Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што може да се стори во врска со обесхрабрувањето?

Што може да се стори во врска со обесхрабрувањето?

Што може да се стори во врска со обесхрабрувањето?

КАКО може човек да се бори со обесхрабрувањето? Ова прашање им било поставено на неколку патувачки надгледници кои редовно ги посетуваат собранијата на Јеховините сведоци. Нивните одговори можат да ни помогнат да ги анализираме причините за обесхрабрување и лекот за оваа состојба која може да го погоди секој христијанин.

За да се справиме со обесхрабрувањето потребно е повеќе отколку само анализа. Симптомите можат да вклучуваат недостиг на интерес за молитва или за лична студија, занемарување на состаноците, недостиг на одушевеност, па дури и некакво студенило кон христијанските другари. Меѓутоа, еден од највпечатливите знаци е намалувањето на ревноста за евангелизирање. Да ги испитаме симптомите и да разгледаме некои лекови за нив.

Обесхрабрување во нашето дело на евангелизирање

Исус Христос бил свесен за тешкотиите поврзани со налогот да се прават ученици (Матеј 28:19, 20). Тој ги испратил своите следбеници како „овци меѓу волци“ знаејќи дека нивната проповедничка активност ќе им донесе прогонство (Матеј 10:16—23). Сепак, тоа не било причина да се обесхрабрат. Всушност, Божјите слуги кои молитвено се ослониле на Јехова честопати со прогонството биле зајакнати (Дела 4:29—31; 5:41, 42).

Дури и кога Христовите ученици не поднесувале силно прогонство, не биле секогаш поволно примени (Матеј 10:11—15). На сличен начин, денешното проповедничко дело на Јеховините сведоци не се извршува секогаш баш лесно. a За многу луѓе, верувањето во Бог е лична работа за која не сакаат да дискутираат. Други не сакаат да имаат ништо со некоја религиозна организација кон која имаат извесни предрасуди. Без сомнение, рамнодушноста, немањето резултати или различните други проблеми, можат да бидат големи извори на обесхрабрување. Како можат да се совладаат тие препреки?

Постигнување подобри резултати

Радоста што ја црпиме од нашата служба делумно е поврзана со постигнатите резултати. Тогаш, како можеме да имаме попродуктивна служба? Па, ние сме „ловци на луѓе“ (Марко 1:16—18). Риболовците во древниот Израел оделе на ловење ноќе, кога можеле да фатат повеќе риби. И ние треба да го анализираме нашето подрачје за да одиме на ‚ловење‘ тогаш кога поголемиот дел од луѓето се дома и се поприемчиви за нашата порака. Ова може да биде навечер, на викендите или во некое друго време. Според еден патувачки надгледник, ова е практично на места каде што луѓето работат по цел ден. Тој забележува дека вечерното сведочење честопати донесува одлични резултати. Сведочењето по телефон или неформалното сведочење исто така ни овозможуваат да достигнеме повеќе луѓе.

Истрајноста во службата донесува добри резултати. Во Источна Европа и во некои африкански земји, делото на проповедање на Царството добро напредува и има за резултат добар пораст. На сличен начин, многу собранија се формирани на подрачја кои долго време се сметале за непродуктивни или дури на многу често обработувани подрачја. Меѓутоа, што ако твоето подрачје не донесува такви резултати?

Да се задржи добар став

Ако јасно ги имаме на ум целите кои ги поставил Исус, тоа ќе ни помогне да не се обесхрабриме наспроти рамнодушноста во службата. Христос сакал неговите ученици да ги бараат достојните, а не да вршат масовно преобраќање. Тој во неколку прилики истакнал дека огромно мнозинство нема да ја прифати добрата вест, исто како што повеќето Израелци не ги слушале пророците од старо време (Језекиил 9:4; Матеј 10:11—15; Марко 4:14—20).

‚Евангелието за Царството‘ го примаат со благодарност оние поединци кои се „свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3NW; 24:14). Тие сакаат да му служат на Бог на начинот кој тој го одредува. Според тоа, резултатите од нашата активност повеќе се поврзани со состојбата на срцето на луѓето отколку со нашата способност да ја изнесеме пораката. Секако, треба да го сториме најдоброто што можеме за да ја направиме добрата вест привлечна. Сепак, резултатите зависат од Бог, зашто Исус рекол: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:44).

