Да бидеме од оние кои имаат вера
Да бидеме од оние кои имаат вера
„Ние сме . . . од оние кои имаат вера за да ја сочуваат душата во живот“ (ЕВРЕИТЕ 10:39, NW).
1. Зошто може да се рече дека верата на секој лојален Јеховин слуга е скапоцена?
СЛЕДНИОТ пат кога ќе отидеш во една Сала на Царството полна со обожаватели на Јехова, застани и погледни ги луѓето околу себе. Размисли за многуте начини на кои тие покажуваат вера. Можеш да видиш постари лица кои му служат на Бог со децении, млади кои секојдневно се борат со притисокот од врсниците и родители кои многу се трудат да подигаат богобојазливи деца. Има и собраниски старешини и слуги помошници кои носат многу одговорности. Да, можеш да видиш духовни браќа и сестри од сите возрасти кои надминуваат најразлични препреки за да му служат на Јехова. Колку само е скапоцена верата на секој од нив! (1. Петрово 1:7).
2. Зошто Павловиот совет во Евреите, поглавја 10 и 11, е корисен за нас денес?
2 Малкумина од несовршените луѓе — ако воопшто и има такви — ја разбрале важноста на верата подобро од апостол Павле. Всушност, тој забележал дека вистинската вера води до ‚сочувување на душата во живот‘ (Евреите 10:39, NW). Но, Павле знаел дека верата е подложна на напад и нагризување во овој безверен свет. Тој бил длабоко загрижен за еврејските христијани во Ерусалим и во Јудеја, кои се бореле за да ја сочуваат својата вера. Како што ќе разгледуваме делови од Евреите, поглавја 10 и 11, да обрнеме внимание на методите кои ги користел Павле за да ја изгради нивната вера. Притоа ќе видиме како можеме да изградиме посилна вера кај себеси и кај оние околу нас.
Да изразуваме доверба еден во друг
3. Како Павловите зборови, кои се наоѓаат во Евреите 10:39, покажуваат дека тој имал доверба во своите браќа и сестри во верата?
3 Првото нешто што можеме да го забележиме е Павловиот позитивен став кон своите слушатели. Тој напишал: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување, туку од оние кои имаат вера за да ја сочуваат душата во живот“ (Евреите 10:39, NW). Павле им го мислел најдоброто, а не најлошото на верните сохристијани. Но, забележи и дека тој го употребил изразот „ние“. Павле бил праведен човек. Сепак, не ги гледал своите слушатели од високо, како да бил на некое возвишено ниво на праведност високо над нив. (Спореди Проповедник 7:16, NW.) Наместо тоа, се вклучил и себеси со нив. Изразил искрена доверба дека и тој и неговите верни христијански читатели ќе се соочат со застрашувачки препреки кои неизбежно ќе се надвиснуваат над нив, дека храбро ќе одбијат да се повлечат за уништување и дека ќе се покажат од оние кои имаат вера.
4. Од кои причини Павле имал доверба во соверниците?
4 Како можел Павле да има таква доверба? Дали бил слеп за грешките на еврејските христијани? Напротив, им дал конкретен совет за да им помогне да ги совладаат своите духовни недостатоци (Евреите 3:12; 5:12—14; 6:4—6; 10:26, 27; 12:5). Сепак, Павле имал најмалку две добри причини за да има доверба во своите браќа. 1) Како имитатор на Јехова, Павле настојувал да го гледа Божјиот народ онака како што го гледа Јехова. Тоа не било само во врска со нивните грешки, туку и во врска на нивните добри особини и нивниот потенцијал да изберат да прават добро во иднината (Псалм 129:3; Ефесјаните 5:1). 2) Павле имал безрезервна вера во моќта на светиот дух. Знаел дека ниедна препрека, ниедна човечка слабост, не би можела да го спречи Јехова да му дава „сила над нормалната“ на секој христијанин кој настојува верно да му служи Нему (2. Коринтјаните 4:7; Филипјаните 4:13, обата NW). Значи довербата на Павле во неговите браќа и сестри не била ставена на погрешно место, не била нереалистична или слепо оптимистична. Таа била цврсто втемелена и заснована на Писмото.
5. Како можеме да ја имитираме Павловата доверба, и со каков можен резултат?
5 Секако, довербата која ја покажал Павле испаднала заразна. На собранијата во Ерусалим и во Јудеја сигурно многу им значело тоа што Павле им зборувал толку охрабрувачки. Наспроти поразниот презир и вообразената рамнодушност од страна на нивните еврејски противници, со таквите изрази на еврејските христијани им било помогнато да одлучат во срцето да бидат од оние кои имаат вера. Можеме ли да го правиме истото еден за друг и денес? Премногу е лесно да гледаме во другите само еден долг список на грешки и особености на личноста (Матеј 7:1—5). Сепак, ќе можеме многу повеќе да си помогнеме еден на друг ако ја забележуваме и ја цениме единствената вера што ја поседува секој. Со такво охрабрување има поголема веројатност дека верата уште повеќе ќе расте (Римјаните 1:11, 12).
