Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Верата може да го промени твојот живот

Верата може да го промени твојот живот

Верата може да го промени твојот живот

„СИГУРНО е можно да се имаат добри морални начела без Бог.“ Ова го тврдела една жена агностик. Таа рекла дека ги одгледала своите деца со високи морални начела, а тие пак, од своја страна, ги воспитале своите деца со слични високи мерила — и сето тоа без вера во Бог.

Дали ова значи дека не е потребна вера во Бог? Оваа личност очигледно мисли така. И вистина е — не мора да значи дека секој кој не верува во Бог е лош човек. Апостол Павле зборувал за „незнабожците“ кои не го познаваат Бог, но „сами од себе вршат сѐ по законот“ (Римјаните 2:14). Сите — вклучувајќи ги и агностиците — се родени со совест. Многумина се обидуваат да го следат она што им го налага совеста, дури и ако не веруваат во Бог кој им го дал тоа вродено чувство за исправно и погрешно.

Меѓутоа, цврстата вера во Бог — вера темелена на Библијата — е многу поголема сила на добро отколку водството на совеста само по себе. Верата темелена на Речта Божја, Библијата, ја информира совеста, ја прави поостра во проникнувањето на исправното од погрешното (Евреите 5:14). Освен тоа, верата ги зајакнува луѓето да задржат високи мерила и покрај огромниот притисок. На пример, во текот на 20 век, многу земји се нашле под власта на корумпирани политички режими, кои присилувале навидум пристојни луѓе да вршат ужасни свирепости. Меѓутоа, оние кои имале вистинска вера во Бог одбиле да ги компромитираат своите начела, па дури и по цена на животот. Освен тоа, верата која се темели на Библијата може да ги менува луѓето. Може да искупи живот кој изгледа изгубен и да им помогне на луѓето да избегнат сериозни грешки. Разгледај неколку примери.

Верата може да го промени семејниот живот

„Преку својата вера можеш да го постигнеш невозможното.“ Така рекол еден судија од Англија кога донел одлука за старателството над децата на Џон и Тања. Кога властите се зафатиле со случајот на Џон и Тања, тие двајца не биле во брак, а нивниот семеен живот бил ужасен. Џон, кој имал проблеми со дрога и зависност од коцкање, се свртел кон криминал за да ги финансира своите пороци. Ги запоставил своите деца и нивната мајка. Тогаш, какво „чудо“ се случило?

Еден ден, Џон чул како неговиот внук зборува за рај. Заинтригиран, се распрашал кај родителите на момчето. Родителите се Јеховини сведоци, и тие му помогнале на Џон да научи за рајот од Библијата. Малку по малку, Џон и Тања развиле библиски темелена вера која им го променила животот. Тие ја легализирале својата врска со брак и ги надминале пороците. Властите кои вршеле контрола во нивното домаќинство откриле нешто што изгледало невозможно кратко време пред тоа — среќно семејство во чист дом, пријатно место за воспитување на децата. Судијата бил во право кога ова „чудо“ ѝ го припишал на новостекнатата вера на Џон и Тања.

На оддалеченост од илјадници километри од Англија, една млада сопруга на Блискиот Исток за малку ќе станела дел од една многу жалосна статистика. Планирала да им се придружи на милионите луѓе секоја година чии бракови завршуваат со развод. Таа имала дете, но нејзиниот сопруг бил многу постар од неа. Заради тоа роднините ја терале да се разведе од него, и таа всушност почнала да прави подготовки за тоа. Меѓутоа, истовремено ја проучувала Библијата со една жена Јеховин сведок. Кога дознала за ситуацијата, жената Сведок објаснила што вели Библијата за бракот — на пример, дека тој е дар од Бог, а не нешто што треба лесно да се отфрли (Матеј 19:4—6, 9). Жената си помислила: ‚Чудно е тоа што оваа непозната жена се обидува да го спаси нашето семејство, додека оние кои ми се блиски сакаат да го растурам‘. Нејзината новостекната вера ѝ помогнала да си го сочува бракот.

Една жалосна статистика која се однесува на семејниот живот е поврзана со абортусот. Еден извештај од Обединетите нации проценува дека секоја година најмалку 45 милиони неродени бебиња се намерно абортирани. Секој таков настан е трагедија. Библиското спознание ѝ помогнало на една жена од Филипините да избегне да стане дел од таа статистика.

Жената стапила во контакт со Јеховините сведоци, ја прифатила брошурата за библиска студија со наслов Што бара Бог од нас? a и почнала да ја проучува Библијата. После неколку месеци објаснила зошто го сторила тоа. Кога Сведоците ја посетиле првпат, жената била бремена, но таа и нејзиниот сопруг биле решени да абортира. Меѓутоа, сликата на неродено бебе на страница 24 од брошурата, го трогнала нејзиното срце. Додатното објаснување на темел на Библијата дека животот е свет затоа што ‚Бог е изворот на животот‘ ја убедило да го задржи бебето (Псалм 35:9). Сега таа е мајка на прекрасно, здраво бебе.

