Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку ја сакаш Божјата реч?

Колку ја сакаш Божјата реч?

Колку ја сакаш Божјата реч?

„Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него“ (ПСАЛМ 118:97).

1. Кој е еден начин на кој богобојазливите поединци ја покажуваат својата љубов кон Божјата реч?

 СТОТИЦИ милиони мажи и жени поседуваат Библија. Но, постои разлика меѓу тоа да се поседува Библија и да се сака Божјата реч. Дали може човек со право да тврди дека ја сака Божјата реч ако ретко ја чита? Секако дека не! Спротивно на тоа, некои кои некогаш имале мало ценење за Библијата сега ја читаат секој ден. Научиле да ја сакаат Божјата реч и, како псалмистот, сега ‚секој ден се поучуваат од неа‘ (Псалм 118:97).

2. Како верата на еден Јеховин сведок била поддржана под тешки околности?

2 Еден човек кој научил да ја сака Божјата реч е Нашо Дори. Заедно со соверниците, истрајал многу децении служејќи му на Јехова во својата родна Албанија. Поголемиот дел од тоа време, Јеховините сведоци беа забранети, и овие верни христијани добиваа малку библиска литература. Сепак, верата на брат Дори остана силна. Како? „Моја цел“, рекол тој, „беше да ја читам Библијата најмалку по еден час дневно, како што и правев 60 години, сѐ додека не ми откажа видот.“ Сѐ до неодамна, целата Библија не беше достапна на албански јазик, но брат Дори како дете научил грчки, па така ја читал Библијата на тој јазик. Редовното читање на Библијата го поддржало брат Дори низ различните испити, а може да нѐ поддржи и нас.

‚Развивај копнеж‘ за Божјата реч

3. Каков став треба да негуваат христијаните кон Божјата реч?

3 „Како новороденчиња“, напишал апостол Петар, „развивајте копнеж по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта“ (1. Петрово 2:2NW). Исто како што едно бебе копнее по млекото од својата мајка, така и христијаните кои се свесни за своите духовни потреби наоѓаат извонредно задоволство во читањето на Божјата реч. Дали се чувствуваш така? Ако не, не очајувај. И ти можеш да негуваш копнеж за Божјата реч.

4. Што е вклучено во тоа читањето на Библијата да се направи секојдневна навика?

4 За да го сториш тоа, прво дисциплинирај се читањето на Библијата да ти стане редовна навика, ако е можно секојдневна (Дела 17:11). Можеби нема да можеш да поминуваш по еден час дневно во читање на Библијата, како што правел Нашо Дори, но најверојатно можеш да одвојуваш извесно време секој ден за да ја разгледуваш Божјата реч. Многу христијани стануваат неколку минути порано за да медитираат за некој библиски пасус. Каков подобар начин би можел да постои за да се започне денот? Други повеќе сакаат да го завршат денот со читање на Библијата непосредно пред да си легнат. Трети, пак, ја читаат Библијата во некое друго погодно време. Она што е важно е таа редовно да се чита. Потоа, одвој неколку моменти да медитираш за она што си го прочитал. Да разгледаме неколку примери за поединци кои извлекле корист од читањето и медитирањето за Божјата реч.

Псалмист кој го сакал Божјиот закон

5, 6. Иако можеби не му го знаеме името, што можеме да научиме за писателот на Псалм 118 преку читање и медитирање за она што го напишал?

5 Писателот на 118 Псалм сигурно имал длабоко ценење за Божјата реч. Кој го напишал тој псалм? Во Библијата не е идентификуван писателот. Меѓутоа, од контекстот учиме некои детали за него, и знаеме дека неговиот живот не бил без проблеми. Некои од неговите познаници, кои наводно биле обожаватели на Јехова, не ја делеле неговата љубов кон библиските начела. Сепак, псалмистот не дозволил нивниот став да го спречи да го врши она што е исправно (Псалм 118:23). Доколку живееш или работиш со некој кој не ги почитува библиските мерила, можеби гледаш сличности меѓу ситуацијата на псалмистот и твојата ситуација.

