Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Никогаш да не се повлекуваме за уништување!

Никогаш да не се повлекуваме за уништување!

Никогаш да не се повлекуваме за уништување!

„Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување“ (ЕВРЕИТЕ 10:39NW).

1. Кои околности го навеле апостол Петар да подлегне на стравот?

 АПОСТОЛИТЕ сигурно биле шокирани кога нивниот љубен Учител, Исус, им рекол дека сите ќе се распрснат и ќе го напуштат. Како би можело да се случи такво нешто — и тоа во часот кога најмногу ќе му бидат потребни? Петар инсистирал: „Дури и сите да се соблазнат, јас не“. Всушност, Петар бил храбар, смел човек. Но, кога Исус бил издаден и уапсен, апостолите — вклучувајќи го и Петар — се распрснале. Подоцна, додека Исус бил сослушуван во домот на првосвештеникот Кајафа, Петар тегобно загрижен се врткал во дворот. Додека студената ноќ одминувала, Петар веројатно се уплашил дека Исус и кој и да било што е поврзан со него би можел да биде погубен. Кога некои од набљудувачите го препознале Петар како еден од Исусовите блиски соработници, го фатила паника. Трипати одрекол дека има врска со Исус. Петар дури тврдел дека не го познава (Марко 14:27—31, 66—72).

2. а) Зошто Петровиот страшлив начин на постапување ноќта кога бил уапсен Исус не го прави „од оние кои се повлекуваат“? б) На што треба да бидеме одлучни?

2 Тоа било момент кога Петар паднал многу ниско, момент за кој несомнено жалел до крајот на својот живот. Но, дали таквиот начин на постапување таа ноќ го направил Петар страшливец? Дали го направил од „оние“ кои ги опишал апостол Павле подоцна кога напишал: „Ние не сме од оние кои отстапуваат за уништување“? (Евреите 10:39NW). Повеќето од нас веројатно би се сложиле дека зборовите на Павле не важат за Петар. Зошто? Бидејќи стравот на Петар бил привремен, краток пад во еден живот кој се карактеризира со извонредна храброст и вера. На сличен начин, многумина од нас во своето минато имаме моменти на кои се сеќаваме со извесна мера на срам, моменти во кои стравот нѐ фатил изненадено и нѐ спречил да застанеме смело за вистината, онака како што всушност би сакале. (Спореди Римјаните 7:21—23.) Можеме да бидеме уверени дека таквите моментални пропусти не нѐ прават да бидеме од оние кои се повлекуваат за уништување. Сепак, треба да бидеме одлучни никогаш да не станеме такви. Зошто? И како можеме да избегнеме да станеме такви?

Што значи да се повлечеме за уништување

3. Како пророците Илија и Јона подлегнале на стравот?

3 Кога Павле пишувал за „оние кои се повлекуваат“, не мислел на оние кои можеби моментално губат храброст. Павле сигурно знаел за искуството на Петар и за други слични случаи. Илија, смел и отворен пророк, еднаш му подлегнал на стравот и избегал за да си го спаси животот од смртната закана на злобната царица Езавела (3. Царства 19:1—4). Пророкот Јона имал посериозен напад на страв. Јехова му дал задача да отпатува во озлогласениот насилнички и злобен град Ниневија. Јона веднаш се качил на еден брод кој одел за Тарс — 3.500 километри во спротивен правец! (Јона 1:1—3). Сепак, ниту еден од овие верни пророци ниту, пак, апостол Петар не можеле со право да се опишат дека се од оние кои се повлекуваат. Зошто не?

4, 5. а) Како контекстот ни помага да одредиме што мислел Павле во Евреите 10:39 со зборот „уништување“? б) Што мислел Павле кога рекол: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување?“

4 Забележи ја целата фраза која ја употребил Павле: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување“. Што мислел со зборот „уништување“? Грчкиот збор што тој го употребил, понекогаш укажува на вечно уништување. Оваа дефиниција одговара на контекстот. Павле штотуку предупредил: „Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците“ (Евреите 10:26, 27).

5 Значи, кога на своите соверници Павле им рекол: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување“, мислел дека тој и неговите верни христијански читатели биле одлучни никогаш да не се одвратат од Јехова и да престанат да му служат. Тоа би водело само до вечно уништување. Еден од оние кои се повлекле за такво уништување бил Јуда Искариот, како и други непријатели на вистината кои намерно работеле против Јеховиниот дух (Јован 17:12; 2. Солунјаните 2:3). Таквите поединци спаѓаат меѓу „плашливците“ кои ќе доживеат вечно уништување во симболичното огнено езеро (Откровение 21:8). Не, ние никогаш не би сакале да бидеме од тие!