Пригодна употреба на Божјата реч
6. Од кој извор цитирал Павле кога ги напишал зборовите кои стојат во Евреите 10:38?
6 Исто така, Павле ја градел верата кај соверниците со тоа што вешто го користел Писмото. На пример, тој напишал: „А праведниот преку верата ќе биде жив; а ако отстапи [се повлече, NW], нема да Ми биде по волјата Моја“ (Евреите 10:38). Овде Павле го цитирал пророкот Авакум. a Павловите читатели — еврејските христијани на кои пророчките книги им биле многу добро познати — веројатно ги знаеле овие зборови. Земајќи ја предвид својата цел — да ја зајакне верата на христијаните во и околу Ерусалим околу 61 година — примерот на Авакум бил погоден избор. Зошто?
7. Кога Авакум го запишал своето пророштво, и какви биле околностите во Јуда во тоа време?
7 Очигледно Авакум ја напишал својата книга повеќе од две децении пред уништувањето на Ерусалим во 607 пр. н. е. Пророкот во визија ги видел Халдејците (односно Вавилонците), „народ жесток и необуздан“, кој се нафрла на Јуда и го уништува Ерусалим, проголтувајќи ги притоа луѓето и нациите (Авакум 1:5—11). Но, таквата несреќа била претскажана во времето на Исаија, повеќе од еден век пред тоа. Во времето на Авакум, Јоаким го наследил добриот цар Јосија и во Јудеја повторно расцутела злобата. Јоаким ги прогонувал, па дури и ги убивал оние кои зборувале во Јеховино име (2. Летописи 36:5; Јеремија 22:17; 26:20—24). Не е ни чудо што измачениот пророк Авакум извикал: „До кога, Господи?“ (Авакум 1:2).
8. Зошто примерот на Авакум требало да биде од корист за христијаните во првиот век и денес?
8 Авакум не знаел колку е близу уништувањето на Ерусалим. На сличен начин, христијаните од првиот век не знаеле кога ќе заврши еврејскиот систем на ствари. Ниту, пак, ние денес го знаеме ‚денот и часот‘ кога ќе дојде Јеховиниот суд против овој злобен систем (Матеј 24:36). Затоа, да го забележиме Јеховиниот двоен одговор на Авакум. Најпрвин, тој го уверил пророкот дека крајот ќе дојде точно навреме. „Нема да се забави“, рекол Бог, иако од човечка гледна точка би можело да изгледа дека оддолжува (Авакум 2:3). Второ, Јехова го потсетил Авакум: „А праведникот преку верата ќе [продолжи да, NW] живее“ (Авакум 2:4). Какви само прекрасни, едноставни вистини! Она што е најважно не е кога ќе дојде крајот, туку дали и понатаму ќе водиме живот на вера.
9. Како послушните Јеховини слуги продолжиле да живеат поради својата верност а) во 607 пр. н. е.? б) во 66 н. е.? в) Зошто е животоважно да ја зајакнеме нашата вера?
9 Кога во 607 пр. н. е. Ерусалим бил опљачкан, Јеремија, неговиот секретар Варух, Авдемелех и лојалните Рехавовци ја увиделе вистинитоста на Јеховиното ветување до Авакум. Тие ‚продолжиле да живеат‘ со тоа што го избегнале ужасното уништување на Ерусалим. Зошто? Јехова ја наградил нивната верност (Јеремија 35:1—19; 39:15—18; 43:4—7; 45:1—5). На сличен начин, еврејските христијани од првиот век сигурно поволно реагирале на Павловиот совет, зашто кога римските војски го нападнале Ерусалим во 66 н. е. и потоа од необјасниви причини се повлекле, тие христијани верно го послушале Исусовото предупредување да побегнат (Лука 21:20, 21). Тие продолжиле да живеат поради својата верност. На сличен начин, ние ќе продолжиме да живееме доколку сме најдени верни кога ќе дојде крајот. Колку само животоважна причина да ја зајакнеме нашата вера сега!
Оживување на примерите на вера
10. Како Павле ја опишува верата на Мојсеј, и како би можеле да го имитираме Мојсеј во тој поглед?
