Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Наоѓање вистински мир во разбранувана земја

Наоѓање вистински мир во разбранувана земја

Наоѓање вистински мир во разбранувана земја

„Монструмот на секаташкото насилство е излезен од својот кафез“, било кажано во еден извештај во 1969 година. Тогаш почнале да ескалираат Неволјите, актуелниот период на немир во Северна Ирска.

СЕКТАШКОТО насилство и убивањето станале дневен ред додека протестантските и католичките убијци, „дивјаците на обете страни“ на политичките и религиозните групи, ја засилиле борбата за доминација во Ирска. Оттогаш, „во текот на речиси 30 години насилство биле убиени повеќе од 3.600, а осакатени илјадници луѓе“, известува The Irish Times.

Секако, ова не е некоја нова борба. Таа со векови ја измачува Ирска. Последниве години во Северна Ирска се почувствуваа нејзините најсмртоносни последици, но животот на луѓето низ цела Ирска е уништен од горчината и неслогата што ги предизвика таа.

Во едно такво сценарио, Јеховините сведоци веќе над сто години укажуваат на вистинското решение за проблемите кои ја измачуваат оваа разбранувана земја. Тоа решение е Божјето Царство во рацете на Исус Христос (Матеј 6:9, 10). Во почетокот на Неволјите во 1969, во Ирска имаше 876 Сведоци. Сега ги има над 4.500 во повеќе од 100 собранија. Еве неколку искуства на луѓе кои им го свртеле грбот на политичките и паравоените активности.

„Кога ќе пораснам, ќе ѝ се придружам на ИРА!“

Мајкл a пораснал во Република Ирска како католик. На училиште бил поучен нешто за историјата на Ирска и за нејзиниот со векови стар конфликт со Британија. Како дете развил длабока омраза кон Англичаните кои ги гледал како „угнетувачи на ирскиот народ“. Кога имал десет години, на баба си ѝ рекол: „Кога ќе пораснам, ќе ѝ се придружам на ИРА!“ (Ирската републиканска армија). „Добив таква шлаканица што го запомнив тој ден“, вели тој. Подоцна дознал дека дедо му бил во британската војска во текот на I светска војна. Во една прилика баба му морала да застане пред дедо му за да ги спречи членовите на ИРА да го застрелаат.

Сепак, кога пораснал, Мајкл сакал да стори нешто за да им помогне на другите католици во Северна Ирска. „Во тоа време ми се чинеше“, вели тој, „дека единствени луѓе кои прават нешто за да му помогнат на католичкиот народ во Северна Ирска беа оние од ИРА.“ Поттикнат од она што го сметал за праведна кауза, станал член на ИРА и добил обука за ракување со оружје. Тројца негови пријатели биле убиени од протестантските паравојници во Северна Ирска.

На крај, Мајкл се разочарал од паравоената борба, и се вознемирил, на пример од горкото непријателство кое постоело меѓу различните паравоени групи. Додека се наоѓал в затвор поради престапи поврзани со активноста на ИРА, му се помолил на Бог да му помогне да го најде вистинскиот пат до траен мир и правда. После некое време во неговиот дом дошле Јеховини сведоци. Меѓутоа, старите предрасуди создале бариери. Сведоците биле Англичани. Неговата длабоко вкоренета омраза му отежнувала да ги слуша. „Не покажував секогаш дека ми е драго што ги гледам“, вели тој, „но, тие истрајаа во посетите и во разговорите со мене, и почнав да сфаќам дека Божјето Царство ќе стави крај на сите политички и општествени неправди за чие искоренување и самиот се борев“ (Псалм 36:10, 11; 71:12—14).

Згустило една вечер кога Мајкл го сретнал својот командант на единицата на ИРА кој му рекол: „Имаме една работа за тебе“. „Знаев дека на лице место треба да направам избор“, вели Мајкл, „па затоа длабоко зедов воздух и реков: ‚Сега јас сум Јеховин сведок‘, иако тогаш уште не бев крстен. Само знаев дека сакам да бидам Јеховин слуга.“ „Тебе треба да те стават покрај ѕид и да те застрелаат“, беше одговорот на командантот на единицата. И покрај заканата, Мајкл ја напуштил ИРА. Собрал храброст да го стори тоа на тој начин што дозволил Јеховините зборови да влијаат врз неговиот ум и срце. „Со текот на времето, мојата сопруга и некои од моите деца исто така му го предадоа својот живот на Јехова. Сега имаме вистински мир во срцата. И секогаш ќе му бидеме благодарни на Јехова за тоа што ни дозволи да ја дознаеме вистината и да учествуваме во ширењето на една мирољубива порака во разбранувана земја“ (Псалм 33:14; 118:165).

Да се биде неутрален е вистинска заштита

„Пораснав во едно селско подрачје во грофовијата Дери во Северна Ирска“, вели Патрик. „Како дете не знаев за ништо друго освен за Неволјите. Таквиот амбиент очигледно влијаеше врз моето гледиште и размислување.“ Патрик развил екстремистички гледишта кои биле под влијание на злобниот национализам и длабоките антибритански предрасуди. Видел како религиозни луѓе од обете страни на политичката борба ги прекршуваат основните христијански начела, како и начелата на основната човечка пристојност. Како резултат на тоа се одвратил од религијата, станувајќи на крај атеист и закоравен марксист. (Спореди Матеј 15:7—9; 23:27, 28.)

