Успех преку истрајност
Успех преку истрајност
ИСТРАЈНОСТА стана редок вреден посед во нашево време. Многу луѓе веруваат дека успехот повеќе зависи од тоа да се биде на право место во право време отколку од истрајноста. А кој може да ги обвини? Медиумите вријат од реклами на слогани кои потсвесно ја пренесуваат пораката дека можеш да имаш речиси сѐ што ќе посакаш со минимум напор и со само малку повеќе пари. Од весниците извира постојана река приказни за успеси постигнати прекуноќ и за тоа како извонредно вешти млади претприемачи печалат милиони веднаш откако ќе завршат со школувањето.
Колумнистот Леонард Питс се жали: „Во едно општество кое е обземено со перцепција, изгледа премногу лесно . . . Изгледа како нешто што секој би можел да го стори само ако разбере во што е трикот, ако има способност или Божја помош“.
Што е истрајност?
Да истраеш значи ‚да се држиш цврсто и постојано за некоја цел, положба или потфат и покрај препреките или падовите‘. Тоа подразбира да се продолжи решително наспроти неволјата, да се биде непопустлив, да не се предава. Библијата ја истакнува важноста на оваа особина. На пример, Божјата реч нѐ опоменува: „Продолжете да го барате најпрвин царството“, „продолжете да чукате и ќе ви се отвори“, „истрајте во молитва“ и „држете се цврсто за она што е извонредно“ (Матеј 6:33, NW; Лука 11:9, NW; Римјаните 12:12; 1. Солунјаните 5:21, NW).
Изреки 24:16 се вели: „Зашто седумпати ќе падне праведник — и [сигурно, NW] пак ќе стане“. Наместо да ‚се свитка‘ кога ќе наиде на тешкотија или неуспех, истрајниот поединец ‚се крева‘, ‚продолжува‘ и пак се обидува.
Важен дел од истрајноста е соочувањето со неминовните падови. ВоНо, многумина не се подготвени за тешкотиите и неуспесите на кои можеби ќе наидат. Бидејќи никогаш не развиле волја да истраат, лесно се откажуваат. „Премногу луѓе на неуспехот реагираат на начин со кој себеси си нанесуваат штета“, забележува писателот Морли Калаган. „Се препуштаат на самосожалување, ги обвинуваат сите, стануваат огорчени и . . . пропаѓаат.“
Ова е жалосно. „Забораваме“, истакнува Питс, „дека постои причина да се помине низ премрежето, дека доживувањето неволја има своја вредност.“ Каква е таа вредност? Тој заклучува: „[Човек] учи дека неуспехот не е смртоносен ниту, пак, дека поразот е вечен. Стекнува длабок увид. Станува подготвен“. Библијата тоа го кажува на едноставен начин: „Од секој труд има изобилен плод“ (Изреки 14:23).
Секако, да се застане повторно на нозе после некој пад не е секогаш лесно. Понекогаш сме соочени со предизвици кои се чини дека се противат на сите наши напори да ги совладаме. Може да изгледа дека наместо да сме поблиску до нашите цели, сѐ повеќе се оддалечуваме од нив. Можеби се чувствуваме совладани, неспособни и може да станеме обесхрабрени, па дури и депримирани (Изреки 24:10). Сепак, Библијата нѐ охрабрува: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (Галатјаните 6:9, NW).
Што може да ни помогне да истраеме?
Првиот чекор за да истраеме во некој избран правец е да си поставуваме вредни и достижни цели. Апостол Павле сигурно го сфатил ова. На коринтјаните им рекол: „Јас, пак, сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветер“. Павле знаел дека ако сака неговите напори да успеат, ќе треба да има јасни цели, како тркач кој својот ум го сосредоточува на тоа да стигне на целта во една трка. „Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие [на таков начин, NW], за да добиете“, ги поттикнал тој (1. Коринтјаните 9:24, 26). Како можеме да го правиме ова?
„Благоразумниот е внимателен на своите чекори“, се вели во Изреки 14:15. Мудро е одвреме навреме повторно да направиме проценка на своите стратегии во животот и да се запрашаме каде одиме и дали треба да правиме некакви преиначувања. Животоважно е јасно да имаме на ум што сакаме да постигнеме и зошто. Помалку ќе бидеме склони да се откажеме ако визијата за нашето крајно одредиште ни биде цврсто фиксирана во мислите. „Очите твои нека гледаат право“, поттикнува една инспирирана изрека, и тогаш „сите патишта твои [ќе] бидат прави“ (Изреки 4:25, 26).
