Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога великодушноста изобилува

Кога великодушноста изобилува

Кога великодушноста изобилува

ДОКОЛКУ би имал прилика да му дадеш подарок на некој цар, што би му дал? Што ако тој е најбогатиот и најмудриот владетел на светот? Би можел ли да помислиш на некој дар што би му бил угоден? Пред околу три илјади години, царицата од Саба морала да размислува за тие прашања додека се подготвувала да посети токму еден таков владетел — цар Соломон од Израел.

Библијата ни кажува дека нејзиниот подарок вклучувал 120 таланти злато „и големо множество благопријатни мириси [балсамово масло, NW] и скапоцени камења“. Според денешните цени, само златото вредело околу 40.000.000 долари. Балсамовото масло — ароматично, медицинско масло — било уброено со златото како скапоцен артикал. Иако Библијата не кажува колку масло царицата му дала на Соломон, таа ни кажува дека на нејзиниот подарок му немало рамен (3. Царства 10:10).

Царицата од Саба очигледно била богата и великодушна жена. Освен тоа, великодушноста ѝ била возвратена. „Царот Соломон“, вели Библијата, „ѝ даде на Савската царица, сѐ што посака и пожела, освен такви работи, какви што таа му беше донела“ (2. Летописи 9:12). Точно, можеби царските семејства имале обичај да си разменуваат подароци; сепак, Библијата конкретно ја спомнува Соломоновата „дарежливост“ (3. Царства 10:13NW). Самиот Соломон напишал: „Добротворната [великодушната, NW] душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен“ (Изреки 11:25).

Секако, царицата од Саба исто така направила голема жртва во време и напор за да го посети Соломон. Изгледа Саба се наоѓала во подрачјето на денешна Република Јемен; што значи, царицата и нејзината придружба на камили веројатно патувале над 1.600 километри до Ерусалим. Како што рекол Исус, ‚таа дошла од крајот на земјата‘. Зошто царицата од Саба се изложила на толкав голем напор? Дошла првенствено за „да ја чуе мудроста на Соломона“ (Лука 11:31).

Во Трета Царства 10:1, 2 се вели дека царицата од Саба ‚дошла да го испита [Соломон] со гатанки . . . говорела со него за сѐ, што ѝ било на срцето‘. Како реагирал Соломон? „Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и немаше ништо непознато за царот, што да не ѝ го објасни“ (3. Царства 10:3).

Вчудовидена од она што го чула и видела, царицата понизно одговорила: „Блажени [среќни, NW] се и тие твои слуги, што стојат пред тебе секогаш и ја слушаат мудроста твоја!“ (3. Царства 10:4—8). Таа не ги прогласила Соломоновите слуги за среќни затоа што биле опкружени со изобилие — иако било така. Наместо тоа, Соломоновите слуги биле благословени бидејќи можеле постојано да ја слушаат мудроста која Бог му ја дал на Соломон. Колку само убав пример е царицата од Саба за Јеховиниот денешен народ кој ужива во мудроста на самиот Творец и во мудроста на неговиот Син, Исус Христос!

Исто така, вреден за внимание е и следниот коментар на царицата до Соломон: „Благословен да е Господ, твојот Бог“ (3. Царства 10:9). Изгледа дека во Соломоновата мудрост и благосостојба таа ја видела Јеховината рака. Ова е во склад со она што Јехова претходно му го ветил на Израел. ‚Пазењето на моите наредби‘, рекол тој, „е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе ги чујат сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ“ (5. Мојсеева 4:5—7).

Доаѓање кај Дарителот на мудроста

Во денешно време, милиони луѓе се исто така привлечени кон Јеховината организација бидејќи согледале дека „Израилот Божји“ е „мудар и разумен народ“, не по природа, туку затоа што е воден од Божјите совршени закони и начела (Галатјаните 6:16). Бројките од крштавањата покажуваат дека во изминативе години, стотици илјади нови ученици секоја година на духовниот Израел всушност му велат: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23). Колку само се зачудени овие нови лица кога ја гледаат трпезата од духовна храна која Јехова ја поставува пред своите слуги! Тие никогаш не виделе нешто слично во своите поранешни религии (Исаија 25:6).

