Кога започнува третиот милениум?
Кога започнува третиот милениум?
ДАЛИ си го слушнал тврдењето дека третиот милениум нема да започне во 2000, туку во 2001 година? Тоа тврдење е точно — до некаде. Ако земеме дека Исус Христос е роден во годината која сега е позната како 1 пр. н. е., како што некогаш се претпоставувало, тогаш всушност 31 декември 2000 (а не 1999) ќе го означи крајот на вториот милениум, а 1 јануари 2001 — почетокот на третиот милениум. a Меѓутоа, денес речиси сите изучувачи се сложуваат дека Исус Христос не се родил во 1 пр. н. е. Тогаш, кога се родил?
Кога се родил Исус?
Библијата не го открива точниот датум на Исусовото раѓање. Меѓутоа, таа кажува дека се родил „во дните на цар Ирод“ (Матеј 2:1). Многу библиски изучувачи веруваат дека Ирод умрел во 4 година пр. н. е. и дека Исус се родил пред тоа — можеби во 5 или 6 пр. н. е. Своите заклучоци за Иродовата смрт ги темелат на изјавите на еврејскиот историчар од првиот век Јосиф Флавиј. b
Според Јосиф, кратко пред смртта на цар Ирод имало затемнување на месечината. Библиските изучувачи укажуваат на едно делумно затемнување на месечината на 11 март, 4 пр. н. е., како доказ дека Ирод сигурно умрел таа година. Меѓутоа, во 1 година пр. н. е. целосно затемнување на месечината имало на 8 јануари, а делумно на 27 декември. Никој не може да
каже дали Јосиф укажувал на едно од затемнувањата во 1 пр. н. е. или на она во 4 пр.н. е. Затоа, не можеме да ги користиме зборовите на Јосиф за да ја одредиме точната година на Иродовата смрт. Дури и да можеме, без повеќе информации не би можеле да одредиме кога се родил Исус.Најсилниот доказ за датумот на Исусовото раѓање доаѓа од Библијата. Инспирираниот запис наведува дека Исусовиот роднина Јован Крстител ја започнал својата пророчка кариера во 15-тата година од владеењето на римскиот император Тибериј Цезар (Лука 3:1, 2). Световната историја потврдува дека Тибериј бил именуван за император на 15 септември 14 н. е., па според тоа 15-та година би течела од крајот на 28 н. е. до крајот на 29 н. е. Јован ја започнал својата служба во тој период, а изгледа Исус започнал со својата служба шест месеци после тоа (Лука 1:24—31). Ова, заедно со други докази, би го ставило започнувањето на Исусовата служба во есента 29 н. е. c Библијата кажува дека Исус имал „околу триесет години“ кога започнал со својата служба (Лука 3:23). Ако есента 29 н. е. имал 30 години, тогаш сигурно се родил во есента 2 пр. н. е. Сега, ако броиме нанапред две илјади години од крајот на 2 пр. н. е. (имајќи на ум дека немало нулта година; значи од 2 пр. н. е. до 1 н. е. има две години), тогаш увидуваме дека вториот милениум завршува, а третиот почнува во есента 1999 година!
Дали ова е важно? На пример, дали почетокот на третиот милениум ќе го означи започнувањето на Илјадагодишното владеење на Исус Христос на кое се укажува во книгата Откровение? Не. Библијата никаде не укажува на некаква врска меѓу третиот милениум и Христовото Илјадагодишно владеење.
Исус ги предупредил своите следбеници да нѐ шпекулираат со датуми. На учениците им рекол: „Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт“ (Дела 1:7). Претходно, Исус открил дека дури и самиот тој не знае кога Бог ќе го изврши судот над овој злобен систем, пробивајќи го со тоа патот за Христовата милениумска влада. Тој рекол: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни [ниту Синот, NW), а само Мојот Отец“ (Матеј 24:36).
Дали е разумно да очекуваме дека Христос ќе се врати баш 2.000 години од датумот на своето раѓање како човек? Не. Исус сигурно го знаел датумот на своето раѓање. И сигурно знаел како да пресмета 2000 години од тој датум. Сепак, не го знаел денот и часот на своето доаѓање. Очигледно, не било толку едноставно точно да се одреди датумот на неговото враќање! „Времињата и годините“ биле во власта на Таткото — временскиот распоред го знае само тој.
Освен тоа, Исус не им заповедал на своите следбеници да го чекаат на некоја одредена географска локација. Не им рекол да се соберат и да чекаат, туку да се распрснат до „крајот на земјата“ и да прават ученици од луѓето од сите народи. И никогаш не ја укинал таа заповед (Дали нивните милениумски надежи ќе бидат разбиени?