Со нашето дело на евангелизирање се објавува Јеховиното име. Без разлика на тоа дали луѓето слушаат или не, нашата проповедничка активност придонесува за посветување на Јеховиното свето име. Освен тоа, преку нашето дело на евангелизирање докажуваме дека ние сме Христови ученици, и ја имаме предноста да учествуваме во најважната мисија што се извршува во наше време (Матеј 6:9; Јован 15:8).

Обесхрабрувањето и односите

Некои меѓучовечки односи, било во семејството било во собранието, можат да предизвикаат обесхрабрување. На пример, чувството дека не си разбран. Несовршеностите на соверниците можат исто така да нѐ обесхрабрат. Повторно, Писмото може да ни биде од голема помош.

„Целото здружение од браќа“ (NW) ширум светот сочинува едно големо духовно семејство (1. Петрово 2:17). Но, чувството на припадност на еден обединет народ може да избледне кога ќе се јават тешкотии поради лични конфликти. Изгледа дека христијаните од првиот век не биле имуни на таквите проблеми, со оглед на тоа што апостол Павле требало често да ги потсетува да живеат заедно во единство. На пример, тој поттикнал две христијанки — Еводија и Синтихија — да ги решат своите несогласувања (1. Коринтјаните 1:10; Ефесјаните 4:1—3; Филипјаните 4:2, 3).

Ако имаме ваков проблем, како можеме да ја разгориме искрената љубов кон нашите браќа и сестри? Потсетувајќи се дека Христос умрел за нив и дека, како и ние, и тие практикуваат вера во неговата откупна жртва. Исто така, можеме да задржиме на ум дека многу наши браќа се подготвени да го имитираат Исус Христос ризикувајќи го животот за нас.

Пред неколку години, еден млад Сведок во Париз (Франција) не се колебал да грабне еден куфер во кој се наоѓала бомба која била поставена пред Салата на Царството. Тој трчал со неа неколку скали пред да ја фрли во една фонтана, каде што експлодирала. Кога бил запрашан што го мотивирало да го ризикува својот живот на таков начин, тој одговорил: „Сфатив дека во опасност се нашите животи. Затоа, си помислив, подобро е само јас да умрам отколку да загинеме сите ние“. b Каков само благослов е да се има такви другари кои се спремни толку присно да го следат Исусовиот пример!

Освен тоа, можеме да медитираме за духот на соработка меѓу Јеховините сведоци кои беа во концентрациони логори за време на II светска војна. c Неодамна, нашите браќа и сестри од Малави исто толку верно го задржаа својот став како вистински христијани. Зарем размислувањето за тоа дека нашите браќа во локалните собранија би постапиле на ист начин под тешки околности не нѐ тера да ги превидиме или барем да ги минимизираме секојдневните напнатости и тешкотии? Ако го негуваме Христовиот ум, нашите секојдневни односи со сообожавателите ќе бидат извор на освежување, а не на обесхрабрување.

Обесхрабрувачки лични чувства

„Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнета желба е како дрво на животот“ (Изреки 13:12). Во очите на некои Јеховини слуги, крајот на овој систем на ствари не доаѓа баш брзо. Христијаните, како и многу неверници, увидуваат дека периодот во кој живееме е ‚критичен и тешко се излегува на крај‘ (NW) со него (2. Тимотеј 3:1—5).

Меѓутоа, за разлика од неверниците, христијаните треба да се радуваат што во овие тешки околности го гледаат „знакот“ на Исусовата присутност кој покажува дека наскоро Божјето Царство ќе донесе крај на овој злобен систем на ствари (Матеј 24:3—14). Дури и кога ситуацијата се влошува — како што сигурно и ќе биде случај во текот на ‚големата неволја‘ (NW) — овие настани ни се извор на радост бидејќи го навестуваат Божјиот претстоен нов свет (Матеј 24:21; 2. Петрово 3:13).

