Родителите нѐ научија да го сакаме Бог
Родителите нѐ научија да го сакаме Бог
РАСКАЖАЛА ЕЛИЗАБЕТ ТРЕЈСИ
Вооружени мажи, кои малку порано истиот ден предводеа една толпа против нас, ги истераа мајка ми и татко ми од колата. Сестра ми и јас останавме сами на задното седиште, прашувајќи се дали некогаш повторно ќе ги видиме нашите родители. Што доведе до ова застрашувачко искуство во близината на Селма (Алабама, САД), во 1941 година? И каква врска имаат со тоа поуките кои ги добивме од нашите родители?
РОДИТЕЛИТЕ на татко ми, Дјуи Фаунтајн, умреле уште додека бил бебе, па затоа го одгледала една роднина на фарма во Тексас. Подоцна отишол да работи на нафтените полиња. Во 1922, кога имал 23 години, се оженил со Вини, една убава млада Тексашанка, и почнале да прават планови да се средат и да основаат семејство.
Изградил куќа во шумовитиот дел на источен Тексас во близина на гратчето Гаризон. Таму одгледувал различни култури, а меѓу другото памук и пченка. Исто така, одгледувал и секакви видови домашни животни. Со текот на времето, сме се родиле ние децата — Дјуи јуниор во мај 1924, Едвена во декември 1925 и јас во јуни 1929.
Ја запознаваме библиската вистина
Мајка ми и татко ми мислеа дека ја разбираат Библијата, со оглед на тоа што припаѓаа на Христовата црква. Но, во 1932, Џ. В. Кук ги оставил книгите Deliverance (Ослободување) и Government (Влада) кај брат му на татко ми, Монро Фаунтајн. Желен да го сподели со моите родители она што го учеше, Монро честопати доаѓаше за време на појадокот, ќе прочиташе некоја статија од Стражарска кула и потоа „случајно“ќе го заборавеше списанието. После тоа, мајка ми и татко ми ќе го прочитаа.
Едно неделно утро чичко Монро го покани татко ми во куќата на еден сосед за библиска студија. Го уверуваше дека г-н Кук би можел да му одговори од Библијата на сите негови прашања. Кога се врати од студијата, татко ми возбудено му рече на семејството: „Добив одговор на сите мои прашања и многу повеќе од тоа! Си мислев дека знам сѐ, но кога г-н Кук почна да објаснува за пеколот, душата, Божјата намера во врска со Земјата и за тоа што ќе донесе Божјето Царство, добив чувство дека всушност ништо не сум знаел за Библијата!“
Нашиот дом личеше на центар за дружење. Роднините и пријателите
доаѓаа во посета, правеа пуканки прелиени со крем, и пееја заедно додека мајка ми свиреше на пијаното. Овие настани постепено беа заменети со дискусии на библиски теми. Иако ние децата не можевме да ги разбереме сите работи за кои се дискутираше, силната љубов на нашите родители кон Бог и Библијата беше толку очигледна што секое од нас децата разви слична љубов кон Бог и кон неговата Реч.И други семејства ги отворија своите домови за седмични библиски дискусии, кои обично беа сосредоточени околу некоја тема од најновото издание на списанието Стражарска кула. Кога некои семејства од соседните градови Аплби и Накодочес беа домаќини на состаноците, ние ќе се натрупавме во нашиот стар форд и ќе отпатувавме таму, без разлика какво беше времето.
Постапуваа според она што го учеа
Не требаше многу време за нашите родители да ја увидат потребата од акција. Љубовта кон Бог бараше она што се учеше да се дели со другите (Дела 20:35). Но, овој чекор, јавно да се објавува верата беше предизвик, особено затоа што нашите родители по природа беа срамежливи, понизни луѓе. Сепак, нивната љубов кон Бог ги мотивираше, а тоа пак, од своја страна, им помогна да нѐ научат да полагаме длабока доверба во Јехова. Татко ми го изрази тоа вака: „Јехова прави проповедници од берачи на грашок!“ Во 1933, мајка ми и татко ми го симболизираа своето предание на Јехова со крштавање во вода во еден рибник во близината на Хендерсон (Тексас).