6 Иако бил побожен човек, псалмистот во никој случај не бил самоправеден. Тој отворено ги признал своите сопствени несовршености (Псалм 118:5, 6, 67). Меѓутоа, не дозволил гревот да има контрола над него. „Како младичот ќе го исчисти својот пат?“ — прашал тој. Неговиот одговор бил: „Така што ќе внимава во склад со твојата реч“ (Псалм 119:9NW). Потоа, подвлекувајќи каква моќна сила на добро е Божјата реч, псалмистот додал: „Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе“ (Псалм 118:11). Силата која може да ни помогне да избегнеме да му грешиме на Бог е навистина моќна!

7. Зошто треба особено младите луѓе да бидат свесни за потребата секојдневно да ја читаат Библијата?

7 Христијанските младинци ќе направат добро ако ги земат предвид зборовите на псалмистот. Младите христијани денес се наоѓаат под напад. Ѓаволот многу би сакал да ја расипе помладата генерација Јеховини обожаватели. Целта на Сатана е да ги наговори младите христијани да попуштат на телесните желби и да ги прекршат Божјите закони. Филмовите и телевизиските програми честопати го одразуваат размислувањето на Ѓаволот. Ѕвездите на тие програми изгледаат атрактивни и пријатни; неморалните врски меѓу нив се прикажуваат како нешто нормално. Каква е пораката? ‚Сосема во ред е оние кои не се во брак да имаат сексуални односи сѐ додека навистина се сакаат.‘ За жал, секоја година извесен број млади христијани паѓаат како плен на таквото расудување. Некои доживуваат бродолом на верата. Значи, се врши притисок! Но, дали притисокот е толку силен што не е возможно, вие млади, да излезете на крај со него? Никако! Јехова обезбедил начин на кој младите христијани можат да ги совладаат нездравите желби. Тие можат да се спротивстават на секое оружје кое Ѓаволот може да го измисли со тоа што ќе ‚продолжат да внимаваат во склад со Божјата реч, сокривајќи ги Божјите заповеди во своето срце‘. Колку време поминуваш во редовно лично читање на Библијата и медитирање за неа?

8. Како може примерите кои се изложени во овој пасус да го зголемат твоето ценење за Мојсеевиот закон?

8 Писателот на Псалм 118 извикнал: „Колку го засакав, Господи, Твојот закон!“ (Псалм 118:97). На кој закон укажувал тој? На Јеховината откриена реч, вклучувајќи го и Мојсеевиот законски зборник. На прв поглед, некои би можеле да го отфрлат овој законски зборник како застарен и да се прашуваат како може некој да го сака. Меѓутоа, додека медитираме за различните обележја на Мојсеевиот закон, како што правел псалмистот, можеме да ја сфатиме мудроста која стои зад тој Закон. Освен многуте пророчки аспекти на Законот, тука се и неговите санитарни одредби и одредбите поврзани со исхраната кои унапредувале чистота и добро здравје (3. Мојсеева 7:23, 24, 26; 11:2—8). Законот охрабрувал на чесност во деловните практики и ги поттикнувал Израелците да покажуваат сочувство кон сообожавателите кои биле во оскудица (2. Мојсеева 22:26, 27; 23:6; 3. Мојсеева 19:35, 36; 5. Мојсеева 24:17—21). Судските одлуки требало да се донесуваат непристрасно (5. Мојсеева 16:19; 19:15). Како што стекнувал животно искуство, писателот на Псалм 118 несомнено увидувал колку добро испаѓале работите за оние кои го применуваат Божјиот закон, и со тоа неговата наклоност кон него станувала сѐ посилна. Слично и денес, како што христијаните постигнуваат успех во применувањето на библиските начела така се зголемуваат нивната љубов и ценење за Божјата реч.

Кнез кој се осмелил да биде поинаков

9. Каков став негувал Езекија кон Божјата реч?

9 Содржината на Псалм 118 е во склад со она што го знаеме за Езекија од времето кога сѐ уште бил млад кнез. Некои библиски изучувачи укажуваат дека писател на тој псалм е Езекија. Иако тоа не е сигурно, знаеме дека Езекија имал голема почит кон Божјата реч. Со својот начин на живот покажал дека длабоко во себе се сложува со зборовите од Псалм 118:97. За Езекија во Библијата се вели: „Тој се приврза кон Господа, не отстапувајќи од Него и ги пазеше заповедите Негови, кои Господ му ги беше дал на Мојсеја“ (4. Царства 18:6).