6. Кој правец сака Сатана Ѓаволот да го заземеме?

6 Сатана Ѓаволот сака да се повлечеме за уништување. Како мајстор за „подмолни дела“ тој знае дека таквиот разорен пат честопати започнува со мали работи (Ефесјаните 6:11, фуснота NW). Ако со директното прогонство не успее да ги постигне своите цели, тој се обидува да ја нагризе верата на вистинските христијани со уште помалку забележливи средства. Сака да види како храбрите, ревносни Сведоци запираат. Да видиме кои тактики ги користел тој против еврејските христијани на кои им пишувал Павле.

Како на христијаните бил вршен притисок да се повлечат

7. а) Каква била историјата на собранието во Ерусалим? б) Какви биле околностите во духовен поглед на некои од читателите на Павле?

7 Доказите покажуваат дека Павле го напишал своето писмо до Евреите околу 61 н. е. Собранието во Ерусалим имало бурна историја. После смртта на Исус, наишол бран на злобно прогонство, кој присилил многу христијани од градот да се распрснат. Меѓутоа, следел еден период на мир кој овозможил бројот на христијаните да се намножи (Дела 8:4; 9:31). Како што годините минувале, повремено имало и други прогонства и тешкотии. Изгледа дека во времето кога Павле го напишал писмото до Евреите, собранието повторно уживало период на релативен мир. Сепак, имало и притисоци. Поминале речиси три децении откако Исус го претскажал уништувањето на Ерусалим. Веројатно имало некои кои сметале дека крајот неразумно одолговлекува и дека можеби нема да дојде за време на нивниот живот. Други, пак, особено оние кои биле понови во верата, сѐ уште не биле испитани со жестоко прогонство и малку знаеле за потребата од истрајност под испит (Евреите 12:4). Сатана сигурно настојувал да ги искористи тие околности. Какви „подмолни дела“ користел тој?

8. Каков став имале многу Евреи кон штотуку никнатото христијанско собрание?

8 Еврејската заедница во Ерусалим и Јудеја гледала со презир на новоформираното христијанско собрание. Судејќи според содржината на Павловото писмо, добиваме претстава за подбивањата кои арогантните еврејски верски водачи и нивните следбеници ги упатувале против христијаните. Всушност, тие можеби велеле: ‚Ние го имаме величествениот храм во Ерусалим кој постои со векови! Таму служи благороден првосвештеник, заедно со своите подсвештеници. Секојдневно се принесуваат жртви. Го имаме Законот кој ангелите му го пренеле на Мојсеј и кој е воспоставен со големи знаци на гората Синај. Оваа штотуку никната секта, овие христијани кои отпаднале од јудаизмот, немаат ништо од овие работи!‘ Дали таквиот презир го постигнал посакуваниот ефект? Некои еврејски христијани очигледно биле вознемирени од нападите. Павловото писмо им притекнало на помош баш во право време.

Зошто тие никогаш не требало да се повлечат за уништување

9. а) Која тема се проткајува низ писмото до Евреите? б) Во која смисла христијаните служеле во еден подобар храм од оној во Ерусалим?

9 Да испитаме две причини кои им ги навел Павле на своите браќа и сестри во Јудеја за никогаш да не се повлечат за уништување. Првата — супериорноста на христијанскиот систем на обожавање — се проткајува низ писмото до Евреите. Во своето писмо Павле ја разработил оваа тема. Храмот во Ерусалим бил само копија на далеку поголемата реалност, Јеховиниот духовен храм, градба „неракотворена“ (Евреите 9:11). Тие христијани ја имале предноста да служат во тоа духовно уредување за чисто обожавање. Служеле под еден подобар завет, долговетуваниот нов завет, чиј Посредник, Исус Христос, бил супериорен во однос на Мојсеј (Јеремија 31:31—34).

10, 11. а) Зошто лозата не го дисквалификува Исус да служи како Првосвештеник во духовниот храм? б) На кои начини Исус бил супериорен Првосвештеник во однос на оној кој служел во ерусалимскиот храм?

