Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Меѓник за љубителите на Божјата реч

Меѓник за љубителите на Божјата реч

Меѓник за љубителите на Божјата реч

Во 1998 година беше достигнат значаен меѓник за сите љубители на Божјата реч. Таа година излезе од печат 100-милионитиот примерок на „New World Translation of the Holy Scriptures“. Со тоа стана една од најдистрибуираните Библии кои се произведени во овој век!

ОВОЈ подвиг е особено значаен ако се земе предвид дека после објавувањето, овој превод беше изложен на жестока критика. Сепак, тој не само што преживеа, туку и успеа, влегувајќи во милиони домови — и срца — низ целиот свет! Од каде потекнува овој уникатен превод? Кој стои зад него? И како ти би можел да извлечеш корист ако го користиш?

Зошто нов превод?

Веќе над сто години, Watch Tower Bible and Tract Society — правното застапништво кое ги претставува Јеховините сведоци — дистрибуира Библии. Но, зошто Јеховините сведоци увидоа потреба да произведат друга верзија на Божјата реч? Книгата So Many Versions? (Толку многу верзии?) од Сакае Кубо и Волтер Спект, забележува: „Ниеден превод на Библијата не може да се смета за конечен. Преводите мора да бидат во чекор со растот на библиското образование и промените во јазикот“.

Во овој век имаше значителен раст во разбирањето на хебрејскиот, грчкиот и арамејскиот — јазици на кои првобитно била напишана Библијата. Исто така, беа откриени библиски манускрипти кои се постари и поточни од оние кои ги користеле претходните генерации на библиски преведувачи. На тој начин, денес Божјата реч може да се преведе поточно од кога и да е порано! Значи, со добра причина беше формиран Одбор за превод на Библијата Нов свет, за да се зафати со преведување на Библијата на современите јазици.

Во 1950 година беше издадена англиската верзија на Нов свет превод на Христијанските грчки списи. Самиот наслов претставуваше едно смело напуштање на традицијата, отфрлање на означувањето дека Библијата се состои од „Стар“ и „Нов“ завет. Во текот на следната деценија, во продолженија беа издавани делови на Хебрејските списи. Во 1961 беше објавена целата Библија на англиски јазик во еден том.

Кој всушност ја преведе оваа извонредна Библија? Во англиското издание на Стражарска кула од 15 септември 1950 стоеше: „Луѓето кои го сочинуваат одборот за преведување, изразија желба . . . да останат анонимни, и не сакаат нивните имиња да бидат објавени додека се живи ниту, пак, по смртта. Целта на преводот е да се возвиши името на живиот, вистински Бог“. Некои критичари барале тоа дело по кратка постапка да се отфрли како производ на аматери, но не зазеле сите такво неразумно гледиште. Ален С. Дати пишува: „Ако знаеме кои се преведувачите или издавачите на некој библиски превод, зарем тоа ќе ни помогне да одредиме дали тој превод е добар или лош? Директно, не. Не постои замена за испитувањето на карактеристиките на секој поединечен превод“. a

Единствени обележја

Милиони читатели го сториле токму тоа и откриле дека New World Translation не само што е лесен за читање, туку е и совесно точен. Неговите преведувачи работеле од оригиналниот хебрејски, арамејски и грчки јазик и ги користеле најдобрите текстови кои биле на располагање. b Исто така, била покажана необична грижа да се преведе древниот текст колку што може подословно, но на јазик кој би бил лесно разбирлив. Затоа, некои изучувачи го пофалиле овој превод за неговиот интегритет и неговата точност. На пример, во Andover Newton Quarterly од јануари 1963 стоеше: „Преводот на Новиот завет е доказ за присуство на едно движење на изучувачи кои се оспособени на интелигентен начин да се справат со многуте проблеми поврзани со преведувањето на Библијата“.

Преведувачите отвориле еден нов свет на библиско разбирање. Некои библиски текстови кои претходно многу слабо се разбирале, станале драматично јасни. На пример, збунувачкиот текст од Матеј 5:3 „блажени се бедните по дух“ (Библија на македонски јазик), преведен е на начин кој има смисла: „Среќни се оние кои се свесни за својата духовна потреба“. Исто така, New World Translation е доста доследен и изедначен во преведувањето на клучните термини. На пример, грчкиот збор психе́ е преведен со „душа“ секаде каде што се појавува. Како резултат на тоа, читателите можат брзо да сфатат дека, спротивно на религиозните теории, душата не е бесмртна! (Матеј 2:20; Марко 3:4; Лука 6:9; 17:33).

