Може ли Библијата да ни помогне денес?
Може ли Библијата да ни помогне денес?
„АКО се земе Библијата во целина, вреден за читање е отприлика 1 процент од неа, но останатиот дел е застарен и нема никаква врска со нас.“ Така рекол еден младич. Многумина би се сложиле со него. Иако Библијата и понатаму е бестселер ширум светот, сепак, милиони луѓе ѝ обрнуваат скудно внимание и не се запознати со нејзините учења.
Во своето божиќно издание од 1996, германскиот весник Süddeutsche Zeitung коментирал дека Библијата „има сѐ помалку читатели. Во ера на природни науки и зголемена секуларизација, библиските извештаи на многумина им изгледаат чудни и тешки за разбирање“. Анкетите го потврдуваат овој извештај. Некои студии откриваат дека голем број деца не знаат точно ни кој е Исус. Во една анкета, помалку од половина од луѓето кои биле интервјуирани можеле да ги раскажат библиските приказни за расипничкиот син и за ближниот Самарјанин.
Публикацијата Reformiertes Forum од швајцарската Евангелска црква наведува дека побарувачката на Библии во Швајцарија не е како што била порано. Дури и кај оние кои имаат Библија, таа честопати само собира прашина на полицата. Ситуацијата во Британија не се разликува многу. Според една анкета, иако повеќето луѓе имаат Библија, огромното мнозинство скоро и не ја чита.
Од друга страна, пак, милиони луѓе ширум светот имаат поинакво мислење за Библијата. Тие гледаат на неа како на Божја реч и ја сметаат за скапоцена и корисна. Затоа, редовно ја читаат. Една млада жена напишала: „Се обидувам да читам по едно или две поглавја од Библијата секој ден. Уживам во тоа“. Таквите поединци обрнуваат грижливо внимание на она што го учи Библијата и се обидуваат да ги применат нејзините совети во својот живот. Тие веруваат дека Библијата може да им помогне во денешниов разбрануван свет.
Какво е твоето мислење? Дали Библијата нема врска со нашево време? Или, пак, е скапоцена и корисна? Може ли Библијата да ни помогне денес?