Да му се даде на најголемиот Дарител

Затоа што примиле многу, поединците кои имаат ценење сосема природно се прашуваат што можат да му дадат за возврат на најголемиот Цар и Дарител, Јехова Бог. Библијата открива дека најдобриот дар што можеме да му го дадеме на Јехова е „пофална жртва“ (Евреите 13:15). Зошто? Бидејќи оваа жртва е директно поврзана со спасувањето на животот, главна грижа на Јехова во ова време на крајот (Језекиил 18:23). Освен тоа, давањето на силата и времето за да им се помогне на болните, депримираните и на другите е прифатлива жртва (1. Солунјаните 5:14; Евреите 13:16; Јаков 1:27).

Финансиските прилози играат клучна улога. Тие овозможуваат произведување на Библии, литература темелена на Библијата и обезбедување места каде што можат да се собираат христијаните (Евреите 10:24, 25). Исто така, прилозите обезбедуваат и фондови за помош со цел да им се помогне на жртвите на војните и на природните катастрофи.

За да ни даде водство во врска со давањето, Божјата реч изложува некои добри начела. На пример, таа учи дека христијаните даваат, не некоја одредена сума, туку она што разумно можат да го дадат, правејќи го тоа спремно, со радосно срце (2. Коринтјаните 9:7). Некои можат да дадат многу; други, пак, како сиромашната вдовица од времето на Исус, можат да дадат само малку (Лука 21:2—4). Зарем не е извонредно тоа што Јехова — Сопственикот на целиот универзум — го цени секој исправно мотивиран подарок и секоја жртва кои се направени во негово име? (Евреите 6:10).

За да може да дава радосно, Јеховиниот народ постојано е информиран за различните потреби и делотворните начини на кои можат да бидат задоволени тие потреби. Јеховиниот свет дух пак, од своја страна, ги поттикнува спремните срца да се одѕвијат. Во древниот Израел оваа процедура се следела при изградбата на табернакулот и, подоцна, на храмот (2. Мојсеева 25:2; 35:5, 21, 29; 36:5—7; 39:32; 1. Летописи 29:1—19). Во првиот век н. е. истата процедура им овозможила на христијаните да ги имаат средствата потребни да се пренесе добрата вест за Царството до нациите и да се поддржат браќата во Израел во време на еден глад (1. Коринтјаните 16:2—4; 2. Коринтјаните 8:4, 15; Колосјаните 1:23).

Слично и денес, Јехова го благословил својот народ, а и ќе продолжи да го благословува со тоа што ќе му го дава она што му е потребно за да ја доврши најголемата кампања на проповедање и поучување што светот некогаш ја видел (Матеј 24:14; 28:19, 20).

Какви се сегашните потреби?

Во изминативе години, Јеховините сведоци беа регистрирани во многу земји каде што порано нивното дело беше ограничено. Како резулатат на тоа, во многу од овие земји има огромен пораст во бројот на објавители. Разбирливо е тоа што има голема побарувачка на Библии и библиски темелена литература.

Истото е случај и со Салите на Царството. Токму во овој момент, ширум светот се потребни отприлика 9.000 нови Сали на Царството. Ако една Сала на Царството се гради за еден ден, тогаш ќе бидат потребни повеќе од 24 години за да се задоволат сегашниве потреби! Во меѓувреме, секој ден се формираат отприлика по седум нови собранија, а многу од нив во делови на светот каде што има ограничени финансии. Од друга страна, пак, на многу од овие места не се бараат скапи згради. На некои места, една Сала на Царството која ги задоволува потребите и служи како добро сведоштво во средината може да се заврши само за 6.000 долари.

Некои христијани од првиот век финансиски стоеле подобро од други, па затоа апостол Павле напишал: „Сегашниот ваш одвишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот одвишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост“ (2. Коринтјаните 8:14). Денес, слично ‚изедначување‘ е обезбедување на средствата кои се потребни да се набават Библии, библиска литература, Сали на Царството, помош при катастрофи и други работи во многу делови на светот. Колкав само благослов е таквото давање — како за дарителот така и за примачот! (Дела 20:35).

Како што покажуваат писмата кои ги добива Заедницата од луѓето со великодушни срца, многу читатели на ова списание сакаат да помогнат, но не се сигурни за различните начини на кои можат да се дадат прилози. Несомнено, придружната рамка ќе помогне да се одговори на нивните прашања.