Откако си ги идентификувал своите цели, следниот чекор е да направиш анализа како да ги постигнеш. Исус прашал: „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини?“ (Лука 14:28). Во склад со ова начело, еден стручњак за ментално здравје забележал: „Една работа што ја забележав кај успешните луѓе е дека во животот имаат јасно разбирање на поврзаноста меѓу причината и последицата. Успешните луѓе сфаќаат дека ако нешто сакаат, ќе мора да направат сѐ што е потребно за да го добијат тоа“. Јасното разбирање на сите неопходни чекори што треба да ги преземеме за да го постигнеме она што го сакаме ќе ни помогне да останеме фокусирани. Тоа, пак, ќе ни олесни повторно да застанеме на нозе ако доживееме пад. Таквата анализа била камен темелник за успехот на Орвил и Вилбер Рајт.
Според тоа, кога ќе доживееш пад, стори сѐ што можеш за да гледаш на него во позитивна светлина и како на искуство од кое можеш да учиш. Анализирај ја ситуацијата, сфати каде си згрешил и потоа исправи ја грешката или поправи ја слабоста. Од помош ќе ти биде ако разговараш со другите, бидејќи ‚преку советување намерите добиваат цврстина‘ (Изреки 20:18). Секако, со секој вложен напор ќе развиваш поголема стручност и вештина, а тоа на крај ќе придонесе за твојот успех.
Трет неопходен аспект на истрајноста е доследното дејствување. Апостол Павле нѐ поттикнува: „До онаа мера во која сме напредувале, да продолжиме да одиме уредно по истата оваа рутина“ (Филипјаните 3:16, NW). Како што рекол еден педагог, „умереноста и доследноста со текот на времето донесуваат значајни резултати“. Тоа е добро илустрирано во една позната басна од Езоп за желката и зајакот. Желката победила во трката, иако била многу побавна од зајакот. Зошто? Затоа што желката имала постојан, дисциплиниран пристап. Таа не прекинала, туку избрала брзина со која можела реалистично да го одржува темпото, а потоа се држела за неа сѐ додека не стигнала на целта. Со оглед на тоа што една организирана, постојана личност постигнува доследен напредок, таа останува мотивирана и на тој начин помала е веројатноста да прекине или да биде елиминирана од трката. Да, „трчајте на таков начин“ за да ја постигнете својата цел.
Да се изберат вредни цели
Се разбира, за да има истрајноста некаква вредност, треба да си поставиме вредни цели. Многу луѓе тежнеат по работи кои не донесуваат среќа. Но, Библијата истакнува: „Кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане [истрае, NW] во него . . . ќе биде блажен во своето делување“ (Јаков 1:25). Да, проучувањето со цел да се разбере Божјиот закон онака како што е изложен во Библијата е многу вредна цел. Зошто? Во суштина, така е бидејќи Божјиот закон се темели на неговите совршени, праведни мерила. Како Творец, тој знае што е најдобро за неговите суштества. Затоа, ако истраеме во учењето на Божјите упатства и ги применуваме во животот, таквата истрајност сигурно ќе ни донесе среќа. „Надевај се на [имај доверба во, NW] Господа од сѐ срце . . . По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“, е ветувањето дадено во Изреки 3:5, 6.
Освен тоа, примањето спознание за Бог и за Исус „значи вечен живот“, вели Исус (Јован 17:3, NW). Библиските пророштва укажуваат на тоа дека живееме во „последните денови“ на овој систем (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:3—13). Набрзо Божјето царство, неговата праведна влада, ќе завладее над жителите на Земјата (Даниил 2:44; Матеј 6:10). Оваа влада ќе воведе една невидена ера на мир, просперитет и благосостојба за сето послушно човештво (Псалм 36:10, 11; Откровение 21:4). „Бог не гледа на лице“, се вели во Дела 10:34. Да, сите се поканети да уживаат во користите!
Библијата е древна книга полна со мудрост и смисла. За да ја разбереме, потребно е време и напор. Но, со Божја помош — и ако истраеме во потрагата по нејзиното спознание — таа ќе биде отворена книга за нас (Изреки 2:4, 5; Јаков 1:5). Секако, применувањето на она што го учиме може да биде предизвик. Можеби ќе треба да правиме преиначувања во своето размислување или во навиките. Можеби добронамерните пријатели или членови на семејството дури и ќе ни се противат на нашето проучување на Библијата. Затоа, битна е истрајноста. Апостол Павле нѐ потсетува дека Бог ќе им даде вечен живот на оние кои покажуваат „трпение [истрајност, NW] во добрите дела“ (Римјаните 2:7). На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат да ја постигнеш оваа цел.
Биди уверен дека ќе постигнеш успех ако истраеш во учењето за Бог и за неговата волја и ако си упорен во применувањето на она што го учиш (Псалм 1:1—3).
[Слика на страница 6]
Ќе постигнеш успех ако истраеш во учењето за Бог и за неговата волја
[Извор на слика на страница 4]
Culver Pictures