Да го научиме ненадминливиот пат на љубовта
Да го научиме ненадминливиот пат на љубовта
Косово, Либан и Ирска. Ова се имиња кои честопати се појавуваат на вестите последниве години. Во мислите на луѓето тие доловуваат сцени на крвопролевање, бомбардирање и убиства. Секако, насилничките судири предизвикани од верските, расните, етничките или други разлики не се ништо ново. Всушност, страниците на историјата се полни со нив, и тие му донеле неискажливи страдања на човештвото.
РАЗМИСЛУВАЈЌИ за војните низ историјата, многумина дошле до заклучок дека тие се всушност неизбежни и дека е природно луѓето да се мразат. Меѓутоа, таквите гледишта се сосема спротивни на учењата од Божјата реч, Библијата. Писмото недвосмислено изјавува: „Кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Јасно е дека Творецот има желба луѓето да се сакаат.
Исто така, Библијата открива дека човекот е создаден според Божји лик (1. Мојсеева 1:26, 27). Ова значи дека човештвото е надарено со способност да ги одразува Божјите особини, од кои најистакната е љубовта. Кога е така, тогаш зошто луѓето низ историјата толку бедно потфрлиле во покажувањето меѓусебна љубов? Повторно, Библијата дава увид. Причината е тоа што првиот човечки пар, Адам и Ева, се побунил против Бог и западнал во грев. Како последица на тоа, целото нивно потомство наследило грев и несовршеност. Во Римјаните 3:23 се објаснува: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“. Нашиот наследен грев и несовршеност ја нарушиле способноста, која ни ја дал Бог, да сакаме. Дали ова значи дека луѓето повеќе не се способни да се сакаат? Каква надеж постои дека некогаш ќе уживаме мирољубив, љубезен однос со ближните?
Мораме да научиме да го сакаме Бог
Јехова Бог знае дека и покрај сѐ, човештвото сепак е способно да покажува љубов. Затоа, од сите кои сакаат да му угодат, тој бара да покажуваат љубов најмногу што можат. Ова барање го разјаснил Божјиот син, Исус Христос, кога бил запрашан која е најголема заповед во Законот даден на Израел. Тој рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед“. Потоа, додал: „Втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и пророците“ (Матеј 22:37—40).
Меѓутоа, многу луѓе сметаат дека е многу тешко да се сака некој кого не можат да го видат, а ние луѓето не можеме да го видиме Јехова Бог бидејќи тој е Дух (Јован 4:24). Сепак, секој ден врз нас дејствува она што го прави Бог, бидејќи сите зависиме од многуте добри работи што тој ги создал во наша корист. Апостол Павле го истакнал овој факт кога рекол: „[Бог] не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост“ (Дела 14:17).
Иако секој, на еден или на друг начин, извлекува корист од подготовките на Творецот, сепак, релативно малку се оние кои му се благодарни или се поттикнати да му кажат ‚фала‘. Според тоа, треба внимателно да ги разгледаме сите добри работи што Бог ги сторил за нас и да медитираме за прекрасните особини кои се проткајуваат во сѐ што прави тој. Тоа би требало да ни овозможи да проникнеме во мудроста и моќта на нашиот Голем Творец кои влеваат стравопочит (Исаија 45:18). Пред сѐ, тоа треба да ни помогне да увидиме дека тој е Бог полн со љубов, не само поради тоа што ни дал живот, туку и што ни овозможил да уживаме во многуте задоволства во животот.
На пример, размисли за бескрајно различните прекрасни цвеќиња кои ги создал Бог на Земјата. Колку е убаво за нас што тој нѐ надарил и со способност да гледаме и да наоѓаме големо задоволство во овие прекрасни работи! На сличен начин, Бог обезбедил секакви видови хранливи јадења за да нѐ поддржува во живот. Колку само е обѕирно од негова страна што во нас создал и сетило за вкус за да можеме да имаме такво задоволство од јадењето! Зарем овие не се јасни докази дека Бог навистина нѐ сака и дека ги има на ум нашите најдобри интереси? (Псалм 144:16, 17; Исаија 42:5, 8).
Освен што ни се открива преку „книгата на природата“, Творецот, преку својата Реч, Библијата ни покажува каков љубезен Бог е тој. Тоа е така бидејќи во Библијата се запишани многу љубезни работи кои Јехова Бог ги направил во минатото и бројните благослови што ветува дека ќе ги излее врз човештвото во блиска иднина (1. Мојсеева 22:17, 18; 2. Мојсеева 3:17; Псалм 71:6—16; Откровение 21:4, 5). Пред сѐ, Библијата ни го открива најголемиот израз на Божјата љубов кон човештвото — тоа што го дал својот единороден Син да биде наш Искупител за да бидеме ослободени од ропството на гревот и смртта (Римјаните 5:8). Навистина, колку повеќе учиме за нашиот Творец полн со љубов толку повеќе сме поттикнати да го сакаме од сѐ срце.
Да научиме да ги сакаме луѓето
Како што истакнал Исус, освен што треба да го сакаме Бог со сето свое срце, душа и разум, треба да го сакаме и ближниот како себеси. Всушност, Божјата љубов нѐ обврзува да ги сакаме луѓето. Апостол Јован објаснил: „Возљубени, кога така нѐ засака Бог, тоа и ние сме должни да се сакаме еден со друг“. Понатаму нагласил: „Ако 1. Јованово 4:11, 20, 21).