За време на славното владеење на Соломон, „сите земни цареви“ кои чуле за него, дошле да го посетат. Сепак, Библијата го наведува името само на еден владетел — царицата од Саба (2. Летописи 9:23). Каква само жртва направила таа! Но, била богато наградена — толку многу што до крајот на нејзината посета останала „без здив и зачудена“ (2. Летописи 9:4, Today’s English Version).

Јехова, најголемиот Цар и Дарител, во иднина ќе стори многу повеќе за оние кои прават жртви за Него отколку што некогаш можел да стори Соломон. Нивната реакција ќе биде тоа што тие ќе останат „без здив и зачудени“ не само заради тоа што Јехова ќе ги сочува низ овој ден на суд кој влева страв, туку и после тоа кога тој ќе ‚ја отвори раката и ќе исполни сѐ што е живо со сите негови потреби‘ (Псалм 144:16).

[Рамка на страница 22]

Начини на кои некои избираат да даваат

ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО ШИРУМ СВЕТОТ

МНОЗИНА ставаат настрана или, пак, планираат некој износ од својот буџет кој го пуштаат во кутиите за прилози со натпис „Прилози за делото на Заедницата ширум светот — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата го испраќаат овој износ или до светската централа во Бруклин (Њујорк) или до канцеларијата на локалната подружница.

Доброволните парични донации можат да се испратат и директно до Канцеларијата на благајникот: Watch Tower Bi­ble and Tract Society of Pennsylvania, 25 Columbia Heights, Brooklyn, New York 11201-2483 или до канцеларијата на Заедницата која ја опслужува вашата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Таквите прилози треба да бидат проследени со едно кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.

СПОГОДБА ЗА УСЛОВНА ДОНАЦИЈА

На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат пари со една специјална спогодба според која, доколку донаторот има лична потреба, донацијата ќе му се врати. За повеќе информации, те молиме контактирај со локалната канцеларија на подружницата.

ДОБРОТВОРНО ПЛАНИРАЊЕ

Освен целосните подароци во вид на пари и условните донации на пари, постојат и други методи на давање во корист на службата за Царството ширум светот. Тие вклучуваат:

Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно или на пензиско осигурување.

Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или, пак, да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања.

Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница, било како целосен подарок или, пак, со спогодба според која приходот и понатаму ќе му се исплаќа на донаторот.

Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или, пак, да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Лицето треба да стапи во контакт со Заедницата пред да ѝ пренесе каков и да било недвижен имот.

Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во корист на религиозна организација може да обезбеди извесни даночни погодности.

Како што се подразбира под терминот „добротворно планирање“, овие видови донации обично бараат извесно планирање од страна на донаторот. За да им помогне на поединците кои сакаат да ѝ бидат од корист на Заедницата преку некој облик на добротворно планирање, Заедницата подготви брошура на англиски јазик со наслов Planned Giving to Benefit Kingdom Service Worldwide (Планирано давање во корист на службата за Царството ширум светот). Брошурата е напишана како одговор на многуте прашања што ги доби Заедницата во врска со подароците, тестаментите и полномоштијата. Исто така, таа содржи додатни корисни информации за планирање на имотот, финансиите и даноците. Наменета е да им помогне на поединци во Соединетите Држави — кои планираат да ѝ дадат на Заедницата некој специјален подарок сега или да го остават како завештание после смртта — со цел да ги изберат најповолните и најделотворни методи земајќи ги предвид своите семејни и лични околности.

Откако ја прочитале брошурата и се советувале со Charitable Planning Office, многумина можеле да ѝ помогнат на Заедницата и истовремено да извлечат максимална корист од даночните предности од тоа. Charitable Planning Office треба да биде информирана и да добие примерок од секој важен документ кој се однесува на некоја од овие подготовки. Ако си заинтересиран за оваа брошура или за некои од овие подготовки за планирано давање, треба да контактираш со Charitable Planning Office, или написмено или телефонски, на долунаведената адреса или, пак, со канцеларијата на Заедницата која ја опслужува твојата земја.

CHARITABLE PLANNING OFFICE

Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania

100 Watchtower Drive, Patterson, New York 12563-9204

Telephone: (914) 306-1000

[Слики на страница 23]

Активностите на Јеховините сведоци се поддржуваат со доброволни донации