Радосни во Богот на нашето спасение
Радосни во Богот на нашето спасение
„Јас . . . ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение“ (АВАКУМ 3:18).
1. Во врска со што Даниел имал визија пред падот на Вавилон во 539 пр. н. е.?
ПОВЕЌЕ од една деценија пред падот на Вавилон во 539 пр. н. е., остарениот пророк Даниел видел една возбудлива визија. Во неа биле претскажани светските настани кои воделе токму до кулминационата војна меѓу непријателите на Јехова и неговиот наименуван Цар, Исус Христос. Каква била реакцијата на Даниел? Тој рекол: „Јас, Даниил, истоштен . . . се чудев на тоа видение“ (Даниил 8:27).
2. Каков конфликт видел Даниел во визија, и што мислиш за тоа што тој е блиску?
2 Како е со нас? Ние живееме уште подлабоко во струјата на времето! Како реагираме кога увидуваме дека конфликтот кој Даниел го видел во визија — Божјата војна Армагедон — е многу близу? Како се одѕиваме кога сфаќаме дека злобата разоткриена во пророштвото на Авакум е толку раширена што уништувањето на Божјите непријатели е неминовно? Веројатно нашите чувства се слични на чувствата на самиот Авакум, како што е опишано во третото поглавје на неговата пророчка книга.
Авакум се моли за Божја милост
3. Во чие име се молел Авакум, и како можат неговите зборови да влијаат врз нас?
3 Авакум, поглавје 3, е една молитва. Според стих 1 (NW), таа е изразена во вид на тажалки, жаловни песни или оплакување. Молитвата на пророкот е изнесена како да е за него самиот. Но всушност, Авакум зборува во името на Божјата избрана нација. Денес неговата молитва има големо значење за Божјиот народ кој е зафатен во делото на проповедање на Царството. Кога го читаме Авакум, поглавје 3, имајќи го ова на ум, неговите зборови нѐ исполнуваат со лошо претчувство, но и со радост. Молитвата, односно тажалката на Авакум, ни дава силна причина да бидеме радосни во Јехова, Богот на нашето спасение.
4. Зошто Авакум се уплашил, и во каква примена на Божјата моќ можеме да бидеме сигурни?
4 Како што веќе забележавме во претходните две статии, состојбата во земјата Јуда во времето на Авакум била многу лоша. Но, Бог не дозволил таквата ситуација да продолжи. Јехова требало да преземе акција, како и во минатото. Не е ни чудо што пророкот извикал: „О, Јехова, го чув извештајот за тебе. Се уплашив, о Јехова, од твојата активност“! (NW) Што мислел со тоа? ‚Извештајот за Јехова‘ бил пишаната историја за Божјите моќни дела, како на пример кај Црвеното Море, во пустелијата и кај Јерихон. Овие дела му биле добро познати на Авакум и тие го уплашиле бидејќи знаел дека Бог повторно ќе ја употреби својата голема моќ против своите непријатели. Кога ја гледаме злобата на човештвото денес, и ние знаеме дека Јехова ќе постапи исто како во древните времиња. Дали тоа нѐ загрижува? Се разбира! Сепак, ние се молиме како што се молел Авакум: „Меѓу години, објави го во текот на годините, а во гневот Свој сети се на милост“ (Авакум 3:2). Во Божје одредено време, „во текот на годините“, тој нека ја врати својата чудесна моќ во акција. И во тоа време, нека се сети да покаже милост кон оние кои го љубат!
Јехова во марш!
5. Како ‚Бог дошол од Теман‘, и што ни покажува тоа во врска со Армагедон?
5 Што ќе се случи кога Јехова ќе ја чуе нашата молитва за милост? Одговорот го наоѓаме во Авакум 3:3, 4. Најпрвин, пророкот вели: „Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран“. Во времето на пророкот Мојсеј, Теман и Фаран биле на патот на Израел низ пустелијата кон Ханан. Кога големата израелска нација го започнала своето напорно патување, се чинело како при движењето да е присутен самиот Јехова и ништо не можело да го запре. Кратко пред својата смрт, Мојсеј рекол: „Господ дојде од Синај, ни се јави нам во Сир, се покажа од планината Фаран и пристигна со десетици илјади светии [ангели]“ (5. Мојсеева 33:2). Кога Јехова ќе тргне против своите непријатели во Армагедон, ќе има сличен приказ на неговата нескротлива моќ.