Сепак, некои религиозни фундаменталисти имаат големи очекувања за 2000 година. Веруваат дека во текот на следните неколку месеци, делови од книгата Откровение ќе имаат дословно исполнување. Да, тие се гледаат себеси како имаат личен удел во тоа исполнување. На пример, укажуваат на пророштвото запишано во Откровение 11:3, 7, 8 кое зборува за двајца сведоци кои прорекуваат во еден ‚голем град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ бил распнат‘. Кога завршуваат со сведочењето, двајцата сведоци се убиени од еден крволочен див ѕвер кој излегува од бездна.
Според еден извештај во The New York Times Magazine од 27 декември 1998, водачот на една религиозна група „им кажал на своите следбеници дека тој е еден од двајцата сведоци и дека нему му е судено да го објавува уништувањето на Земјата и доаѓањето на Господ — а потоа да биде погубен од Сатана на улиците на Ерусалим“. Разбирливо, израелските власти се загрижени. Се плашат дека некои екстремисти можеби ќе се обидат сами да го „исполнат“ пророштвото — па макар тоа да значи и распалување вооружен судир! Меѓутоа, на Бог не му е потребна човечка „помош“ за да ја оствари својата намера. Сите библиски пророштва ќе бидат исполнети во Божје одредено време и на Божји сопствен начин.
Книгата Откровение е напишана „во знаци“. Според Откровение 1:1, Исус сакал да им открие на „слугите Свои“ (не на светот во целина) што ќе се случи наскоро. За да ја разберат книгата Откровение, на Христовите слуги, т. е. следбеници, ќе им бил потребен Божјиот свет дух кој Јехова им го дава на оние кои му угодуваат. Ако книгата Откровение треба да се разбере дословно, дури и неверните луѓе би можеле да ја читаат и да ја разберат. Тогаш не би имало потреба христијаните да се молат за свет дух за да ја разберат (Матеј 13:10—15).
Видовме дека според библискиот доказ, третиот милениум од Исусовото раѓање започнува есента 1999 и дека ниту тој датум, ниту 1 јануари 2000, ниту 1 јануари 2001 имаат некое посебно значење. Сепак, постои еден милениум кој длабоко ги интересира христијаните. Ако тоа не е третиот милениум, тогаш кој е? Одговорот на ова прашање ќе го даде последната статија од оваа серија.
[Фусноти]
a Види ја рамката со наслов „2000 или 2001?“, на страница 5.
b Според хронологијата на овие изучувачи, третиот милениум би требало да започне во 1995 или 1996 година.
c За понатамошни детали, те молиме види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., Том 1, страници 1094, 1095.
[Рамка на страница 5]
2000 или 2001?
За да разбереме зошто некои тврдат дека третиот милениум од Исусовото раѓање ќе започне на 1 јануари 2001, да ја разгледаме оваа илустрација. Претпостави си дека читаш една книга од 200 страници. Кога ќе дојдеш до почетокот на страница 200, ти веќе си завршил со читање на 199 страници, и ти останала за читање уште една. Нема да ја завршиш книгата сѐ додека не стигнеш до крајот на страница 200. На сличен начин, 999 години од сегашниов милениум, како што обично се смета, ќе истечат на 31 декември 1999, и до крајот на милениумот ќе остане уште една година. Според тоа пресметување, третиот милениум започнува на 1 јануари 2001. Меѓутоа, тоа не значи дека на тој датум ќе истечат точно 2000 години од датумот на Исусовото раѓање, како што покажува оваа статија.
[Рамка на страница 6]
Како се развил системот на датирање пр. Хр. — А. Д.
Во почетокот на шестиот век н. е., папата Јован I овластил еден калуѓер по име Дионисиј Ексигуус да состави еден систем на пресметување кој ќе им овозможи на црквите да одредат официјален датум за Велигден.
Дионисиј се зафатил со работа. Го пресметал времето наназад, од Исусовата смрт, до годината за која сметал дека се родил Исус; потоа, од тој момент ја избројал секоја година нанапред. Периодот од Исусовото раѓање па наваму Дионисиј го означил како „А. Д.“ (за Ано Домини — „во годината на нашиот Господ“). Иако намерата му била само да смисли веродостоен начин како да се пресметува Велигден секоја година, Дионисиј ненамерно го вовел концептот за броење на годините од раѓањето на Христос па наваму.
Иако повеќето изучувачи се сложуваат со тоа дека Исус не се родил во годината која ја употребил Дионисиј како основа за своите пресметувања, сепак, неговиот систем на хронологија ни овозможува да ги лоцираме настаните во струјата на времето и да го увидиме нивниот меѓусебен однос.