Како може да успее потрагата по подолг живот?
Како може да успее потрагата по подолг живот?
НЕКОИ негуваат надеж дека во новиот милениум ќе настапи пробив во напорите на луѓето да го продолжат животот. Еден од нив е д-р Роналд Клац. Тој е претседател на американската Академија на медицина за анти-стареење — организација на лекари и научници посветени на тоа да го продолжат животниот век на човекот. Тој и неговите колеги планираат да живеат многу долго. „Очекувам мојот животен век да изнесува најмалку 130 години“, вели д-р Клац. „Ние веруваме дека стареењето не е неизбежно. Сега постои технологија која може да ги успори, запре, а можеби и во значителна мера да го смени правецот на физичката дегенерација и болестите, а се нарекува природно стареење.“ Во својата потрага по подолг живот, самиот д-р Клац секојдневно зема отприлика по 60 таблети.
Хормонска терапија и генетика — причини за надеж?
Едно поле кое влева надеж е хормонската терапија. Изгледа дека експериментите со хормонот познат како ДХЕА го успоруваат процесот на стареење кај лабораториските животни.
Во врска со растителниот хормон кинетин, шведскиот дневник Aftonbladet го цитира д-р Сареш Ратан, професор на универзитетот Орхус (Данска), кој рекол: „Испитувањата во нашата лабораторија покажаа дека клетките на човечката кожа одгледувани во кинетин не се менуваат на нормалниот начин поврзан со стареењето. Остануваат млади цел живот“. Се вели дека инсектите третирани со овој хормон живеат од 30 до 45 проценти подолго од обично.
Исто така, се вели дека третманите со мелатонин го продолжиле животниот век на глувците за 25 проценти. Освен тоа, глувците изгледале помлади, поздрави и поенергични.
Поборниците на човечкиот хормон за растење (чХР) тврдат дека тој придонесува за румена кожа, зголемена мускулна маса, зголемен сексуален нагон, поведро расположение, поостар ум и метаболизам како на тинејџер.
Многумина се ослонуваат и на генетиката. Научниците сметаат дека по пат на манипулирање со гените, можат да го контролираат животниот век на нематодот, т. е. валчестиот црв. Всушност, тие успеале некои од нив да ги одржат во живот шестпати подолго од нивниот нормален животен век. Ова ги зголемило надежите за изнаоѓање и манипулирање со слични гени кај луѓето. Списанието Time го цитирало д-р Зигфрид Хекими од универзитетот Мекџил, Монтреал, кој рекол:
„Доколку ги најдеме сите саат-гени кај човекот, можеби ќе можеме барем малку да ги успориме, и со тоа да го продолжиме животот“.Биолозите долго време знаат дека секојпат кога се размножува клетката, се скратува еден завршеток на хромозомите, таканаречениот теломер. Кога теломерот ќе изгуби околу 20 проценти од својата должина, тогаш способноста на клетката за размножување се прекинува и таа умира. Еден посебен ензим наречен теломераза може да го обнови теломерот до неговата целосна должина, и на тој начин да ѝ овозможи на клетката и понатаму да се дели. Кај повеќето клетки овој ензим е потиснат и неактивен, но кога во некои клетки успешно ќе се вметне активна теломераза, таа предизвикува тие да растат и да се делат во многу поголем број отколку обично.
Според истражувачите, ова отвора сензационални можности во борбата против болестите поврзани со стареењето. А што е со заменувањето на клетките од црвената коскена срж на телото (клетки кои се грижат за регенерација на телесното ткиво) со исти такви клетки кои стануваат „бесмртни“ со помош на активна теломераза? Д-р Вилијам Хаселтин вели: „Ова е една јасно изразена визија за човечка бесмртност која постепено ќе се воведува следните 50 години“ (The New York Times).
Дали одговорот лежи во нанотехнологијата и криониката?