6. Покрај Божјата слава, што друго гледаат проникливите христијани ?
6 Исто така, Авакум вели: „Величието [Јеховино] ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот му е како сончева светлина“. Каков само величествен спектакл! Точно, луѓето не можат да го видат Јехова Бог и да останат живи (2. Мојсеева 33:20). Сепак, што се однесува до верните Божји слуги — очите на нивните срца се заслепени од светлина кога размислуваат за неговата величественост (Ефесјаните 1:18). Проникливите христијани гледаат и нешто друго покрај Јеховината слава. Авакум 3:4 заклучува: „А од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила“. Да, гледаме дека Јехова е спремен да дејствува, користејќи ја својата десница на сила и моќ.
7. Што значи Божјиот триумфален марш за оние кои се бунтуваат против него?
7 Божјиот триумфален марш значи катастрофа за оние кои се бунтуваат против него. Авакум 3:5 вели: „Пред лицето Негово врви поразија [чума, NW], а по стапките Негови ветар што гори“. Во 1473 пр. н. е., кога Израелците биле близу до границите на Ветената земја, многу од нив се побуниле впуштајќи се во неморал и идолопоклонство. Како последица на тоа, преку 20.000 умреле од чума која ја испратил Бог (4. Мојсеева 25:1—9). Во блиска иднина, кога Јехова ќе замаршира во „војна во оној голем ден на Бога Седржителот“, оние кои се бунтуваат против него на сличен начин ќе пострадаат заради своите гревови. Можеби некои ќе умрат дури и од дословна чума (Откровение 16:14, 16).
8. Според Авакум 3:6, што ги очекува Божјите непријатели?
8 Сега, слушнете како пророкот сликовито го опишал Јехова над војските во акција. Во Авакум 3:6 читаме: „Он [Јехова Бог] стана [застана, NW] и земјата се затресе; погледа — и во трепет ги доведе народите; одамнешни [вечни, NW] планини се распаднаа, првобитните [неограничено трајните, NW] ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни“. Јехова најпрвин ‚застанува‘ како еден генерал кој го испитува бојното поле. Неговите непријатели се тресат од страв. Тие сфаќаат кој е нивниот противник и се шокирани; скокаат од вознемиреност. Исус го претскажал времето кога „ќе се расплачат сите земни племиња“ (Матеј 24:30). Тие ќе увидат предоцна дека никој не може да му се спротивстави на Јехова. Човечките организации — па дури и оние кои изгледаат трајни како ‚вечните планини‘ и ‚неограничено трајните ридови‘ — ќе се распаднат. Тогаш ќе биде како Божјите ‚патишта од дамнина (NW)‘, како начинот на кој постапувал во древни времиња.
9, 10. На што сме потсетени со Авакум 3:7—11?
9 Јеховиниот ‚гнев пламнал‘ против неговите непријатели. Но, какво оружје ќе употреби тој во својата голема војна? Слушајте додека пророкот го опишува, велејќи: „Ти го извади лакот Свој според клетвениот завет, даден на колената, ја раздели земјата со реки. Кога Те видоа, планините затреперија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и угоре ги крена рацете свои. Сонцето и месечината застанаа на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои“ (Авакум 3:7—11).
10 Во деновите на Исус Навин, Јехова предизвикал сонцето и месечината да застанат во една вчудовидувачка демонстрација на моќ (Исус Навин 10:12—14). Пророштвото на Авакум нѐ потсетува дека истата таа моќ Јехова ќе ја употреби во Армагедон. Во 1513 пр. н. е., Јехова ја покажал својата власт над земната водна длабочина кога го употребил Црвеното Море за да ги уништи фараоновите војски. После четириесет години, реката Јордан — дури и кога била надојдена — не претставувала пречка за израелскиот триумфален марш во Ветената земја (Исус Навин 3:15—17). Во деновите на пророчицата Девора, поројните дождови ги однеле бојните коли на израелскиот непријател Сисар (Судии 5:21). Истите овие сили од поплави, пороен дожд и водни длабочини ќе му бидат на располагање на Јехова во Армагедон. Исто така, при рака му се громови и молњи, слично на копје или футрола полна со стрели.