10 Тие христијани имале и далеку подобар Првосвештеник, Исус Христос. Не, тој не потекнувал од Арон. Напротив, бил Првосвештеник „по чинот Мелхиседеков“ (Псалм 109:4). Мелхиседек, чија лоза не е евидентирана, бил цар и првосвештеник на древниот Салим. На тој начин бил соодветен пророчки тип на Исус, чие свештенство не зависело од некаква несовршена човечка лоза, туку од нешто далеку поголемо — сопствената заклетва на Јехова Бог. Исто како Мелхиседек, Исус не служи само како Првосвештеник туку и како Цар, и тоа цар кој никогаш нема да умре (Евреите 7:11—21).

11 Освен тоа, за разлика од првосвештеникот во храмот во Ерусалим, Исус не морал да принесува жртви од година во година. Негова жртва бил неговиот сопствен совршен живот, кој го принел еднаш засекогаш (Евреите 7:27). Сите тие жртви принесувани во храмот биле само сенки, слики на она што го принел Исус. Неговата совршена жртва обезбедила вистинско простување на гревовите на сите кои практикуваат вера. Исто така, охрабрувачки се и Павловите коментари кои покажуваат дека овој Првосвештеник е истиот непроменлив Исус кого го познавале христијаните од Ерусалим. Тој бил понизен, љубезен, оној кој може да „соучествува во нашите слабости“ (Евреите 4:15; 13:8). Тие помазани христијани имале изглед да служат како Христови подсвештеници! Тогаш, како би можеле дури и да помислат да се повлечат кон „слабите и лоши“ работи на расипаниот јудаизам? (Галатјаните 4:9).

12, 13. а) Која била втората причина што ја навел Павле за да не се повлечеме? б) Зошто нивното досие на истрајност од минатото требало да ги охрабри еврејските христијани никогаш да не се повлечат за уништување?

12 Како тоа да не било доволно, Павле им дал на Евреите и втора причина зошто никогаш не би смееле да се повлечат за уништување — нивното сопствено досие на истрајност. Тој напишал: „Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата“. Павле ги потсетил дека биле „изложувани [како во театар, NW]“ на прекори и неволји. Некои поднеле затвор; други сочувствувале со оние кои биле в затвор и ги поддржувале. Да, тие покажале примерна вера и истрајност (Евреите 10:32—34). Но, зошто Павле ги замолил ‚[да продолжат NW] да се потсетуваат‘ на тие болни искуства? Зарем тоа не би било обесхрабрувачко?

13 Напротив, ‚потсетувањето на поранешните денови‘ би ги потсетило Евреите на тоа како Јехова ги поддржувал низ испитите. Со негова помош веќе се спротивставиле на многу сатански напади. Павле напишал: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“ (Евреите 6:10). Да, Јехова се сеќава на сите нивни верни дела и ги чува во своето неограничено сеќавање. Потсетени сме на Исусовиот поттик да собираме богатство на небото. Ниеден крадец не може да го украде тоа богатство; ниту молец ниту ’рѓа не може да го расипе (Матеј 6:19—21). Всушност, ова богатство може да биде уништено само ако христијанинот се повлече за уништување. Со тоа би го потрошил секое богатство насобрано на небото. Колку само силна причина им дал Павле на еврејските христијани никогаш да не се стремат по таков правец! Зошто да си ги изгубат сите години поминати во верна служба? Би било исправно и далеку подобро и понатаму да истраат.

Зошто ние не треба никогаш да се повлечеме за уништување

14. Со кои предизвици, слични на предизвиците со кои се соочиле христијаните од првиот век, се соочуваме ние?

14 Денешните вистински христијани имаат еднакво силни причини да не се повлекуваат. Прво, да се потсетиме колкав благослов имаме со чистиот облик на обожавање кој ни го дал Јехова. Како и христијаните од првиот век, живееме во време кога членовите на популарните религии ни се потсмеваат и нѐ исмејуваат, посочувајќи ги горделиво своите импресивни религиозни зданија и древноста на своите традиции. Но, Јехова нѐ уверува дека тој го одобрува нашиот облик на обожавање. Всушност, денес уживаме благослови кои христијаните од првиот век ги немале. Можеби се прашуваш: ‚Како е можно тоа?’ На крајот на краиштата, тие живееле во времето кога почнал да дејствува духовниот храм. Христос станал негов Првосвештеник после своето крштавање во 29 н. е. Некои од нив го виделе Синот Божји кој правел чуда. Па дури и по неговата смрт имало уште повеќе чуда. Но, како што било претскажано, тие дарови на крај престанале (1. Коринтјаните 13:8).

15. Во текот на исполнување на кое пророштво живеат денешните вистински христијани, и што значи тоа за нас?

