Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е клучот до успехот?

Кој е клучот до успехот?

Кој е клучот до успехот?

ДВАЈЦА енергични млади мажи систематски подготвувале една чудна машина за еден пресуден испит. Одеднаш, жесток налет на ветар го фатил кршливиот апарат, го фрлил во воздух и со страшен тресок го распарчил. Обесхрабрени, мажите стоеле занемени. Нивната напорна, внимателна работа лежела згмечена во еден куп од дрво и метал.

Она што се случило тој октомвриски ден во 1900 година за Орвил и Вилбер Рајт не бил првиот фрустрирачки неуспех во нивниот обид да конструираат летачка машина потешка од воздухот. Тие веќе имале поминато многу години и потрошено прилична сума пари во експериментирање.

Но, конечно, нивната упорност се исплатила. На 17 декември 1903, во Кити Хоук (Северна Каролина, САД) браќата Рајт успеале да покренат еден прототип со мотор кој летал 12 секунди — кратко во однос на сегашните летови, но доволно долго за да го промени светот засекогаш!

Успехот на повеќе полиња во голема мера зависи од стрпливата истрајност. Повеќето вредни работи се постигнуваат само со постојан напор, без разлика дали се работи за совладување нов јазик, учење занает или дури и за развивање меѓусебни односи. „Во девет од десет случаи“, вели авторот Чарлс Темплтон, „успехот директно се припишува на едно нешто: напорна работа.“ Колумнистот Леонард Питс Јуниор забележува: „Зборуваме за талент, ја признаваме улогата на среќата, но толку често ги игнорираме најважните нешта: напорната работа и многуте неуспеси. Доаѓањето рано и останувањето до доцна“.

Ова го потврдува она што Библијата уште одамна го рекла: „Раката на марливиот ќе владее“ (Изреки 12:24NW). Марливоста значи да истраеме во своите напори. Ова е неопходно ако сакаме да го постигнеме она што сме го започнале. Што е истрајност? Како можеме да истраеме во тежнеењето кон своите цели, и во што треба да истраеме? На овие прашања ќе одговори следната статија.

[Извор на слика на страница 3]

Фотографија на U.S. National Archives