9, 10; 20:28; Евреите 7:23—26).

19. Што треба да задржиме во фокусот додека се стремиме по патеката на христијанското учеништво?

19 Размисли за радоста што е поставена пред нас додека се стремиме по патеката на христијанското учеништво. Јехова ни дал една работа која донесува длабоко задоволство — проповедање на добрата вест за Божјето Царство и пренесување на животоспасувачкото спознание од Библијата на другите (Матеј 28:19, 20). Колкаво само задоволство е да се најде некој кој е заинтересиран за вистинскиот Бог и да му се помогне да ја започне трката за живот! И без оглед на реакцијата на луѓето на кои им проповедаме, предност е што имаме удел во делото кое е поврзано со посветувањето на Јеховиното име. Кога истрајуваме во службата и покрај рамнодушноста или противењето од страна на оние кои се наоѓаат на нашето подрачје за сведочење, ја имаме радоста од тоа што го радуваме Јеховиното срце (Изреки 27:11). А големата награда што ја ветува тој е вечен живот. Колкава само радост ќе биде тоа! Треба и понатаму да ги имаме пред очи овие благослови и да останеме во трката.

Како што крајот се приближува

20. Како може трката за живот да стане уште потешка додека се приближува нејзиниот крај?

20 Во трката за живот мораме да се бориме со нашиот главен непријател, Сатана Ѓаволот. Додека се приближуваме кон крајот, тој безмилосно се обидува да нѐ сопне или да нѐ успори (Откровение 12:12, 17). И не е лесно да продолжиме како верни, предадени објавители на Царството со оглед на војните, гладот, чумите и сите други тешкотии кои го означуваат „последното време“ (Даниил 12:4; Матеј 24:3—14; Лука 21:11; 2. Тимотеј 3:1—5). Освен тоа, крајот понекогаш може да изгледа подалеку отколку што сме очекувале, особено ако во трката сме влегле пред неколку децении. Сепак, Божјата реч нѐ уверува дека крајот ќе дојде. Јехова вели дека нема да задоцни. Крајот е на видик (Авакум 2:3; 2. Петрово 3:9, 10).

21. а) Што ќе нѐ зајакне додека продолжуваме во трката за живот? б) Каква треба да биде нашата решеност како што крајот се приближува?

21 Значи, за да успееме во трката за живот, мораме да црпиме сила од она што Јехова со љубов го обезбедил за наша духовна прехрана. Исто така, потребно ни е охрабрувањето што можеме да го добиеме од редовното дружење со нашите соверници кои исто така трчаат во трката. Дури и ако на патот се појави жестоко прогонство и непредвидени настани, можеме да истраеме до крајот бидејќи Јехова ја дава „силата која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7NW). Колку само е успокојувачки што знаеме дека Јехова сака да го завршиме патот триумфално! Со цврста решеност „со истрајност да трчаме во трката што е поставена пред нас“, целосно уверени дека „во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се [ако не се умориме, NW]“ (Евреите 12:1NW; Галатјаните 6:9).

[Фусноти]

a За дискусија во врска со Евреите 11:1—12:3, види Стражарска кула од 1 јуни 1987, страници 6—15.

b Некои понови примери за такви охрабрувачки искуства можат да се најдат во Стражарска кула од 1 јуни 1998, страници 28—31, 1 септември 1998, страници 24—28; 1 февруари 1999, страници 25—29.

Дали се сеќаваш?

◻ Зошто мораме да истраеме до крајот?

◻ Кои Јеховини подготовки не треба да ги занемариме?

◻ Зошто е важно мудро да го утврдиме своето темпо?

◻ Каква радост е поставена пред нас додека продолжуваме во трката?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Црпи охрабрување од христијанските состаноци