Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Спомнувај си за твојот Голем Творец!

Спомнувај си за твојот Голем Творец!

Спомнувај си за твојот Голем Творец!

„Спомнувај си [сега, NW] за твојот [Голем, NW] Творец . . . додека не дошле тешки денови“ (ПРОПОВЕДНИК 12:1).

1. На кој начин треба младите кои му се предадени на Бог да сакаат да ја користат својата младост и сила?

 ЈЕХОВА им дава сила на своите слуги за да ја вршат неговата волја (Исаија 40:28—31). Тоа е случај без оглед на нивната возраст. Но, младите луѓе кои му се предадени на Бог треба особено да сакаат да ја користат својата младост и сила на мудар начин. Затоа, го земаат при срце советот од „проповедникот“, цар Соломон од древниот Израел. Тој поттикнал: „Спомнувај си [сега, NW] за твојот [Голем, NW] Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: ‚Не ми се мили‘“ (Проповедник 1:1; 12:1).

2. Што треба да прават децата на предадените христијани?

2 Опомената на Соломон во врска со спомнувањето за Големиот Творец во текот на младоста првпат им била упатена на младите мажи и жени во Израел. Тие биле родени во нација која му била предадена на Јехова. А што е со децата на предадените христијани денес? Секако, тие треба да го имаат во мислите својот Голем Творец. Ако го прават тоа, ќе му оддадат чест нему, а и самите ќе извлечат корист (Исаија 48:17, 18).

Убави примери од минатото

3. Какви примери дале Јосиф, Самуил и Давид?

3 Многу млади луѓе од библискиот запис дале убав пример како лица кои си спомнувале за својот Голем Творец. Јосиф, синот на Јаков, си спомнувал за својот Творец уште во раните години од животот. Кога сопругата на Петефри го искушувала Јосиф да се впушти во сексуален неморал со неа, тој цврсто одбил и рекол: „Како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“ (1. Мојсеева 39:9). Левитот Самуил си спомнувал за својот Творец не само во своето детство, туку и низ целиот свој живот (1. Царства 1:22—28; 2:18; 3:1—5). Младиот Давид од Витлеем сигурно го имал во мислите својот Творец. Неговата доверба во Бог била очигледна кога се соочил со филистејскиот џин Голијат и изјавил: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш; сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја . . . и целата земја ќе дознае, оти има Бог во Израилот; и сите овие луѓе ќе разберат дека не со меч и копје спасува Господ, зашто тоа е војна на Господа, и Он ќе ве предаде во рацете наши“. Наскоро Голијат бил мртов, а Филистејците се разбегале (1. Царства 17:45—51).

4. а) Што покажува дека едно заробено израелско девојче во Сирија и младиот цар Јосија си спомнувале за нашиот Голем Творец? б) Како 12-годишниот Исус покажал дека си спомнува за својот Творец?

4 Друга млада личност која си спомнувала за Големиот Творец било едно заробено израелско девојче. Тоа ѝ дало толку добро сведоштво на сопругата на сирискиот војсководец Нееман што тој отишол кај Божјиот пророк, бил излечен од лепрата и станал обожавател на Јехова (4. Царства 5:1—19). Младиот цар Јосија храбро го унапредувал чистото обожавање на Јехова (4. Царства 22:1—23:25). Но, најдобар пример на човек кој си спомнувал за својот Голем Творец уште од мали нозе бил Исус од Назарет. Разгледај што се случило кога имал 12 години. Неговите родители го одвеле во Ерусалим за Пасхата. При враќањето, забележале дека Исус го нема; затоа се вратиле да го бараат. На третиот ден, го нашле како дискутира за библиски прашања со учителите во храмот. Одговарајќи на загриженото распрашување на својата мајка, Исус прашал: „Што сте ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она [домот, NW], кое што е на Мојот Отец?“ (Лука 2:49). За Исус било корисно да добие информации со духовна вредност во храмот, ‚домот на неговиот Татко‘. Денес, Салата на Царството на Јеховините сведоци е одлично место да стекнеме точно спознание за нашиот Голем Творец.

Спомнувај си за Јехова сега!

5. Како ќе го изразиш со свои зборови она што го рекол проповедникот, а е запишано во Проповедник 12:1?

