Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нашата потрага по подолг живот

Нашата потрага по подолг живот

Нашата потрага по подолг живот

„Роден од жена, човекот е кратковечен и презаситен од неволји: како цвеќе никнува и бргу овенува; како сенка бега и не се запира“ (Јов 14:1, 2).

ДУРИ и денес, малкумина ќе се спротивстават на ваквото размислување за краткотрајноста на животот, иако тоа е запишано пред 3.500 години. Луѓето отсекогаш биле незадоволни поради тоа што само накратко го вкусуваат цутот на младоста, а потоа стареат и умираат. Затоа, низ историјата изобилувале методи за продолжување на животот.

Во времето на Јов, Египќаните јаделе тестиси од животни залудно обидувајќи се да си ја вратат младоста. Една од главните цели на средновековната алхемија била да произведе еликсир со кој би можело да се продолжи животот. Многу алхемичари верувале дека златото произведено на вештачки начин ќе донесе бесмртен живот и дека јадењето од златни чинии го продолжува животот. Древните кинески таоисти сметале дека би можеле да го сменат хемискиот состав на телото со користење техники како, на пример, медитација, вежби за дишење и исхрана, и на тој начин би постигнале бесмртност.

Шпанскиот истражувач Хуан Понс Де Леон е познат по незаситната потрага по изворот на младоста. Во својата книга Hermippus Redivivus, еден лекар од 18 век препорачал младите девици напролет да се чуваат во една собичка и нивните издишки да се собираат во шишиња, а потоа да се користат како напиток за продолжување на животот. Излишно е да се каже дека ниедна од овие методи не успеала.

Денес, 3.500 години откако Мојсеј ја запишал изјавата на Јов, човекот стапнал на месечината, измислил автомобили и компјутери и ги истражил атомот и клетката. Сепак, и покрај сиот овој технолошки напредок, сѐ уште сме ‚кратковечни и презаситени од неволји‘. Точно е дека во земјите во развој животниот век драматично се зголеми во однос на минатиот век. Но, ова првенствено е резултат на подобрената здравствена грижа, поделотворните хигиенски мерки и подобрата исхрана. На пример, од средината на 19 век до почетокот на 1990-тите, просечниот животен век во Шведска порасна од 40 на 75 години кај мажите и од 44 на 80 години кај жените. Но, дали ова значи дека човечкиот порив за живот е задоволен?

Не, бидејќи иако во некои земји повеќето луѓе доживуваат старост, сѐ уште важат зборовите на Мојсеј запишани пред многу години: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години . . . бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив“ (Псалм 89:10). Дали во блиска иднина ќе доживееме некаква промена? Дали човекот ќе може да живее значително подолго? Следната статија ќе дискутира за овие прашања.