Во почетокот на 1935, татко ми пиша до Watch Tower Society и постави неколку прашања во врска со христијанската надеж за вечен живот (Јован 14:2; 2. Тимотеј 2:11, 12; Откровение 14:1, 3; 20:6). Доби одговор директно од Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Заедницата. Наместо да одговори на неговите прашања, брат Ратерфорд го покани татко ми да присуствува на конгресот на Јеховините сведоци во Вашингтон (Д. К.) во мај.
‚Невозможно!‘ — си помисли татко ми. ‚Ние сме фармери со 26 хектари земја посадена со зеленчук. Баш во тоа време треба да се жнее сѐ и да се однесе на пазар.‘ Меѓутоа, набрзо после тоа, имаше поплава која ги преплави неговите изговори — насадите, оградите и мостовите. Така им се придруживме на другите Сведоци на еден изнајмен автобус со кој заминавме на конгрес 1.600 километри кон североисток .
На конгресот мајка ми и татко ми беа возбудени кога го слушнаа јасното објаснување на идентитетот на „големото множество“ кое ќе ја преживее „големата неволја“ (Откровение 7:9, 14, King James Version). Во преостанатиот дел од нивниот живот, мајка ми и татко ми беа мотивирани од надежта за вечен живот на рајската земја, и тие нѐ охрабрија нас децата ‚цврсто да се држиме за вистинскиот живот‘ кој за нас значеше вечен живот кој го нуди Јехова на Земјата (1. Тимотеј 6:19, NW; Псалм 36:29; Откровение 21:3, 4). Иако тогаш имав само пет години, навистина уживав што со моето семејство присуствував на овој радосен настан.
Откако се вративме од конгресот, како семејство повторно ги засадивме насадите, и подоцна ја имавме најобилната жетва дотогаш. Ова сигурно им помогна на мајка ми и татко ми да се уверат дека положувањето потполна доверба во Јехова никогаш нема да остане без награда. Тие стапија во еден посебен облик на проповедничко дело при што се сложија да поминуваат по 52 часа месечно во службата. А потоа, кога дојде следната сезона за садење, тие продадоа сѐ — сосе партали! Татко ми имаше направено приколка со димензии 6×2,4 метри за да живееме во неа ние петмината, и купи сосема нов форд со две врати за да ја влече приколката. Чичко Монро го стори истото, па и тој со семејството се пресели во приколка.
Нѐ поучуваат за вистината
Татко ми и мајка ми почнаа со пионерење — како што е наречена полновремената служба — во октомври 1936. Како семејство почнавме да проповедаме во покраините на источен Тексас кои ретко беа обработувани со пораката за Царството. Речиси една година се селевме од место до место, но општо земено, навистина уживавме во овој живот. Мајка ми и татко ми нѐ поучуваа со збор и пример да бидеме како раните
христијани кои се давале себеси за да им ја пренесуваат библиската вистина на другите.Ние децата особено се восхитувавме на жртвите кои ги правеше нашата мајка со тоа што се откажа од својот дом. Но, имаше нешто од кое таа не би се разделила, а тоа беше нејзината машина за шиење. И тоа беше добра работа. Поради нејзината шнајдерска способност, секогаш бевме добро облечени. На секој конгрес имавме привлечна нова облека.
Добро се сеќавам кога Херман Џ. Хеншел со своето семејство дојде во нашето подрачје со еден камион со звучник на Watch Tower Society. Тие ќе го паркираа камионот во некое густо населено подрачје, ќе пуштеа едно кратко снимено предавање, а потоа лично ги посетуваа луѓето за да им дадат понатамошни информации. Дјуи јуниор уживаше во друштвото на синот на Херман, Милтон, кој тогаш беше во своите средни тинејџерски години. Сега Милтон е претседател на Watch Tower Society.
За време на конгресот во 1937 во Колумбо, (Охајо), се крсти Едвена, а на мајка ми и татко ми им беше понудена предноста да служат како специјални пионери. Во тоа време, тоа дело вклучуваше да се поминат најмалку по 200 часа месечно во делото на проповедање. Кога ќе се осврнам на минатото, увидувам колку убавиот пример на мајка ми ми помогна да го поддржувам мојот сопруг во неговите христијански задачи.
Кога воспостави библиска студија со едно семејство, татко ми нѐ земаше со себе нас децата за да им дадеме позитивен пример на нивните деца. Тој нѐ замолуваше ние да ги побараме и да ги прочитаме библиските стихови и да одговориме на некои од основните прашања. Како резултат на тоа, многу од тие млади со кои проучувавме, верно му служат на Јехова сѐ до ден-денес. Всушност, беше положен цврст темел и ние да продолжиме да го сакаме Бог.