10 Павле изградил вера и со моќното користење на примери. Додека читаш во Евреите, поглавје 11, забележи како тој ги оживува примерите на библиските ликови. На пример, тој вели дека Мојсеј ‚[продолжил цврсто, NW] како да го гледа Оној кој не се гледа‘ (Евреите 11:27). Со други зборови, Јехова му бил толку реален на Мојсеј исто како да може да го види невидливиот Бог. Дали истото би можело да се рече и за нас? Лесно е да се зборува за однос со Јехова, но да се изгради и да се зајакне тој однос потребен е труд. Тоа е она на кое треба да работиме! Дали Јехова ни е толку реален што го земаме предвид кога донесуваме одлуки, вклучувајќи ги и навидум малите? Таквата вера ќе ни помогне да истраеме дури и под најтешкото противење.
11, 12. а) Под какви околности можеби била испитана верата на Енох? б) Каква охрабрувачка награда добил Енох?
11 Да ја разгледаме и верата на Енох. Тешко ни е да си го замислиме противењето со кое се соочил тој. Енох морал да разнесува една остра порака за суд против злобните луѓе кои живееле тогаш (Јуда 14, 15). Прогонството кое му се заканувало на овој верен човек очигледно било толку злобно, толку насилничко, што Јехова ‚го пренел‘ (NW) од состојба на живот во сонот на смртта пред да можат непријателите да го фатат. Затоа Енох не го доживеал исполнувањето на пророштвото кое го изрекол. Меѓутоа, добил еден дар кој во некој поглед бил уште подобар (Евреите 11:5; 1. Мојсеева 5:22—24).
12 Павле објаснува: „Пред преселувањето [Енох] доби сведоштво дека Му угодил на Бога“ (Евреите 11:5). Што значело ова? Пред да заспие во смрт, Енох можеби добил некаква визија, можеби за земниот Рај во кој наскоро ќе се разбуди. Во секој случај, Јехова му дал до знаење на Енох дека Нему му е многу угоден неговиот верен начин на постапување. Енох го израдувал Јеховиното срце. (Спореди Изреки 27:11.) Размислувањето за животот на Енох е трогателно, зарем не? Дали би сакал да водиш таков живот на вера? Тогаш размислувај за тие примери; гледај ги како реални луѓе. Биди одлучен да живееш според вера, и тоа од ден во ден. Запомни го и тоа дека оние кои имаат вера не му служат на Јехова ослонувајќи се на некој датум или рок во однос на тоа кога Бог ќе ги исполни сите свои ветувања. Наместо тоа, решени сме да му служиме на Јехова засекогаш! Тоа всушност значи најдобар пат на живот во овој систем на ствари и во оној кој ќе дојде.
Како да станат посилни во верата
13, 14. а) Како би можеле зборовите на Павле запишани во Евреите 10:24, 25 да ни помогнат состаноците да ни бидат радосни прилики? б) Која е првенствена причина за христијанските состаноци?
13 Павле им покажал на еврејските христијани неколку практични начини на кои би можеле да ја зајакнат својата вера. Да разгледаме само два од нив. Веројатно нам ни е позната опомената во Евреите 10:24, 25, со која сме поттикнати редовно да се собираме на нашите христијански состаноци. Но, сети се дека Павловите инспирирани зборови таму не значат дека треба да бидеме само пасивни набљудувачи на тие состаноци. Наместо тоа, Павле ги опишува состаноците како прилики да се запознаеме меѓу себе, да се поттикнуваме еден со друг уште поцелосно да му служиме на Бог и да се храбриме. Ние сме таму за да даваме, а не само да добиваме. Тоа помага состаноците да бидат радосни прилики (Дела 20:35).
14 Но, ние присуствуваме на христијанските состаноци првенствено за да го обожаваме Јехова Бог. Тоа го правиме на тој начин што се придружуваме во молитвата и песната, слушаме внимателно и принесуваме „плод од усните“ — изрази на фалба на Јехова со нашите коментари и точки на состанокот (Евреите 13:15). Ако ги имаме на ум тие цели и работиме на нив на секој состанок, нашата вера секојпат ќе биде изградена без промашување.
15. Зошто Павле ги поттикнал еврејските христијани да се држат цврсто за својата служба, и зошто истиот совет е пригоден и денес?
15 Друг начин да ја градиме верата е преку делото на проповедање. Павле напишал: „Цврсто да се држиме за јавното изјавување на нашата надеж, без колебање, зашто верен е оној што ветил“ (Евреите 10:23, NW). Можеби ти ќе ги поттикнуваш другите да се држат за нешто кога се чини дека се наоѓаат во опасност да се откажат. Сатана сигурно вршел притисок врз тие еврејски христијани да се откажат од својата служба, а ист притисок врши и врз Божјиот народ денес. Што би требало да правиме кога ќе се соочиме со таков притисок? Разгледај што правел Павле.
16, 17. а) Како Павле стекнал смелост за службата? б) Какви мерки треба да преземеме ако сме заплашени од некој аспект на нашата христијанска служба?
