Тој помогна да се шири светлината „до крајот на земјата“
Тој помогна да се шири светлината „до крајот на земјата“
АПОСТОЛ Павле бил употребен да ја шири духовната светлина „до крајот на земјата“. Како резултат на тоа, многумина ‚исправно настроени за вечен живот станале верници‘ (Дела 13:47, 48 NW; Исаија 49:6).
Длабоката желба да ја шири духовната светлина беше очигледна и во оддадениот живот и неуморните христијански напори на Вилијам Лојд Бери, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Брат Бери умре на 2 јули 1999, токму додека имаше учество служејќи на еден обласен конгрес на Хаваите.
Лојд Бери е роден на 20 декември 1916 на Нов Зеланд. Неговата мајка и неговиот татко уште порано покажале активен интерес за библиските вистини изнесени во публикациите на Ч. Т. Расел, кои ги дистрибуираше Watch Tower Bible and Tract Society. Значи, брат Бери пораснал во едно предадено христијанско домаќинство.
Иако заинтересиран за спорт и образование — стекнал дури и академска титула во областа на науката — брат Бери го задржа својот остар фокус на духовните работи. Така, на 1 јануари 1939 година започна со полновремена служба, станувајќи член на бетелската фамилија во канцеларијата на Заедницата во Австралија. Откако, во 1941, владата ја забрани Заедницата, брат Бери остана зафатен во канцелариската работа, а понекогаш добиваше задачи да пишува материјал за охрабрување на соверниците. Исто така, презеде примерно водство во јавната служба.
Во февруари 1942, брат Бери се ожени со исто така полновремена објавителка. Сите овие години, неговата љубезна сопруга Мелба верно работеше покрај него во многу делови на Земјата. Тие направија голем чекор во службата на странски терени со тоа што го посетија 11 клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Соединетите Држави. Нивната доделба беше она што многумина би го сметале за „крајот на земјата“ — Јапонија. Откако пристигнаа таму, во ноември 1949, почнаа да служат како мисионери во пристанишниот град Кобе. Во тоа време, во Јапонија добрата вест ја проповедаа само 12 поединци. Брат Бери ги научи јазикот и обичаите на својот нов дом и разви длабока наклоност кон јапонскиот народ, со кој служеше следните 25 години. Неговата љубов кон оние кои се „исправно настроени за вечен живот“ беше очигледна за растечкото христијанско братство во Јапонија, што му помогна со децении делотворно да ја надгледува подружницата.
Во средината на 1975, кога во Јапонија имаше 30.000 Сведоци, Бериеви беа префрлени во Бруклин (Њујорк). Како духовно помазан христијанин, брат Бери беше поканет да служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци (Римјаните 8:16, 17). Искуството во пишувањето се покажа многу корисно во неговата нова улога во Одделот за пишување. А неговото обемно искуство во подружницата, како и меѓународното искуство, го оспособија да даде скапоцен придонес како член на Одборот за издавање на Водечкото тело.
Низ годините, брат Бери ја задржа својата љубов кон Ориентот и кон неговиот народ. Студентите на Гилеад, како и членовите на бетелската фамилија можеа да бидат сигурни дека во неговите говори и коментари ќе бидат истакнати охрабрувачки приказни за многумина кои служеле во мисионерската служба. Активностите во проповедањето на Царството до „крајот на земјата“ беа вистински оживеани додека брат Бери одушевено ги раскажуваше своите искуства. Некои од нив се спомнати во неговиот личен извештај објавен во англиското издание на Стражарска кула од 15 септември 1960.
Уверени сме дека, како ‚наследник со Христос‘ (NW), интересот на брат Бери за оние кои се „исправно настроени за вечен живот“ ќе продолжи. Секако, тој многу ќе им недостига на сите кои го познаваа и го сакаа како духовен човек, целосно посветен на Јехова, и човек кој имаше срдечна наклоност кон Божјиот народ. Сепак, ние се радуваме што брат Бери верно истраја до крајот на својот земен пат (Откровение 2:10).
[Слика на страница 16]
Лојд Бери и Џон Бар кога беше објавен „Увид во Писмото“, 1988 година
[Слика на страница 16]
Дипломци на 11 клас на Гилеад, на средбата во Јапонија после 40 години