Како што Дјуи јуниор растеше, му стануваше сѐ потешко да живее во толку збиен простор со две помали сестри. Затоа, во 1940 реши да нѐ напушти и да стапи во пионерска служба со еден друг Сведок. На крај, се ожени со Одри Барон. На тој начин и Одри научи многу работи од нашите родители, и многу ги засака мајка ми и татко ми. Откако во 1944 Дјуи јуниор отиде в затвор поради својата христијанска неутралност, таа дојде да живее со нас извесно време во нашата тесна приколка.
На големиот конгрес во Сент Луис (Мисури), во 1941, брат Ратерфорд им се обрати директно на децата на возраст од 5 до 18 години кои седеа во еден посебен сектор напред. Едвена и јас го слушавме овој смирен, јасен глас; тој звучеше како еден татко полн со љубов кој ги поучува своите деца дома. Родителите ги охрабри: „Денес Христос Исус го собрал пред себе својот заветен народ и на многу јасен начин му кажува да ги поучува своите деца на патот на праведноста“. Тој додаде: „Чувајте ги дома и поучувајте ги за вистината!“ За среќа, нашите родители го правеа тоа!
На тој конгрес ја добивме новата брошура Jehovah’s Servants Defended (Јеховините слуги одбранети) во која беа разгледани судските случаи кои ги добија Јеховините сведоци, вклучувајќи ги и оние од Врховниот суд на Соединетите Држави. Татко ми ја проучуваше со нас како семејство. Не сфаќавме дека всушност бевме подготвувани за она што се случи после неколку седмици во Селма (Алабама).
Акција на една толпа во Селма
Утрото кога го доживеавме тоа застрашувачко искуство, на шерифот, градоначалникот и шефот на полиција во Селма татко ми им однесе примероци од едно писмо во кое се опишуваше нашето уставно право да ја извршуваме својата служба под заштита на законот. Сепак, тие одлучија да нѐ истераат од градот.
Доцна попладнето, петмина вооружени мажи дојдоа во нашата приколка и нѐ зедоа мајка ми, сестра ми и мене како заложници. Почнаа да превртуваат сѐ што имаше внатре, барајќи нешто подривачко. Татко ми беше надвор, и тие му наредија да ја закачи приколката за колата, додека ги држеа пиштолите цело време вперени во него. Во тој момент не бев уплашена. Изгледаше толку смешно што овие мажи мислеа дека сме опасни што сестра ми и јас почнавме да се кикотиме. Меѓутоа, кога татко ми нѐ погледна, брзо се отрезнивме.
Кога бевме спремни да заминеме, мажите сакаа Едвена и јас да одиме со нив во нивната кола. Татко ми се спротивстави. „Само преку мене мртов!“ —рече тој. После извесна дискусија, нам како семејство ни беше дозволено да патуваме заедно, а вооружените мажи нѐ следеа со својата кола. На околу 25 километри надвор од градот, ни дадоа сигнал да се паркираме покрај автопатот и ги истераа мајка ми и татко ми. Мажите наизменично се обидуваа да ги убедат: „Откажете се од таа религија. Вратете се на фармата и исправно воспитувајте си ги ќерките!“ Татко ми се обиде да расудува со нив, но без успех.
На крај, едниот човек рече: „Одете, и ако некогаш пак се вратите во покраината Далас, ќе ве убиеме сите до еден!“
Олеснети и повторно заедно, продолживме да возиме неколку часа и потоа се паркиравме за да преноќиме. Го имавме забележано бројот на нивната регистарска табличка. Татко ми брзо го извести за сѐ Watch Tower Society, и после неколку месеци мажите беа идентификувани и уапсени.
Во мисионерската школа Гилеад
Едвена доби покана да присуствува на седмиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк), во 1946. Алберт Шредер, еден од инструкторите, му спомна за нејзините убави особини на својот поранешен пионерски партнер, Бил Елрод, кој тогаш служеше во Бетел — светската централа на a Едвена и Бил се запознаа, и после околу една година од нејзиното дипломирање на Гилеад, се венчаа. Уште многу години останаа во полновремената служба, вклучувајќи го и петгодишното заедничко служење во Бетел. Потоа, еден ден во 1959, брат Шредер му објави на 34-от клас на Гилеад дека неговиот драг пријател станал татко на близнаци, момче и девојче.
Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).Додека служев со родителите во Меридијан (Мисисипи), на крајот од 1947, тројцата добивме покана да го посетиме 11-от клас на Гилеад. Бевме шокирани бидејќи според барањата, јас бев премлада, а мајка ми и татко ми беа престари. Но, беше направен исклучок, и ја добивме таа незаслужена предност за напредна библиска поука.
Мисионерска служба со моите родители
Нашата мисионерска доделба беше Колумбија (Јужна Америка). Меѓутоа, дури во декември 1949, повеќе од една година после дипломирањето, пристигнавме во Богота во еден мисионерски дом каде што веќе живееја тројца други мисионери. Во почетокот, татко ми речиси заклучи дека би му било полесно да ги учи луѓето англиски отколку тој да научи шпански! Да, имавме испити, но, ох, колку само беа големи благословите! Во 1949, во Колумбија имаше помалку од сто Сведоци, но сега ги има над 100.000!
Откако пет години служеа во Богота, мајка ми и татко ми беа испратени во градот Кали. Во меѓувреме, во 1952, јас се омажив за Роберт Трејси, мисионер во Колумбија. b Останавме во Колумбија сѐ до 1982, кога бевме доделени во Мексико, каде што сѐ уште служиме. На крај, во 1968, моите родители мораа да се вратат во Соединетите Држави заради медицинска нега. Откако малку закрепнаа, продолжија како специјални пионери во близината на Мобајл (Алабама).
Грижа за нашите родители
Како што годините поминуваа, мајка ми и татко ми стануваа сѐ поспори и им беше потребна поголема поддршка и внимание. На нивно барање, беа доделени да служат близу Едвена и Бил во Атина (Алабама). Подоцна, нашиот брат Дјуи јуниор сметаше дека би било мудро семејството да живее уште поблизу во Јужна Каролина. Затоа, Бил со своето семејство се пресели во Гринвуд, заедно со мајка ми и татко ми. Ова преиначување полно со љубов ни овозможи на Роберт и мене да продолжиме со мисионерската служба во Колумбија, знаејќи дека моите родители се добро згрижени.
Потоа, во 1985, татко ми доживеа мозочен удар после што остана нем и прикован за кревет. Се собравме на еден семеен состанок за да размислиме како најдобро да се грижиме за нашите родители. Одлучивме Одри да стане прва негувателка на татко ми, и дека Роберт и јас најдобро би можеле да помогнеме со тоа што секоја седмица ќе испраќаме писмо со охрабрувачки искуства и со тоа што ќе ги посетуваме колку што е можно почесто.
Сѐ уште ми е свежа во мислите мојата последна посета кај татко ми. Не можеше нормално да зборува, но откако му кажавме дека се враќаме во Мексико, тој со голем напор и емоции со еден збор некако изговори: „Адиос!“ Од тоа знаевме дека во своето срце тој ја поддржуваше нашата одлука да продолжиме со нашата мисионерска доделба. Умре во јули 1987, а мајка ми умре девет месеци после тоа.
Едно писмо кое го добив од мојата овдовена сестра добро го резимира ценењето што секој од нас го чувствува кон нашите родители. „Многу го ценам моето богато христијанско наследство и никогаш, ни за момент, не помислувам дека ќе сум била посреќна ако нашите родители избрале да нѐ воспитаат поинаку. Нивниот пример на силна вера, самопожртвуваност и потполна доверба во Јехова ме носеше низ моментите на потиштеност во животот.“ Едвена заклучи: „Му благодарам на Јехова за нашите родители кои со збор и пример ни ја покажаа среќата што можеме да ја имаме ако животот го градиме околу служењето на нашиот Бог полн со љубов, Јехова“.
[Фусноти]
a Види го англиското издание на Стражарска кула од 1 март 1988, страници 11 и 12.
b Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 март 1960, страници 189—191.
[Слики на страници 22 и 23]
Семејството Фаунтајн: (од лево на десно) Дјуи, Едвена, Вини, Елизабет, Дјуи јуниор; десно: Елизабет и Дјуи јуниор на браникот на камионот со звучник на Хеншелови (1937); долу десно: Елизабет во служба со плакати на 16-годишна возраст