16 На христијаните од Солун, Павле им напишал: „Со помош на нашиот Бог собравме смелост да ви ја зборуваме Божјата добра вест со голема борба откако (како што и знаете) во Филипи првин страдавме и дрско се постапуваше со нас“ (1. Солуњаните 2:2, NW). На кој начин ‚се постапувало дрско‘ со Павле и со неговите придружници во Филипи? Според некои изучувачи, грчкиот збор кој го употребил Павле изразува навредливо, срамно или жестоко однесување. Филиписките власти ги истепале со стапови, ги фрлиле в затвор и ги ставиле во клада (Дела 16:16—24). Како влијаело врз Павле ова болно искуство? Дали луѓето од Солун, следниот град од неговото мисионерско патување, увиделе дека Павле се повлекол од страв? Не, тој ‚собрал смелост‘. Го победил стравот и продолжил храбро да проповеда.
17 Од каде дошла смелоста на Павле? Однатре? Не, тој рекол дека собрал смелост „со помош на нашиот Бог“. Еден прирачник за библиски преведувачи вели дека оваа изјава може да се преведе со: „Бог го истера стравот од нашите срца“. Затоа, ако не чувствуваш особена смелост во твојата служба, или ако некој аспект од неа ти се чини застрашувачки, зошто да не се обратиш кај Јехова да го стори истото и за тебе? Моли го да го истера стравот од твоето срце. Моли го да ти помогне да собереш смелост за делото. Освен тоа, преземи и други практични мерки. На пример, договори да работиш со некого кој е вешт во обликот на сведочење кој тебе ти е проблем. Тоа може да вклучува деловни подрачја, сведочење на улица, неформално сведочење или сведочење по телефон. Можеби твојот партнер ќе биде спремен во почетокот да предводи. Ако е така, тогаш набљудувај и учи. Но, потоа собери смелост да пробаш.
18. Кои благослови можеме да ги доживееме ако собереме смелост во нашата служба?
18 Ако собереш смелост, размислувај што може да произлезе од тоа. Кога истрајуваш и не дозволуваш да бидеш обесхрабрен, веројатно ќе имаш добри искуства во споделувањето на вистината, искуства кои инаку би ги пропуштил. (Види страница 25.) Ќе го имаш задоволството од сознанието дека му угодуваш на Јехова со тоа што правиш нешто што ти е тешко. Ќе го доживееш неговиот благослов и помош во совладувањето на својот страв. Твојата вера ќе стане уште појака. Всушност, нема да можеш да ја изградуваш верата на другите ако истовремено не ја градиш сопствената (Јуда 20, 21).
19. Која скапоцена награда ги очекува „оние кои имаат вера“?
19 Продолжи да ја зајакнуваш својата вера и верата на оние кои се околу тебе. Тоа ќе можеш да го правиш ако се изградуваш себеси и другите со вешто користење на Божјата реч, со проучување на библиските примери на вера и со тоа што ќе ги оживуваш, со тоа што ќе се подготвуваш за христијанските состаноци и ќе учествуваш на нив, и така што цврсто ќе се држиш за скапоцената предност на јавната служба. Додека ги правиш овие работи, биди уверен дека ти навистина си од „оние кои имаат вера“. Запомни го и тоа дека таквите ќе добијат скапоцена награда. Тие се „од оние кои имаат вера за да ја сочуваат душата во живот“. b Нека твојата вера продолжи да расте и нека Јехова Бог те сочува во живот засекогаш!
[Фусноти]
a Павле го цитирал Авакум 2:4 од преводот Септуагинта каде е вклучена фразата: „Ако се повлече, нема да ѝ биде угодно на мојата душа“. Оваа изјава не се појавува во ниеден постоечки хебрејски манускрипт. Некои сугерираат дека Септуагинтата се темели на некои порани хебрејски манускрипти кои веќе не постојат. Во секој случај, Павле го вклучил овде под влијание на Божјиот свет дух. Затоа има божествено ополномоштување.
b Годишниот стих на Јеховините сведоци за 2000 година ќе биде: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат . . . туку од оние кои имаат вера“ (Евреите 10:39, NW).
Како би одговорил?
◻ Како Павле изразил доверба во еврејските христијани, и што можеме да научиме од тоа?
◻ Зошто е толку пригодно тоа што Павле се осврнал на пророкот Авакум?
◻ Кои библиски примери на вера ги оживеал Павле?
◻ Кои практични средства за изградување на верата ги препорачал Павле?
[Прашања]
[Слика на страница 23]
После своето болно искуство во Филипи, Павле собрал смелост да продолжи со проповедањето
[Слики на страница 24]
Можеш ли да собереш смелост да пробаш различни облици на сведочење?