некој рече: ‚Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој“ (Денес живееме во еден свет во кој повеќето луѓе покажуваат став ‚прво јас‘, со тоа што се „себељубиви“ (NW), токму како што претскажала Библијата (2. Тимотеј 3:2). Затоа, ако сакаме да го научиме ненадминливиот пат на љубовта, мораме да вложиме сериозен напор да го преобразиме својот ум и да го имитираме нашиот љубезен Творец полн со љубов, а не да ги следиме себичните патишта на луѓето воопшто (Римјаните 12:2; Ефесјаните 5:1). Бог е ‚добар дури и кон неблагодарните и кон лошите‘, и тој „го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“. Со оглед на тоа што нашиот небесен Татко ни дава таков величествен пример, и ние треба да настојуваме да бидеме љубезни и од полза за сите. На тој начин можеме да покажеме дека сме ‚синови на нашиот Отец небесен‘ (Лука 6:35; Матеј 5:45).
Понекогаш резултатот од таквите љубезни постапки е тоа што на луѓето им се помага да станат обожаватели на вистинскиот Бог. Пред неколку години, една домаќинка која е Јеховин сведок се обидела да ја сподели библиската порака со сосетката, но таа одлучно ја одбила. Меѓутоа, не се обесхрабрила од реакцијата. Наместо тоа, продолжила да покажува љубезност и се обидела да ѝ биде од полза на таа сосетка. Еднаш ѝ помогнала да се пресели во друга куќа. Во друга прилика организирала некој да ја придружува сосетката до аеродромот за да пречека некои роднини. Подоцна, сосетката прифатила библиска студија и на крај станала ревносна христијанка и покрај жестокото прогонство од нејзиниот сопруг. Да, тие изрази на љубов го положиле темелот за вечни благослови.
Доколку сме искрени во тој поглед, ќе признаеме дека Божјата љубов кон нас не е поради тоа што ние имаме изобилство восхитувачки особини. Напротив, тој нѐ сака иако имаме многу грешки и недостатоци. Кога е така, тогаш и ние треба да научиме да ги сакаме луѓето и покрај многуте нивни пропусти. Доколку вежбаме да ги распознаваме и да ги цениме убавите особини кај другите, наместо да ги бараме нивните грешки, ќе ни биде полесно да
имаме љубов кон нив. Она што го чувствуваме за нив може да оди и подалеку од љубовта водена од начела и да вклучи срдечна наклоност и љубезност каква што постои меѓу блиски пријатели.Дозволи твојата љубов да расте
Љубовта и пријателството треба да бидат хранети и негувани, а меѓу неопходните состојки за тоа се искреноста и чесноста. Некои се обидуваат да ги скријат своите недостатоци за да остават поволен впечаток кај луѓето со кои сакаат да се спријателат. Меѓутоа, таквиот пат честопати завршува лошо, бидејќи другите на крај ќе ги откријат фактите и ќе бидат одбиени од таа нечесност. Затоа, не треба да се плашиме да дозволиме другите да нѐ запознаат такви какви што навистина сме — иако имаме недостатоци кои се стремиме да ги совладаме. Тоа може да ни помогне да склопиме пријателства со нив.
На пример, една постара жена Сведок во едно собрание на Далечниот Исток имала многу малку образование. Сепак, никогаш не се обидувала да го скрие тој факт од другите. На пример, таа отворено признава дека не може да им покаже на другите како се утврдува на темел на библиските пророштва и историјата дека времињата на паганите завршиле 1914 година. a Меѓутоа, дава толку добар пример со ревноста во службата, како и со љубовта и великодушноста кон браќата, што за неа со наклоност велат дека е скапоцен камен во собранието.
Во некои култури, на отвореното покажување наклоност се гледа со неодобрување; луѓето се научени да покажуваат учтива формалност во своите постапки со другите. Иако е добро да се биде љубезен и обѕирен, не треба да дозволиме учтивоста да ги потисне или скрие нашите чувства кон другите. Јехова не се срамел да ја искаже наклоноста кон својот избран народ, древниот Израел, кога му рекол: „Со вечна љубов те засакав“ (Јеремија 31:3). На сличен начин, на соверниците во Солун апостол Павле им рекол: „Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“ (1. Солунјаните 2:8). Значи, додека настојуваме да негуваме вистинска наклоност кон луѓето, во склад е со библиското учење да дозволиме таквите чувства да бидат природно изразени, а не потиснувани.
Потребен е постојан напор
Учењето да се чувствува и да се покажува љубов кон другите е еден напреден процес. Тоа бара голем напор од наша страна бидејќи мораме напорно да работиме на тоа да ги совладаме сопствените несовршености, како и да се спротивставиме на силното влијание на овој свет кој е без љубов. Меѓутоа, богатите награди кои произлегуваат, прават тоа навистина да се исплати (Матеј 24:12).
Дури и во овој многу несовршен свет, можеме да се радуваме на подобри односи со луѓето, и од тоа ќе произлезе голема радост, мир и задоволство кај нас лично и кај другите. Вложувајќи таков напор, можеме да докажеме дека сме достојни за прекрасната надеж да живееме засекогаш во Божјиот нов свет. Пред сѐ, со тоа што ќе го научиме ненадминливиот пат на љубовта, ќе можеме да добиеме одобрување и благослови од нашиот Творец полн со љубов, како сега така и во сета вечност!
[Фуснота]
a За детали, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страници 132—135.
[Слики на страница 10]
Христијанската љубов може да се покаже со љубезни дела
[Извор на слика на страница 8]
UN PHOTO 186226/M. Grafman