Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не дозволувај твојата јака страна да ти стане слабост

Не дозволувај твојата јака страна да ти стане слабост

Не дозволувај твојата јака страна да ти стане слабост

Бидејќи во својот труп имаше 16 простории кои не пропуштаа вода, се сметаше дека луксузниот патнички брод Титаник не може да потоне. На својата прва пловидба во 1912 година, тој носеше само половина од бројот на потребните чамци за спасување. Бродот удри во една санта мраз и потона, при што животот го изгубија повеќе од 1500 луѓе.

БОГОБОЈАЗЛИВИОТ цар Озија од древниот Ерусалим бил брилјантен воен заповедник. Тој со Јеховина помош ги поразил своите непријатели еден по еден. ‚Се прочуло името [на Озија] далеку, зашто се зацврстил чудно и станал многу силен.‘ Но, потоа ‚се возгордеало срцето негово . . . и тој станал престапник пред Господа, својот Бог‘. Поради својата вообразеност, Озија бил удрен со лепра (2. Летописи 26:15—21; Изреки 16:18).

Од овие два извештаи учиме дека јаките страни, кога не се урамнотежени со мудрост, скромност и понизност, можат лесно да станат слабости или хендикеп. Ова е отрезнувачко нешто, зашто на еден или на друг начин, секој од нас си има некои јаки страни, или дарови, и ние сакаме тие да бидат од корист и извор на радост за самите нас и за другите, а особено за нашиот Творец. Навистина, треба во потполност да го користиме секој дар од Бог што можеби го имаме, но истовремено да го контролираме за да остане скапоцена благодат.

На пример, некој кој си ја сака работата би можел лесно својот дар да го претвори во слабост со тоа што ќе стане работохолик. Едно претпазливо лице не би можело лесно да биде излажано, или измамено, но може да биде претпазливо до тој степен што никогаш нема да донесува одлуки. И делотворноста е добра особина, но ако се оди во крајност, така што со тоа се запостави човечкиот елемент, резултатот може да биде ладна, крута атмосфера која раѓа несреќа. Затоа, застани за момент да размислиш за сопствените јаки страни. Дали добро ги користиш? Дали тие претставуваат благослов за другите? Пред сѐ, дали ги користиш за да му оддадеш чест на Јехова, Изворот на „секој добар дар“? (Јаков 1:17). За таа цел, поблизу да погледнеме неколку други примери за јаки страни кои, ако не се контролираат би можеле да се развијат во слабости, па дури и во хендикеп.

Мудро користи ги своите умствени способности

Да се биде интелигентен сигурно претставува благодат. Сепак, тоа би можело да стане слабост ако води до прекумерна самодоверба или ако предизвика да развиеме надуено мислење за себеси, особено ако другите претерано нѐ фалат или ни ласкаат. Или, пак, би можеле да развиеме чисто интелектуално гледиште за Божјата реч и публикациите за проучување темелени на Библијата.

Прекумерната самодоверба може да избие на површина на различни начини. На пример, кога некој кој е многу интелигентен добие задача да зборува во христијанското собрание, на пример, да одржи јавно предавање или говор во Теократската школа за служба, можеби подготовката ја остава за последната минута, па дури и не се моли за Јеховин благослов. Наместо тоа, има доверба во своето насобрано знаење и во својата способност да импровизира. Природната способност може извесно време да ја маскира неговата олабавеност, но без потполниот благослов од Јехова, неговиот духовен напредок ќе успори, а можеби и ќе запре. Какво само губење на еден прекрасен дар! (Изреки 3:5, 6; Јаков 3:1).

Некој кој е остроумен би можел да стекне интелектуално гледиште за Библијата и за помагалата за проучување на Библијата. Меѓутоа, таквото спознание само „надувува“ (NW), или го дуе своето ‚јас‘ како балон; тоа не ги „изградува“ љубезните христијански односи (1. Коринтјаните 8:1; Галатјаните 5:26). Од друга страна, пак, без оглед на своите умствени способности, духовниот човек секогаш се моли за Божји дух и има доверба во него. Неговата јака страна станува уште поголема благодат додека тој расте во љубовта, понизноста, спознанието и мудроста — и сето тоа во пријатна мера (Колосјаните 1:9, 10).