Ако еден христијанин во мислите ја одложува интервенцијата на Царството во денешниве работи, тоа може да предизвика тој сѐ повеќе време да посветува на материјалните тежнеења. Ако дозволи некои работи, како што се световната работа и забавата, да му ги одземат сето време и енергија, тогаш ќе му биде тешко исправно да ги исполни своите библиски одговорности (Матеј 6:24, 33, 34). Таквиот став води до фрустрација, а со тоа и до обесхрабрување. Еден патувачки надгледник коментирал: „Не е реалистично да се обидуваме во овој систем на ствари да градиме лоша имитација на новиот систем“.

Два најдобри лека

Штом се постави дијагнозата, како може поединецот да најде добар лек? Една од најдобрите методи кои се на располагање е личната студија. Зошто? „Таа нѐ потсетува зошто мораме да го правиме она што го правиме“, забележал еден патувачки надгледник. Трет, пак, објаснил: „Ако се проповеда само од обврска, тоа со текот на времето станува тегобно“. Но, добрата лична студија ни помага повторно да се здобиеме со изострено гледиште за нашата улога додека се приближуваме кон крајот. Во истиот правец на размислување Писмото честопати нѐ потсетува на потребата духовно добро да се храниме за да имаме вистинска среќа во вршењето на Божјата волја (Псалм 1:1—3; 18:7—10; 118:1, 2).

Старешините можат да им помогнат на другите да го совладаат обесхрабрувањето со тоа што кај нив ќе прават охрабрувачки пастирски посети. Во текот на тие приватни посети, старешините можат да покажат дека секој од нас е многу ценет и дека зазема важно место во Јеховиниот народ (1. Коринтјаните 12:20—26). Осврнувајќи се на сохристијаните, еден старешина рекол: „За да им нагласам колку вредат, ги потсетувам на она што го постигнале во минатото. Истакнувам дека се скапоцени во Јеховините очи и дека во нивна корист е дадена крвта на неговиот Син. Ваквото расудување секогаш наидува на добар одѕив. Штом ова се поткрепи со цврсти библиски докази, обесхрабрените се во состојба да си постават нови цели, како што е семејна молитва, а исто така и проучување и читање на Библијата (Евреите 6:10).

За време на пастирските посети, старешините треба да внимаваат да не остават впечаток да изгледа дека не е можно да му се угоди на Бог. Наместо тоа, старешините можат да им помогнат на обесхрабрените сообожаватели да увидат дека бремето на Исусовите следбеници е лесно. Затоа нашата христијанска служба е извор на радост (Матеј 11:28—30).

Да се победи обесхрабрувањето

Какви и да се причините за него, обесхрабрувањето е чума со која мора да се бориме. Но, запомни дека во таа борба не сме сами. Ако сме обесхрабрени, да ја прифатиме помошта од нашите христијански другари, особено од старешините. На тој начин можеме да ги ублажиме чувствата на обесхрабреност.

Пред сѐ, за да го совладаме обесхрабрувањето треба да му се обратиме на Бог за помош. Ако молитвено се ослонуваме на Јехова, тој може да ни помогне да го победиме обесхрабрувањето во целост (Псалм 55:22NW; Филипјаните 4:6, 7). Во секој случај, како негов народ можеме да ги споделуваме чувствата на псалмистот кој пеел: „Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи; за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата правда се возвишуваат, зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог“ (Псалм 88:15—17).

[Фусноти]

a Види ја статијата „Предизвикот од куќа до куќа“ во англиското издание на Стражарска кула од 15 мај 1981.

b Види страници 12 и 13 во англиското издание на Разбудете се! од 22 февруари 1985, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

c Види ги статиите „Го преживеав ‚смртоносниот марш‘“ во англиското издание на Стражарска кула од 15 август 1980 и „Задржување на интегритет во нацистичка Германија“ во англиското издание на Разбудете се! од 22 јуни 1985.

[Слика на страница 31]

Изградувачките пастирски посети од страна на старешините полни со љубов можат да им помогнат на христијаните да го победат обесхрабрувањето