„Моите најрани спомени се врзани за републиканските затвореници кои штрајкуваа со глад на Северот“, вели Патрик. „Тие оставија длабок впечаток врз мене. Се сеќавам како кревав ирски знамиња и шкрабав антибритански графити секаде каде што можев. Кога имав само 15 години, бев чувар на погребот на еден од штрајкувачите со глад кој умре во затворот.“ Како и многу други кои биле заплеткани во метежот и збрката во тоа време, и Патрик имал удел во немирите и протестните маршеви во стремежот по она што го сметал за општествена правда и еднаквост. Развил блиски пријателства со извесен број екстремни националисти, од кои многумина биле затворани од страна на британските власти.

„Потоа“, вели Патрик, „од економски причини, непланирано поминав извесно време во Англија. Додека бев таму, британската полиција уапси еден од моите пријатели кој беше во бомбашка мисија.“ Иако Патрик сѐ уште имал големи симпатии кон националистичката кауза, неговиот став почнал да се менува. Почнал да увидува дека неговите предрасуди спрема сите Англичани во основа биле неосновани. „Почнав да го сфаќам и тоа“, вели тој, „дека паравоената активност никогаш нема вистински да ги реши проблемите и да ги отстрани неправдите кои ме вознемируваа. Меѓу оние кои ги контролираа паравоените организации имаше преголема корупција и други пропусти“ (Проповедник 4:1; Јеремија 10:23).

Конечно, Патрик се вратил во Северна Ирска. „Кога се вратив, еден пријател ме запозна со Јеховините сведоци.“ Од своето проучување на Библијата со Сведоците, Патрик почнал да го увидува реалното решение за човечкиот конфликт и неслога. Како што библиските начела влијаеле врз неговиот ум и срце, духовно брзо напредувал (Ефесјаните 4:20—24). „Сега“, вели тој, „наместо да ковам завери за соборување на постоечкиот поредок, ја проповедам библиската порака за мир, па дури и во лојалистичките подрачја каде што никогаш пред тоа не би се осмелил. Всушност, во времето кога во Белфаст имаше многу секташки убиства, единствените кои можеа слободно да се движат во лојалистичките и националистичките подрачја без оклопни автомобили беа Јеховините сведоци.“ Како и другите Сведоци во Северна Ирска во тој период, тој увидел дека да се биде неутрален, исто како што биле раните христијани, е вистинска заштита (Јован 17:16; 18:36). Тој заклучува: „Разбирањето дека Јехова преку Исус Христос ќе обезбеди вистинска правда и слобода од угнетувањето на целото човештво навистина ослободува“ (Исаија 32:1, 16—18).

„Единствена заштита ми беа пиштолите“

„Пораснав на другата страна од политичката и религиозната странка“, вели Вилијам. „Бев потонат во протестантските предрасуди и имав силна омраза кон сѐ што е католичко. Дури и не одев во католичка продавница, доколку беше можно, а Република Ирска ја имав посетено само еднаш. Бев вклучен во различни протестантски групи и институции, како што е Портокаловиот ред — организација која е посветена на сочувување на протестантската религија и на начин на живот.“ Кога имал 22 години, Вилијам се придружил на Режимот за одбрана на Алстер, дел од британската армија која е регрутирана на локално ниво. Повеќето од нејзините членови биле протестанти. Тој бил прилично спремен да убива за да го одбрани своето наследство. „Поседував неколку пиштоли и немаше да се колебам да ги употребам ако затреба. Едниот од нив ноќе го чував под перница.“

Но, дошло до пресвртница. „Додека работев со еден Јеховин сведок на реновирањето на една стара куќа, почнав да увидувам дека Јеховините сведоци имаат нешто посебно. Овој соработник изврши длабоко влијание врз мене. Додека ја градевме куќата заедно, можев да му поставам многу прашања во врска со Неволјите, религијата и Бог. Неговите едноставни, јасни одговори ми помогнаа да ги видам Јеховините сведоци онакви какви што се — обединети, ненасилнички и политички неутрални луѓе, кои се карактеризираат со љубов кон Бог и кон ближниот“ (Јован 13:34, 35).

Во рок од четири месеци откако почнал да проучува, Вилијам се откажал од сите религиозни и политички институции со кои бил поврзан. „Ова беше голем чекор за мене“, се присетува тој, „бидејќи морав да напуштам многу традиции кои долго време ми беа драги.“ Меѓутоа, неговиот најголем испит допрва требало да дојде. „Поради ситуацијата во Северна Ирска, сметав дека моите пиштоли ми се единствена заштита. Паравојниците на ИРА ме сметаа за ‚легитимна мета‘. Затоа ми беше многу тешко да се откажам од ова оружје.“ Но, библискиот совет, како оној што се наоѓа во Исаија 2:2—4, постепено го промени моето гледиште.“ Увидел дека, на крајот на краиштата, Јехова е негова вистинска заштита, исто како што им бил на христијаните од првиот век. Потоа Вилијам ги предал пиштолите.