15 Меѓутоа,ние живееме во текот на едно значајно исполнување на опсежното пророштво за храмот дадено во Језекиил, поглавја 40—48. a Значи, сме го виделе обновувањето на Божјата подготовка за чисто обожавање. Овој духовен храм бил очистен од сите облици на религиозна загаденост и идолопоклонство (Језекиил 43:9; Малахија 3:1—5). Размисли за користите што ни ги донело ова очистување.

16. Со каков обесхрабрувачки тренд се соочиле христијаните во првиот век?

16 Во првиот век, иднината на организираното христијанско собрание изгледала мрачна. Исус претскажал дека ќе биде како едно штотуку засадено житно поле да било посеано со какол, што ќе предизвика житото практично да не се распознава од каколот (Матеј 13:24—30). Така и се случило. До крајот на првиот век, кога остарениот апостол Јован дејствувал како последната пречка против расипаноста, отпадот веќе цветал (2. Солуњаните 2:6; 1. Јованово 2:18). Недолго после смртта на апостолите, се јавила една засебна класа на свештенство која го угнетувала стадото и носела карактеристична облека. Отпадот се ширел како гангрена. Колку само обесхрабрувачки било тоа за верните христијани! Виделе како нововоспоставената подготовка за чисто обожавање била прекриена со еден расипан облик. Тоа се развило за помалку од еден век откако Христос го основал собранието.

17. Во која смисла современото христијанско собрание го надживеало својот еквивалент од првиот век?

17 Сега, разгледај еден контраст. Денес чистото обожавање веќе трае подолго отколку во периодот до смртта на апостолите. Од времето на објавувањето на првото издание на овој журнал во 1879 година, Јехова нѐ благословил со уште попрочистено обожавање. Јехова и Христос Исус влегле во духовниот храм во 1918 година со цел да го исчистат (Малахија 3:1—5). Од 1919 па наваму, подготовката за обожавање на Јехова Бог постепено се прочистувала. Нашето разбирање на библиските пророштва и начела станува сѐ појасно (Изреки 4:18). Кому му припаѓа заслугата за сето тоа? Не на несовршените луѓе. Само Јехова, со својот Син како Глава на собранието, можел да го заштити Својот народ од расипаност во овие расипани времиња. Затоа, никогаш да не пропуштиме да му благодариме на Јехова за тоа што ни дозволил да имаме удел во чистото обожавање денес. И да бидеме цврсто решени никогаш да не се повлечеме за уништување!

18. Која причина ја имаме ние никогаш да не се повлечеме за уништување?

18 Како и тие еврејски христијани, имаме уште една причина да го отфрлиме страшливиот правец на повлекување – сопственото досие на истрајност. Без разлика дали сме почнале да му служиме на Јехова во последниве години или тоа верно го правиме со децении, ние сме изградиле досие на христијански дела. Многумина од нас претрпеле прогонство, биле в затвор, под забрана, бруталност или го изгубиле имотот. Уште повеќе се соочиле со противење од семејството, презир, исмејување и рамнодушност. Сите сме истрајале, продолжувајќи со својата верна служба на Јехова и покрај предизвиците и испитите во животот. На тој начин сме изградиле досие на истрајност кое Јехова нема да го заборави, ризница со богатство на небото. Значи, сигурно дека ова не е време да се повлечеме во расипаниот стар систем кој сме го напуштиле! Зошто сиот наш напорен труд да биде залуден? Тоа е случај особено денес, кога пред нас останало „сосема малку“ време (Евреите 10:37).

19. За што ќе биде дискутирано во нашата следна статија?

19 Да, да бидеме решени ‚ние да не бидеме од оние кои се повлекуваат за уништување‘! Наместо тоа, да бидеме ‚од оние кои имаат вера‘ (Евреите 10:39NW). Како можеме да бидеме сигурни дека одговараме на тој опис, и како можеме да им помогнеме на сохристијаните да го прават истото? Тоа ќе биде разгледано во нашата следна статија.

[Фуснота]

Дали се сеќаваш?

◻ Што значи некој да се повлече за уништување?

◻ Со какви притисоци биле оптоварени еврејските христијани на кои им пишувал Павле?

◻ Кои причини им ги навел Павле на Евреите за да не се повлечат за уништување?

◻ Кои причини ги имаме ние за да бидеме решени никогаш да не се повлечеме за уништување?

[Прашања]

[Слики на страница 15]

Тоа што Петар моментално подлегнал на страв не го направило од „оние кои се повлекуваат за уништување“