Враќање на Божјето име

Едно истакнато обележје на New World Translation е враќањето на Божјето име, Јехова. Во древните примероци на хебрејската Библија, Божјето име е претставено со четири согласки кои можат да се транскрибираат како ЈХВХ. Ова карактеристично име се појавува речиси 7.000 пати само во таканаречениот Стар завет (2. Мојсеева 3:15; Псалм 83:18, обата NW). Јасно е дека нашиот Творец имал намера неговите обожаватели и да го знаат и да го користат тоа име!

Меѓутоа, од суеверен страв еврејскиот народ престанал да го користи божественото име. После смртта на Исусовите апостоли, препишувачите на Грчките списи почнале да го заменуваат Божјето лично име со грчките зборови Кириос (Господ) или Теос (Бог). За жал, современите преведувачи ја продолжиле оваа традиција која го обесчестува Бог со тоа што го отстраниле Божјето име од повеќето Библии, па дури и кријат дека Бог има име. На пример, во Јован 17:6 (NW) се наоѓаат Исусовите зборови: „Го објавив Твоето име на луѓето“. Меѓутоа, Today’s English Version го преведува вака: „Те објавив“.

Некои изучувачи го оправдуваат отстранувањето на божественото име бидејќи не се знае неговиот точен изговор. Меѓутоа, некои познати библиски имиња како, на пример, Јеремија, Исаија и Исус се рутински преведени на начини кои не се баш слични на нивниот првобитен хебрејски изговор. Бидејќи обликот Јехова е легитимен начин на преведување на божественото име — и начин кој им е познат на многу луѓе — приговорите за неговата употреба не се искрени.

Одборот за преведување на Билијата New World презеде смел чекор — го користи името Јехова како во хебрејскиот така и во грчкиот дел на Писмото. Преседан за тоа наоѓаат во раните мисионерски преводи за луѓето од Централна Америка, Јужниот Пацифик и на Ориентот. Меѓутоа, таквото користење на Божјето име не е само од академски интерес. Познавањето на името е пресудно за да го запознаеме Бог како личност (2. Мојсеева 34:6, 7). New World Translation охрабри милиони читатели да го користат неговото име!

Достигнување не само на оние кои читаат англиски

Меѓу 1963 и 1989, New World Translation стана достапен, во целост или делумно, уште на десет јазици. Меѓутоа, делото на преведување беше напорно, а некои проекти траеле 20 години или повеќе. Потоа, во 1989, во светската централа на Јеховините сведоци беше формиран Оддел за преведувачки служби. Под водство на Одборот за пишување на Водечкото тело, овој оддел почна да го забрзува преведувањето на Библијата. Беше развиена една метода на преведување со која беше комбинирано проучувањето на библиските зборови со компјутерската технологија. Како работи овој систем?

Штом Одборот за пишување ќе одобри да се преведе Библијата на некој нов јазик, тој назначува една група предадени христијани да служат како преведувачки тим. Тимовите можат да направат поразумни преводи отколку што тоа може да го стори поединец кој работи сам. (Спореди Изреки 11:14.) Општо земено, секој член на тимот има искуство во преведување на публикациите на Заедницата. Потоа, тимот добива темелна обука во врска со начелата за преведување на Библијата и за употребата на компјутерските програми кои се развиени специјално за тоа. Компјутерот всушност не преведува, но на тимот може да му даде пристап до важни информации и да му помогне да води евиденција за своите одлуки.

Проектот — преведување на Библијата — се состои од две етапи. Во првата етапа, на преведувачите им се дава список со зборови и изрази кои се употребени во англискиот New World Translation. Сродните термини како, на пример, „искупува“, „искупување“ и „помирување“ се групирани заедно и со тоа ги подготвуваат преведувачите за едвај забележливите нијанси на значење. Тие составуваат список со еквиваленти на тие зборови на мајчиниот јазик. Но, понекогаш преведувачот можеби ќе има проблем да преведе некој стих. Компјутерскиот систем за истражување му дава информации за грчките и хебрејските термини и му овозможува пристап до публикациите на Watch Tower.

