Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Си спомнував за нашиот Творец уште од младоста

Си спомнував за нашиот Творец уште од младоста

Животна приказна

Си спомнував за нашиот Творец уште од младоста

РАСКАЖАЛ ДЕЈВИД З. ХИПШМЕН

„Ако сум стигнала до крајот на мојот живот, навистина се надевам дека му бев верна на Јехова. Го преколнувам да се грижи за мојот Дејвид. Ти благодарам за него, Јехова, и за нашиот брак кој е толку прекрасен, толку среќен!“

ЗАМИСЛЕТЕ си ги моите емоции кога после погребот на мојата сопруга, во март 1992, го најдов овој последен запис во нејзиниот дневник. Само пет месеци пред тоа, ја прославивме 60-годишнината од полновремената служба на Хелен.

Јасно се сеќавам на денот кога Хелен и јас седевме еден до друг на конгресот во Колумбо (Охајо, САД) во 1931. Хелен немаше ни полни 14 години, но многу повеќе ја ценеше важноста на тој настан од мене. Нејзината одушевеност за службата се покажа кратко потоа кога таа и нејзината мајка, која беше вдовица, станаа пионерки, како што се нарекуваат полновремените евангелизатори на Јеховините сведоци. Тие се откажаа од својот удобен дом за да проповедаат во селските подрачја на југот од Соединетите Држави.

Моето христијанско наследство

Во 1910 моите родители со своите две мали деца се преселиле од источна Пенсилванија во градот Гроув, во западниот дел на државата. Таму дале капар за еден скромен дом и станале активни членови на Реформаторската црква. Кратко потоа ги посетил Вилијам Еванс, библиски студент, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци. Татко ми, кој во тоа време бил кон средината на своите 20-ти години, и мајка ми, која била пет години помлада од него, го сослушале овој пријателски настроен Велшанец и го поканиле на оброк. Набрзо ги прифатиле библиските вистини што ги научиле.

За да бидат поблизу до собранието, татко ми со семејството се преселил на околу 40 километри од градот Шарон. После неколку месеци, во 1911, или во 1912, татко ми и мајка ми се крстиле. Говорот за крштавање го одржал Чарлс Тејз Расел, првиот претседател на Watch Tower Society. Јас сум роден на 4 декември 1916 кога моите родители веќе имале четири деца. Во времето кога сум се родил, било објавено: „Уште еден сакан брат“. Значи моето име, Дејвид, значи „сакан“.

Кога сум имал четири седмици, ме одвеле на мојот прв конгрес. Во тие рани денови, татко ми и моите постари браќа пешачеле по неколку километри до собраниските состаноци, додека мајка ми нѐ носела мојата сестра и мене со трамвај. Состаноците се состоеја од утрински и попладневни сесии. Дома разговорот честопати се сосредоточуваше на статии од Стражарска кула и Златен век, поранешно име за Разбудете се!

Извлекување корист од прекрасните примери

Нашето собрание го посетуваа многу пилгрими, како што тогаш се нарекуваа патувачките говорници. Обично тие поминуваа по еден или два дена кај нас. Еден говорник кој сѐ уште е во моето сеќавање е Волтер Џ. Торн кој си спомнувал за својот Голем Творец во ‚дните на својата рана младост‘ (Проповедник 12:1). Кога бев момче, го придружував татко ми за да ја прикажуваме „Фото-драмата за создавањето“ — четириделна визуелна снимена презентација за историјата на човештвото.

Иако брат Еванс и неговата сопруга, Мирјам, немаа деца, тие му станаа духовни родители и баба и дедо на нашето семејство. Вилијам секогаш му се обраќаше на татко ми со „сине“. Тој и Мирјам всадија евангелизаторски дух во нашето семејство. Во почетокот на 20 век, брат Еванс неколкупати отпатувал до Велс за да ја однесе библиската вистина во подрачјето околу Свансеа. Таму бил познат како проповедникот од Америка.

Во 1928, брат Еванс се откажа од своето вработување и почна да проповеда по ридовите на Западна Вирџинија. Нему му се придружија моите двајца постари браќа, 21-годишниот Кларенс и 19-годишниот Карл. Сите четири момчиња поминавме многу години во полновремена служба. Всушност, сите во младоста служевме како патувачки надгледници на Јеховините сведоци. Неодамна, најмладата сестра на мајка ми, Мери, која сега е во своите 90-ти години, ми напиша: „Колку сме благодарни што брат Еванс имаше ревност за службата и го посети градот Гроув!“ Тетка ми Мери е уште една личност која си спомнувала за својот Творец уште од младоста.