11. Што ќе се случи кога Јехова ќе ја одврзе својата величествена моќ?
11 Навистина, ќе влева страв кога Јехова ќе ја одврзе целосната сила на својата огромна моќ. Зборовите на Авакум укажуваат дека ноќта ќе се претвори во ден, а денот ќе биде посветол отколку што сонцето воопшто би можело да го осветли. Без разлика на тоа дали овој инспириран пророчки опис на Армагедон е дословен или симболичен, едно е сигурно — Јехова ќе триумфира и нема да дозволи да побегне ниеден непријател.
Спасението за Божјиот народ засигурано!
12. Што ќе им направи Бог на своите непријатели, но кој ќе биде спасен?
12 Пророкот продолжува да ги опишува Јеховините постапки при уништувањето на Неговите непријатели. Во Авакум 3:12 читаме: „Во гнев одиш по земјата и во негодување ги газиш народите“. Сепак, Јехова нема да уништува туку така. Некои луѓе ќе бидат спасени. „Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој“, се вели во Авакум 3:13. Да, Јехова ќе ги спаси своите верни помазани слуги. Тогаш, уништувањето на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, ќе биде потполно. Меѓутоа, денес нациите се обидуваат да го збришат чистото обожавање. Наскоро, Јеховините слуги ќе бидат нападнати од силите на Гог од Магог (Језекиил 38:1—39:13; Откровение 17:1—5, 16—18). Дали тој сатански напад ќе успее? Не! Тогаш Јехова разгневено ќе ги врши своите непријатели, толчејќи ги под нозете како жито на гумно. Но, ќе ги спаси оние кои го обожаваат со дух и со вистина (Јован 4:24).
13. Како ќе се исполни Авакум 3:13?
13 Целосното истребување на злобните е претскажано со овие зборови: „Ти [Јехова] ја поразуваш главата на нечестивиот дом, оголувајќи го од петите до врвот“ (Авакум 3:13). Овој „дом“ е злобниот систем развиен под влијание на Сатана Ѓаволот. Тој ќе биде разбиен. „Главата“, односно водачите против Бог, ќе бидат здробени. Целата структура ќе биде разурната до темел. Повеќе нема да постои. Какво само прекрасно олеснување ќе биде тоа!
14-16. Според Авакум 3:14, 15, што ќе се случи со Јеховиниот народ и со неговите непријатели?
14 Во Армагедон, оние кои се обидуваат да го уништат Јеховиниот „помазаник“ ќе бидат фрлени во збрка. Според Авакум 3:14, 15, пророкот му зборува на Бог, велејќи: „Со копјата нивни Ти ја понизуваш главата на нивните водачи [воини, NW], кога како виор се спуштаат да ме разбијат, [многу, NW] радосни, оти мислеа дека скришум ќе го проголтаат сиромавиот. Со коњите Свои отвори пат преку морето, преку длабините на големите води“.
15 Кога Авакум вели ‚воини . . . кои се движат како виор се спуштаат да ме разбијат‘, пророкот зборува за Јеховините помазани слуги. Како друмски разбојници кои чекаат во заседа, нациите ќе скокнат врз Јеховините обожаватели за да ги уништат. Овие непријатели на Бог и на неговиот народ ќе бидат ‚многу радосни‘, уверени во успехот. Верните христијани ќе изгледаат слаби, како „сиромавиот“. Но, кога силите против Бог ќе појдат во напад, Јехова ќе направи да го свртат своето оружје еден против друг. Тие ќе го користат своето оружје, или „копја“, против сопствените воини.
16 Но, на хоризонтот не е само тоа. Јехова ќе употреби натчовечки духовни сили за да го доврши уништувањето на своите непријатели. Со „коњите“ на неговите небесни војски под Исус Христос, тој победоносно ќе продолжи низ „морето“ и „длабините на големите води“, односно, низ разбрануваната маса од непријателското човештво (Откровение 19:11—21). Потоа, злобните ќе бидат отстранети од Земјата. Каков само моќен приказ на божествената моќ и правда!
Доаѓа Јеховиниот ден!
17. а) Зошто можеме да имаме доверба во исполнувањето на зборовите на Авакум? б) Како можеме да бидеме како Авакум додека го чекаме Јеховиниот голем ден?