5 Сесрдниот обожавател на Јехова сака да стапи во Неговата служба колку што е можно поскоро и да му служи на Бог во остатокот од својот живот. Меѓутоа, какви се изгледите на едно лице кое својата младост ја поминало залудно поради тоа што не си спомнувало за Творецот? Под божествена инспирација проповедникот вели: „Спомнувај си [сега, NW] за твојот [Голем, NW] Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: ‚Не ми се мили‘“ (Проповедник 12:1).

6. Каков доказ постои дека остарените Симеон и Ана си спомнувале за својот Голем Творец?

6 Никому не му се мили ‚тешките денови‘ на староста. Но, постарите кои го имаат Бог во мислите се радосни. На пример, остарениот Симеон го зел в раце бебето Исус во храмот и радосно изјавил: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“ (Лука 2:25—32). Осумдесет и четиригодишната Ана исто така си спомнувала за својот Творец. Таа секогаш била во храмот и била присутна кога таму било донесено бебето Исус. „Во тој час пристапи и таа, и почна да Го слави Господа и им прикажуваше за Него на сите, што чекаа спасение во Ерусалим“ (Лука 2:36—38).

7. Каква е ситуацијата на оние кои остареле во Божјата служба?

7 Денешните Сведоци на Јехова кои остареле во Божјата служба можеби ги трпат болките и ограничувањата на поодминатите години. Сепак, колку само се тие среќни, и колку многу ја цениме нивната верна служба! Тие ја имаат „радоста Јеховина“ (NW) бидејќи знаат дека тој ја презел својата непобедлива моќ над оваа Земја и го поставил Исус Христос како моќен небесен Цар (Неемија 8:10). Сега е време и младите и старите да внимаваат на поттикот: „Момчиња и девојки, старци со децата — сите нека го фалат името на Господа [Јехова, NW]; зашто само Неговото име е возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата“ (Псалм 148:12, 13).

8, 9. а) За кого ‚тешките денови‘ не се наградувачки, и зошто тоа е случај? б) Како би го објаснил Проповедник 12:2?

8 „Тешките денови“ на староста не се наградувачки — можеби се и многу мачни — за оние кои не размислуваат за својот Голем Творец и кои немаат разбирање за неговите славни намери. Тие немаат духовно сфаќање кое може да се спротивстави на испитите на староста и неволјите кои го измачуваат човештвото откако Сатана бил исфрлен од небото (Откровение 12:7—12). Затоа, проповедникот нѐ поттикнува да си спомнуваме за својот Творец „додека сонцето и светлината на месечината и на ѕвездите не потемнеле, и не дошле пак црни облаци по дождот [пороен, NW]“ (Проповедник 12:2). Какво значење имаат овие зборови?

9 Соломон го поврзува времето на младоста со летото во Палестина кога сонцето, месечината и ѕвездите светлат од ведрото небо. Тогаш работите изгледаат многу светли. Меѓутоа, дните на староста се како студена, дождлива зимска сезона, со порој од неволји една по друга (Јов 14:1). Колку би било жалосно да се знае за Творецот, но да се пропушти да му се служи во летниот период од животот! Во зимскиот период на староста, работите потемнуваат, особено за оние кои ги пропуштиле приликите да му служат на Јехова во младоста поради заплетканост во залудни стремежи. Меѓутоа, без оглед на нашата возраст, ‚точно да го следиме Господа [Јехова, NW]‘ како што сторил верниот Халев, лојален придружник на пророкот Мојсеј (Исус Навин 14:6—9).

Ефекти од поодминатата старост

10. Што е претставено со: а) „куќните стражари“? б) „силните мажи“?

10 Понатаму, Соломон ги истакнува тешкотиите на „оној ден, кога куќните стражари ќе затреперат, и силни мажи ќе се подгрбават, кога воденичките ќе престанат да мелат, бидејќи останале малку; кога ќе се помрачат оние, што гледаат низ прозорец“ (Проповедник 12:3). ‚Куќата‘ го означува човечкото тело (Матеј 12:43—45; 2. Коринтјаните 5:1—8). Нејзините „стражари“ се рацете кои го штитат телото и го обезбедуваат со сѐ што му треба. Во староста тие честопати се тресат од слабост, нервоза и одземеност. „Силните мажи“ — нозете — повеќе не се јаки столбови, туку ослабнати и свиткани така што стапалата едноставно се влечат. Сепак, зарем не си среќен кога ги гледаш постарите соверници на христијанските состаноци?

