Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Радосни вести“ од Апокалипсата

„Радосни вести“ од Апокалипсата

„Радосни вести“ од Апокалипсата

„Видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие [добра вест, NW], за да им благовести [радосни вести, NW] на жителите земни“ (ОТКРОВЕНИЕ 14:6).

1. Иако Јеховините сведоци веруваат во инспирираноста на книгата Апокалипса, зошто тие не се „апокалиптична секта“?

 СПРОТИВНО на обвиненијата изнесени против нив, Јеховините сведоци не се некоја „апокалиптична секта“ или „култ на страшниот суд“. Меѓутоа, ја прифаќаат Апокалипсата, т. е. книгата Откровение, како дел од инспирираната Реч Божја. Точно, Откровението содржи пораки за суд против злобните. Но, во своето јавно сведочење Божјите слуги се сосредоточуваат главно на прекрасната надеж изложена во Библијата, вклучувајќи ја и надежта во Апокалипсата, или Откровението. На тој начин, тие ниту додаваат ниту, пак, одземаат нешто од пророчките зборови кои се наоѓаат во него (Откровение 22:18, 19).

Гласници на радосни вести

2. Кои се некои од стиховите што Јеховините сведоци честопати ги користат во своето проповедничко дело?

2 Често цитирана библиска основа за јавната служба на Јеховините сведоци е Исусовата изјава: „Оваа добра вест за царството ќе се огласува во целата населена земја за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14, фуснота NW). А која е „оваа добра вест за царството“? Многу Сведоци ќе одговорат на тој начин што ќе цитираат стихови од Откровение, поглавја 20 и 21 кои укажуваат на Илјадагодишното владеење на Христос и на неговата влада на Царството и човечкото општество каде што „нема да има веќе“ смрт, плач и болка (Откровение 20:6; 21:1, 4).

3. На која мисија одговара јавната служба на Јеховните сведоци?

3 Како гласници на овие радосни вести, Јеховините сведоци навистина се портпаролот на симболичниот небесен гласник чија мисија е исто така опишана во Откровението. „Видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие [добра вест, NW], за да им благовести [радосни вести, NW] на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14:6). ‚Вечната добра вест‘ вклучува објавување дека ‚Царството [или владетелството] на светот станало царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос‘ и дека дошло Јеховиното „одредено време“ (NW) ‚да ги погуби губителите на земјата“ (Откровение 11:15, 17, 18). Зарем ова не е навистина добра вест?

Што нѐ очекува според Откровението

4. а) Кои основни вистини се изложени во поглавје 1 од Откровение? б) Што се бара од оние кои сакаат да извлечат корист од радосните вести?

4 Уводното поглавје на книгата Откровение го претставува Јехова како „Алфа и Омега“ . . . Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот“. Го претставува и неговиот Син, Исус Христос, како „верен Сведок“, „Првороден од мртвите“ и „Господар на земните цареви“. Исто така, зборува за Исус како за оној „Кој нѐ возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв“ (Откровение 1:5, 8). Значи, уште во почетокот, Откровението изложува основни животоспасувачки вистини. „Жителите земни“ нема да извлечат корист од радосните вести што им се носат ако не го признаат суверенитетот на Јехова, ако не положат вера во пролеаната крв на Исус и ако не поверуваат дека Јехова го воскреснал и дека Христос е сега Божјиот наименуван Владетел на Земјата (Псалм 2:6—8).

5. Во каква улога е опишан Христос во Откровение, поглавја 2 и 3?

5 Следните две поглавја го прикажуваат Христос Исус како љубезен небесен Надгледник на собранијата на неговите ученици на Земјата. Свитокот упатен до седум избрани христијански собранија кои постоеле во Мала Азија во првиот век н. е. содржел охрабрување и силни совети кои сѐ уште важат и денес. Пораките испратени до собранијата обично почнуваат со следниве зборови: „Ги знам делата твои“ или ‚Ја знам твојата скрб [неволја, NW]‘ (Откровение 2:2, 9). Да, Христос точно знаел што се случува во собранијата на неговите ученици. Некои од нив ги пофалил заради нивната љубов, вера, труд во службата, истрајност и верност кон неговото име и реч. Други, пак, укорил заради тоа што дозволиле нивната љубов кон Јехова и кон неговиот Син да се олади, или затоа што западнале во сексуален неморал, идолопоклонство или отпадничко секташтво.