Надеж влева и нанотехнологијата, наука за инженеринг на ниво на нанометар (милијардити дел од метарот). Визионерите на ова подрачје тврдат дека во иднина може да се конструираат компјутеризирани механизми, кои се многу помали од клетките, за да ги поправаат и подмладуваат клетките, ткивата и органите кои стареат. На една конференција за анти-стареење, еден истражувач укажал дека лекарите во 21 век можеби ќе применат нанотехнологија за да му овозможат на човекот да стане физички бесмртен.
Крионика е практика на замрзнување човечки тела со надеж дека науката ќе може да ги оживее мртвите клетки и на тој начин повторно да ги врати во живот. Може да се замрзне целото тело, или само мозокот. Еден човек замрзнал дури креветски чаршав. Зошто баш чаршав? Тој му припаѓал на еден исчезнат пријател и содржел клетки од кожата и неколку влакна. Сакал да ги замрзне за да му даде на пријателот шанса да се врати во живот доколку науката дојде до тој степен да може да реконструира луѓе од само неколку или дури и од само една нивна клетка.
Каде да ја положиме довербата?
Човекот има природна желба да живее, а не да умре. Затоа, научниот напредок на ова поле е брзо поздравен и проследен со големи надежи. Но, засега не постои цврст доказ дека ДХЕА, кинетинот, мелатонинот, чХР или некоја друга супстанција навистина можат да го запрат стареењето кај луѓето. Скептиците стравуваат дека манипулирањето со теломеразата во клетките нема да постигне ништо освен што ќе создаде потенцијални канцерогени клетки. Примената, пак, на нанотехнологија и крионика сѐ уште е повеќе научна фантастика отколку реалност.
Науката придонела, а можеби и сѐ уште придонесува, за подолг и поздрав живот за некои луѓе, но таа никогаш нема да му даде некому вечен живот. Зошто? Едноставно кажано, бидејќи коренската причина за стареењето и смртта лежи надвор од подрачјето на човечката наука.
Коренска причина за стареењето и смртта
Повеќето научници се сложуваат со тоа дека стареењето и смртта изгледаат некако програмирани во нашите гени. Прашањето е: кога, како и зошто влегле, така да се каже, во нашиот генетски код?
Библијата ни дава едноставен одговор — иако таа не го презентира тоа од аспект на генетиката или ДНК. Во Римјаните 5:12 стои: „Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“.
Првиот човек, Адам, имал изглед да живее засекогаш. Неговото тело било дизајнирано со неопходните способности да живее и да ужива вечен живот. Но, вечниот живот бил условен. За да го задржи животот засекогаш, Адам морал да соработува со изворот на животот, својот Творец, и да му биде послушен (1. Мојсеева 1:31; 2:15—17).
Адам избрал да му биде непослушен на Творецот. Всушност, тврдел дека на човекот ќе му биде подобро ако владее сам, независно од Бог. Со тоа згрешил. Од тој момент, како да се изменил неговиот генетски код. Наместо како наследство на своето потомство да му пренесе вечен живот, Адам му пренел грев и смрт (1. Мојсеева 3:6, 19; Римјаните 6:23).
Вистинска надеж
Меѓутоа, таа ситуација не требало да остане трајна. Во Римјаните 8:20 (NW) се вели: „Творбата беше подложена на ништожност, не по својата волја, туку преку оној кој ја подложи, на темел на надежта“. Јехова Бог, Творецот на човекот, ги подложил луѓето на смрт бидејќи тие му згрешиле, но притоа поставил и темел за надеж.
Овој темел бил јасно идентификуван кога на Земјата дошол Исус Христос. Во Јован 3:16 се вели: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува [практикува вера, NW] во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Но, како може практикувањето вера во Исус Христос да нѐ спаси од смрт?
Доколку причина за смртта е гревот, тогаш за да се укине смртта најпрвин тој треба да биде отстранет. Во почетокот на Исусовата служба како Христос, Јован Крстител рекол: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1:29). Исус Христос бил целосно без грев. Значи, тој не бил подложен на смрт — која е казна за гревот. Сепак, тој дозволил другите да го погубат. Зошто? Бидејќи на тој начин ја платил цената за нашите гревови (Матеј 20:28, 1. Петрово 3:18).