10. Какво охрабрување е примерот на Езекија за христијаните кои не биле одгледани од побожни родители?

10 По сѐ изгледа Езекија не пораснал во побожно семејство. Неговиот татко, цар Ахаз, бил неверен идолопоклоник кој најмалку еден од своите синови — сопствен брат на Езекија — го изгорел жив како жртва на еден лажен бог! (4. Царства 16:3). И покрај овој лош пример, Езекија можел да „го исчисти својот пат“ од пагански влијанија со тоа што се запознал со Божјата реч (2. Летописи 29:2).

11. Како што можел да забележи Езекија, како испаднале работите за неговиот неверен татко?

11 Како што Езекија растел, од прва рака видел како неговиот идолопоклонички татко управува со работите во државата. Јуда била опкружена со непријатели. Тука бил Ресин, царот на Сирија, кој му се придружил на цар Факриј од Израел во опсадата на Ерусалим (4. Царства 16:5, 6). Тука биле Едомците и Филистејците кои извршиле успешен упад во Јуда, па дури и освоиле некои јудејски градови (2. Летописи 28:16—19). Како Ахаз се справил со овие кризи? Наместо да се обрати кон Јехова за помош против Сирија, Ахаз се свртел кон царот на Асирија и го подмитил со злато и сребро, вклучувајќи го и она од храмската ризница. Но, ова не ѝ донело траен мир на Јуда (4. Царства 16:6, 8).

12. На кој начин Езекија можел да избегне да ги повтори грешките на својот татко?

12 На крај Ахаз умрел, а цар станал Езекија, на 25-годишна возраст (2. Летописи 29:1). Тој бил релативно млад, но тоа не го спречило да стане успешен цар. Наместо да го имитира однесувањето на својот неверен татко, тој се држел за Јеховиниот закон. Тоа вклучувало една посебна заповед за царевите: „Кога [царот] ќе седне во власт на престолот, нека си направи препис на овој закон од книгата, што се наоѓа кај свештениците левити, и нека ги држи кај себе и нека го чита во сите денови на неговиот живот, за да се научи да се бои од Господа, својот Бог, и да ги пази и да ги исполнува сите овие заповеди и наредби“ (5. Мојсеева 17:18, 19). Со тоа што секојдневно би ја читал Божјата реч, Езекија требало да научи да се плаши од Јехова и да избегне да ги повторува грешките на својот безбожен татко.

13. Како може еден христијанин да биде сигурен дека во духовна смисла, сѐ што прави ќе успее?

13 Израелските цареви не биле единствените кои биле охрабрени да обрнуваат постојано внимание на Божјата реч — на тоа биле охрабрени и сите богобојазливи Израелци. Првиот Псалм опишува еден вистински среќен човек како таков кому „му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува“ (Псалм 1:1, 2). За таквиот човек псалмистот вели: „Во сѐ што прави, напредува [ќе успее, NW]“ (Псалм 1:3). За разлика од него, за оној на кого му недостига вера во Јехова Бог, Библијата вели: „Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан“ (Јаков 1:8). Сите ние сакаме да бидеме среќни и успешни. Редовното, смисловно читање на Библијата може да придонесе за наша среќа.

Божјата реч го поддржала Исус

14. Како Исус покажал љубов кон Божјата реч?

14 Во една прилика, родителите го нашле Исус како седи меѓу учителите во ерусалимскиот храм. Колку само овие стручњаци за Божјиот закон ‚се восхитувале на Неговиот разум и на Неговите одговори‘! (Лука 2:46, 47). Тоа било кога Исус имал 12 години. Да, очигледно е дека дури и како млад, тој имал наклоност кон Божјата реч. Подоцна, Исус го употребил Писмото за да го укори Ѓаволот со зборовите: „Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:3—10). Набрзо после тоа, Исус им проповедал на жителите на својот роден град Назарет, користејќи го Писмото (Лука 4:16—21).

15. Како Исус дал пример кога им проповедал на другите?