6. Што можат луѓето да разберат со помош на визијата запишана во поглавје 4?

6 Поглавје 4 дава една визија за небесниот престол на Јехова Бог што влева стравопочит. Тоа нуди краток увид во славата на Јеховината присутност и во небесната владејачка структура што ќе ја користи тој. Крунисаните владетели, чии престоли се околу централниот престол во универзумот, му се поклонуваат на Јехова и изјавуваат: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11).

7. а) На што ангелот ги повикува земните жители? б) Што е важен дел од нашето образовно дело?

7 Дали ова има некакво значење за луѓето денес? Секако. Ако сакаат да живеат во милениумското Царство, мора да внимаваат на она што го објавува ‚ангелот кој лета посреде небото‘: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:6, 7). Една од главните цели на библиското образовно дело кое го извршуваат Јеховините сведоци е да им се помогне на „жителите земни“ да го запознаат и да го обожаваат Јехова, да признаат дека Тој создал сѐ и спремно да се подложат на неговиот праведен суверенитет.

Јагнето достојно за чест

8. а) Како е прикажан Христос во поглавјата 5 и 6? б) Што можат да научат од оваа визија сите кои ги слушаат радосните вести?

8 Следните две поглавја, 5 и 6, го претставуваат Исус Христос како Јагне кое е достојно да го отвори свитокот со седум печати, откривајќи ги така на симболичен јазик настаните кои се одигруваат во наше време. (Спореди Јован 1:29.) На ова симболично Јагне, небесните гласови му велат: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе, и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на земјата!“ (Откровение 5:9, 10). Од оваа визија учиме дека на темел на Христовата пролеана крв, некои од луѓето со различно потекло се повикани да бидат со него на небото и ‚да царуваат како цареви на земјата‘. (Спореди Откровение 1:5, 6.) Нивниот ограничен број е откриен понатаму во Откровението.

9. Како е претставен Христос во поглавје 6?

9 Во истава визија, Христос е претставен и како крунисан јавач на бел коњ кој излегува „како победник, за да победи“. За среќа, тој ќе ги победи лошите ефекти симболизирани со трите други јавачи на Апокалипсата, чие енергично јавање од пресудната 1914 година за човештвото донело војна, глад и смрт (Откровение 6:1—8). Единствената улога на Христос, Јагнето Божје, во спасението на човештвото и во остварувањето на Јеховините прекрасни намери е главна тема на делото на поучување за Библијата кое го вршат Јеховините сведоци.

10. а) Какви важни информации дава поглавје 7? б) Што вели Христос за оние кои го добиваат Царството?

10 Поглавје 7 содржи навистина радосни вести. Само во книгата Откровение го наоѓаме бројот на оние кои Исус ги нарекол ‚малото стадо‘ кое го добива Царството од Таткото на Јагнето (Лука 12:32; 22:28—30). Нив ги запечатил Јехова Бог преку својот дух (2. Коринтјаните 1:21, 22). Апостол Јован, кој го добил Откровението, сведочи: „Го чув бројот на одбележаните со печат: сто и четириесет и четири илјади“ (Откровение 7:4). Овој прецизен број е потврден во едно понатамошно поглавје како вкупен број на оние кои се „откупени од земјата [човештвото, NW]“ за да владеат на небесната гора Сион (Откровение 14:1—4). Додека црквите на христијанскиот свет даваат нејасни и неубедливи објаснувања за овој број, интересно е што библискиот изучувач Е. В. Булинер во врска со тоа вели: „Тоа е само изнесување на еден факт: одреден број наспроти неодреден број во истото поглавје“.