11. Кои во фигуративна смисла се „воденичките“ и „оние, што гледаат низ прозорец“?

11 „Воденичките ќе престанат да мелат, бидејќи останале малку“ — но како? Забите можеби се расипале или паднале, и останале само неколку, ако воопшто ги има. Мелењето на цврста храна е отежнато или сосема престанува. „Оние, што гледаат низ прозорец“ — очите во комбинација со умствените способности со кои гледаме — стануваат заматени, па дури и сосема затемнети.

12. а) Како ‚портата на улицата ќе почне да се затвора‘? б) Што мислиш за остарените објавители на Царството?

12 „Кога“, продолжува проповедникот, „портата [на улицата, NW] ќе почне да се затвора; кога ќе молкне шумот на оние што мелат, и кога човек ќе почне да станува на птичји глас, и ќерките — пеачки ќе замолкнат“ (Проповедник 12:4). Кај лицата во поодмината старост кои не му служат на Бог двете врати на устата — усните — веќе не се отвораат многу или воопшто не се отвораат за да го изразат она што го има во ‚куќата‘, т. е. телото. Ништо не се испраќа на „улицата“ на јавниот живот. Но, како е со ревните постари објавители на Царството? (Јов 41:14NW). Можеби бавно одат од куќа до куќа и некои можеби со тешкотија зборуваат, но тие несомнено го фалат Јах! (Псалм 112:1).

13. Како проповедникот ги опишува другите проблеми на остарените, но каков е случајот кај постарите христијани?

13 Звукот на воденицата се намалува додека храната се џвака со вилици без заби. Стариот човек не може да спие цврсто на својата постела. Дури и цвркотот на птицата го вознемирува. Тој пее сѐ помалку песни, а и изразувањето на која и да било мелодија е ослабнато. „Ќерките — пеачки“, мелодичните ноти, „ќе замолкнат.“ Остарениот слабо може да ја чуе музиката и песната која ја создале другите. Меѓутоа, постарите помазаници и нивните придружници, од кои некои исто така не се толку млади, и понатаму ги креваат своите гласови во песни на фалба на Бог на христијанските состаноци. Колку само сме среќни што ги имаме на наша страна, додека го величаат Јехова во собранието! (Псалм 149:1).

14. Какви стравови ги мачат остарените?

14 Колку само е жалосна судбината на старите, особено на оние кои го игнорирале Творецот! Проповедникот вели: „Кога висините за нив ќе бидат страшни, и по патот ќе има ужаси; кога ќе процути бадемот, и скакулецот ќе стане тежок [ќе се влече, NW], и желбата ќе помине [капарот ќе прсне, NW]; зашто човекот заминува во вечниот дом свој, и тажачките се готови да го опкружуваат по улица“ (Проповедник 12:5). Кога се наоѓаат на една висока скала, многумина од постарите се плашат да не паднат. Дури и погледот на нешто високо може да ги зашемети. Кога мораат да излегуваат на пренатрупани улици, тие се обземени со ужас од помислата на повреда или напад од крадци.

15. Како ‚процутува бадемот‘, и како ‚се влече‘ скакулецот?

15 Кога се работи за стар човек, ‚процутувањето на бадемот‘ изгледа покажува дека неговата коса станува седа, а потоа бела како снег. Побелената коса паѓа како белите цветови на бадемот. Додека ‚се влече‘, можеби подгрбавен, а рацете му висат или, пак, му се потпрени на колковите со лактите искривени нагоре, тој личи на скакулец. Но, ако некој од нас по малку изгледа вака, тогаш другите нека забележат дека ние се наоѓаме во Јеховината енергична, брза војска од скакулци! (Види Стражарска кула од 1 мај 1998, страници 8—13.)

16. а) На што укажува ‚прскањето на капарот‘? б) Кој е „вечниот дом“ на човекот, и кои знаци за приближувањето на смртта стануваат видливи?

16 Стариот човек повеќе нема добар апетит, дури и ако пред него има храна вкусна како капар. Овие зрнца долго време се користеле за да стимулираат апетит. ‚Прскањето на капарот‘ укажува дека кога апетитот на некој постар човек ќе се намали, дури и овој плод не успева да ја разбуди неговата желба за храна. Тие работи покажуваат дека тој се приближува кон „вечниот дом свој“, гробот. Тој засекогаш ќе биде негов дом ако пропуштил да го има во мислите својот Творец и ако се стремел по толку злобен правец што Бог нема да се сети на него при воскресението. Знаците за претстојната смрт се гледаат по тажните звуци и жалното стенкање кои се слушаат од портата на устата на стариот.

