Мудар мајчински совет
Мудар мајчински совет
„Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:8).
НАШИТЕ родители — таткото и мајката — можат да бидат скапоцен извор на охрабрување, поддршка и совети. Библиската книга Изреки кажува за некој млад цар, Лемуил, кој добил „важна порака“ на „исправка“ од неговата мајка. Овие зборови се запишани во Изреки, поглавје 31, а и ние можеме да извлечеме корист од овој мудар мајчински совет (Изреки 31:1, NW).
Совет кој одговара за цар
Мајката на Лемуил започнува со неколку прашања кои го зголемуваат нашиот интерес: „Што ти велам јас, о сине мој, и што, о сине на мојата утроба, и што, о сине на моите завети?“ Молбата која ја повторила трипати ја покажува нејзината загриженост синот да обрне внимание на нејзините зборови (Изреки 31:2, NW). Нејзината грижа за духовната благосостојба на децата дава добар пример за христијанските родители денес.
Во врска со благосостојбата на синот, што може повеќе да вознемири една мајка отколку лумпувањата и прекумерното впуштање во пословичното вино, жените и песната? Мајката на Лемуил преоѓа на главното: „Не им ја давај на жени твојата витална енергија“. Таа го карактеризира промискуитетното однесување како нешто што ‚води до истребување на цареви‘ (Изреки 31:3, NW).
Не треба да се превидува ниту претераното пиење. „Не е за царевите, Лемуиле, не е за царевите вино да пијат“, предупредува таа. Како еден цар би донесувал здрав и трезвен суд и не би го ‚заборавил законот и не би ја искривил правдината на угнетените‘ ако постојано е пијан? (Изреки 31:4—7).
Напротив, со тоа што ќе нема такви пороци, царот ќе може да ‚суди праведно и да ги заштитува сиромавиот и немоќниот‘ (Изреки 31:8, 9).
Иако христијанските млади денес можеби не се ‚цареви‘, мудриот совет од мајката на Лемуил е исто толку навремен, ако не и уште повеќе. Злоупотребата на алкохол, пушењето и сексуалниот неморал земаат замав меѓу денешните млади, и животоважно е христијанските младинци да обрнат внимание кога добиваат ‚важни пораки‘ од своите родители.
Способна сопруга
Мајките со право се загрижени за брачните изгледи на своите синови кога тие се приближуваат кон возрасна доба. Како следно, мајката на Лемуил
го свртува вниманието кон особините на една идеална сопруга. Несомнено, младиот човек ќе извлече голема корист ако земе предвид како гледа една жена на оваа важна работа.Во стих 10 ‚способната сопруга‘ е споредена со ретки и скапоцени корали до кои во библиските времиња се доаѓало само со значителен напор. На сличен начин, наоѓањето способна сопруга бара напор. Наместо загрижено да гледа набрзина да стапи во брак, младичот ќе направи добро ако не брза, и така ќе може да избира. Во тој случај, постои поголема веројатност дека високо ќе го цени своето скапоцено откритие.
Во врска со една способна сопруга, на Лемуил му било кажано: „Срцето на мажот нејзин е убедено во неа“ (стих 11). Со други зборови, тој не треба да инсистира неговата сопруга да има негово одобрување за сѐ. Секако, брачните партнери треба да се консултираат меѓусебно пред да донесат крупни одлуки, како што се одлуките во кои се работи за купување скапи работи или за воспитување на децата. Комуникацијата на овие подрачја придонесува за блиска врска меѓу нив.
Се разбира, способната сопруга има многу работа. Во стихови 13—27 се наброени совети и начела кои сопругите на која и да е возраст можат да ги применат за да бидат од корист на своите семејства. На пример, со сѐ повисоките цени на облеката и мебелот, способната сопруга учи да биде вешта и штедлива за да може нејзиното семејство да биде адекватно облечено и претставително (стихови 13, 19, 21, 22). За да се намалат семејните сметки за храна, таа одгледува сѐ што може и купува внимателно (стихови 14, 16).
Оваа жена очигледно не јаде „леб во леност“. Таа напорно работи и делотворно ги координира активностите на своето домаќинство (стих 27). Таа ја препашува „со сила половината своја“, што значи дека се подготвува да учествува и во задачи во кои е вклучена физичка работа (стих 17). За да започне со својот работен ден, станува пред да изгрее сонцето и трудољубиво работи во ноќта. Изгледа како ламбата која ја осветлува нејзината работа секогаш да гори (стихови 15, 18).
Пред сѐ, способната сопруга е духовна личност. Таа се плаши од Бог и го обожава со длабока почит и побожен страв (стих 30). Исто така, му помага на сопругот во воспитувањето и нивните деца да го прават истото. Стих 26 (NW) вели: „Со мудрост“ ги поучува своите деца и „законот на срдечна љубезност е на нејзиниот јазик“.
Способен сопруг
За да привлече способна сопруга, било потребно и Лемуил да ги исполни одговорностите на еден способен сопруг. Мајката го потсетува Лемуил на неколку од нив.
Еден способен сопруг е на добар глас кај „старешините на земјата“ (Изреки 31:23). Тоа значи дека тој би бил способен, чесен, достоен за доверба и богобојазлив човек (2. Мојсеева 18:21; 5. Мојсеева 16:18—20). Како таков, тој ќе биде „познат кај портите“ каде што се собираат истакнати мажи за да решаваат за работите од градот. За да биде „познат“ како богобојазлив маж, ќе мора да биде разумен и да работи складно со старешините на „земјата“, што можеби ја означува областа или регионот.
Несомнено говорејќи од лично искуство, мајката на Лемуил го потсетува својот син колку е важно да покажува ценење кон идната сопруга. Никој на светот не би требало да му биде подраг од неа. Затоа, замисли си ги длабоките емоции во неговиот глас кога пред сите признава: „Многу жени добродетелни [способни, NW] имало . . . но ти ги надмина сите“ (Изреки 31:29)
Очигледно е дека Лемуил го ценел мудриот совет од својата мајка. На пример, забележуваме дека во стих 1 тој укажува на зборовите на неговата мајка како на свои. Значи, тој ја зел при срце нејзината „исправка“ и извлекол корист од нејзиниот совет. Нека и ние ја искористиме оваа „важна порака“ така што ќе ги применуваме нејзините начела во својот живот.
[Слики на страница 31]
Способната сопруга не јаде „леб во леност“