Присуствување на конгресите

На историскиот конгрес во Седар Поинт (Охајо) во 1922 година можеа да присуствуваат само татко ми и Кларенс. Меѓутоа, во 1924 веќе имавме автомобил, и целото наше семејство замина на конгресот во Колумбо (Охајо). Од нас децата се очекуваше да ги искористиме личните заштеди за да ги платиме своите оброци во текот на осумдневниот конгрес. Моите родители сметаа дека сите членови на семејството мора да научат да се издржуваат. Затоа одгледувавме пилиња и зајчиња и чувавме кошница за пчели, а секое од нас момчињата имаше своја обиколка со весници.

Кога дојде време за конгресот во Торонто (Канада), во 1927, имавме шестмесечно братче, Пол. Мене ми беше доделено да останам дома и да се грижам за Пол со помош на тетка ми која беше мажена, додека моите родители со другите деца отидоа во Торонто. Бев награден со десет долари, кои ги употребив за да си купам нов костум. Секогаш бевме поучувани добро да се облекуваме за состаноците и да се грижиме за својата облека.

До времето кога се одржа значајниот конгрес во Колумбо (Охајо), во 1931, Кларенс и Карл веќе беа женети и пионереа заедно со своите сопруги. Секој од нив живееше во рачно изработена приколка. Карл се ожени со Клара Хјустон од Вилинг (Западна Вирџинија), и тоа е причината зошто на конгресот во Колумбо јас седев до Хелен, помалата сестра на Клара.

Полновремена служба

Матурирав во средно училиште во 1932 кога имав 15 години, и следната година му дадов еден половен автомобил на брат ми Кларенс, кој пионереше во Јужна Каролина. Поднесов молба за пионерска служба и почнав да работам заедно со Кларенс и со неговата сопруга. Тогаш Хелен пионереше во Хопкинсвил (Кентаки), а јас за првпат ѝ напишав писмо. Во својот одговор, таа ме праша: „Дали си пионер?“

Во моето писмо — Хелен го чуваше сѐ до својата смрт, после речиси 60 години — јас ѝ одговорив: „Пионер сум, и се надевам дека ќе бидам засекогаш“. Во тоа писмо ѝ напишав на Хелен како ја дистрибуирав брошурата The Kingdom, the Hope of the World (Царството, надежта на светот) на свештениците и судските службеници кои беа на мојата проповедничка доделба.

Во 1933, татко ми ми направи еден шатор на тркала — приколка долга 2,4 метри, широка 2 метри, со ѕидови од платно кое беше растегнато околу тенки столбови, и прозорец напред и назад. Тоа беше моето скромно живеалиште во следните четири години од пионерската служба.

Во март 1934, Кларенс и Карл, нивните сопруги, Хелен и нејзината мајка, свеската на Кларенс и јас — осуммина — се упативме кон запад за да присуствуваме на конгресот во Лос Анџелес (Калифорнија). Некои се возеа и спиеја во мојата приколка. Јас спиев во колата, додека останатите изнајмија ноќевалиште. Бидејќи имавме проблеми со колата, во Лос Анџелес стигнавме на вториот ден од шестдневниот конгрес. Таму, на 26 март, Хелен и јас конечно можевме да го симболизираме своето предание на Јехова со крштавање во вода.

На конгресот, Џозеф Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, лично се запозна со сите пионери. Тој нѐ охрабри со зборовите дека ние сме смели борци за библиската вистина. Во таа прилика беше направена подготовка на пионерите да им се дава парична помош за да можат да продолжат со својата служба.

Школување за живот

Кога се вративме од конгресот во Лос Анџелес, сите ја споделувавме пораката за Царството со луѓето во цели покраини — Јужна Каролина, Вирџинија, Западна Вирџинија и Кентаки. После неколку години, за тоа време Хелен напиша: „Немаше собрание на кое можевме да се ослониме, ниту пријатели да помогнат, бидејќи навистина бевме туѓинци во туѓа земја. Но, сега знам дека јас всушност се школував. Станував сѐ побогата“.

Таа праша: „Што прави една млада девојка со своето време кога е далеку од пријателите и од своите корени? Па, не беше толку лошо. Не можам да се сетам дека некогаш ми било здодевно. Многу читав. Никогаш не пропуштавме да држиме чекор со читањето на нашата библиска литература и со проучувањето. Останав блиска со мајка ми, учејќи да ракувам со парите што ги имавме, да пазарам, да ги менувам дупнатите гуми, да готвам, да шијам и да проповедам. Не жалам и радо би го правела истото повторно“.

