Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е мое прибежиште и сила

Јехова е мое прибежиште и сила

Животна приказна

Јехова е мое прибежиште и сила

РАСКАЖАЛ МАРСЕЛ ФИЛТОУ

„Ако се омажиш за него, сигурно ќе одиш в затвор.“ Така ѝ велеле луѓето на жената со која планирав да се оженам. Дозволете ми да објаснам зошто ѝ зборувале вака.

ВО ВРЕМЕТО кога сум се родил, во 1927 година, канадската провинција Квебек била упориште на католицизмот. После отприлика четири години, Сесил Дуфур, полновремена министерка на Јеховините сведоци, почна да го посетува нашиот дом во градот Монтреал. Заради тоа нашите соседи честопати ѝ се закануваа. Всушност, таа многупати беше апсена и малтретирана заради проповедањето на библиската порака. Брзо ја сфативме вистинитоста на Исусовите зборови: „Ќе бидете намразени од сите народи заради моето име“ (Матеј 24:9).

Во тоа време, многумина сметаа дека е незамисливо за едно француско-канадско семејство да ја напушти католичката религија. Иако моите родители никогаш не станаа крстени Сведоци, сепак, набрзо заклучија дека учењата на Католичката црква не се во склад со Библијата. Затоа ги охрабруваа своите осум деца да ја читаат литературата која ја издаваа Сведоците, и нѐ поддржуваа нас кои зазедовме став за библиската вистина.

Заземање став во тешки времиња

Во 1942, додека сѐ уште одев на училиште, почнав да покажувам вистински интерес за проучување на Библијата. Во тоа време активностите на Јеховините сведоци во Канада беа забранети поради тоа што тие го следеа примерот на раните христијани и не се мешаа во војните на нациите (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Мојот најстар брат Роланд беше ставен во работнички логор затоа што одби да земе оружје за време на светската војна која тогаш беснееше.

Отприлика во тоа време, татко ми ми даде една книга на француски јазик во која беа опишани страдањата на германските Сведоци заради тоа што одбиле да ги поддржуваат воените походи на Адолф Хитлер. a Бев мотивиран да се идентификувам со таквите храбри примери на интегритет, и почнав да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци кои се одржуваа во еден приватен дом. Набрзо бев поканет да учествувам во делото на проповедање. Ја прифатив поканата потполно свесен дека би можел да бидам уапсен и затворен.

Откако се помолив за сила, тропнав на првата врата. Ми отвори една љубезна госпоѓа, и откако ѝ се претставив, ѝ ги прочитав зборовите од 2. Тимотеј 3:16: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно“.

„Дали би ве интересирало да прочитате нешто повеќе за Библијата?“ — ја прашав.

„Да“, одговори госпоѓата.

Затоа, ѝ реков дека ќе донесам една пријателка која подобро ја познава Библијата од мене, и тоа го сторив следната седмица. После тоа прво искуство, се чувствував посигурен и сфатив дека не ја извршуваме службата со сопствена сила. Како што рекол и апостол Павле, тоа го правиме со Јеховина помош. Всушност, животоважно е да признаеме дека ‚силата која е над нормалната [е] Божја, а не наша‘ (2. Коринтјаните 4:7NW).

После тоа, делото на проповедање стана неразделив дел од мојот живот, а со тоа и апсењата и затворањето. Не е ни чудо што на мојата идна невеста ѝ беше кажано: „Ако се омажиш за него, сигурно ќе одиш в затвор“! Сепак, таквите искуства всушност и не беа толку тешки. Откако ќе поминевме една ноќ в затвор, некој друг Сведок ќе нѐ ослободеше со кауција.

Важни одлуки

Во април 1943 му го предадов животот на Јехова и тоа го симболизирав со крштавање во вода. Потоа, во август 1944, присуствував на мојот прв голем конгрес во Бафало (Њујорк, САД), близу канадската граница. Беа присутни 25.000 лица, а програмата ја поттикна мојата желба да бидам пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци. Забраната на делото на Јеховините сведоци во Канада беше симната во мај 1945, и следниот месец почнав да пионерам.

Меѓутоа, како што го зголемував учеството во службата така зачестуваа и моите затворања. Еднаш ме ставија во иста ќелија со Мајк Милер, еден верен долгогодишен слуга на Јехова. Седевме на бетонскиот под и разговаравме. Нашиот изградувачки духовен разговор многу ме зајакна. Но, после тоа, низ мислите ми помина прашањето: ‚А што ако меѓу нас постоеше недоразбирање и бевме скарани?‘ Од времето поминато со овој драг брат в затвор научив една од најдобрите лекции во животот — нашите браќа ни се потребни и затоа треба да си простуваме и да бидеме љубезни еден кон друг. Инаку, како што напишал и апостол Павле, „ако . . . меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг“ (Галатјаните 5:15).

Во септември 1945 бев поканет да служам во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Торонто (Канада), која ние ја нарекуваме Бетел. Тамошната духовна програма беше навистина изградувачка и ја зајакнуваше верата. Следната година бев доделен да работам на бетелската фарма, на околу 40 километри северно од канцеларијата на подружницата. Додека берев јагоди со младата Ен Волинек, ја забележав не само нејзината надворешна убавина, туку и нејзината љубов и ревност за Јехова. Се разви врска, и во јануари 1947 се венчавме.