„Една од работите на кои навистина им се радувам“, вели Вилијам, „е тоа што сега имам длабоки и трајни пријателства со луѓе кои порано би ги сметал за смртни непријатели. Исто така, вистински извор на радост е тоа што можам да ја пренесувам библиската порака на надеж во подрачја во кои порано не смеев да одам. Размислувањето за она што го стори вистината за мене и за моето семејство ме прави вечно благодарен на Јехова и на неговата организација.“

„Работите едноставно немале смисла“

Роберт и Тереза доаѓаат од потполно различни заднини. „Јас потекнувам од лојална протестантска фамилија“, вели Роберт. „Некои мои роднини беа вмешани во паравоени активности. И самиот се придружив на Режимот за одбрана на Алстер на британската војска кога имав 19 години. Голем дел од тоа време поминував патролирајќи низ подрачјата каде што живееше Тереза. Една ноќ бев преназначен од редовната патрола на други должности. Таа ноќ Лендроверот со кој требаше да патувам, експлодира. Двајца војници беа убиени, а други двајца повредени.“

Роберт почнал да се прашува за смислата на животот. „Отсекогаш верував во Бог, но кога ќе размислев за Северна Ирска, работите едноставно немаа смисла. И всушност, почнав да му се молам на Бог. Го прашував дали навистина постои, и ако постои, да ми го покаже начинот како исправно да живеам. Се сеќавам дека му реков на Бог дека некаде мора да постои една вистинска религија!“ После само неколку дена, еден Јеховин сведок дошол кај Роберт и оставил литература. Кога си дошол од патрола истата ноќ подоцна, Роберт почнал да чита и завршил во пет часот наутро. „Брзо го препознав звукот на вистината“, вели тој, „и можев да видам дека сѐ доаѓаше токму од Библијата“ (2. Тимотеј 3:16). Започнал библиска студија и за краток временски период му го предал својот живот на Бог.

„Сведоците секогаш нѐ упатуваа кон Библијата“

Тереза пак, од своја страна, имала католичка заднина, со длабоки симпатии кон националистите. „Како девојче, се придружив на Син Фејн.“ b Тереза признава: „Со тоа се вмешав во поддршката на паравоените активности. Помагав да се собираат пари за воени цели. Ја информирав ИРА за сѐ што се случуваше во моето подрачје. Исто така, бев вмешана во нередите и нападите со каменување врз полицијата и вооружените патроли“.

Кога некој од семејството на Тереза почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, била поттикната и нејзината љубопитност. Моќта на Божјата реч имала големо влијание врз неа. „Сведоците секогаш нѐ упатуваа кон Библијата за да добиеме одговори на прашањата“, вели таа. „Ветувањето во Даниил 2:44 навистина ми ги отвори очите. Увидов дека Божјето Царство е вистинското средство за отстранување на сите неправди против кои се борев.“ Чувствувала сѐ поголема одвратност кон некои од ужасите кои ги извршиле паравојниците. Тереза не разбирала, на пример, зошто некој кој има чувства на сожалување и норми на однесување би се радувал на веста за некоја терористичка акција во која војници или други биле убиени или осакатени, а семејствата уништени од жал и болка. И таа се одѕвала на вистината од Библијата и дозволила Божјите начела да го преиначат нејзиниот начин на размислување. Му го предала својот живот на Бог и набрзо се крстила (Изреки 2:1—5, 10—14).

Тереза се запознала со Роберт кога обајцата присуствувале на состаноците во едно од собранијата на Јеховините сведоци во Северна Ирска. Таа коментира: „Кога првпат го запознав Роберт, ми беше тешко да верувам дека толку спокојно и мирно разговарам со некој кого јас, сѐ до неодамна, би го сметала за дел од британската воена машинерија. Секако Божјата реч е таа која ми помогна да ги отстранам длабоко вкоренетата омраза и предрасудите“. Таа и Роберт увиделе дека наместо да бидат поделени со омраза и предрасуди кои потекнувале од нивните различни традиции и култури, всушност имаат многу заеднички работи. Најсилна од нив била љубовта кон Јехова Бог. Тие се венчале. Сега работат заедно на пренесувањето на Божјата порака за вистински мир до луѓето со секакви заднини и верувања во оваа разбранувана земја.

И други луѓе во Ирска имале слични искуства. Со тоа што ги послушале и ги прифатиле учењата од Божјата инспирирана Реч, избегале од човечките „филозофии и празни измами“ (Колосјаните 2:8). Сега, целата своја доверба ја полагаат во Божјите ветувања кои се запишани во Библијата. Среќни се што со секој кој ќе слуша можат да ја споделуваат својата надеж за мирољубива иднина — иднина која ќе биде потполно ослободена од секташтво и други видови насилство (Исаија 11:6—9).

[Фусноти]

a Имињата се променети.

b Политичка партија која е тесно поврзана со Привремената ИРА.

[Слики на страница 10]

Паравоената борба била величана на фреските низ цела Северна Ирска