Способноста ќе стане слабост и ако преку неа развиеме надуено мислење за себеси, што открива недостиг на скромност. Едно надарено лице — и оние кои му се восхитуваат — може да заборават дека Јехова „не го цени оној кој е мудар во своето сопствено срце“, без разлика на тоа колку е надарен (Јов 37:24NW). „Мудроста е со смирените [скромните]“, вели Божјата реч (Изреки 11:2). Иако бил многу интелигентен и образован, апостол Павле на коринтјаните им рекол: „И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост . . . јас меѓу вас бев во немоќ, и страв, и во голем трепет. И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја“ (1. Коринтјаните 2:1—5).

Вистински мудрата личност не е измамена од светското гледиште за интелектот ниту, пак, од неговата дефиниција за успех. Затоа, наместо да ги користи своите таленти за да заработи одобрување од луѓето или за да трупа световно богатство, тој му го дава своето најдобро на Оној кој му ги дал животот и способностите (1. Јованово 2:15—17). За таа цел интересите на Царството ги држи на прво место во животот, станувајќи како плодно „дрво посадено крај воден извор“. Благодарение на Јеховиниот благослов, а не на своите природни таленти, „во сѐ што прави, напредува“ (Псалм 1:1—3; Матеј 6:33).

Нека христијанството ја засили твојата јака страна

По самата своја природа, христијанството толку изобилува со јаки страни што световните филозофии избледнуваат кога ќе се споредат со него. На пример, христијанскиот начин на живот ги создава најдобрите сопруги и сопрузи, најдобрите соседи и најдобрите работници — луѓе кои се чесни, полни со почит, мирољубиви и трудољубиви (Колосјаните 3:18—23). Освен тоа, христијанската обука за говорење и поучување гради добри вештини на комуникација (1. Тимотеј 4:13—15). Затоа, не е за изненадување што христијаните честопати се барани од работодавачите заради додатни одговорности и унапредувања. Но, таквите јаки страни би можеле да бидат и злоупотребени ако внимателно не се чуваат. Едно унапредување или искушувачка понуда за работа може да значи практично да ѝ се посветиш на фирмата, редовно да отсуствуваш од христијанските состаноци или да го жртвуваш скапоценото време наменето за семејството.

Еден христијански старешина и семеен човек од Австралија, кој бил и многу успешен бизнисмен, „го имал цел свет на дланка“, како што вели една изрека. Сепак, го одбил искушението да постигне многу во овој систем. „Сакав да поминувам повеќе време со моето семејство и во христијанската служба“, рекол тој. „Затоа, сопругата и јас се сложивме грижливо да го намалам времето кое го поминувам на световна работа. Зошто да работам пет дена во седмицата ако не морам?“ — додал тој. Со тоа што направил неколку добро промислени преиначувања во животот, овој старешина увидел дека сепак би можел да се грижи за семејството ако работи три или четири дена во седмицата. Со текот на времето, му биле понудени и други предности на службата, како што е служењето во локалниот Одбор за собирни сали и во управата за обласниот конгрес. Со тоа што биле мудро насочени, неговите јаки страни му донеле нему и на семејството радост и задоволство.

Урамнотежен став кон предностите

Христијанските мажи се охрабрени да посегнат по предности на службата во собранието. „Ако некој тежнее по служба на надгледник [или слуга помошник], тој сака извонредна работа“ (1. Тимотеј 3:1NW). Како и јаките страни кои веќе беа спомнати, спремноста да се прифатат одговорности треба да се урамнотежи со доброто просудување. Никој не треба да презема толку многу задачи што поради тоа би ја изгубил радоста во Јеховината служба. Да, спремниот дух е за пофалба, всушност и потребен, зашто Јехова не го одобрува ставот на штедење на самиот себе; но спремноста исто така мора да одразува скромност и „здрав ум“ (Тит 2:12NW; Откровение 3:15, 16).

