Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Самиот Јехова дава мудрост“

„Самиот Јехова дава мудрост“

„Самиот Јехова дава мудрост“

КАКВИ стремежи ги одземаат твоето време и енергија? Дали стекнувањето добро име е нешто што е од интерес за тебе? Дали се посветуваш на собирање богатство? А што е со тежнеењето по кариера на некое поле или со развивањето вештина во една или во повеќе гранки на учење? Дали негувањето добри односи со другите е важно за тебе? Дали главна грижа ти е да одржиш добро здравје?

Изгледа дека сево ова што го спомнавме има некаква вредност. Но, што е од првенствена важност? Библијата одговара: „Главно е мудроста: придобивај [стекни, NW] мудрост“ (Изреки 4:7). Значи, како можеме да стекнеме мудрост, и кои се користите од неа? Одговорите ги дава второто поглавје од библиската книга Изреки.

„Внимателно слушај ја мудроста“

Со татковски зборови полни со љубов, мудриот цар Соломон од древниот Израел вели: „Синко, ако [ти, NW] ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување [проникливост, NW], ако со нив го поучиш синот твој; ако [ти, NW] ги повикаш знаењето [разбирањето, NW] и разумот; ако [ти продолжиш да, NW] ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, — ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога“ (Изреки 2:1—5).

Дали гледаш каде лежи одговорноста за стекнување мудрост? Во овие стихови трипати се јавува изразот ‚ако ти‘. Јасно, од секој од нас лично зависи дали ќе ја бара мудроста и нејзините придружни елементи — проникливост и разбирање. Но, најпрвин треба да ги ‚примиме‘ и ‚зачуваме‘ во сеќавањето зборовите на мудроста кои се запишани во Писмото. За тоа е потребно да ја проучуваме Библијата.

Мудроста е способност правилно да се употреби спознанието кое го дава Бог. И на каков само прекрасен начин Библијата ја прави достапна мудроста! Да, таа содржи зборови на мудрост, како што се оние запишани во книгите Изреки и Проповедник, и треба да обрнеме внимание на тие зборови. Исто така, на страниците на Библијата наоѓаме многу примери кои ги покажуваат користите од применувањето на побожните начела, како и замките ако ги игнорираме тие начела (Римјаните 15:4; 1. Коринтјаните 10:11). На пример, разгледај го извештајот за алчниот Гиезиј, слугата на пророкот Елисеј (4. Царства 5:20—27). Зарем од него нѐ учиме колку е мудро да се избегнува алчноста? А што е со трагичниот исход на навидум безопасните посети кои ги правела Дина, ќерката на Јаков, кај ‚ќерките од земјата‘ (NW) Ханан? (1. Мојсеева 34:1—31). Зарем веднаш не препознаваме колку е глупаво да се има лошо друштво? (Изреки 13:21; 1. Коринтјаните 15:33).

Обрнувањето внимание на мудроста налага да се стекнат проникливост и разбирање. Според Webster’s Revised Unabridged Dictionary, проникливост е „моќ или способност на умот со кој тој разликува едно од друго“. Побожната проникливост е способност да се разликува исправно од погрешно и потоа да се избере исправниот правец. Ако не го ‚приклониме срцето‘ кон проникливост или не сме желни да ја стекнеме, како можеме да останеме на ‚патот што води кон живот‘? (Матеј 7:14; спореди 5. Мојсеева 30:19, 20). Проучувањето и применувањето на Божјата реч донесува проникливост.

Како можеме да го ‚повикаме разбирањето‘ — способноста да видиме како аспектите на некоја тема се поврзани еден со друг и со целината? Секако, годините и искуството се фактори кои можат да ни помогнат да развиеме поголемо разбирање — но, не мора да значи дека е така (Јов 12:12; 32:6—12). „Поумен станав од старците“, рекол псалмистот, „зашто ги сакам Твоите [Јеховините] заповеди.“ Исто така, тој пеел: „Објавувањето на Твоите зборови ги просветува и вразумува младите [неискусните, NW]“ (Псалм 118:100, 130). Јехова е „Старецот“, и тој има разбирање кое е бескрајно супериорно во однос на разбирањето на целото човештво (Даниил 7:13). Бог може да му даде разбирање на неискусниот, овозможувајќи му во таа особина да ги надмине дури и оние кои се постари по години. Затоа, треба да бидеме марливи во проучувањето и применувањето на Божјата реч, Библијата.