Кога проектот ќе премине на втората етапа, избраните термини на мајчиниот јазик автоматски се вметнуваат во библискиот текст. Тоа придонесува за прилична точност и доследност во преводот. Меѓутоа, текстот кој настанува со оваа операција „search and replace“ („најди го [зборот] и замени го“), не е баш разбирлив за читање. Мора да се вложи приличен труд за да се уредат и поинаку да се формулираат библиските стихови за да бидат разбирливи за читање.

Овој систем на преведување се покажал извонредно делотворен. Една група можела да ги преведе сите Хебрејски списи само за две години. Спореди го тоа со друга група која работела на некој сроден јазик без помош на компјутер. Ѝ биле потребни 16 години. Од 1989 година до ден-денес, Христијанските грчки списи се отпечатени на 18 додатни јазици. Сега New World Translation, во целина или делумно, е достапен на 34 јазици. Значи, над 80 проценти од Јеховините сведоци ги имаат на располагање барем Христијанските грчки списи на својот мајчин јазик.

United Bible Societies известува дека од светските 6.500 јазици, делови на Библијата се достапни само на 2.212 јазици. c Затоа, околу 100 преведувачи работат на преведувањето на New World Translation на Хебрејските и Грчките списи на 11 односно на 8 јазици. Божја волја е „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4NW). Несомнено, New World Translation и понатаму ќе игра главна улога во тој поглед.

Затоа се радуваме што овој превод го премина меѓникот од 100 милиони примероци, и се молиме во иднина да бидат произведени уште многу милиони. Те охрабруваме самиот да ја испиташ. Ќе уживаш во бројните посебни обележја: читливите печатарски букви, заглавјата на страниците, индексот кој може да ти помогне да ги пронајдеш сродните стихови, деталните мапи и фасцинантниот материјал во дополнението. Што е уште поважно, оваа Библија можеш да ја читаш со доверба дека точно ги пренесува самите Божји зборови на твојот мајчин јазик.

[Фусноти]

a Интересно е тоа што на обвивката на Reference Edition of the New American Standard Bible стои нешто слично: „Не го користевме името на научник заради информации или препорака бидејќи веруваме дека Божјата реч треба да држи до својата заслуга“.

b The New Testament in the Original Greek од Весткот и Хорт, служел како основен грчки текст. Biblia Hebraica од Р. Кител била основниот текст за Хебрејските списи.

c Со оглед на тоа што многу луѓе знаат по два јазика, се верува дека Библијата, во целина или делумно, е преведена на доволно јазици за да ја чита над 90 проценти од населението на Земјата.

[Истакната мисла на страница 29]

„Преводот на Новиот завет е доказ за присуство на едно движење на изучувачи кои се оспособени на интелигентен начин да се справат со многуте проблеми кои се поврзани со преведувањето на Библијата“

(ANDOVER NEWTON QUARTERLY, ЈАНУАРИ 1963)

[Истакната мисла на страница 30]

„Преводите мора да бидат во чекор со растот на библиското образование и промените во јазикот“

[Рамка/слика на страница 31]

ИЗУЧУВАЧИТЕ ГО ФАЛАТ NEW WORLD TRANSLATION

ВО ВРСКА со New World Translation of the Christian Greek Scriptures, во едно писмо датирано од 8 декември 1950, Едгар Џ. Гудспид напишал: „Јас сум заинтересиран за мисионерското дело на вашите луѓе и за неговите светски размери, и многу сум задоволен од слободниот, отворен и жив превод. Во него е изложена една огромна низа здрави сериозни учења, а тоа можам и да го потврдам“.

Изучувачот на хебрејски и грчки јазик Александар Томсон напишал: „Преводот очигледно е дело на вешти и надарени изучувачи, кои настојувале да пренесат толку вистинска смисла на грчкиот текст колку што може да се изрази со англискиот јазик“ (The Differentiator, април 1952, страници 52—57).

Професор Бенџамин Кедар, хебрејски изучувач од Израел, во 1989 рекол: „Во моето лингвистичко истражување во врска со хебрејската Библија и преводите, честопати укажувам на англиското издание познато како New World Translation. Притоа, секогаш одново се потврдува моето мислење дека ова дело одразува искрено настојување да се достигне точно разбирање на текстот во најголема можна мера“.