Следните две и пол години пионеревме во Лондон (Онтарио), а после тоа на островот Кејп Бретон, каде што помогнавме да се формира собрание. Потоа, во 1949, бевме поканети во 14. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower, каде што бевме обучени за мисионери.

Мисионерско дело во Квебек

Канадските дипломци од претходниот клас на Гилеад добија доделба да го отворат проповедничкото дело во Квебек. Во 1950, им се придруживме заедно со уште 25 други од нашиот 14. клас. Зголемената мисионерска активност предизвика засилување на прогонството и насилството од толпите, кое го подбуцнуваа водачите на римокатоличката црква.

Два дена откако пристигнавме на нашата прва мисионерска доделба во градот Руан, Ен беше уапсена и ставена во задниот дел на една полициска кола. Тоа беше ново искуство за неа, бидејќи доаѓаше од едно мало село во провинцијата Манитоба (Канада) каде што ретко гледаше полицаец. Секако, беше уплашена и си спомнуваше на зборовите: „Ако се омажиш за него, сигурно ќе одиш в затвор“. Меѓутоа, пред да заминат, полицијата ме најде и мене и ме стави во колата заедно со Ен. „Среќна сум што те гледам!“, извика таа. Сепак, беше зачудувачки смирена и забележа: „Па, истото им се случувало и на апостолите заради тоа што проповедале за Исус“ (Дела 4:1—3; 5:17, 18). Истиот ден подоцна, бевме ослободени со кауција.

Отприлика една година после тој настан, додека бевме во служба од куќа до куќа на нашата нова доделба во Монтреал, на улицата слушнав некаков метеж и видов како една разгневена толпа фрла со камења. Додека да отидам да им помогнам на Ен и на нејзината партнерка, полицијата пристигна. Наместо да ги уапси членовите на толпата, полицијата ги уапси Ен и партнерката! Додека беа в затвор, Ен ја потсети својата партнерка, која беше Сведок од неодамна, дека всушност ја доживуваа вистинитоста на Исусовите зборови: „Ќе бидете намразени од сите заради Моето име“ (Матеј 10:22).

Едно време во Квебек имаше околу 1.700 случаи против Јеховини сведоци кои чекаа за суд. Најчесто бевме обвинувани за дистрибуирање бунтовничка литература или за дистрибуирање литература без дозвола. Заради тоа, Правниот оддел на Watch Tower Society презеде постапка против владата на Квебек. После многу години законска битка, Јехова ни даде две големи победи пред Врховниот суд во Канада. Во декември 1950 бевме ослободени од обвинението дека нашата литература е бунтовничка, а во октомври 1953 беше поддржано нашето право да дистрибуираме библиска литература без дозвола. Така на еден многу очигледен начин видовме како Јехова навистина е место на „прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Псалм 45:1).

Извонредно е тоа што бројот на Сведоците во Квебек порасна од 356 во 1945, кога почнав да пионерам, на над 24.000 денес! Навистина испадна токму како што е претскажано во библиското пророштво: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, — ти ќе го обвиниш“ (Исаија 54:17).

Нашето дело во Франција

Во септември 1959 Ен и јас бевме поканети да служиме во Бетелот во Париз (Франција) каде што бев доделен да преземам водство во печатењето. Сѐ до нашето пристигнување во јануари 1960, печатењето го вршеше една трговска фирма. Бидејќи Стражарска кула тогаш беше забранета во Франција, списанието го печатевме секој месец во облик на брошура од 64 страници. Брошурата беше наречена Интерен билтен на Јеховините сведоци, и ги содржеше статиите кои требаше да се проучуваат во собранието тој месец. Од 1960 до 1967 година, бројот на оние кои учествуваа во делото на проповедање во Франција порасна од 15.439 на 26.250.

На крај, повеќето мисионери добија доделба на други места, некои во африкански земји каде што се зборува француски, а други се вратија во Квебек. Бидејќи Ен не се чувствуваше добро и требаше да се оперира, ние се вративме во Квебек. После три години медицинска нега, здравствената состојба на Ен се нормализира. Тогаш бев доделен во покраинското дело, при што секоја седмица посетував различно собрание за да пружам духовно охрабрување.

Мисионерско дело во Африка

После неколку години, во 1981, бевме восхитени кога добивме нова доделба како мисионери во Заир, сега Демократска Република Конго. Луѓето беа сиромашни и поднесуваа многу тешкотии. Кога пристигнавме имаше 25.753 Сведоци, но денес тој број порасна на над 113.000 Сведоци и 446.362 кои присуствуваа на Меморијалот на Христовата смрт во 1999!