15 Исус честопати цитирал од Божјата реч за да ги поддржи своите учења. Неговите слушатели ‚се чуделе на Неговото учење‘ (Матеј 7:28). И не е ни чудо — Исусовите учења дошле од самиот Јехова Бог! Исус рекол: „Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати; Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава: а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина и во Него нема неправда“ (Јован 7:16, 18).

16. До која мера Исус ја покажал својата љубов кон Божјата реч?

16 За разлика од писателот на Псалм 118, во Исус ‚немало неправда‘. Тој бил безгрешен, Син Божји, кој ‚се понизил и станал послушен дури до смрт‘ (Филипјаните 2:8NW; Евреите 7:26). Сепак, иако бил совршен, Исус го проучувал Божјиот закон и му бил послушен. Тоа бил клучен фактор во неговата способност да го задржи својот интегритет. Кога Петар употребил меч во обид да го спречи апсењето на својот Учител, Исус го укорил апостолот и го прашал: „Или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ (Матеј 26:53, 54). Да, исполнувањето на Писмото на Исус му значело повеќе од тоа да избегне сурова и понижувачка смрт. Каква извонредна љубов кон Божјата реч!

Други кои го имитирале Христос

17. Колку му била важна Божјата реч на апостол Павле?

17 Апостол Павле им напишал на сохристијаните: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“ (1. Коринтјаните 11:1). Слично на својот Господар, Павле развил наклоност кон Писмото. Тој признал: „Со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји“ (Римјаните 7:22). Павле честопати ја цитирал Божјата реч (Дела 13:32—41; 17:2, 3; 28:23). Кога му ги дал последните упатства на Тимотеј, еден друг љубен слуга, Павле нагласил дека Божјата реч треба да го игра најважниот дел во секојдневниот живот на секој ‚Божји човек‘ (2. Тимотеј 3:15—17).

18. Наведи пример за човек од наше време кој покажувал почит кон Божјата реч.

18 Многу верни Јеховини слуги во денешно време исто така ја имитираат Исусовата љубов кон Божјата реч. Во почетокот на овој век, еден млад човек добил Библија од некој пријател. Тој го опишал ефектот што го имал врз него овој скапоцен подарок: „Одлучив неопходен дел во животот да ми биде да читам дел од Библијата секој ден“. Тој млад човек бил Фредерик Франц, а неговата љубов кон Библијата довела до тоа да се радува на еден долг и успешен живот во Јеховината служба. Тој со наклоност е спомнуван заради неговата способност да цитира напамет цели поглавја од Библијата.

19. Како некои го планираат седмичното читање на Библијата за Теократска школа за служба?

19 Јеховините сведоци ставаат голем нагласок врз редовното читање на Библијата. Секоја седмица, подготвувајќи се за еден од своите христијански состаноци — Теократска школа за служба — тие читаат по неколку поглавја од Библијата. За време на тој состанок се дискутира за врвни точки од предвиденото читање на Библијата. На некои Сведоци им е попрактично да го поделат седмичното читање на Библијата на неколку помали делови и секој ден да читаат по еден дел. Додека читаат, размислуваат за материјалот. Кога е можно, прават додатно истражување со помош на публикации темелени на Библијата.

20. Што е потребно за да се одвои време за редовно читање на Библијата?

20 Можеби ќе треба да ‚си откупиш време‘ (NW) од некои други активности за редовно да ја читаш Библијата (Ефесјаните 5:16). Меѓутоа, користите далеку ја надминуваат која и да е жртва. Додека развиваш навика секојдневно да ја читаш Библијата, твојата љубов кон Божјата реч ќе расте. Набргу ќе бидеш поттикнат да кажеш како и псалмистот: „Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него“ (Псалм 118:97). Таквиот став ќе донесе големи користи сега и во иднина, како што ќе покаже следната статија.

Дали се сеќаваш?

◻ Како писателот на Псалм 118 покажал длабока љубов кон Божјата реч?

◻ Кои поуки можеме да ги извлечеме од примерите на Исус и на Павле?

◻ Како можеме лично да ја зголемиме љубовта кон Божјата реч?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

Верните цареви требало редовно да ја читаат Божјата реч. Дали и ти го правиш тоа?

[Слика на страница 12]

Уште како момче, Исус имал љубов кон Божјата реч