Хелен и нејзината мајка беа задоволни со тоа што живееја во една мала приколка во тие години, иако мајка ѝ имаше убав дом. После конгресот во Колумбо (Охајо) во 1937, здравјето на мајка ѝ на Хелен се влоши, па затоа беше однесена во болница. Умре на својата доделба во Филипи (Западна Вирџинија) во ноември 1937.

Брак и натамошна служба

На 10 јуни 1938, Хелен и јас се венчавме со една едноставна церемонија во домот во кој беше родена во Елм Гроув, во близина на Вилинг (Западна Вирџинија). Говорот за венчавање го одржа нашиот драг брат Еванс, кој му ја пренел вистината на моето семејство неколку години пред да се родам. Хелен и јас планиравме после свадбата да се вратиме во пионерското дело во источен Кентаки, но на наше големо изненадување, бевме поканети во зонското дело. Ова дело вклучуваше посетување на групи на Јеховините сведоци во западен Кентаки и во делови од Тенеси, за да им се помогне во нивната служба. Во сите места кои ги посетувавме тогаш имаше само околу 75 објавители на Царството.

Во тоа време, национализмот го искриви размислувањето на многу луѓе, и јас очекував наскоро да бидам затворен поради мојата христијанска неутралност (Исаија 2:4). Меѓутоа, благодарение на моето досие на проповедничка активност, од регрутната комисија бев класифициран како лице со приговор на совеста и ми беше дозволено да продолжам со полновремената служба.

Кога почнав со патувачката служба, речиси сите даваа забелешка за нашата младост. Во Хопкинсвил (Кентаки), една христијанска сестра цврсто ја прегрна Хелен и ја праша: „Се сеќаваш ли на мене?“ Во 1933, Хелен ѝ сведочела во селската продавница која ја држел нејзиниот сопруг. Таа била наставничка во неделното училиште, но откако ја прочитала книгата која ѝ ја оставила Хелен, истапила пред класот и му се извинила заради тоа што поучувала за небиблиски учења. Откако се повлекла од црквата, почнала да ги објавува библиските вистини во својата средина. Хелен и јас служевме во западен Кентаки три години, и таа сестра и нејзиниот сопруг ни го ставија на располагање својот дом.

Во тие денови имавме мали локални собири, и еднаш, на еден од нив служеше А. Х. Мекмилан. Тој престојувал во домот на родителите на Хелен кога таа била дете, и така за време на конгресот, избра да престојува кај нас во нашата приколка, долга пет метри, во која имавме уште еден кревет. И тој си спомнувал за својот Творец уште од деновите на својата младост, со тоа што го предал својот живот на Јехова во 1900 година, на 23-годишна возраст.

Во ноември 1941 делото на патувачките браќа беше привремено укинато, и јас бев доделен како пионер во Хазард (Кентаки). Повторно работевме со брат ми Карл и со неговата сопруга Клара. Тука ни се придружи внукот на Хелен, Џозеф Хјустон, и почна да пионери. Тој продолжи со полновремената служба речиси 50 години, и умре ненадејно од срцев удар во 1992 додека верно служеше во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).

Во 1943 бевме доделени во Роквил (Конектикат). Тоа беше, така да се каже, поинаков свет за Хелен и за мене, бидејќи бевме навикнати да проповедаме на југот. Во Роквил, Хелен редовно водеше по повеќе од 20 домашни библиски студии седмично. На крај, изнајмивме една скромна соба за Сала на Царството, и така беше формирано јадрото на едно мало собрание.

Додека служевме во Роквил, бевме поканети да го посетиме петтиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Саут Ленсинг (Њујорк). На наша радост, откривме дека наши соученици се Обри и Берта Бивенс, пријатели од нашите пионерски денови во Кентаки.

Школа и нова доделба

Иако сѐ уште бевме прилично млади, повеќето од нашите соученици беа уште помлади. Да, тие си спомнуваа за својот Голем Творец во својата младост. Дипломиравме во јули 1945, баш кога завршуваше II светска војна. Додека ги чекавме нашите мисионерски доделби, работевме во собранието Флетбуш во Бруклин (Њујорк). На крај, на 21 октомври 1946, заедно со шест други студенти, вклучувајќи ги и Бивенсиеви, летнавме кон нашиот нов дом во градот Гватемала (Гватемала). Во тоа време, во целата таа централноамериканска земја имаше помалку од 50 Сведоци на Јехова.