17 Можеме да бидеме сигурни дека зборовите на Авакум наскоро ќе се исполнат. Тие нема да се забават. Како реагираш ти на ова предзнаење? Сети се дека Авакум пишувал под божествена инспирација. Јехова ќе дејствува, а кога тоа ќе се случи, на Земјата ќе биде хаос. Не е ни чудо што пророкот напишал: „Јас чув и внатрешноста моја затрепери, при гласот Твој затреперија и усните мои, болка почувствував во коските мои, и местото под мене трепери; а јас требаше да бидам спокоен во денот на бедата, кога ќе дојде грабителот против мојот народ“ (Авакум 3:16). Авакум бил многу вознемирен — и тоа е разбирливо. Но, дали неговата вера била поколебана? Никако! Тој бил спремен мирно да го чека Јеховиниот голем ден (2. Петрово 3:11, 12). Зарем тоа не е и наш став? Сигурно дека е! Ние имаме потполна вера дека пророштвото на Авакум ќе се исполни. Но, сѐ дотогаш, стрпливо ќе чекаме.
18. Иако Авакум очекувал тешкотии, каков бил неговиот став?
18 Војната секогаш донесува тешкотии, па дури и за конечните победници. Може да има недостиг на храна. Може да се изгуби имотот. Животниот стандард може да опадне. Доколку тоа ни се случи нам, како ќе реагираме? Авакум имал примерен став, зашто рекол: „Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема, јас и тогаш ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение“ (Авакум 3:17, 18). Авакум реалистично очекувал тешкотии, можеби и глад. Сепак, тој никогаш не ја загубил својата радост во Јехова, од кого дошло неговото спасение.
19. Со какви тешкотии се соочуваат многу христијани, но во што можеме да бидеме сигурни ако го ставаме Јехова на прво место во животот?
19 Денес, дури и пред Јеховината војна против злобните, многумина поднесуваат сурови неволји. Исус претскажал дека војните, гладот, земјотресите и болестите ќе бидат дел од ‚знакот за неговата присутност‘ (NW) во царска моќ (Матеј 24:3—14; Лука 21:10, 11). Многу наши соверници живеат во земји кои се тешко погодени од исполнувањето на Исусовите зборови, и како последица на тоа, поднесуваат големи тешкотии. Други христијани, пак, можеби на сличен начин ќе бидат погодени во иднина. За повеќето од нас, сосема е можно ‚смоквата да не процути‘ пред да дојде крајот. Меѓутоа, ние знаеме зошто се случуваат овие работи, и тоа ни дава сила. Освен тоа, имаме поддршка. Исус ветил: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). Тоа не ни гарантира удобен живот, но нѐ уверува дека ако го ставаме Јехова на прво место во својот живот, тој ќе бдее над нас (Псалм 36:25).
20. И покрај привремените тешкотии, на што треба да бидеме одлучни?
20 Без разлика на тоа со какви привремени тешкотии ќе мора да се соочиме, ние нема да ја изгубиме верата во Јеховината спасувачка моќ. Многу наши браќа и сестри во Африка, Источна Европа и на други места мораат да се соочуваат со крајни тешкотии, но тие и понатаму ‚се радуваат во Господа‘. Нека и ние, како нив, никогаш не престанеме да го правиме истото. Запомни дека Суверениот Господ Јехова е нашиот Извор на „витална енергија“ (Авакум 3:19, NW). Тој нема никогаш да нѐ изневери. Армагедон сигурно ќе дојде, а после тоа сигурно ќе следи Божјиот ветен нов свет (2. Петрово 3:13). Тогаш „земјата ќе се исполни со [спознание за, NW] славата Господова онака како што водите го исполнуваат морето“ (Авакум 2:14). До тоа прекрасно време, да го следиме добриот пример на Авакум. Секогаш да му се ‚радуваме на Богот на нашето спасение‘.
Дали се сеќаваш?
• Како може молитвата на Авакум да влијае врз нас?
• Зошто Јехова оди во марш?
• Што вели пророштвото на Авакум за спасението?
• Со каков став треба да го очекуваме Јеховиниот голем ден?
[Прашања]
[Слика на страница 23]
Дали знаеш какви сили ќе употреби Бог против злите во Армагедон?