Исусовата нежност, увид и осетливост придонеле дури и најпонижените да се чувствуваат опуштено во негово присуство. Слично и денес, луѓето се чувствуваат пријатно со оние чија јака страна е сочувствителна, грижлива личност. Во христијанското собрание, таквите срдечни, пристапливи старешини се навистина ценети „дарови во облик на луѓе“. Тие се „заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Ефесјаните 4:8NW; Исаија 32:2).

Но, старешините мораат да го урамнотежат времето кое го поминуваат во помагање на другите со сопствената потреба од лична студија, медитирање, молитва и јавна служба. Секако, оженетите старешини треба да одвојат време и за своето семејство, за кое треба да бидат особено пристапливи.

Способни жени — прекрасен благослов

Како и способните старешини, духовно настроените жени се исто така благодат за Јеховината организација. Општо земено, жените се надарени со интерес за другите луѓе — особина која Јехова ја цени и на која охрабрува. Држете ги „пред очи не само сопствените работи од личен интерес, туку и оние од личен интерес на другите“, напишал апостол Павле (Филипјаните 2:4NW). Сепак, овој „личен интерес“ си има граници, затоа што ниеден христијанин не би сакал да „се меша во туѓи работи“; ниту, пак, да озборува (1. Петрово 4:15; 1. Тимотеј 5:13).

Жените имаат и многу други дарови. На пример, една христијанска сопруга може да биде умствено понадарена од својот сопруг. Сепак, како „способна жена“ (NW) која се плаши од Јехова, таа би требало да го почитува својот сопруг и да ги користи своите дарови за да го надополнува, а не да се натпреварува со него. И, наместо да ѝ завидува или да се огорчува на неа, еден мудар, понизен сопруг би требало да ги цени јаките страни на својата сопруга и да се радува на нив. Треба да ја храбри во целост да ги користи своите таленти за да го изградува своето домаќинство и да им помага на децата да ‚се плашат од Јехова‘ (NW), како што прави и самата (Изреки 31:10, 28—30; 1. Мојсеева 2:18). Таквите скромни, понизни сопрузи и сопруги имаат успешен брак кој навистина му оддава чест на Јехова.

Подложување на една силна личност

Силната личност која се заснова на праведност и ја врши Јеховината волја со цела душа може да биде благодат ако е ублажена со скромност и понизност.Сепак, таа може да биде слабост ако предизвикува некој да доминира над другите или да ги заплашува. Ова е особено случај во христијанското собрание. Христијаните треба да се чувствуваат опуштено еден покрај друг, а тоа се однесува и тогаш кога се во друштво на собраниските старешини (Матеј 20:25—27).

Старешините пак, од своја страна, треба да се чувствуваат опуштено во меѓусебното друштво. И кога имаат состанок, врз нивните одлуки треба да влијае светиот дух, а не силата на личноста. Всушност, светиот дух може да влијае врз кој и да било старешина од телото, вклучувајќи го и најмладиот или најмолчеливиот. Значи, оние кои имаат посилна личност, дури и кога сметаат дека се во право, треба да ја користат својата јака страна со тоа што ќе ја научат уметноста на попустливост, со тоа што ќе им,укажуваат почит‘ (NW) на другите старешини (Римјаните 12:10). Проповедник 7:16 (NW) љубезно предупредува: „Не станувај преправеден, ниту се покажувај претерано мудар. Зошто да си нанесеш опустошување?“

Јехова, Изворот на „секој добар дар“ ги користи своите чудесни јаки страни апсолутно совршено (Јаков 1:17; 5. Мојсеева 32:4). А тој е нашиот Учител! Затоа, да учиме од него и напорно да работиме како во развивањето на нашите природни дарови, или јаки страни, така и во нивното користење на начин кој е мудар, скромен и полн со љубов. Колкав само благослов за другите ќе бидеме тогаш!

[Слики на страница 27]

Духовниот напредок зависи од молитвеното проучување и од ослонувањето на Јехова

[Слика на страница 29]

Личниот интерес споен со скромност претставува благослов

[Извор на слика на страница 26]

Со љубезна дозвола на The Mariners’ Museum, Newport News, VA