Во април 1949, неколкумина мисионери бевме преселени во Кесалтенанго, втор град по големина и важност во земјата. Овој град е сместен на надморска висина од 2.300 метри, и планинскиот воздух е свеж и чист. Нашата тамошна активност Хелен ја резимираше со зборовите: „Имавме предност да проповедаме во десетици градови и села. Станувавме околу четири часот наутро и се качувавме на автобус (кој често имаше платнени завеси во вид на ролни наместо прозорци) за некој оддалечен град. Таму проповедавме по околу осум часа и се враќавме навечер“. Денес во многу од овие места има собранија, вклучувајќи и шест во Кесалтенанго.

Наскоро имаше барање за мисионери во Пуерто Бариос на карипскиот брег, трет град по големина во Гватемала. Нашите сакани другари, Бивенсиеви, со кои служевме пет години во Гватемала, беа меѓу оние кои беа преселени на оваа нова доделба. Разделбата беше болна и предизвика празнина во нашиот живот. Кога во мисионерскиот дом останавме само Хелен и јас, се преселивме во еден мал стан. Во 1955, Хелен и јас прифативме нова доделба во еден уште потропски град — Мацатенанго. Мојот најмлад брат Пол и неговата сопруга Долорес, кои дипломираа на Гилеад во 1953, служеа таму кратко пред да стигнеме ние.

До 1958 во Гватемала имавме над 700 Сведоци, 20 собранија и три покраини. Хелен и јас повторно учествувавме во патувачкото дело, посетувајќи мали групи Сведоци и неколку собранија, вклучувајќи го и она во Кесалтенанго. Потоа, во август 1959, бевме поканети да се вратиме во градот Гватемала, каде што живеевме во канцеларијата на подружницата. Јас добив доделба да работам во подружницата, додека Хелен продолжи со мисионерската служба уште 16 години. Потоа, и таа почна да работи во канцеларијата на подружницата.

Понатамошни благослови

Пред многу години изгледаше како секогаш јас да сум најмладиот меѓу оние кои му служат на Јехова. Сега честопати сум најстариот, како што беше случај и кога присуствував на школата на подружницата во Патерсон (Њујорк) во 1996. Исто како што јас во младоста добивав толку голема помош од постарите, во последниве децении имав предност да им помагам на многу млади кои имаа желба да си спомнуваат за својот Творец во младоста.

Јехова и понатаму излева благослови врз својот народ овде во Гватемала. Во 1999 во градот Гватемала имаше над 60 собранија. А на северот, југот, истокот и западот, има многу повеќе собранија и илјадници објавители на добрата вест за Божјето Царство. Оние помалку од 50 објавители на Царството кога стигнавме пред 53 години, пораснаа на над 19.000!

Има многу нешта за кои треба да се биде благодарен

Никој не поминува во животот без проблеми, но секогаш можеме да го фрламе нашиот „товар врз самиот Јехова“ (Псалм 55:22NW). Тој честопати нѐ поткрепува со поддршката од другари полни со љубов. На пример, неколку години пред да умре, Хелен ми подари една мала урамена плочка во која беше изгравиран библискиот стих од Евреите 6:10: „Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите“.

Белешката што ја имаше прикачено на неа делумно гласи: „Љубен мој, толку малку можам да ти дадам, освен СЕТА МОЈА ЉУБОВ . . . Овој стих толку одговара за тебе, и затоа те молам, стави го на твоето биро, не затоа што јас ти го дадов, туку бидејќи важи за тебе низ твоите долги години служба“. Оваа плочка и ден-денес стои на бирото во мојата канцеларија во подружницата во Гватемала.

Му служам на Јехова од мојата младост, и сега, кога сум во поодминати години, благодарен сум му на Јехова за моето добро здравје кое ми дозволува да ги извршувам должностите кои ми се доделени. Во моето редовно читање на Библијата, честопати наидувам на стихови, за кои мислам дека мојата сакана Хелен би ги подвлекла во својата Библија. Тоа ми се случи кога го препрочитав Псалм 48:14 (NW): „Овој Бог е наш Бог за вечно време, дури и засекогаш. Тој ќе нѐ води сѐ до нашата смрт“.

Задоволство ми е да ја споделувам со другите визијата за денот на воскресение кога луѓето од сите нации кои живееле порано ќе им изразат добродојде на своите љубени кои ќе се вратат од мртвите во новиот свет. Каков само изглед! Какви солзи радосници ќе лееме тогаш додека се присетуваме дека Јехова навистина е Бог „кој ги теши оние кои се соборени“! (2. Коринтјаните 7:6NW).

[Слика на страница 25]

Во правец на стрелката на часовникот: мајка ми, татко ми, тетка ми Ева и браќата Карл и Кларенс, 1910

[Слики на страница 26]

Со Хелен во 1947 и во 1992