Во 1984 од владата се снабдивме со плац од околу 200 хектари за да изградиме нова канцеларија на подружницата. Потоа, во декември 1985, во главниот град Киншаса се одржа меѓународен конгрес на кој присуствуваа 32.000 делегати од многу делови на светот. После тоа, нашето дело во Заир беше нарушено од противење поттикнато од свештенството. На 12 март 1986, на одговорните браќа им беше врачено писмо со кое беа известени дека здружението Јеховини сведоци во Заир е прогласено за незаконско. Оваа забрана на сите наши активности беше потпишана од тогашниот претседател на земјата, покојниот Мобуту Сесе Секо.

Поради таквиот неочекуван развој на настаните, моравме да го примениме библискиот совет: „Умниот го гледа злото и се клони“ (Изреки 22:3). Најдовме начини како однадвор да добиваме хартија, мастило, филм, стереотипни плочи и хемиски средства и да ги печатиме нашите публикации во Киншаса. Исто така, разработивме и сопствен систем на дистрибуција. Штом се организиравме, нашиот систем работеше подобро и од владината поштенска служба!

Илјадници Сведоци беа уапсени, и многумина беа брутално мачени. Сепак, со неколку исклучоци, тие застанаа цврсто наспроти таквото постапување и ја задржаа својата верност. И јас бев уапсен и видов на какви ужасни услови беа изложени браќата во затворите. Тајната полиција и властите многупати нѐ притискаа на секој начин, но Јехова секогаш наоѓаше излез за нас (2. Коринтјаните 4:8NW).

Околу 3.000 картони со литература имавме скриено во магацинот на еден бизнисмен. Меѓутоа, на крај, еден од неговите работници ја информира тајната полиција и го уапсија бизнисменот. Одејќи кон затворот, случајно наидоа на мене додека бев со колата. Бизнисменот им кажа дека јас бев тој кој направи договор со него да се складира литературата. Полицајците ме запреа и почнаа да ме испрашуваат, обвинувајќи ме дека сум ставил незаконска литература во магацинот на тој човек.

„Имате ли некоја од тие книги?“ — прашав.

„Секако“, одговорија тие.

„Смеам ли да ја видам?“ — прашав.

Тие ми донесоа еден примерок, и јас им ја покажав втората страница каде стоеше: „Печатена во Соединетите Американски Држави од Watch Tower Bible & Tract Society“.

„Она што го држите в раце е сопственост на Американците и не му припаѓа на Заир“, ги потсетив. „Вашата влада стави забрана на законската корпорација на здружението Јеховини сведоци во Заир, а не на Watch Tower Bible & Tract Society од Соединетите Држави. Затоа, пазете што правите со овие публикации.“

Ми беше дозволено да си одам бидејќи немаа судски налог да ме уапсат. Истата ноќ, со два камиона ја однесовме нашата литература од магацинот. Кога следниот ден властите дојдоа, многу се вознемирија кога го најдоа местото празно. Тогаш веќе ме бараа и мене, бидејќи сега имаа судски налог да ме уапсат. Ме најдоа, и бидејќи немаа кола, самиот се одвезов до затворот! Ме придружуваше еден друг Сведок кој потоа ја однесе мојата кола пред тие да можат си ја присвојат.

После осумчасовно сослушување, одлучија да ме депортираат. Но, јас им покажав фотокопија на едно писмо од владата со кое таа потврдуваше дека сум наименуван да го ликвидирам сиот имот на сега забранетото здружение Јеховини сведоци во Заир. На тој начин ми беше дозволено да продолжам со мојата активност во Бетел.

После четири години служење под притисоците на забраната на делото во Заир, добив чир во стомакот кој беше опасен за животот. Беше одлучено да заминам на лекување во Јужна Африка, каде што подружницата презеде добра грижа за мене и каде закрепнав. Откако осум години служевме во Заир, што беше навистина незаборавно и радосно искуство, во 1989 бевме преместени во подружницата во Јужна Африка. Во 1998 се вративме во нашата татковина и оттогаш повторно служиме во канадскиот Бетел.

Благодарен што служам

Кога ќе се осврнам на моите 54 години поминати во полновремена служба, многу сум благодарен што ја искористив младешката енергија во Јеховината скапоцена служба. Иако Ен мораше да поднесе многу испитувачки околности, таа не се жалеше туку ми беше голема поддршка во сите наши активности. Заедно имавме предност да им помогнеме на многу луѓе да го запознаат Јехова и извесен број од нив сега се во полновремена служба. Голема радост е да се види како некои од нивните деца, па дури и внуци, му служат на нашиот величествен Бог, Јехова!

Уверен сум дека овој свет не може да понуди ништо што може да се спореди со предностите и благословите што ни ги дал Јехова. Точно, поднесовме многу испити, но сите тие служеа за да ја изградат нашата вера и доверба во Јехова. Тој навистина се покажа како тврдина на сила, место на прибежиште и помош кои лесно се наоѓаат во време на неволја.

[Фуснота]

a Книгата првобитно беше објавена на германски јазик како Kreuzzug gegen das Christentum (Движење против христијанството). Беше преведена на француски и на полски, но не и на англиски.

[Слики на страница 26]

Заедничко пионерење во 1947; со Ен денес

[Слика на страница 29]

Луѓето кои ги среќававме во Заир ја сакаа библиската вистина