Повторливата фраза „ако ти“ во уводниот пасус на второто поглавје од Изреки е проследена со изрази како што се „прима“, „зачува“, „повика“, „продолжува да бара, истражува“. Зошто писателот ги користи овие изрази со сѐ поголем интензитет? Еден прирачник вели: „Мудрецот [овде] ја нагласува потребата од горливост при тежнеењето по мудрост“. Да, мораме горливо да тежнееме по мудрост и по нејзините сродни особини — проникливост и разбирање.

Дали ќе вложиш напор?

Главен фактор при тежнеењето по мудрост е марливото проучување на Библијата. Но, ова проучување треба да биде многу повеќе отколку само читање за да добиеме информации. Смисловното медитирање за она што сме го прочитале е неопходен дел од проучувањето на Писмото. Стекнувањето мудрост и проникливост вклучува длабоко размислување за тоа како она што го учиме можеме да го употребиме при решавањето на проблемите и донесувањето одлуки. Здобивањето со разбирање бара размислување за тоа како новиот материјал се вклопува со она што веќе го знаеме. Кој ќе одрече дека таквото проучување на Библијата со размислување бара време и енергичен напор? Ова вложување време и енергија е слично на она кое е потрошено во ‚барањето сребро и истражувањето ризница‘. Дали ќе го вложиш потребниот напор? Дали ‚ќе го откупиш поволното време‘ (NW) за тоа? (Ефесјаните 5:15, 16).

Размисли колку големо богатство нѐ очекува ако со чесно срце копаме длабоко во Библијата. Па, ќе го најдеме самото ‚знаење за Бог‘ — цврстото, стабилното, животодајното спознание за нашиот Творец! (Јован 17:3). „Стравот Господов“ е исто така богатство кое треба да се стекне. Колку само е скапоцена оваа побожна стравопочит кон него! Здравиот страв да не се предизвика негово незадоволство мора да го води секој аспект од нашиот живот, додавајќи духовна димензија на сѐ што правиме (Проповедник 12:13).

Во нас треба да гори силна желба да истражуваме и да копаме по духовното богатство. За да ни ја олесни потрагата, Јехова ни обезбедил одлични алатки за копање — навремените списанија на вистината Стражарска кула и Разбудете се!, како и други публикации темелени на Библијата (Матеј 24:45—47). За да нѐ школува за својата Реч и своите патишта, Јехова обезбедил и христијански состаноци. Треба да бидеме редовно присутни на нив, да обрнеме внимание на она што се кажува, да вложиме сесрден напор да се сконцентрираме и да ги собереме клучните мисли, како и длабоко да размислуваме за нашиот однос со Јехова (Евреите 10:24, 25).

Нема да промашиш

Честопати, потрагата по закопани скапоцени камења, злато или сребро се покажува бесплодна. Ова не мора да биде случај и со потрагата по духовно богатство. Зошто? „Самиот Јехова дава мудрост“, нѐ уверува Соломон, „од неговата уста се спознанието и проникливоста“ (Изреки 2:6NW).

Цар Соломон бил прочуен по својата мудрост (3. Царства 4:30—32). Писмото открива дека тој имал спознание за различни теми, вклучувајќи и растенија, животни, човечката природа и Божјата реч. Проникливоста која ја покажал како млад цар додека решавал еден спор меѓу две жени, од кои секоја тврдела дека е мајка на истото дете, му донела меѓународна слава (3. Царства 3:16—28). Кој бил изворот на неговото големо учење? Соломон му се молел на Јехова за „мудрост и разум [спознание, NW]“ и за способност „да разликува: што е добро и што е зло“. Јехова му го дал тоа (2. Летописи 1:10—12; 3. Царства 3:9).

И ние треба да молиме за Јеховина помош додека марливо ја проучуваме неговата Реч. Псалмистот се молел: „Поучувај ме, о Јехова, за твојот пат. Ќе одам во твојата вистина. Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“ (Псалм 86:11NW). Јехова ја одобрил таа молитва, зашто дозволил да биде запишана во Библијата. Ние можеме да бидеме сигурни дека нашите искрени и чести молитви за негова помош да најдеме духовно богатство во Библијата нема да останат без одговор (Лука 18:1—8).

Соломон истакнува: „А за исправните тој ќе собере практична мудрост; за оние кои одат во интегритет, тој е штит, држејќи ги патеките на судот, и ќе ја чува самата патека на своите лојални. Во тој случај ќе ја разбереш праведноста и судот и исправноста, целиот пат на она што е добро“ (Изреки 2:7—9NW). Каква само гаранција е ова! Јехова не само што им дава вистинска мудрост на оние кои искрено ја бараат, туку и се покажува како одбранбен штит за исправните бидејќи покажуваат вистинска мудрост и лојално се повинуваат на неговите праведни мерила. Нека и ние бидеме меѓу оние на кои Јехова им помага да го разберат „целиот пат на она што е добро“.