11. а) Кои радосни вести се наоѓаат во поглавје 7? б) Какви изгледи се отворени пред членовите на ‚големото мноштво‘?

11 На кој неодреден број укажувал Булинер? Во стих 9, апостол Јован напишал: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9). Кој го сочинува ова големо мноштво, каква е неговата сегашна положба пред Бог и што го очекува во иднината? Одговорот на апокалипсата е добра вест за земните жители. Читаме: „Тие се што дојдоа од големи маки [големата неволја, NW]; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“. Преку верата во Христовата пролеана крв, тие ќе бидат заштитени во текот на ‚големата неволја‘. Христос „ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“ (Откровение 7:14—17). Да, милиони луѓе кои живеат денес можат да станат дел од неброеното мноштво кое ќе го преживее крајот на сегашниов злобен систем на ствари. Како поданици на Царот Исус Христос во текот на неговата Милениумска влада, тие ќе бидат водени од него до вечен живот на Земјата. Зарем тоа не е добра вест?

„Пресудите негови се вистинити и праведни“

12, 13. а) Што содржат поглавјата 8 до 19? б) Зошто лицата со искрени срца не треба да се вознемируваат од таквите пророштва?

12 Поглавјата 8 до 19 се во голема мера одговорни за репутацијата што ја има книгата Апокалипса, или Откровение, како книга која претскажува ужасни катастрофи. Тие содржат тешки пораки на суд (симболизирани со трубни звуци, неволји и чаши на божествен гнев) упатени против различни елементи на сатанскиот систем на ствари. Овие пресуди ќе бидат извршени најпрвин против лажната религија („Вавилон големиот“), а потоа против безбожните политички системи, симболизирани со диви ѕверови (Откровение 13:1, 2; 17:5—7, 15, 16). a

13 Овие поглавја го прикажуваат очистувањето на небесата, при што Сатана и неговите демони се исфрлени во близината на Земјата. Ова го дава единственото логично објаснување за беспримерната светска неволја од 1914 (Откровение 12:7—12). Исто така, тие на симболичен јазик го опишуваат уништувањето на сатанскиот зол систем на ствари на Земјата (Откровение 19:19—21). Дали треба луѓето со искрени срца да бидат шокирани од таквите драматични настани? Не, зашто во текот на извршувањето на Божјите пресуди, небесното мноштво извикува: „Алилуја [фалете го Јах, NW], спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни“ (Откровение 19:1, 2).

14, 15. а) На кој начин крајот на сегашниов зол систем ќе биде воведен во праведност? б) Зошто треба овој дел од Апокалипсата да биде причина за радост за луѓето со искрени срца?

14 Јехова нема да воведе праведен систем на ствари без да ја ослободи Земјата од оние кои ја погубуваат (Откровение 11:17, 18; 19:11—16; 20:1, 2). Меѓутоа, ниеден човек ниту, пак, политичка држава немаат ниту авторитет ниту моќ да го постигнат ова. Само Јехова и неговиот помазан Цар и Судија, Христос Исус, можат да го сторат тоа во праведност (2. Солунјаните 1:6—9).

15 Како што Апокалипсата сосема јасно покажува, Јехова има намера да го оконча сегашниов зол систем. Овој факт треба да биде причина за радост за оние мажи и жени кои „жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат“ (Језекиил 9:4). Ова треба да им ја вреже итната потреба да внимаваат на повикот со радосните вести даден од ангелот, кој изјавил: „Бојте се од Бога  . . . зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата“ (Откровение 14:7). Нека таквите луѓе го обожаваат Јехова и му служат заедно со неговите Сведоци „што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12:7).

Славната милениумска влада

16. а) Зошто црквите на христијанскиот свет ја отфрлаат милениумската надеж? б) Зошто Јеховините сведоци веруваат дека пример-молитвата ќе биде одговорена?