Верата им помага на презрените

Двајца сиромашно облечени мажи од Етиопија дошле кај Јеховините сведоци на еден состанок за обожавање. На крајот од состанокот, еден Сведок се запознал со нив на пријателски начин. Мажите побарале милостиња. Сведокот не им дал пари туку нешто подобро. Ги охрабрил да развијат вера во Бог, која е „подрагоцена од нетрајното злато“ (1. Петрово 1:7). Едниот од нив се одѕвал и почнал да ја проучува Библијата. Тоа го променило неговиот живот. Како што растел во верата, се откажал од пушењето, претераното пиење, неморалот и употребата на кат (стимуланс кој предизвикува зависност). Научил како да се издржува наместо да проси, и сега води чист, продуктивен живот.

Еден 47-годишен човек од Италија бил осуден на десет години затвор и бил задржан во судска психијатриска болница. Еден Јеховин сведок, кој бил овластен да влегува во затворските институции за да дава духовна помош, почнал да ја проучува Библијата со него. Човекот брзо напредувал духовно. Верата толку многу го променила неговиот живот што сега другите затвореници се обраќаат кај него за совет за тоа како да се справат со своите проблеми. Неговата вера темелена на Библијата му донела почит, ценење и доверба од затворските власти.

Во изминативе години весниците известуваа за граѓански војни во Африка. Особено ужасни се извештаите за млади момчиња кои се обучувани за војници. Овие деца се дрогирани, брутализирани и присилени на нечовечно однесување кон своите роднини со цел нивната единствена лојалност да биде кон фракцијата за која се борат. Дали библиски темелената вера е доволно јака за да го промени животот на такви младинци? Така било во најмалку два случаи.

Во Либерија, Алекс служел како министрант во католичка црква. Но, на 13-годишна возраст се придружил кон една воена фракција и станал озлогласено дете-војник. За да биде храбар во битката, се свртел кон маѓија. Алекс гледал како биле убиени многу негови другари, но тој преживеал. Во 1997 ги запознал Јеховините сведоци и увидел дека тие не го презираат. Наместо тоа, му помогнале да научи што вели Библијата за насилството. Алекс ја напуштил војската. Како што неговата вера растела, ја следел библиската заповед: „Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него“ (1. Петрово 3:11).

Во меѓувреме, едно дете, бивш војник по име Самсон, поминал низ градот каде што сега живеел Алекс. Тој пеел во хор, но во 1993 станал војник и се заплеткал во злоупотреба на дрога, спиритизам и неморал. Во 1997 бил демобилизиран. Самсон се упатил кон Монровија за да ѝ се придружи на една специјална единица на безбедност кога еден пријател го убедил да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, и како резултат на тоа развил длабока библиски темелена вера. Тоа му дало храброст да ги напушти своите воинствени патишта. Алекс и Самсон сега водат мирољубив и морален живот. Дали би можело нешто друго, освен библиски темелената вера, да направи промена во живот кој бил толку брутализиран?

Исправната вера

Ова се само неколку од навистина многуте примери кои би можеле да се наведат за да се илустрира моќта на вистинската вера темелена на Библијата. Секако, не секој кој само тврди дека верува во Бог живее во склад со библиските високи мерила. Да, некои атеисти можеби водат подобар живот отколку некои кои се исповедуваат како христијани. Тоа е затоа што библиски темелената вера вклучува повеќе отколку само да се тврди дека се верува во Бог.

Апостол Павле ја нарекол верата ‚загарантирано очекување на она на кое човек се надева, јасно докажување на стварности иако не се гледаат‘ (Евреите 11:1NW). Според тоа, верата вклучува силно верување во невидливите работи — темелено на непобитен доказ. Таа особено вклучува да се нема какво и да е сомнение дека Бог постои, дека е заинтересиран за нас и дека ќе ги благослови оние кои ја вршат неговата волја. Исто така, апостол Павле рекол: „Оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6).

Таквата вера им го променила животот на Џон, Тања и на останатите кои беа спомнати во оваа статија. Таа ги навела за водство при донесувањето одлуки со целосна доверба да гледаат во Божјата реч, Библијата. Им помогнала да направат привремени жртви за да не заземат удобен, но погрешен правец. Колку и да се разликуваат меѓу себе овие искуства, сите почнуваат на ист начин. Еден Јеховин сведок ја проучувал Библијата со овие поединци, и така ја вкусиле вистинитоста на она што го вели Библијата: „Речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12NW). Моќта на Божјата реч му помогнала на секој поединец да изгради силна вера која го променила неговиот живот на подобро.

Јеховините сведоци се активни во повеќе од 230 земји и острови. Тие те покануваат да имаш библиска студија. Зошто? Бидејќи се уверени дека библиски темелената вера може во голема мера да го подобри и твојот живот.

[Фуснота]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слики на страница 3]

Библиски темелената вера го менува животот на подобро

[Извор на слика на страница 2]

Title card од Biblia nieświeska од Шимон Бадни, 1572