17. Како се кине ‚сребрениот конец“, и што може да претставува „златната чаша“?

17 Ние сме поттикнати да си спомнуваме за нашиот Творец „додека не се скине конецот сребрен, и не се скрши златната чаша, и не се растури ведрото при изворот, и не падне тркалото на бунарот“ (Проповедник 12:6). „Конецот сребрен“ може да биде ’рбетниот мозок. Смртта е сигурна кога оваа чудесна патека на импулси до мозокот ќе се оштети до степен да не може да се поправи. „Златната чаша“ може да го означува мозокот, кој се наоѓа во черепот сличен на сад, со кој е поврзан ’рбетниот мозок. Златен заради скапоценоста, кога мозокот ќе откаже, настапува смрт.

18. Што е во фигуративна смисла „ведрото при изворот“, и што се случува кога се крши?

18 „Ведрото при изворот“ е срцето кое прима река крв и пак ја враќа да циркулира низ телото. При смртта, срцето станува како скршено ведро, разбиено на изворот бидејќи повеќе не може да ја добие, задржи и испумпува крвта која е животоважна за исхрана и освежување на телото. ‚Паднатото тркало на бунарот‘ престанува да се врти и со тоа престанува циркулирањето на крвта која го поддржува животот. На тој начин Јехова му ја открил на Соломон циркулацијата на крвта долго пред 17 век кога лекарот Вилијам Харви покажал дека таа циркулира.

19. Како зборовите од Проповедник 12:7 се применуваат при смртта?

19 Проповедникот додал: „И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал“ (Проповедник 12:7). Откако ќе се скрши „тркалото“, човечкото тело, првобитно направено од прав земен, се враќа во прав (1. Мојсеева 2:7; 3:19). Душата умира бидејќи духот, или животодајната сила, дадена од Бог, се враќа и останува кај нашиот Творец (Језекиил 18:4, 20; Јаков 2:26).

Каква е иднината за оние кои си спомнуваат?

20. Што барал Мојсеј кога се молел како што е запишано во Псалм 90:12, (NW)?

20 Соломон многу делотворно покажал колку е важно да си спомнуваме за нашиот Голем Творец. Секако, релативно краткиот и мачен живот не е сѐ за оние кои го имаат Јехова во мислите и сесрдно ја вршат неговата волја. Без разлика дали се млади или стари, тие го имаат истиот став како и Мојсеј кој се молел: „Покажи ни точно како да ги броиме нашите денови на таков начин за да донесеме срце полно со мудрост“. Божјиот понизен пророк желно сакал Јехова да му покаже, или да го поучи него и неговиот народ Израел да покажуваат мудрост во вреднувањето на ‚деновите на нивните години‘ и да ги користат на начин кој Бог го одобрува (Псалм 90:10, 12NW).

21. Што мораме да правиме за да ги броиме деновите на Јеховина слава?

21 Особено христијанските младинци треба да бидат одлучни да внимаваат на советот од проповедникот да го имаат Творецот во мислите. Какви само сјајни прилики имаат тие да вршат света служба на Бог! Меѓутоа, без оглед на нашата возраст, ако научиме да ги броиме деновите на Јеховина слава во ова ‚последно време‘, можеби ќе можеме да продолжиме да ги броиме засекогаш (Даниел 12:4; Јован 17:3). За да го правиме тоа, секако, мораме да си спомнуваме за нашиот Голем Творец. Исто така, мораме да ја исполниме целата наша обврска кон Бог.

Како би одговорил?

◻ Зошто младите се поттикнати да си спомнуваат за својот Творец?

◻ Кои се некои библиски примери за лица кои си спомнувале за својот Голем Творец?

◻ Кои се некои од ефектите на староста што ги опишал Соломон?

◻ Каква иднина претстои за оние кои го носат Јехова во мислите?

[Прашања]

[Слики на страница 15]

Давид, заробеното израелско девојче, Ана и Симеон си спомнувале за Јехова

[Слики на страница 16]

Остарените Сведоци на Јехова радосно му принесуваат света служба на нашиот Голем Творец