16 Поглавјата 20 до 22 од книгата Откровение ја содржат библиската основа за надеж во Милениумот. Ова е единственото место во Библијата каде всушност се спомнува илјадагодишен период кој ќе биде увод во вечност на среќа на небото и на Земјата. Црквите на христијанскиот свет ја отфрлиле милениумската надеж. Со оглед на тоа што, според црковната догма праведните одат на небото а злобните во пеколот, во неа нема место за рајска Земја. Пример-молитвата во која се бара Божјата „волја да се врши на земјата како што се врши на небото“, го изгубила целокупното значење за повеќето членови на црквите од христијанскиот свет (Матеј 6:10, New International Version). Но, тоа не е случај и кај Јеховините сведоци. Тие цврсто веруваат дека Јехова Бог не ја создал Земјата „залудно“ (NW), туку „за живеење“ (Исаија 45:12, 18). Значи, древното пророштво, пример-молитвата и апокалиптичната надеж за Милениумот се во согласност. За време на своето Илјадагодишно владеење, Христос ќе се погрижи Јеховината волја да се врши на Земјата, исто како и на небото.

17. Што покажува дека „илјадата години“ треба да се сфатат дословно?

17 Терминот „илјада години“ се појавува шестпати во првите седум стихови на Откровение, поглавје 20. Вреден за внимание е фактот што овој термин четирипати е во членувана форма, што е доказ дека тој укажува на еден дословен милениум, а не само на неодреден временски период, како што многу коментатори на христијанскиот свет сакаат да веруваме. Што ќе се случи во текот на Милениумот? Прво, Сатана ќе биде онеспособен за целиот тој период (Откровение 20:1—3; спореди Евреите 2:14). Каква само добра вест е тоа!

18. а) Зошто Милениумот може да се нарече „ден“ на суд? б) Што ќе се случи на крајот на илјадата години?

18 Бидејќи ‚на оние кои ќе царуваат со него [Христос] илјада години‘ им е дадена „моќ да судат“ (NW), овој период всушност е илјадагодишен „ден“ на суд (Откровение 20:4, 6; спореди Дела 17:31; 2. Петрово 3:8). Мртвите ќе бидат воскреснати и, заедно со преживеаните од ‚големата неволја‘ (NW) ќе бидат правично судени според нивните дела, т. е. постапки во текот на тој период (Откровение 20:12, 13). На крајот од илјадата години, Сатана ќе биде за кратко ослободен за да го подложи човештвото на конечниот испит после што тој, неговите демони и кои и да било бунтовници на Земјата кои ќе го следат, ќе бидат засекогаш уништени (Откровение 20:7—10). Имињата на луѓето кои ќе го положат испитот ќе бидат неизбришливо запишани во „книгата на животот“, и тие ќе бидат воведени во една вечност на среќен живот, служејќи му на Јехова и обожавајќи го на рајска Земја (Откровение 20:14, 15; Псалм 36:9, 29; Исаија 66:22, 23).

19. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека прекрасните ветувања изнесени во книгата Откровение ќе се исполнат без промашување? б) Што ќе биде разгледано во следната статија?

19 Тоа се радосните вести изложени во Апокалипсата. Тие не се празни човечки ветувања. Апостол Јован напишал: „Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам‘. И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:5). Што мораме да правиме за да имаме удел во исполнувањето на овие радосни вести? Книгата Откровение содржи многу совети за оние кои сакаат да му угодат на Бог. Следењето на тие совети ќе ни донесе неограничена среќа, сега и засекогаш, како што ќе покаже и следната статија.

[Фуснота]

a За целосно објаснување на книгата Откровение, види ја книгата Откривење — Близу је величанствени врхунац!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

Точки за повторување

◻ Кои основни вистини, што се наоѓаат во Откровение, поглавја 4 до 6, претставуваат важен дел од радосните вести?

◻ Кои радосни вести се наоѓаат во Откровение, поглавје 7?

◻ Зошто луѓето со искрени срца не треба да се вознемируваат од пораките на суд кои се наоѓаат во Откровение?

◻ На кој начин Милениумот ќе биде „ден“ на суд?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Царот Исус Христос целосно ќе ја ослободи Земјата од војните, гладот и смртта