Кога ‚спознанието ќе омили‘

Личното проучување на Библијата — неопходен услов за барање мудрост — не е баш пријатен изглед за многу луѓе. На пример, 58-годишниот Лоренс вели: „Секогаш сум работел со рацете. Тешко ми е да проучувам“. А 24-годишниот Мајкл, кој не уживал во учењето на училиште, вели: „Морав да се присилувам да седнам и да проучувам“. Сепак, може да се негува желба за проучување.

Разгледај што сторил Мајкл. Тој раскажува: „Се дисциплинирав да проучувам по половина час секој ден. Набрзо можев да го увидам ефектот врз мојот став, моите коментари на христијанските состаноци и моите разговори со другите. Сега со радост ги очекувам моите периоди на проучување и мразам нешто да ми ги попречи“. Да, личното проучување станува склоност која се стекнува со навика кога го гледаме својот напредок. Лоренс се посветил на проучување на Библијата и, со текот на времето, почнал да служи како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци.

За да се направи личното проучување радосно искуство, потребен е доследен напор. Но, користите се големи. „Кога мудроста ќе влезе во твоето срце и спознанието ќе ѝ омили на твојата душа“, вели Соломон, „самата способност за размислување ќе чува стража над тебе, самата проникливост ќе те заштити“ (Изреки 2:10, 11NW).

„За да те спаси од лош пат“

На кој начин мудроста, спознанието, способноста за размислување и проникливоста ќе се покажат како заштита? ‚Ќе те спасат од лош пат‘, вели Соломон, „од човек, кој говори лага [изопачени работи, NW], од оние, што ги напуштиле патиштата на правдата, за да одат по пат на темнината; од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност, чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат“ (Изреки 2:12—15).

Да, оние кои длабоко ја ценат вистинската мудрост избегнуваат дружење со некој ‚кој говори изопачени работи‘, т. е. работи кои се спротивни на она што е точно и исправно. Способноста за размислување и проникливоста се заштита од оние кои ја отфрлаат вистината за да одат по патиштата на темнината и од оние кои се нечесни и наоѓаат задоволство во зли постапки (Изреки 3:32).

Колку само можеме да бидеме благодарни што вистинската мудрост и нејзините придружни особини нѐ штитат и од лошиот пат на неморалните мажи и жени! Соломон додава дека овие особини ќе ‚те спасат од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои, која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог. Домот нејзин води кон смрт, и патеките нејзини — кон пеколот; никој од влезените при неа не се враќа никогаш и не стапнува [повторно, NW] на патот кон животот‘ (Изреки 2:16—19).

‚Туѓата жена‘, проститутката, е прикажана како личност која го напушта „пријателот на младоста своја“ — веројатно сопругот од времето кога била млада. a (Спореди Малахија 2:14.) Таа ја заборавила забраната за прељуба која била дел од заветот на Законот (2. Мојсеева 20:14). Нејзините патеки водат до смрт. Оние кои се дружат со неа можеби никогаш нема ‚да стапнат [повторно, NW] на патот кон животот‘, бидејќи порано или подоцна можеби ќе стигнат до точка од која нема враќање, имено смрт, од која нема да можат да се вратат. Човек со проникливост и способност за размислување е свесен за замките на неморалот и мудро избегнува да се заплетка во нив.

„Праведните ќе живеат на земјата“

Резимирајќи ја целта на својот совет за мудроста, Соломон вели: „Затоа [Целта е, NW] оди по патот на добрите и придржувај се за патеките на праведните“ (Изреки 2:20). За каква само прекрасна цел служи мудроста! Таа ни помага да водиме среќен и задоволителен живот кој наидува на Божје одобрување.

Размисли и за величествените благослови кои ги очекуваат оние кои ‚одат по патот на добрите‘. Соломон продолжува: „Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22). Биди и ти меѓу непорочните кои ќе живеат засекогаш во Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:13).

[Фуснота]

a Зборот „туѓинец“ се применувал на оние кои се одвраќале од она што било во склад со Законот и на тој начин сѐ отуѓиле од Јехова. Затоа, на проститутката — која не мора да е странец — се укажува како на ‚туѓа жена‘.

[Слика на страница 26]

Соломон се молел за мудрост. Треба да се молиме и ние