Со плаќањето на таа цена, на сите кои практикуваат вера во Исус им се отворила можност да живеат засекогаш без да умрат. Науката може да придонесе за продолжување на нашиот живот во една многу ограничена мера, но практикувањето вера во Исус е вистинскиот пат кон вечен живот. Исус добил таков живот на небото, а ќе го добијат и неговите верни апостоли и некои други. Сепак, за повеќето од нас кои практикуваме вера во Исус, вечниот живот ќе биде на Земјата, кога Јехова Бог ќе го обнови земниот рај (Исаија 25:8; 1. Коринтјаните 15:48, 49; 2. Коринтјаните 5:1).
Вечен живот на рајска Земја
Еден човек прашал: „Колку луѓе ќе сметаат дека вреди да се живее штом нема да мора да умираат?“ Дали животот без смрт ќе биде здодевен? Библијата нѐ уверува дека нема. „Сето она што Он го направил да биде прекрасно во свое време, и [недогледното време, NW] го вложи во срцата нивни, но да не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Он ги врши од почетокот до крајот“ (Проповедник 3:11). Творештвото на Јехова Бог е толку обилно и сложено што и понатаму ќе поттикнува интерес кај нас, ќе нѐ стимулира и ќе нѐ прави среќни сѐ додека живееме — па дури и засекогаш.
Еден човек кој ја проучувал птицата позната како северна шојка, ја нарекол „извонреден, прекрасен познаник“ и тврдел дека набљудувањето на таа птица е едно од најрадосните искуства во неговиот живот. Увидел дека, колку повеќе ја проучува птицата толку поголем интерес кај него побудувала таа. Рекол дека, дури и после 18 години, неговото проучување е далеку од тоа да биде завршено. Кога еден вид птица може да побуди интерес, да стимулира и да држи еден интелигентен човек среќен во текот на 18-годишен период интензивно проучување, замисли си само колкав ќе биде потенцијалот за радост и задоволство кога ќе се проучува целокупното творештво на Земјата.
Претстави си ги сите интересни полиња на науката кои ќе се отворат за човек кој не е ограничен со време. Замисли си ги сите фасцинантни места кои ќе можат да се истражуваат и сите интересни луѓе кои ќе можат да се запознаат. Обиди се да ги сфатиш бескрајните можности за замислување, креирање и градење. Нема да постои граница за можностите да ја развиваме и користиме својата креативност. Кога размислуваме за многуте творештва, очигледно е дека вечноста е единствената праведна мерка за животните можности.
Библијата покажува дека по пат на воскресение, живеењето засекогаш ќе се прошири и на оние кои се мртви (Јован 5:28, 29). Многу мистерии од историјата би можеле да ни станат јасни кога оние кои ги доживеале ќе можат да ги пополнат деталите и да одговорат на нашите прашања. Помисли само на целокупниот увид во различните периоди од историјата кој ќе го обезбедат воскреснатите (Дела 24:15).
Додека размислуваш за тоа време, можеш да сфатиш дека воскреснатиот Јов можеби ќе сака да ја промени изјавата која се наоѓа во Јов 14:1. Наместо неа, можеби ќе го предложи следново: ‚Човек, роден од жена, сега живее засекогаш и е исполнет со задоволство‘.
За оние кои ја полагаат довербата во Јехова и практикуваат вера во Исус, продолжувањето на животот надвор од временските граници не е само недостижен сон. Наскоро тоа ќе стане реалност. Стареењето и смртта ќе престанат. Тоа е во склад со Псалм 67:20 каде што се вели: „Во власта на Господа е вратата на смртта“ (Откровение 21:3, 4).
[Слики на страници 4 и 5]
Напредокот на науката ги зголемил надежите во врска со можноста да се живее многу подолго
[Слика на страница 7]
Вечноста е единствената праведна мерка за животните можности